Поглавје 9
Јудаизам — потрага по Бог преку Писмо и традиција
1, 2. а) Кои биле некои угледни Евреи кои влијаеле врз историјата и врз културата? б) Кое прашање би можеле да го постават некои луѓе?
МОЈСЕЈ, Исус, Малер, Маркс, Фројд и Ајнштајн — што им е заедничко на сите нив? Сите биле Евреи и, на различни начини, сите влијаеле врз историјата и врз културата на човештвото. Сосема е очигледно дека Евреите се истакнуваат веќе неколку илјади години. За тоа сведочи и самата Библија.
2 За разлика од други древни религии и култури, корените на јудаизмот лежат во историјата, а не во митологијата. Сепак, некои би можеле да прашаат: Евреите се такво ситно малцинство, околу 18 милиони во свет од преку 5.000 милиони луѓе, па зошто тогаш би требало да се интересираме за нивната религија, јудаизам?
Зошто треба да нѐ интересира јудаизмот
3, 4. а) Од што се состојат Хебрејските списи? б) Од кои причини би требало да ја разгледаме еврејската религија и нејзините корени?
3 Една причина е тоа што корените на еврејската религија се протегаат околу 4.000 години наназад во историјата и што и други големи религии повеќе или помалку се должат на нејзините Списи. (Види рамка, страница 220.) Корените на христијанството, основано од Исус (хебрејски: Јешуа), Евреин од првиот век, лежат во Хебрејските списи. И, како што може да се види ако се чита Кур’анот, исламот исто така во голема мера се должи на тие списи (Кур’ан, Сура 2:49—57; 32:23, 24). Според тоа, кога ја испитуваме еврејската религија, ги испитуваме и корените на стотици други религии и секти.
4 Втора и витална причина е тоа што еврејската религија претставува една суштинска алка во потрагата на човештвото по вистинскиот Бог. Според Хебрејските списи, Аврам, прататкото на Евреите, веќе го обожавал вистинскиот Бог пред скоро 4.000 години.a Разумно е да прашаме: како настанале Евреите и како се развила нивната вера? (Битие 17:18).
Од каде потекнуваат Евреите?
5, 6. Која е, накратко, историјата на потеклото на Евреите и на нивното име?
5 Општо кажано, Евреите се потомци на една древна гранка од семитската раса, која зборувала хебрејски (Битие 10:1, 21—32; 1. Летописи 1:17—28, 34; 2:1, 2). Пред скоро 4.000 години, нивниот прататко Аврам, од напредната метропола Ур Халдејски во Сумер, емигрирал во земјата Ханаан, за која Бог рекол: „Ќе му ја дадам оваа земја на твоето потомство“ (Битие 11:31—12:7). Во Битие 14:13 за него се зборува како за „Евреинот Аврам“, иако неговото име подоцна било сменето во Авраам (Битие 17:4—6). Од него Евреите влечат потекло преку лозата која почнува со син му Исак и со внук му Јаков, чие име било сменето во Израел (Битие 32:27—29). Израел имал 12 сина од кои настанале 12 племиња. Еден од нив бил Јуда, од чие име на крајот произлегол зборот „Јудеец“ (4. Царства 16:6, СП).
6 Со текот на времето, терминот „Јудеец“ („Евреин“) почнал да се применува на сите Израелци, а не само на потомците на Јуда (Естира 3:6; 9:20, СП). Поради тоа што еврејските родословни записи биле уништени во 70 н.е., кога Римјаните го разурнале Ерусалим, ниеден Евреин денес не може точно да одреди за себе од кое племе потекнува. Сепак, низ милениумите, древната еврејска религија се развила и се променила. Денес јудаизмот го практикуваат милиони Евреи во Република Израел и во дијаспората (расееност по светот). Која е основата на таа религија?
Мојсеј, Законот и една нација
7. Каква заклетва му дал Бог на Авраам, и зошто?
7 Во 1943 пр.н.е.,b Бог го избрал Аврам за свој посебен слуга и подоцна му дал свечена заклетва поради верноста што ја покажал со спремноста да го принесе својот син Исак како жртва, иако жртвувањето никогаш не било извршено (Битие 12:1—3; 22:1—14). Во таа заклетва Бог рекол: „Се заколнувам Сам со Себеси, Господ [хебрејски: יהוה, ЈХВХ] вели: бидејќи го направи тоа и не го задржа од Мене својот син единец, ќе го излеам Својот благослов на тебе и ќе го направам твоето потомство многубројно, како ѕвезди на небото . . . Бидејќи ја послуша Мојата заповед, сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство [семе, NW]“. Оваа заклетва му била повторена на синот и на внукот на Авраам, а потоа продолжила во племето на Јуда и во лозата на Давид. Овој стриктно монотеистички концепт за Бог како личност, кој директно има работа со луѓето, бил единствен во тој древен свет, и со тоа бил поставен темелот на еврејската религија (Битие 22:15—18; 26:3—5; 28:13—15; Псалм 89:3, 4, 28, 29, 35, 36).
8. Кој бил Мојсеј, и каква улога одиграл тој во Израел?
8 За да ги исполни Своите ветувања на Авраам, Бог го положил темелот за една нација така што воспоставил посебен сојуз со Авраамовите потомци. Овој сојуз бил воведен преку Мојсеј, големиот еврејски водач и посредник меѓу Бог и Израел. Кој бил Мојсеј и зошто тој е толку важен за Евреите? Библискиот извештај во Излез ни кажува дека се родил во Египет (1593 пр.н.е.), а родителите му биле Евреи кои служеле во ропство заедно со остатокот од Израел. Тој бил оној „кого ГОСПОД го избра“ да го води Неговиот народ до слобода во Ханаан, Ветената земја (Второзаконие 6:23; 34:10, Tanakh, A New Translation of the Holy Scriptures). Покрај тоа што бил нивни пророк, судија, водач и историчар, Мојсеј ја исполнил и виталната улога на посредник на сојузот на Законот што Бог му го дал на Израел (Излез 2:1—3:22).
9, 10. а) Што претставувал Законот кој бил пренесен преку Мојсеј? б) Кои аспекти од животот биле опфатени со Десетте заповеди? в) Која обврска им ја донел на Израелците сојузот на Законот?
9 Законот што Израел го прифатил се состоел од Десет збора, односно заповеди, и од преку 600 закони кои претставувале опсежен каталог од упатства и водство за секојдневното однесување. (Види рамка, страница 211.) Тој ги опфаќал секојдневните и светите работи — физичките и моралните барања, како и обожавањето на Бог.
