Поглавје 2
Величествената тема на Библијата
Толкување на Светото писмо Тајните, кои долго време биле скриени во книгата Откровение, отсекогаш ги збунувале искрените лица што ја проучуваат Библијата. Во времето што го одредил Бог, овие тајни требало да бидат откриени. Но, како, кога и кому? Како што наближувало одреденото време, само Божјиот дух можел да го разоткрие нивното значење (Откровение 1:3). Овие свети тајни требало да им бидат откриени на Божјите ревносни слуги на Земјата со цел тие да бидат зајакнати за да ги објавуваат Божјите пресуди (Матеј 13:10, 11.) Не тврдиме дека објаснувањата во оваа публикација се непогрешни. Исто како Јосиф, кој живеел многу одамна, и ние велиме: ‚Зарем не е Бог тој што толкува?‘ (1. Мојсеева 40:8). Но, истовремено, цврсто сме уверени дека објаснувањата што се дадени во книгава се во склад со целата Библија и покажуваат, на еден навистина извонреден начин, како Божјите пророштва се исполнуваат во настаните кои се случуваат во светот во овие тешки времиња.
1. Каква величествена намера има Јехова?
ЕДНА библиска изрека гласи: „Подобар е крајот на една работа отколку нејзиниот почеток“ (Проповедник 7:8). Токму во книгата Откровение читаме како Јехова на извонреден начин ќе ја приведе кон крај својата величествена намера, посветувајќи го своето име пред целото создание. Преку еден од пророците што му служеле во старо време, Бог повеќепати кажал: „[Тие] ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езекиел 25:17; 38:23).
2. Што дознаваме од Откровението и од другите книги во Библијата?
2 Како што книгата Откровение јасно покажува дека сѐ ќе заврши на еден успешен начин, така претходните книги од Библијата покажуваат како сѐ започнало. Ако го испитаме она што го вели таа, ќе можеме да разбереме за што се работи и ќе добиеме една општа претстава за Божјите намери. Ова навистина ќе ни донесе голема среќа! Освен тоа, ваквото испитување треба да нѐ поттикне да сториме нешто за да ја доживееме таа прекрасна иднина што му претстои на човештвото (Псалм 145:16, 20). Сепак, добро е најпрвин да ги разгледаме содржината и темата на целата Библија. Така ќе бидеме свесни за најважното прашање со кое се соочуваат сите луѓе денес, како и за јасната намера на Бог да одговори на тоа прашање.
3. Кое пророштво од Прва книга Мојсеева ја одредува темата на целата Библија, вклучувајќи го и Откровението?
3 Во Прва книга Мојсеева (или Битие), која е и прва книга во Библијата, се зборува за „почетокот“ и за Божјите дела на создавањето, меѓу кои бил и човекот, круната на земното создание. Во Прва книга Мојсеева е запишано и првото пророштво што пред околу 6.000 години го изрекол самиот Бог во градината Еден. Една змија била искористена за да ја измами првата жена, Ева, а Ева, пак, го убедила својот маж, Адам, да ѝ се придружи и да го прекрши Јеховиниот закон јадејќи од „дрвото на спознанието на доброто и злото“. Кога ја изрекол својата пресуда над грешната брачна двојка, Бог ѝ рекол на змијата: „Јас ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата“ (1. Мојсеева 1:1; 2:17; 3:1-6, 14, 15). Ова пророштво е тема на целата Библија, вклучувајќи го и Откровението.
4. а) Што се случило со нашите прародители откако Бог го изрекол првото пророштво? б) Кои прашања се наметнуваат во врска со првото пророштво, и зошто треба да ги дознаеме одговорите?
