Приближи му се на Бог
„Добро ги знам нивните болки“
„СВЕТ, свет, свет е Јехова“ (Исаија 6:3). Овие зборови кажани под водство на светиот дух покажуваат дека Јехова Бог е чист и беспрекорен до највисок можен степен. ‚Дали тој е ладен и незаинтересиран затоа што е свет?‘ — можеби ќе прашаш. ‚Можно ли е еден таков свет Бог навистина да се грижи за мене — грешен, несовршен човек?‘ Да ги разгледаме утешните зборови што Бог му ги кажал на Мојсеј, запишани во 2. Мојсеева 3:1-10.
Еден ден, додека Мојсеј ги пасел овците, видел нешто многу необично — грмушка што гори, „но не изгорува“ (2. стих). Љубопитен, се доближил за да види што се случува. Преку еден ангел, Јехова му прозборел на Мојсеј од огнот: „Не приближувај се наваму! Собуј ги сандалите зашто местото на кое стоиш е свето“ (5. стих). Замисли — затоа што грмушката го симболизирала присуството на светиот Бог, и самото тоа место станало свето!
Светиот Бог имал причина да разговара со Мојсеј. Бог рекол: „Ја видов неволјата на мојот народ во Египет, чув како се жалат од оние што ги тераат на работа и добро ги знам нивните болки“ (7. стих). Бог не бил слеп за бедната состојба на неговиот народ, ниту бил глув на нивните преколнувања. Напротив, тој ја чувствувал нивната неволја како своја. Забележи дека Бог рекол: „Добро ги знам нивните болки“. Во врска со зборовите „добро ги знам“, во една книга стои: „Овој израз вклучува лични чувства, нежност и сочувство“. Зборовите што Јехова му ги кажал на Мојсеј откриваат дека тој е длабоко заинтересиран и грижлив Бог.
Што решил да направи Бог? Тој не останал само на тоа да гледа со сожалување или да слуша со сочувство, туку презел нешто. Имал намера да го избави својот народ од Египет и да го одведе „во земја во која тече мед и млеко“ (8. стих). За таа цел, Јехова му рекол на Мојсеј: „Те праќам... да го изведеш од Египет мојот народ“ (10. стих). Мојсеј послушал и ги извел Израелците од Египет во 1513 год. пр.н.е.
Јехова не се променил. Оние што му служат денес можат да бидат уверени дека тој ги гледа нивните неволји и ги слуша нивните повици за помош. Добро ги знае нивните болки. На Јехова не само што му е жал за неговите верни слуги туку, како нежен Бог, тој сака и да им помогне, „зашто тој се грижи“ за нив (1. Петрово 5:7).
Тоа што Бог е сочувствителен ни дава основа за надеж. Со негова помош, ние како несовршени луѓе можеме да живееме според Божјите мерила и да бидеме прифатливи за него (1. Петрово 1:15, 16). Една христијанка што имала депресија и била обесхрабрена се утешила од извештајот за она што му се случило на Мојсеј кај грмушката. Таа вели: „Ако Јехова може да го направи свет дури и правот на земјата, тогаш можеби има малку надеж и за мене. Оваа мисла многу ми помогна“.
Дали сакаш подобро да го запознаеш светиот Бог, Јехова? Ти можеш да бидеш близок со него, бидејќи Јехова „добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14).