10 Овој сојуз на Законот, односно религиозен устав, ѝ дал форма и суштина на верата на патријарсите. Како резултат на тоа, потомците на Авраам станале нација предадена на службата за Бог. Така еврејската религија почнала да добива конечен облик, а Евреите станале нација организирана за обожавање и за служба на својот Бог. Во Излез 19:5, 6 (СП), Бог им ветил: „Ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот мој . . . ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет“. На тој начин Израелците би станале „народ избран“ со цел да служат на Божјите намери. Меѓутоа, исполнувањето на ветеното со сојузот било под услов: „Ако . . . слушате“. Таа предадена нација сега била обврзана кон својот Бог. Затоа, во подоцнежно време (осми век пр.н.е.), Бог можел да им рече на Евреите: „,Вие сте Ми сведоци,‘ слово е Господово [хебрејски: יהוה, ЈХВХ], ‚и Мои слуги кои ги избрав‘“ (Исаија 43:10, 12).
Нација со свештеници, пророци и цареви
11. Како се развиле свештенството и царството?
11 Додека нацијата Израел сѐ уште била во пустината на пат кон Ветената земја, било воспоставено свештенство во лозата на Мојсеевиот брат, Арон. Еден голем пренослив шатор, односно табернакул, станал центар на обожавањето и жртвувањето во Израел (Излез, поглавја 26—28). Со текот на времето, нацијата Израел пристигнала во Ветената земја, Ханаан, и ја освоила, токму како што заповедал Бог (Исус Навин 1:2—6). На крајот, било воспоставено едно земно царство и Давид, од племето на Јуда, во 1077 пр.н.е. станал цар. Под неговата влада, и царството и свештенството биле цврсто утврдени во новиот национален центар — Ерусалим (1. Самоил 8:7).
12. Какво ветување му дал Бог на Давид?
12 По смртта на Давид, син му Соломон изградил во Ерусалим еден величествен храм кој го заменил табернакулот. Бидејќи Бог склопил сојуз со Давид за царството да остане засекогаш во неговата лоза, се подразбирало дека еден помазан Цар, Месијата, ќе дојде еден ден од Давидовата лоза на потомци. Пророштвото укажало дека преку овој месијански Цар, односно „семе“, Израел и сите нации ќе уживаат совршено владетелство (Битие 22:18, NW). Оваа надеж цврсто се вкоренила, а месијанската природа на еврејската религија јасно се искристализирала (2. Самоил 7:8—16; Псалм 72:1—20; Исаија 11:1—10; Захарија 9:9, 10).
13. Кого го користел Бог за да го исправи одметничкиот Израел? Наведи еден пример.
13 Меѓутоа, Евреите си дозволиле да паднат под влијание на лажната религија на Ханаанците и на другите околни нации. Како резултат на тоа, го нарушиле својот сојузен однос со Бог. За да ги исправи и да ги врати назад, Јехова испратил низа пророци кои му ги пренесувале на народот неговите пораки. Со тоа, пророштвата станале уште една карактеристична одлика на религијата на Евреите и сочинуваат голем дел од Хебрејските списи. Всушност, 18 книги од Хебрејските списи носат имиња на пророци (Исаија 1:4—17).
14. Како настаните ги оправдале пророците во Израел?
14 Истакнати меѓу тие пророци биле Исаија, Еремија и Езекиел, и сите тие предупредувале дека Јехова ќе ја казни нацијата заради нејзиното идолопоклоничко обожавање. Оваа казна дошла во 607 пр.н.е. кога, поради Израеловото отпадништво, Јехова му дозволил на Вавилон, тогаш доминантна светска сила, да го сруши Ерусалим со неговиот храм, а нацијата да ја одведе во заробеништво. Испаднало дека пророците биле во право за она што го прорекле, а Израеловото 70-годишно изгнанство во поголемиот дел од шестиот век пр.н.е. е дел од историските записи (2. Летописи 36:20, 21; Еремија 25:11, 12; Даниел 9:2).
15. а) Како меѓу Евреите фатил корени еден нов облик на обожавање? б) Каков ефект имале синагогите врз обожавањето во Ерусалим?
15 Во 539 пр.н.е., Кир Персиецот го поразил Вавилон и им дозволил на Евреите повторно да се населат во својата земја и одново да го изградат храмот во Ерусалим. Иако еден остаток се одѕвал, повеќето Евреи останале под влијание на вавилонското општество. Евреите подоцна претрпеле влијание од персиската култура. Како резултат на тоа, почнале да никнуваат еврејски населби на Средниот Исток и на Медитеранот. Во секоја заедница почнал да се појавува еден нов облик на обожавање кој ја вклучувал синагогата, центар за собирање на Евреите во секој град. Се разбира, ова уредување го ослабнало нагласокот врз повторно изградениот храм во Ерусалим. Расеените Евреи сега навистина биле дијаспора (Езра 2:64, 65).
Јудаизмот испливува во грчко руво
16, 17. а) Кое ново влијание го преплавило медитеранскиот свет во четвртиот век пр.н.е.? б) Кој послужил како алатка во ширењето на грчката култура, и како? в) Како испливал јудаизмот на светската сцена?
16 До четвртиот век пр.н.е., еврејската заедница била во состојба на промена и со тоа станала плен на брановите од нееврејска култура кои го преплавувале медитеранскиот свет и подалечните краеви. Водите струеле од Грција, а јудаизмот испливал од нив во хеленистичко руво.
17 Во 332 пр.н.е., грчкиот генерал Александар Велики со брзина на светлината го освоил Средниот Исток, а Евреите му изразиле добредојде кога дошол во Ерусалим.c Наследниците на Александар продолжиле со неговиот план за хеленизација, вовлекувајќи го грчкиот јазик, култура и филозофија во сите делови од империјата. Така, грчката и еврејската култура минале низ процес на стопување кој довел до изненадувачки резултати.
18. а) Зошто бил неопходен грчкиот превод Септуагинта на Хебрејските списи? б) Кој аспект на грчката култура особено влијаел врз Евреите?
18 Евреите во дијаспората почнале да зборуваат грчки наместо хебрејски. Така, околу почетокот на третиот век пр.н.е., бил направен првиот грчки превод на Хебрејските списи, наречен Септуагинта, и, преку него, многу не-Евреи почнале да ја почитуваат еврејската религија и да се запознаваат со неа, а некои дури и се преобраќале.d Евреите, пак, од друга страна, станале добро упатени во грчката мисла, а некои станале дури и филозофи, нешто што за нив било потполно ново. Еден пример е Филон од Александрија, од првиот век н.е., кој настојувал да го објасни јудаизмот со термините на грчката филозофија, како тие две да ги изразувале истите конечни вистини.
19. Како еден еврејски автор го опишува периодот на стопување на грчката и еврејската култура?