4 Веднаш откако го изрекол ова пророштво, Бог ги истерал нашите прародители од Еден. Веќе не можеле да се надеваат на вечен живот во Рајот — требало да живеат надвор од него, на необработена земја. Бидејќи биле осудени на смрт, ќе раѓале грешни деца (1. Мојсеева 3:23 — 4:1; Римјаните 5:12). Но, што значи пророштвото кое било дадено во Еден? На кого се однесува? Како е поврзано со Откровението? Каква порака содржи за нас денес? Од пресудна важност е да ги дознаеме одговорите на овие прашања за и ние лично да се ослободиме од последиците од овој трагичен настан поради кој Јехова го изрекол тоа пророштво.
Главни ликови во драмата
5. Што се случило со Божјето право да владее и со Божјето име кога змијата ја измамила Ева, и како ќе биде разрешен овој спор?
5 Пророштвото во 1. Мојсеева 3:15 ѝ било упатено на змијата што ја излажала Ева. Таа ѝ кажала на Ева дека не само што нема да умре ако биде непослушна туку и дека ќе стане независна, како божица. Змијата на тој начин го прикажала Јехова како лажливец и индиректно рекла дека на луѓето ќе им биде подобро ако го отфрлат Бог како врховен владетел (1. Мојсеева 3:1-5). Со ова било доведено во прашање Јеховиното право да владее, а неговото добро име било оцрнето. Книгата Откровение опишува како праведниот Судија, Јехова, ќе го оправда своето неприкосновено право да владее и ќе го исчисти своето име од секаков срам кога ќе завладее Царството на неговиот Син, Исус Христос (Откровение 12:10; 14:7).
6. Како Откровението покажува кој е тој што зборувал со Ева преку една змија?
6 А дали зборот „змија“ се однесува само на некоја вистинска змија? Во никој случај! Откровението ни покажува кое е злобното духовно суштество што зборувало преку змијата. Тоа е „големиот змеј, празмијата, кој се вика Ѓавол и Сатана, кој го заведува целиот свет“ и кој ‚ја завел Ева со своето лукавство‘ (Откровение 12:9; 2. Коринќаните 11:3).
7. Што покажува дека жената спомната во 1. Мојсеева 3:15 е од духовниот свет?
7 Понатаму, во 1. Мојсеева 3:15 е спомната „жената“. Дали оваа жена е Ева? Веројатно таа си мислела така. (Спореди 1. Мојсеева 4:1.) Но, било невозможно да постои долготрајно непријателство меѓу Ева и Сатана затоа што Ева умрела пред повеќе од 5.000 години. Освен тоа, Змијата на која ѝ се обратил Јехова е невидлив дух, па затоа е логично да заклучиме дека и жената е од духовниот свет. Откровение 12:1, 2 го потврдува ова покажувајќи дека оваа симболична жена е Јеховината небесна организација која се состои од духовни суштества. (Види и Исаија 54:1, 5, 13.)
Едното потомство му се спротивставува на другото
8. Зошто треба да бидеме длабоко заинтересирани за она што е кажано во врска со двете потомства?
8 Во 1. Мојсеева 3:15 се спомнуваат и две потомства. Треба да бидеме длабоко заинтересирани за нив, бидејќи тие се поврзани со многу важното прашање за тоа кој има право да владее со Земјата. Ова прашање се однесува на сите нас, сеедно дали сме млади или стари. За кое потомство си ти?
9. Кој сигурно спаѓа во потомството на Змијата?
9 Прво е спомнато потомството на Змијата. Кое е тоа? Во него сигурно спаѓаат другите духовни суштества што му се придружиле на Сатана во неговата побуна, и на крајот биле ‚исфрлени со него‘ во близина на Земјата (Откровение 12:9). Бидејќи за Сатана, или Велзевул, се вели дека е „владетелот на демоните“, очигледно е дека тие се дел од неговата невидлива организација (Марко 3:22; Ефешаните 6:12).
10. Како Библијата покажува кој друг спаѓа во потомството на Сатана?