19 Сумирајќи го овој период на давање-земање меѓу грчката и еврејската култура, еврејскиот автор Макс Димон вели: „Збогатени со платонистичката мисла, аристотелската логика и евклидиската наука, еврејските научници ѝ пристапиле на Тората со нови алатки . . . Тие почнале да му додаваат грчко мудрување на еврејското откровение“. Настаните кои ќе се случат под власта на Римјаните, кои ја апсорбирале Грчката империја, а потоа и Ерусалим во 63 година пр.н.е., требало да го пробијат патот за уште позначајни промени.
Јудаизмот под римска власт
20. Каква била религиозната ситуација кај Евреите во првиот век н.е.?
20 Јудаизмот во првиот век од нашата ера бил во една посебна фаза. Макс Димон наведува дека јудаизмот лебдел помеѓу „умот на Грција и мечот на Рим“. Поради политичкото угнетување и поради толкувањето на месијанските пророштва, особено на Даниеловите, очекувањата на Евреите биле големи. Тие биле поделени на фракции. Фарисеите го истакнувале уснениот закон (види рамка, страница 221) наместо храмските жртви. Садукеите ја нагласувале важноста на храмот и на свештенството. Потоа, тука биле есените, зелотите и иродовците. Сите тие биле скарани и во религиозен и во филозофски поглед. Еврејските водачи биле нарекувани рабини (учители) кои, поради своето спознание за Законот, стекнувале сѐ поголем углед и станале еден нов вид духовни водачи.
21. Кои настани имале драстично влијание врз Евреите во првите два века н.е.?
21 Меѓутоа, во јудаизмот продолжиле внатрешните и надворешните поделби, особено во земјата Израел. На крајот, избила отворена побуна против Рим и, во 70 н.е., римските трупи го опколиле Ерусалим, го опустошиле градот, го изгореле до темел храмот и ги раселиле неговите жители. Конечно, на Евреите во целост им бил забранет пристапот во Ерусалим. Без храм, без земја, со народ расеен низ Римската империја, ако сакал да опстане, јудаизмот требало да пронајде нов начин на религиозно изразување.
22. а) Како влијаело врз јудаизмот губењето на храмот во Ерусалим? б) Како Евреите ја поделиле Библијата? в) Што е Талмудот, и како настанал?
22 Со уништувањето на храмот, исчезнале садукеите, а уснениот закон, за кој фарисеите се бореле, станал стожер на еден нов, рабински јудаизам. Поинтензивна студија, молитва и дела на побожност биле работи кои ги замениле храмските жртви и аџилаците. Така јудаизмот можел да се практикува секаде, во секое време и во секаква културна средина. Рабините го запишале овој уснен закон, па додале составени коментари за него, а потоа коментари на коментарите, и сето тоа заедно станало познато како Талмуд. (Види рамка, страница 221.)
23. На што се префрлил нагласокот под влијание на грчкото размислување?
23 Каков бил резултатот од овие различни влијанија? Во својата книга Jews, God and History (Евреите, Бог и историјата), Макс Димон вели дека, и покрај тоа што фарисеите го носеле факелот на еврејската идеологија и религија, „самиот факел бил запален од страна на грчките филозофи“. Иако голем дел од Талмудот бил многу легалистички, неговите илустрации и објаснувања го одразувале јасното влијание на грчката филозофија. На пример, грчките религиозни концепти, како што е бесмртноста на душата, биле изразени со еврејски термини. Вистина, во таа нова рабинска ера, длабоката почит кон Талмудот — во тоа време мешавина од легалистичка и грчка филозофија — растела меѓу Евреите сѐ додека во средниот век не почнале да го почитуваат Талмудот повеќе и од самата Библија.
Јудаизмот низ средниот век
24. а) Кои две главни заедници се појавиле меѓу Евреите во средниот век? б) Како влијаеле тие врз јудаизмот?
24 Во средниот век (од околу 500 до 1500 н.е.), се појавиле две различни еврејски заедници — сефардски Евреи, кои цветале под муслиманската власт во Шпанија, и ашкенаски Евреи во Централна и Источна Европа. Двете заедници произвеле рабински научници чии записи и мисли ја формираат основата на еврејската религиозна интерпретација сѐ до денешен ден. Интересно, многу од денешните обичаи и религиозни практики во јудаизмот всушност се појавиле во средниот век. (Види рамка, страница 231.)
25. Како реагирала на крајот Католичката црква спрема Евреите во Европа?
25 Во 12 век, започнал бран на протерување на Евреите од различни земји. Како што објаснува израелскиот автор Аба Ебан во My People—The Story of The Jews (Мојот народ — приказната на Евреите): „Во секоја земја . . . која паднала под едностраното влијание на Католичката црква, приказната е иста: ужасно деградирање, мачење, колеж и протерување“. На крајот, во 1492, Шпанија, која повторно дошла под католичка власт, го следела примерот и наложила да се протераат сите Евреи од нејзината територија. Така, до крајот на 15 век Евреите биле протерани скоро од цела Западна Европа, па побегнале во Источна Европа и во земјите околу Медитеранот.
26. а) Што водело до разочарување кај Евреите? б) До кои големи поделби дошло меѓу Евреите?
26 Низ вековите на угнетување и прогонство, во различни делови од светот меѓу Евреите се појавиле многу самонаречени Месии кои биле прифатени до еден или друг степен, но сите завршиле со разочарување. До 17 век се јавила потреба од нови иницијативи за повторно да ги освежат Евреите и да ги извлечат од овој мрачен период. Во средината на 18 век, се нашол одговор на очајот што го чувствувал еврејскиот народ. Тоа бил хасидизмот (види рамка, страница 226), мешавина од мистицизам и религиозен занес изразени во секојдневна оддаденост и активност. Наспроти тоа, отприлика во истото време, филозофот Мојсеј Менделсон, германски Евреин, понудил друго решение, патот на хаскала, или просветлување, што водело до она што историски се смета за „современ јудаизам“.
Од „просветлување“ до ционизам
27. а) Како влијаел Мојсеј Менделсон врз ставовите на Евреите? б) Зошто многумина Евреи ја отфрлиле надежта за Месија како личност?
27 Според Мојсеј Менделсон (1729—1786), Евреите би биле прифатени кога би излегле од ограничувањата на Талмудот и би се прилагодиле на Западната култура. Во своето време, тој станал еден од најпочитуваните Евреи од страна на нееврејскиот свет. Меѓутоа, обновените изливи на насилен антисемитизам во 19 век, особено во „христијанска“ Русија, ги разочарале следбениците на движењето, па многумина тогаш се сосредоточиле на изнаоѓање политичко прибежиште за Евреите. Тие ја отфрлиле идејата за Месија како личност кој би ги водел Евреите назад во Израел, и почнале да работат на воспоставување еврејска држава со други средства. Тогаш тоа станало концепт на ционизмот: „секуларизација на . . . еврејскиот месијанизам“, како што вели еден авторитет.