10 Освен тоа, Исус им рекол на еврејските верски поглавари во своето време: „Вашиот татко е Ѓаволот и сакате да постапувате според желбите на својот татко“ (Јован 8:44). Со тоа што му се противеле на Божјиот Син, Исус, овие верски водачи покажале дека и самите се дел од потомството на Сатана. Како такви, тие му служеле на својот симболичен татко. Многу други луѓе низ историјата на сличен начин покажале дека се на страната на Сатана. Тие ја вршеле неговата волја, особено со тоа што им се спротивставувале на Исусовите ученици и ги прогонувале. Овие луѓе, гледано во целина, ја сочинуваат Сатановата видлива организација на Земјата. (Види Јован 15:20; 16:33; 17:15.)
Разоткриено е потомството на жената
11. Што открил Бог низ вековите во врска со потомството на жената?
11 Пророштвото во 1. Мојсеева 3:15 на крајот се осврнува на потомството на жената. Додека растело потомството на Сатана, Јехова ги подготвувал работите за да даде потомство и „жената“ — небесната организација која му е како сопруга. Во текот на околу 4.000 години, Јехова постепено им откривал на послушни, богобојазливи луѓе поединости во врска со појавувањето на тоа потомство (Исаија 46:9, 10). На тој начин, Авраам, Исак, Јаков и други можеле да изградат цврста вера во ветувањето дека потомството ќе биде од нивната семејна лоза (1. Мојсеева 22:15-18; 26:4; 28:14). Сатана и неговите приврзаници честопати ги прогонувале таквите слуги на Јехова, кои имале непоколеблива вера (Евреите 11:1, 2, 32-38).
12. а) Кога се појавил главниот потомок на жената, и што се случило тогаш? б) Зошто бил помазан Исус?
12 На крајот, во 29 год. од н.е., совршениот човек Исус отишол на реката Јордан и се крстил. Таму Јехова го помазал со свет дух и со тоа покажал дека го прифаќа како свој Син, велејќи: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!“ (Матеј 3:17). Со тоа било покажано дека Исус е испратен од Божјата духовна организација на небото. Исто така, тој бил помазан за иден цар на небесното Царство, кое ќе владее над Земјата во Јеховино име, и на тој начин еднаш засекогаш ќе го расчисти прашањето за власта, односно за тоа кој има право да владее (Откровение 11:15). Значи, Исус е главниот потомок на жената, проречениот Месија. (Спореди Галатите 3:16; Даниел 9:25.)
13, 14. а) Зошто не треба да нѐ изненади тоа што потомството на жената не се состои само од една значајна личност? б) Колку луѓе избрал Бог да бидат во споредниот дел од потомството, и каква организација сочинуваат тие? в) Кој друг служи заедно со потомството на жената?
13 Дали потомството на жената ќе се состои само од една значајна личност? Па, дали потомството на Сатана се состои од една личност? Библијата покажува дека во потомството на Сатана спаѓаат голем број злобни ангели и луѓе што го срамотат Бог. Тогаш, не треба да нѐ изненади тоа што Бог има намера да избере 144.000 верни луѓе за да бидат свештеници и да владеат заедно со месијанскиот потомок, Исус Христос. Токму за нив зборува Откровението кога вели дека Ѓаволот, кој ѝ е непријател на Божјата организација слична на жена, ‚отишол да води војна против преостанатите нејзини потомци‘ (Откровение 12:17; 14:1-4).
14 Во Библијата, помазаните христијани се наречени Исусови браќа. Бидејќи се негови браќа, тие имаат ист Татко и иста мајка (Евреите 2:11). Нивниот Татко е Јехова Бог. Тогаш, нивната мајка мора да е „жената“, односно Божјата небесна организација слична на сопруга. Тие стануваат спореден дел од потомството, чиј главен дел е Исус Христос. Собранието што е составено од овие христијани родени со дух на Земјата ја претставува Божјата видлива организација, која служи под водство на неговата небесна организација слична на жена. Откако ќе воскреснат, тие ќе бидат обединети со Исус Христос на небесата (Римјаните 8:14-17; Галатите 3:16, 29). Иако не се дел од потомството, милиони други овци од сите народи се обединуваат за да служат со Божјата организација на Земјата. Дали си и ти една од овие други овци? Ако да, тогаш имаш светла надеж да живееш засекогаш во Рајот на Земјата (Јован 10:16; 17:1-3).
Како се појавило непријателството
15. а) Опиши како се појавило човечкото и ангелското потомство на Сатана. б) Што се случило со потомството на Сатана во Потопот од времето на Ное?
15 Човечкото потомство на Сатана се појавило уште во самите почетоци на човековата историја. На пример, за Каин, првиот човек роден од жена, се вели дека ‚потекнувал од Злобниот и го убил својот брат‘ Авел (1. Јованово 3:12). Подоцна Енох кажал дека Јехова ќе дојде ‚со своите десетици илјади свети ангели, за да им суди на сите, и да ги осуди сите безбожници за сите нивни безбожни дела што ги извршиле на безбожен начин и за сите дрски зборови што безбожните грешници ги изговориле против него‘ (Јуда 14, 15). Освен тоа, имало и бунтовни ангели што му се придружиле на Сатана и станале дел од неговото потомство. Тие ‚го напуштиле своето вистинско живеалиште‘ на небесата за да се материјализираат и да се женат со човечките ќерки. Резултат од овие врски било натприродно хибридно потомство од насилници. Тогашниот свет се исполнил со насилство и злоба, и затоа Бог го уништил во Потопот. Верниот Ное и неговото семејство биле единствените луѓе што преживеале. Непослушните ангели — сега демони под власта на Сатана — биле принудени да ги напуштат своите жени и своите хибридни деца, кои биле осудени на смрт. Тие ги оставиле своите материјални тела и се вратиле во духовниот свет каде што чекаат — во најблиска иднина — Бог да ја изврши својата пресуда над Сатана и над неговото потомство (Јуда 6; 1. Мојсеева 6:4-12; 7:21-23; 2. Петрово 2:4, 5).
16. а) Каков тиранин се појавил по Потопот, и како покажал дека е дел од Сатановото потомство? б) Како Бог ги осуетил плановите на оние што почнале да ја градат вавилонската кула?
16 Кратко по големиот Потоп, на Земјата се појавил еден тиранин по име Нимрод. Библијата за него вели дека бил ‚моќен ловец кој му се противел на Јехова‘ — вистински дел од потомството на Змијата. Исто како Сатана, Нимрод имал бунтовен дух и го изградил градот Вавел, или Вавилон, спротивставувајќи се со тоа на Јеховината намера луѓето да се раселат и да ја наполнат целата Земја. Главна градба во Вавилон требало да биде една огромна кула „со врв до небото“. Бог ги осуетил плановите на оние што почнале да ја градат кулата. Им го побркал јазикот и ‚ги распрснал одонде по целата земја‘, но сепак дозволил Вавилон да продолжи да постои (1. Мојсеева 9:1; 10:8-12; 11:1-9).
Појава на политичките сили
17. Кое расипано обележје на човечкото општество дошло до израз додека бројот на луѓето растел, и кои огромни царства се издигнале како резултат на тоа?
17 Во Вавилон за првпат дошле до израз некои обележја на човечкото општество кои биле знак на побуна против Јеховиното право да владее. Едно од тие обележја била политиката. Додека бројот на луѓето растел, и други амбициозни лица — по примерот на Нимрод — почнале да си присвојуваат власт. Човекот почнал да владее над човек на негова штета (Проповедник 8:9). На пример, во времето на Авраам, градовите Содом и Гомор, а и други градови во нивна близина, паднале под власта на царевите од Сенар и од други далечни земји (1. Мојсеева 14:1-4). Со текот на времето, некои личности што се истакнувале со своите воени и организаторски вештини си изградиле огромни царства, кои им донеле големо богатство и слава. Во Библијата се зборува за некои од тие царства, меѓу кои биле Египет, Асирија, Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим.
18. а) Како гледа Божјиот народ на политичките владетели? б) Како Бог ги користел понекогаш политичките власти за да ги спроведе своите намери? в) На кој начин многу владетели покажале дека се дел од потомството на Змијата?