28. Кои настани во 20 век влијаеле врз ставовите на Евреите?
28 Убиството на околу шест милиони европски Евреи во нацистичкиот холокауст (1935—1945) му го дало на ционизмот конечниот замав и тој придобил многу симпатии по целиот свет. Ционистичкиот сон се исполнил во 1948 со воспоставувањето на државата Израел, што нѐ доведува до јудаизмот во наше време и до прашањето: Што веруваат денешните Евреи?
Бог е еден
29. а) Со едноставни зборови, што е современиот јудаизам? б) Како е изразен еврејскиот идентитет? в) Кои се некои еврејски празници и обичаи?
29 Едноставно речено, јудаизмот е религија на еден народ. Затоа, еден преобратеник станува дел од еврејскиот народ, како и од еврејската религија. Тоа е монотеистичка религија во најстрога смисла на зборот која смета дека Бог интервенира во човечката историја, особено кога се работи за Евреите. Еврејското обожавање вклучува неколку годишни празници и различни обичаи. (Види рамка, страница 230, 231.) Иако нема кредоа, односно догми прифатени од страна на сите Евреи, исповедувањето за единственоста на Бог, како што е изразено во Шемата, молитва темелена на Второзаконие 6:4, го сочинува централниот дел од обожавањето во синагогата: „Чуј, Израелу! Господ е наш Бог, Господ е Еден!“
30. а) Како Евреите го разбираат Бог? б) На кој начин еврејското гледиште за Бог е во судир со она на христијанскиот свет?
30 Ова верување во еден Бог било пренесено во христијанството и во исламот. Рабин д-р Џ. Х. Херц вели: „Оваа возвишена изјава за апсолутен монотеизам претставувала објава на војна на секој политеизам . . . Така, Шемата го исклучува тројството од христијанското кредо како повреда на Единственоста на Бог“.e Но сега, да го разгледаме еврејското верување на тема задгробен живот.
Смрт, душа и воскресение
31. а) Како навлегла доктрината за бесмртност на душата во еврејското учење? б) Каква дилема предизвикало учењето за бесмртност на душата?
31 Едно од основните верувања на современиот јудаизам е дека човекот има бесмртна душа која ја преживува смртта на телото. Но, дали ова потекнува од Библијата? Encyclopaedia Judaica отворено признава: „Веројатно под грчко влијание во јудаизмот дошла доктрината за бесмртност на душата“. Меѓутоа, како што наведува истиот извор, ова создало доктринална дилема: „Во основа, двете верувања, за воскресение и за бесмртност на душата, се противречни. Едното се однесува на колективно воскресение на крајот од деновите, т.е. дека мртвите кои спијат во земјата ќе се подигнат од гробот, додека другото се однесува на состојбата на душата после смртта на телото“. Како била разрешена оваа дилема во еврејската теологија? „Се сметало дека кога поединецот ќе умре, неговата душа сѐ уште живее во друго подрачје (ова им дало подем на сите верувања во врска со рај на небото и пекол) додека неговото тело лежи во гробот за да го чека физичкото воскресение на сите мртви тука на Земјата“.
32. Што вели Библијата за мртвите?
32 Универзитетскиот предавач Артур Херцберг пишува: „Во самата [хебрејска] Библија, арената на човековиот живот е овој свет. Нема доктрина за рај на небото и пекол, освен еден сѐ појасен концепт за конечно воскресение на мртвите на крајот од деновите“. Тоа е едноставно и точно објаснување на библискиот концепт, имено, дека „мртвите не знаат ништо . . . Зашто нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето [Шеол (NW), општиот гроб на човештвото] во кое одиш“ (Проповедник 9:5, 10; Даниел 12:1, 2; Исаија 26:19).
33. Кое било првобитното гледиште на Евреите за доктрината за воскресение?
33 Според Encyclopaedia Judaica, „во рабинскиот период, доктрината за воскресение на мртвите се сметала за една од централните доктрини на јудаизмот“ и „треба да се разликува од верувањето во . . . бесмртност на душата“.f Меѓутоа денес, додека бесмртноста на душата е прифатена од страна на сите фракции на јудаизмот, тоа не е случај и со воскресението на мртвите.
34. Спротивно на библиското гледиште, како Талмудот ја опишува душата? Што коментираат некои подоцнежни писатели?
34 Спротивно на Библијата, Талмудот, под влијание на хеленизмот, е преполн со објаснувања и приказни, па дури и со описи на бесмртната душа. Подоцнежната еврејска мистична литература, Кабалата, оди толку далеку што дури поучува за реинкарнација (селење на душите), која во основа е едно древно хиндуистичко учење. (Види поглавје 5.) Денес во Израел ова е нашироко прифатено како еврејско учење, и исто така игра една важна улога во хасидиското верување и литература. На пример, Мартин Бубер во својата книга Tales of the Hasidim—The Later Masters (Сказни на хасидите — подоцнежните учители) вклучува една сказна за душата од школата на Елимелек, рабин од Лизенск: „На Денот на искупување, кога раби Авраам Јехошуа ја кажуваше аводата, молитва што ја повторува службата на првосвештеникот во Храмот во Ерусалим, и кога ќе дојдеше до пасусот: ‚И така тој велеше‘, тој никогаш не ќе ги кажеше тие зборови, туку ќе речеше: ‚И така јас велев‘. Зашто тој не го заборави времето кога неговата душа беше во телото на еден првосвештеник во Ерусалим“.
35. а) Каков став зазел реформираниот јудаизам спрема учењето за бесмртна душа? б) Кое е јасното библиско учење за душата?
35 Реформираниот јудаизам отишол толку далеку што го отфрлил верувањето во воскресение. Отстранувајќи го тој збор од реформираните молитвеници, тој го признава само верувањето во бесмртна душа. Колку само појасна е библиската идеја што е изразена во Битие 2:7: „Господ, Бог, го обликува човекот од земниот прав, и му дувна здив на живот во носалките. Така човекот стана жива душа“. Комбинацијата од телото и духот, односно животната сила, сочинува една „жива душа“g (Битие 2:7; 7:22; Псалм 146:4). Спротивно на тоа, кога умира грешниот човек тогаш умира и душата (Езекиел 18:4, 20, СП). Така, кога човекот ќе умре, престанува секое негово свесно постоење. Неговата животна сила се враќа кај Бог кој ја дал (Проповедник 3:19; 9:5, 10; 12:7). Вистинската библиска надеж за мртвите е воскресението — хебрејски: техијат хамметим, или „оживување на мртвиот“.
36, 37. Што верувале верните Евреи од библиски времиња во врска со идниот живот?