18 Јехова го толерирал постоењето на тие политички сили, а Божјите слуги кои живееле во земјите што биле под нивна власт им биле релативно послушни (Римјаните 13:1, 2). Понекогаш Бог дури и ги користел политичките власти за да ги спроведе своите намери или за да го заштити својот народ (Езра 1:1-4; 7:12-26; Дела 25:11, 12; Откровение 12:15, 16). Но, многу политички владетели свирепо ѝ се спротивставувале на вистинската религија, покажувајќи на тој начин дека се дел од потомството на Змијата (1. Јованово 5:19).
19. Како се претставени светските сили во книгата Откровение?
19 Во најголем дел, човечките влади воопшто не успеале ниту да им донесат среќа на луѓето ниту да ги решат нивните проблеми. Јехова му дозволил на човекот да испроба секакви облици на владеење, но не ја одобрува расипаноста на владите и лошиот начин на кој тие управуваат со народот (Изреки 22:22, 23). Немилосрдните светски сили се претставени во Откровението со еден горд и страшен ѕвер (Откровение 13:1, 2).
Себични трговци
20, 21. Која друга група спаѓа во злобното потомство на Сатана заедно со ‚воените заповедници‘ и со ‚јунаците‘, и зошто може да се каже тоа?
20 Во многу блиска врска со политичките лидери се и нечесните трговци со материјални добра. Од археолошките записи ископани во урнатините на древниот Вавилон може да се види дека уште во тоа време било сосема вообичаено да се прават деловни зделки во кои биле искористувани неповолните околности на другите. Светските трговци до ден-денес продолжуваат да работат за себична добивка, и тоа се гледа оттаму што во повеќето земји само малкумина се многу богати за разлика од поголемиот дел од населението што чмае во сиромаштија. Во оваа индустриска ера, велетрговците и богатите индустријалци стекнале голем профит снабдувајќи ги политичките сили со огромни количини на ѓаволско оружје, во кое спаѓа и оружјето за масовно уништување што сега е причина за голема загриженост. Таквите алчни магнати и другите слични на нив, заедно со ‚воените заповедници‘ и со ‚јунаците‘, сигурно спаѓаат во злобното потомство на Сатана. Сите тие се дел од земната организација, за која Бог и Христос сметаат дека заслужува уништување (Откровение 19:18).
21 На расипаната политика и на алчните трговци треба да им се додаде уште еден, трет елемент на човечкото општество, кој исто така ја заслужува Божјата осуда. Кој е тој? Можеби ќе се изненадиш кога ќе видиш што вели Откровението за оваа позната меѓународна организација.
Големиот Вавилон
22. Каква религија се развила во древниот Вавилон?
22 Градењето на првобитниот Вавилон не било потфат од чисто политичко значење. Бидејќи тој град бил основан во знак на побуна против Јеховиното право да владее, вмешана била и религијата. И навистина, древниот Вавилон станал извор на религиозно идолопоклонство. Тамошното свештенство го поучувало народот за доктрини што му нанесувале срам на Бог. Меѓу другото, поучувале дека човечката душа ја преживува смртта и дека во задгробниот живот таа оди во место на вечни маки и страдања, кое го надгледуваат демони. Вавилонските свештеници поттикнувале да се обожава созданието, како и мноштво богови и божици. Измислувале митови за да го објаснат потеклото на Земјата и човекот, и вршеле срамни ритуали и жртвувања за, наводно, да ја осигураат плодноста на жените и нивите, како и победата во војните.
23. а) Што понеле со себе луѓето кога се иселиле од Вавилон, и со каков резултат? б) Кое име му е дадено во Откровението на светското царство на лажната религија? в) Против што се борела отсекогаш лажната религија?