36 Иако овој заклучок би можел да изненади дури и многу Евреи, воскресението било со илјадници години реална надеж за обожавателите на вистинскиот Бог. Пред околу 3.500 години, верниот, страдален Јов зборувал за едно време во иднина кога Бог ќе го подигне од Шеолот, односно гробот (Јов 14:14, 15). Пророкот Даниел бил, исто така, уверен дека ќе биде подигнат „на крајот од деновите“ (Даниел 12:2, 13).
37 Писмото не дава основа за тврдењето дека тие верни Евреи верувале дека имаат бесмртна душа која би преживеала во еден задгробен свет. Тие очигледно имале доволно причини да веруваат дека Суверениот Господ, кој ги брои и управува со ѕвездите во универзумот, во времето на воскресението ќе се сети и на нив. Тие му биле верни нему и на неговото име. Тој ќе им биде верен ним (Псалм 18:26; 147:4; Исаија 25:7, 8; 40:25, 26).
Јудаизмот и Божјето име
38. а) Што се случувало низ вековите со употребата на Божјето име? б) Од која основа е изведено Божјето име?
38 Јудаизмот поучува дека, иако постои Божјето име во пишана форма, тоа е премногу свето за да се изговара. Резултатот бил тој што, низ последните 2.000 години, се изгубил точниот изговор. Сепак, ставот на Евреите не бил отсекогаш таков. Пред околу 3.500 години, Бог му зборувал на Мојсеј, велејќи: „Речи им на Израелците вака: ‚Господ [хебрејски: יהוה, JXBX], Бог на вашите татковци, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов, ме испрати при вас. Тоа е Мое име довека, така ќе Ме викаат од род до род‘“ (Излез 3:15; Псалм 135:13). Кое било тоа име и како го викале? Фуснотата во преводот Tanakh наведува: „Името ЈХВХ (традиционално читано Адонај, „ГОСПОД“) тука е поврзано со коренот хајах ‚да биде‘“. Значи, овде го имаме светото име на Бог, тетраграматонот, четирите хебрејски согласки ЈХВХ (Јахве), кое преку својата латинизирана форма станало познато на македонски како ЈЕХОВА.
39. а) Зошто е важно божественото име? б) Зошто Евреите престанале да го изговараат божественото име?
39 Низ историјата, Евреите секогаш му придавале голема важност на Божјето лично име, иако нагласокот врз употребата драстично се променил во однос на древното време. Д-р А. Коен, во Everyman’s Talmud (Талмуд за секого), наведува: „Посебна почит му била оддадена на ‚особеното Име‘ (шем хамефораш) на Божеството кое Тој му го открил на народот Израел, имено, тетраграматонот ЈХВХ“. Божественото име било почитувано бидејќи тоа ја претставувало и ја карактеризирало самата личност на Бог. Впрочем, самиот Бог бил тој што го објавил своето име и им рекол на своите обожаватели да го користат. Ова е нагласено со тоа што во хебрејската Библија името се појавува 6.828 пати. Меѓутоа, оддадените Евреи сметаат дека изговарањето на Божјето лично име претставува непочитување.h
40. Што изјавиле некои еврејски авторитети во врска со употребата на божественото име?
40 Во врска со древната рабинска (не библиска) наредба да не се изговара името, А. Марморштајн, рабин, во својата книга The Old Rabbinic Doctrine of God (Старата рабинска доктрина за Бог), пишува: „Имало времиња кога оваа забрана [за користење на божественото име] била потполно непозната кај Евреите . . . Ниту во Египет ниту во Вавилонија, Евреите не познавале ниту држеле закон кој ја забранувал употребата на Божјето име, тетраграматонот, во обични разговори или во поздрави. Сепак, од третиот век пр.н.е. до третиот век н.е. таквата забрана постоела и била делумно почитувана“. Не само што во поранешните времиња била дозволена употребата на името туку, како што д-р Коен вели: „Имало време кога се застапувала слободната и отворена употреба на Името дури и од страна на лаиците . . . Се смета дека препораката се базирала врз желбата да се разликува Израелецот од [не-Евреинот]“.
41. Според еден рабин, кое влијание предизвикало да се забрани употребата на Божјето име?
41 Тогаш, што предизвикало да биде забранета употребата на божественото име? Д-р Марморштајн одговара: „Хеленистичкото противење [под грчко влијание] на религијата на Евреите, како и отпадништвото на свештениците и благородниците, го вовеле и го утврдиле правилото да не се изговара тетраграматонот во Светилиштето [храмот во Ерусалим]“. Во својата претерана ревност да избегнат залудно користење на божественото име, тие потполно ја потиснале неговата употреба во говорот и го поткопале и разводниле идентификувањето на вистинскиот Бог. Под комбинираниот притисок од религиозното противење и од отпадништвото, божественото име кај Евреите излегло од употреба.
42. Што покажува библискиот извештај во врска со употребата на божественото име?
42 Меѓутоа, д-р Коен објаснува: „Во библискиот период изгледа дека немало колебање околу употребата [на божественото име] во секојдневниот говор“. Патријархот Авраам „го повика Господовото име“ (Битие 12:8). Повеќето писатели на хебрејската Библија слободно, но со почит, го користеле името сѐ до пишувањето на Малахија, во петтиот век пр.н.е. (Рута 1:8, 9, 17, NW).
43. а) Што е доволно јасно во врска со еврејската употреба на божественото име? б) Што била една индиректна последица од тоа што Евреите престанале да го употребуваат божественото име?
43 Доволно јасно е дека древните Евреи го користеле и го изговарале божественото име. Во врска со промените кои настапиле подоцна, Марморштајн признава: „Што се однесува до ова време, првата половина од третиот век [пр.н.е.], треба да се забележи голема промена во употребата на името на Бог, што предизвикало многу промени во еврејската теолошка и филозофска наука, влијанија кои се чувствуваат до денешен ден“. Една од последиците на исчезнувањето на името бил концептот за анонимен Бог што помогнал да се создаде теолошки вакуум во кој многу полесно се развила доктрината за Тројство на христијанскиот светi (Излез 34:5, 6, 23).
44. Кои се некои други последици предизвикани од потиснувањето на Божјето име?
44 Одбивањето да се користи божественото име ја намалува вредноста на обожавањето на вистинскиот Бог. Како што рекол еден коментатор: „За жал, кога за Бог се зборува како за ‚Господ‘, фразата, иако точна, е студена и празна . . . Треба да се запомни дека со преведувањето на ЈХВХ или Адонај како ‚Господ‘, во многу пасуси од Стариот завет се воведува една нота на апстракција, формалност и оддалеченост која е потполно непозната на оригиналниот текст“ (The Knowledge of God in Ancient Israel — Спознанието за Бог во древниот Израел). Колку само е жално да се гледа како возвишеното и значајно име Јахве, или Јехова, недостасува во многу преводи на Библијата иако јасно се појавува илјадници пати во оригиналниот хебрејски текст! (Исаија 43:10—12).