23 Луѓето што зборувале различни јазици во Вавилон се раселиле низ целата Земја и така ја понеле со себе и вавилонската религија. Затоа, кај првите жители на Европа, Африка, двете Америки, Далечниот Исток и Јужните Мориња цветале обичаи и верувања слични на оние што ги имало во древниот Вавилон, а многу од нив постојат до ден-денес. Откровението со право го опишува светското царство на лажната религија како град што се вика Големиот Вавилон (Откровение, поглавја 17 и 18). Секаде каде што била посеана, лажната религија родила ист плод — безобѕирно свештенство, суеверие, незнаење и неморал. Таа е моќно оружје во рацете на Сатана. Големиот Вавилон отсекогаш немилосрдно му се противел на обожавањето на вистинскиот Севишен Господар Јехова.
24. а) На кој начин Змијата го ранила потомството на жената „во петицата“? б) Зошто се вели дека за потомството на жената тоа било само рана во петицата?
24 Книжниците и фарисеите од јудаизмот во првиот век — највиновниот дел од потомството на Змијата — предводеле во прогонувањето, а на крајот и во убивањето на главниот претставник на потомството на жената. На тој начин, Змијата ‚го ранила [„потомството“] во петицата‘ (1. Мојсеева 3:15; Јован 8:39-44; Дела 3:12, 15). Зошто се вели дека тоа било само рана во петицата? Затоа што ова ранување влијаело на него само кратко време овде на Земјата. Не било трајно бидејќи Јехова го воскреснал Исус на третиот ден и го возвишил како духовно суштество (Дела 2:32, 33; 1. Петрово 3:18).
25. а) Кои мерки веќе ги презел прославениот Исус против Сатана и неговите ангели? б) Кога ќе биде отстрането земното потомство на Сатана? в) Што значи тоа што потомството на Божјата жена ќе ѝ ја смачка „главата“ на Змијата, Сатана?
25 Прославениот Исус Христос сега служи од десната страна на Бог и им суди на Јеховините непријатели. Тој веќе презел мерки против Сатана и неговите ангели со тоа што ги исфрлил од небото и ги ограничил нивните дејности на Земјата. Ова е и причината за порастот на неволјите во нашево време (Откровение 12:9, 12). Но, како што било проречено, земното потомство на Сатана ќе биде отстрането кога Бог ќе ја изврши својата пресуда над Големиот Вавилон и над сите други делови од Сатановата организација на Земјата. На крајот, потомството на Божјата жена, Исус Христос, ќе му ја смачка „главата“ на Сатана, таа лукава стара Змија. Ова значи дека Сатана ќе биде потполно уништен и никогаш повеќе нема да има влијание врз луѓето (Римјаните 16:20).
26. Зошто е многу важно да ги испитаме пророштвата од Откровението?
26 Како ќе се случи сето ова? Токму тоа ни е расветлено во библиската книга Откровение. Разоткриено ни е преку низа виденија, во кои преовладуваат впечатливи знаци и симболи. Да го испитаме со нетрпение ова многу важно пророштво. Навистина сме среќни ако ги слушаме и ако ги држиме зборовите од Откровението! Доколку го правиме ова, ќе му донесеме слава на името на Севишниот Господар Јехова и ќе ги наследиме вечните благослови што ги ветил тој. Продолжи да читаш, и мудро применувај го она што го учиш. Тоа може да ти донесе спасение во оваа завршница на човечката историја.
[Рамка/слика на страница 13]
Древни записи за деловни зделки, пишувани со клинесто писмо
Книгата Древни текстови од Блискиот Исток (Ancient Near Eastern Texts), од авторот Џејмс Б. Причард, содржи список на скоро 300 закони што ги собрал Хамураби во времето на Вавилон. Од нив се гледа дека било неопходно да се забрани со закон срамната нечесност која, по сѐ изгледа, преовладувала во трговскиот свет во тоа време. Да наведеме само еден пример за таков закон: „Ако еден властодржец купи или земе на чување сребро или злато, роб или робинка, говедо, овца или магаре, или што и да е друго, од син или од роб на друг властодржец без присуство на сведоци и без пишан договор, тој е крадец, и затоа треба да биде погубен“.