Дали Евреите сѐ уште го чекаат Месијата?
45. Која библиска основа постои за верување во Месија?
45 Има многу пророштва во Хебрејските списи од кои Евреите пред повеќе од 2.000 години ја црпеле својата месијанска надеж. Втора Самоил 7:11—16 укажува дека Месијата ќе биде од лозата на Давид. Исаија 11:1—10 прорекол дека тој ќе му донесе праведност и мир на сето човештво. Даниел 9:24—27 ја дава хронологијата на појавувањето на Месијата и на неговото погубување.
46, 47. а) Каков вид Месија очекувале Евреите кои живееле под римска доминација? б) Која промена настанала во очекувањата на Евреите во врска со Месијата?
46 Како што објаснува Encyclopaedia Judaica, до првиот век месијанските очекувања биле големи. Се очекувало Месијата да биде „харизматски надарен потомок на Давид кого Евреите во римскиот период верувале дека Бог ќе го подигне за да го скрши паганскиот јарем и да владее над обновеното царство Израел“. Меѓутоа, воинствениот Месија, кого Евреите го очекувале, не се појавил.
47 Сепак, како што забележува The New Encyclopædia Britannica, месијанската надеж била витална за да се задржи заедништвото на еврејскиот народ низ нивните многубројни тешки искушенија: „Јудаизмот несомнено го должи својот опстанок, во прилично голема мера, на својата непоколеблива вера во месијанското ветување и иднина“. Но, со појавата на современиот јудаизам, во периодот меѓу 18 и 19 век, многу Евреи го завршиле своето пасивно чекање на Месијата. Конечно, со нацистичкиот холокауст, многумина ја изгубиле својата трпеливост и надеж. Тие почнале да гледаат на месијанската порака како на товар и затоа ја протолкувале на нов начин, чисто како нова ера на просперитет и мир. Од тоа време наваму, иако постојат исклучоци, едвај може да се рече дека Евреите во целина чекаат еден Месија како личност.
48. Кои прашања можат разумно да се постават во врска со јудаизмот?
48 Оваа промена кон немесијанска религија наметнува сериозни прашања. Дали јудаизмот со илјадници години грешел верувајќи дека Месијата треба да биде личност? Кој облик на јудаизам ќе му помогне на еден човек во потрагата по Бог? Дали е тоа древниот јудаизам накитен со грчка филозофија? Или е тоа еден од немесијанските облици на јудаизам кои се развиле во последниве 200 години? Или, пак, можеби има уште некој пат кој верно и точно ја зачувува месијанската надеж?
49. Што им се предлага на искрените Евреи?
49 Со овие прашања на ум, предлагаме искрените Евреи повторно да ја разгледаат темата за Месијата со тоа што ќе ги испитаат изјавите во врска со Исус од Назарет, не како што го претставил христијанскиот свет, туку како што го претставуваат еврејските писатели на Грчките списи. Во ова постои голема разлика. За Евреите да го отфрлат Исус придонеле религиите на христијанскиот свет преку својата небиблиска доктрина за тројство, која сосема сигурно е неприфатлива за секој Евреин кој го цени чистото учење дека „Господ е наш Бог, Господ е Еден!“ (Второзаконие 6:4). Затоа, ти предлагаме да го прочиташ следното поглавје со отворен ум со цел да го запознаеш Исус како што е опишан во Грчките списи.
[Фусноти]
a Спореди Битие 5:22—24, New World Translation of the Holy Scriptures—With References, втора фуснота за стих 22.
b Хронологијата која овде е изнесена, се темели на библиски текстови како авторитет. (Види ја книгата „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of N.Y., Inc., Студија 3, „Одредување на настаните во струјата на времето“.)
c Еврејскиот историчар од првиот век Јосиф бен Матитјаху (Флавиј Јосиф) раскажува дека, кога Александар пристигнал во Ерусалим, Евреите му ги отвориле портите и му го покажале пророштвото од книгата Даниел, запишано повеќе од 200 години пред тоа, кое јасно ги опишува освојувањата на Александар како ‚Цар на Грција‘ (Jewish Antiquities — Еврејски старини, книга XI, поглавје VIII 5; Даниел 8:5—8, 21).
d Во периодот на Макавејците (Хасмонејци, од 165 пр.н.е. до 63 пр.н.е.), еврејските водачи, како Јован Хиркан, преку освојувања дури принудувале и на масовни преобраќања кон јудаизмот. Интересно е дека на почетокот од нашата ера, 10 отсто од медитеранскиот свет биле Евреи. Оваа бројка јасно го покажува влијанието на еврејскиот прозелитизам.
e Според The New Encyclopædia Britannica: „Тринитаријанското кредо на христијанството . . . се одделува од другите две класични монотеистички религии [јудаизмот и исламот]“. Тројството го развила црквата и покрај тоа што „Библијата на христијаните не вклучува тврдења за Бог кои се специфично тринитаријански“.
f Како прилог кон библискиот авторитет, тоа се учело и во Мишната како член на верата (Санхедрин 10:1) и било вклучено како последно од Мајмонидовите 13 принципи на верата. Сѐ до 20 век, негирањето на воскресението се сметало за ерес.
g „Библијата не вели дека ние имаме душа. ‚Нефеш‘ е самата личност, нејзината потреба од храна, самата крв во нејзините вени, нејзиното постоење“ (Д-р Х. М. Орлински од Hebrew Union College).
h Encyclopaedia Judaica вели: „Избегнувањето да се изговара името ЈХВХ е . . . предизвикано од погрешно разбирање на Третата заповед (Излез 20:7; Второзаконие 5:11), како таа да значи ‚Не смееш залудно да го земаш името на ЈХВХ, твојот Бог‘, додека всушност значи ‚Не смееш лажно да се колнеш во името на ЈХВХ, твојот Бог‘“.
i Џорџ Хауард, вонреден професор по религија и хебрејски на Универзитетот во Џорџија, вели: „Како што минувало времето, овие две фигури [Бог и Христос] биле доведени до уште поблиска обединетост сѐ додека не станало честопати невозможно да се направи разлика меѓу нив. Значи, можно е отстранувањето на тетраграматонот значително да придонело за подоцнежните христолошки и тринитаријански дебати кои ја погаѓале црквата во раните векови. Како и да било, отстранувањето на тетраграматонот веројатно создало поинаква теолошка клима од онаа која постоела во новозаветниот период во првиот век“ (Biblical Archaeology Review, март 1978).
[Истакната мисла на страница 217]
Сефардските и ашкенаските Евреи формирале две заедници
[Рамка/слика на страница 211]
Десет заповеди за обожавање и за однесување
Милиони луѓе слушнале за Десетте заповеди, но малкумина некогаш ги прочитале. Затоа, го изнесуваме главниот дел од нивниот текст.
▪ „Не ќе имаш никакви други богови покрај Мене.“
▪ „Не ќе си правиш врезан лик, ниту некаква слика на она што е горе во небото, или долу на земјата, или во водата под земја. Не ќе им се поклонуваш ниту ќе им служиш . . .“ [На овој ран датум, 1513 пр.н.е., оваа заповед била единствена по своето одбивање на идолопоклонство.]
▪ „Не ќе го изговараш напразно името на Господа [хебрејски: יהוה], твојот Бог . . .“
▪ „Помни го саботниот ден, за да го осветуваш . . . Господ го благослови и го освети саботниот ден.“
▪ „Почитувај ги твојот татко и твојата мајка . . .“
▪ „Не ќе убиваш!“
▪ „Не ќе прељубодејствуваш!“
▪ „Не ќе крадеш!“
▪ „Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен.“
▪ „Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен . . . жената . . . неговиот слуга . . . неговата слугинка . . . неговиот вол . . . неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен“ (Излез 20:3—17).
Иако само првите четири заповеди се директно поврзани со религиозните верувања и со обожавањето, другите заповеди ја покажуваат врската меѓу коректното однесување и исправниот однос со Творецот.
[Слика]
И покрај единствениот закон од Бог, Израел го имитирал обожавањето на теле од своите пагански соседи (Златно теле, Библос)
[Рамка/слики на страници 220 и 221]
Светите списи на Хебреите
Светите хебрејски списи започнуваат со „Танак“. Името „Танак“ доаѓа од трите дела од еврејската Библија на хебрејски: Тора (Закон), Невим (Пророци) и Кетувим (Списи), со користење на првите букви од секој дел за да се формира зборот ТаНаК. Овие книги биле пишувани на хебрејски и арамејски, во периодот од 16 век до 5 век пр.н.е.
Евреите веруваат дека степенот на инспирација под кој тие биле пишувани се разликува и се намалува. Затоа, ги редат по важност на следниов начин:
Тора — петте книги на Мојсеј, или Пентатеухот (од грчки за „пет свитоци“), Законот, кој се состои од Битие, Излез, Левит, Броеви и Второзаконие. Меѓутоа, терминот „Тора“ може исто така да се употреби за еврејската Библија како целина, како и за уснениот закон и за Талмудот (види на следната страница).
Невим — Пророците: од Исус Навин преку големите пророци, Исаија, Еремија и Езекиел, па сѐ до 12-те „мали“ пророци од Осија до Малахија.
Кетувим — Списите, се состои од поетските дела: Псалми, Пословици, Јов, Песна над песни и Плач Еремиин. Освен тоа, ги вклучува Рута, Проповедник, Естира, Даниел, Езра, Неемија и Прва и Втора Летописи.
Талмудот
Од гледна точка на оние кои не се Евреи, најважни еврејски книги се оние кои се наоѓаат во „Танак“, односно во еврејската Библија. Меѓутоа, гледиштето на Евреите е поинакво. Многу Евреи ќе се согласат со коментарот на рабинот Адин Штајнсалц: „Ако Библијата е камен темелник на јудаизмот, тогаш Талмудот е централен столб, кој се возвишува од темелите и ја поддржува целата духовна и интелектуална градба . . . Ниедно друго дело немало слично влијание врз теоријата и врз праксата на еврејскиот живот“ (The Essential Talmud). Тогаш, што е Талмудот?
Ортодоксните Евреи веруваат дека на гората Синај, Бог не само што му го дал на Мојсеј пишаниот закон, односно Тората, туку му открил и специфични објаснувања за тоа како да се спроведува тој Закон, и тие требало да се пренесуваат усно. Ова било наречено уснен закон. Така, Талмудот е пишано резиме, заедно со подоцнежните коментари и објаснувања на тој уснен закон, собрани од страна на рабините во периодот од вториот век н.е. до средниот век.
Талмудот обично е поделен на два главни дела:
Мишна: Збирка од коментари кои го надополнуваат пишаниот Закон, темелена на објаснувањата од рабини наречени танаими (учители). Таа била ставена во писмена форма при крајот на вториот и почетокот на третиот век н.е.
Гемара (како што првобитно бил наречен Талмудот): Збирка од коментари на Мишната што ги дале рабините од подоцнежниот период (трети до шести век н.е.)
Освен овие две главни поделби, Талмудот може да вклучува и коментари на Гемарата, кои ги дале рабините во средниот век. Меѓу нив се истакнувале рабинот Раши (Соломон бен Исак, 1040—1105), кој тешкиот јазик на Талмудот го направил многу поразбирлив, и рабинот Рамбам (Мојсеј бен Мајмон, подобро познат како Мајмонид, 1135—1204), кој го реорганизирал Талмудот во една концизна верзија („Мишне Тора“), правејќи го така попристапен за сите Евреи.
[Слики]
Долу, древна Тора од она што е познато како Гробот на Естира, Иран; десно, хебрејска и јидиш химна на фалба темелена на библиски стихови
[Рамка/слики на страници 226 и 227]
Јудаизам — една религија, а многу гласови
Меѓу различните фракции на јудаизмот постојат големи разлики. Традиционално, јудаизмот ги нагласува религиозните обичаи. Дебатите околу такви работи, наместо околу верувања, предизвикале сериозни напнатости меѓу Евреите и довеле до формирање на три главни правци во јудаизмот.
ОРТОДОКСЕН ЈУДАИЗАМ — Оваа гранка не само што прифаќа дека хебрејскиот „Танак“ е инспирирано Писмо туку и верува дека, на гората Синај, Мојсеј го добил од Бог уснениот закон истовремено со пишаниот Закон. Ортодоксните Евреи скрупулозно ги држат заповедите од двата закона. Тие веруваат дека Месијата сѐ уште треба да се појави и да го воведе Израел во еден златен век. Поради разлики во мислењата во рамките на ортодоксната група, се појавиле различни фракции. Еден пример е хасидизмот.
Хасиди (хасидим, што значи „побожни“) — Ги сметаат за ултраортодоксни. Основани во Источна Европа кон средината на 18 век од страна на Израел бен Елиезер, познат како Баал Шем Тов („Господар на Доброто име“), тие следат учења кои ги нагласуваат музиката и танцувањето, што резултира во мистична радост. Голем број нивни верувања, вклучувајќи и реинкарнација, се темелени на еврејските мистични книги познати како Кабала. Денес тие се водени од ребени („рабини“ на јидиш), т.е. задики, чиишто следбеници ги сметаат за крајно праведни луѓе, односно светци.
Хасидите денес се наоѓаат главно во Соединетите Американски Држави и во Израел. Тие носат посебен вид источно-европска носија, главно црна, од 18 и 19 век, која ги прави многу впечатливи, особено во склоп на еден модерен град. Денес тие се поделени во секти кои следат различни угледни ребени. Една многу активна група се лубавичерите, кои ревно прозелитизираат меѓу Евреите. Некои групи веруваат дека само Месијата го има правото да го обнови Израел како нација на Евреите и затоа се противат на световната држава Израел.
РЕФОРМИРАН ЈУДАИЗАМ (исто така познат како „либерален“ и „прогресивен“) — Движењето започнало во Западна Европа во почетокот на 19 век. Тоа се заснова врз идеите на Мојсеј Менделсон, еврејски интелектуалец од 18 век, кој верувал дека Евреите треба да ја асимилираат западната култура наместо да се двојат од не-Евреите. Реформираните Евреи негираат дека Тората е божествено откриена вистина. Еврејските закони за начин на исхрана, за чистота и за облекување ги сметаат за застарени. Веруваат во она што тие го нарекуваат „Месијанска ера на универзално братство“. Во последниве години тие се вратиле наназад кон потрадиционалниот јудаизам.
КОНЗЕРВАТИВЕН ЈУДАИЗАМ — Се појавил во Германија, во 1845, како гранка на реформираниот јудаизам кој, се чинело, отфрлил преголем број традиционални еврејски обичаи. Конзервативниот јудаизам не прифаќа дека Мојсеј го примил уснениот закон од Бог туку смета дека рабините, кои гледале да го прилагодат јудаизмот на новата ера, ја измислиле уснената Тора. Конзервативните Евреи се подложуваат на библиските прописи и на Рабинскиот закон ако тие „одговараат на модерните барања на еврејскиот живот“ (The Book of Jewish Knowledge — Книгата на еврејско спознание). Тие го користат хебрејскиот и англискиот јазик во својата литургија и задржуваат стриктни закони за начин на исхрана (кашрут). На мажите и жените им е дозволено да седат заедно за време на обожавањето, што не е дозволено од страна на ортодоксните.
[Слики]
Лево, Евреи на Ѕидот на плачот во Ерусалим и, горе, Евреин кој се моли, со Ерусалим во позадината
[Рамка/слики на страници 230 и 231]
Некои важни празници и обичаи
Повеќето еврејски празници се темелат на Библијата и главно се или сезонски празници поврзани со различни жетви или, пак, се поврзани со историски настани.
▪ Шабат (Сабат) — Седмиот ден од еврејската седмица (од зајдисонце во петок до зајдисонце во сабота) се смета дека ја посветува седмицата, а посебното држење на овој ден е еден неопходен дел од обожавањето. Евреите ја посетуваат синагогата за да ја читаат Тората и за да се молат (Излез 20:8—11).
▪ Јом Кипур — Ден на искупување, свечен празник кој се карактеризира со постење и со самоиспитување. Тој кулминира со Десетте дена на покајание кои започнуваат со Рош Хашана, еврејската Нова година која паѓа во септември, според еврејскиот световен календар (Левит 16:29—31; 23:26—32, NW).
▪ Сукот (горе, десно) — Празник Сеници, односно табернакли, или празник на прибирање. Ја прославува жетвата и крајот на главниот дел од земјоделската година. Се одржува во октомври (Левит 23:34—43; Броеви 29:12—38; Второзаконие 16:13—15).
▪ Ханука — Празник на посветувањето. Популарен празник кој се одржува во декември и го комеморира макавејското обновување на еврејската независност од сириско-грчката доминација и повторното посветување на храмот во Ерусалим во декември 165 пр.н.е. Обично се препознава по палењето свеќи во текот на осум дена.
▪ Пурим — Празник на ждрепките. Прославуван кон крајот на февруари или на почетокот на март, за комеморација на ослободувањето на Евреите во Персија од Аман и од неговата геноцидна завера во петтиот век пр.н.е. (Естира 9:20—28).
▪ Песах — Празник на Пасхата. Воспоставен да го комеморира ослободувањето на Израел од заробеништвото во Египет (1513 пр.н.е.). Тој е најголемиот и најстариот еврејски празник. Одржуван на 14 нисан (според еврејскиот календар), тој обично се паѓа кон крајот на март или на почетокот на април. Сите еврејски семејства се собираат заедно за да го поделат пасхалниот оброк, или седер. За време на следните седум дена, воопшто не смее да се јаде квасец. Овој период е наречен Празник на бесквасни лебови (Мацот) (Излез 12:14—20, 24—27).
Некои еврејски обичаи
▪ Обрежување — За еврејските момчиња тоа е една важна церемонија која се одржува кога бебето има осум дена. Честопати е наречена Сојузот на Авраам, бидејќи обрежувањето било знак на Божјиот сојуз со него. Лицата од машки пол кои се преобратуваат во јудаизам мораат, исто така, да бидат обрежани (Битие 17:9—14).
▪ Бар Мицва (долу) — Друг важен еврејски ритуал кој дословно значи „син на заповедта“, „термин кој го означува достигнувањето и на религиозна и на правна зрелост, како и приликата во која овој статус формално го примаат момчињата на возраст од 13 години и еден ден“. Ова станало еврејски обичај дури во 15 век н.е. (Encyclopaedia Judaica).
▪ Мезуза (горе) — Еден еврејски дом обично лесно се разликува од другите по мезузата, или кутија за свитоци, која, кога се влегува, се гледа на десната страна од довратникот. Всушност, мезузата е мал пергамент на кој се испишани зборовите цитирани од Второзаконие 6:4—9 и 11:13—21. Ова се свиткува и се става во една мала кутија. Потоа кутијата се прицврстува на секоја врата од секоја соба која се користи за живеење.
▪ Јармулк (капче за мажи) — Според Encyclopaedia Judaica: „Ортодоксните Евреи . . . покривањето на главата, како надвор така и внатре во синагогата, го сметаат за знак на приврзаност кон еврејската традиција“. Никаде во Танакот не се спомнува дека треба да се покрие главата за време на обожавањето, па така Талмудот го спомнува ова како незадолжителен обичај. Хасидиските Еврејки постојано носат покривало или ги бричат главите и носат перика.
[Слика на страница 206]
Аврам (Авраам), прататкото на Евреите, го обожавал Јехова Бог пред скоро 4.000 години
[Слика на страница 208]
Давидовата ѕвезда — небиблиски симбол на Израел и на јудаизмот
[Слика на страница 215]
Еврејски книжник кој копира хебрејски текст
[Слика на страница 222]
Хасидиско еврејско семејство кое го прославува Сабатот
[Слика на страница 233]
Оддадените Евреи носат филактерии, односно кутии со молитвени свитоци, на раката и на челото