Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Левит
НЕМА поминато ни година откако Израелците се ослободени од египетско ропство. Сега, организирани во една нова нација, се на пат кон хананската земја. Намерата на Јехова е таму да живее една света нација. Меѓутоа, начинот на живот и религиозните практики на Хананците се многу изопачени. Затоа, вистинскиот Бог му дава на собранието на Израел одредби со кои ќе биде издвоено за да му служи. Тие се запишани во библиската книга Левит. Напишана од пророкот Мојсеј во пустелијата Синај, изгледа во 1512 пр.н.е., книгата опфаќа само еден лунарен месец (Излез 40:17; Броеви 1:1—3). Јехова постојано ги поттикнува своите обожаватели да бидат свети (Левит 11:44; 19:2; 20:7, 26).
Сведоците на Јехова денес не се под Законот што Бог го дал преку Мојсеј. Смртта на Исус Христос го укинала тој Закон (Римјаните 6:14; Ефешаните 2:11—16). Меѓутоа, одредбите што се наоѓаат во Левит можат да ни користат зашто од нив учиме многу за обожавањето на нашиот Бог, Јехова.
СВЕТИ ПРИНОСИ — ДОБРОВОЛНИ И ЗАДОЛЖИТЕЛНИ
Некои од приносите и жртвите во Законот биле доброволни додека, пак, други биле задолжителни. Палениот принос, на пример, бил доброволен. Целиот му се принесувал на Бог, исто како што Исус Христос спремно и целосно го дал својот живот како откупна жртва. Доброволната заедничка жртва се делела. Еден дел му се принесувал на Бог на жртвеникот, другиот дел го јаделе свештениците а третиот оној што ја давал жртвата. Слично на тоа, за помазаните христијани Меморијалот на Христовата смрт е заеднички оброк (1. Коринќаните 10:16—22).
Приносите за грев и приносите за вина биле задолжителни. Првите ги искупувале гревовите направени по грешка, или ненамерно. Вторите му надоместувале на Бог кога било прекршено нечие право или со нив му се враќале некои права на покајничкиот престапник — или и двете. Исто така имало и житни приноси кои се давале како признание за изобилните подготовки од Јехова. Сите овие работи се од интерес за нас зашто жртвите кои биле заповедани со сојузот на Законот укажувале на Исус Христос и на неговата жртва или на користите што ќе произлезат од неа (Евреите 8:3—6; 9:9—14; 10:5—10).
Одговорени библиски прашања:
2:11, 12 — Зошто медот не бил прифатлив за Јехова „како жртва паленица“? Медот на кој се мисли овде не може да укажува на мед од пчели. Иако не бил дозволен „како жртва паленица“, сепак бил вклучен меѓу ‚првините . . . од секаков полски плод‘ (2. Летописи 31:5). Овој мед изгледа бил сокот, или сирупот, од плодовите. Бидејќи можел да ферментира, не бил прифатлив како принос на олтарот.
2:13 — Зошто ‚при секој принос‘ требало да се принесе и сол? Тоа не се правело за да се подобри вкусот на жртвите. Во цел свет солта се користи како конзерванс. Таа веројатно се принесувала со приносите затоа што претставувала нераспадливост и нерасипливост.
Поуки за нас:
3:17. Бидејќи лојот се сметал за најдобриот или најквалитетниот дел, забраната тој да се јаде очигледно им всадила на Израелците во умот дека најдобриот дел му припаѓа на Јехова (Битие 45:18). Ова нѐ потсетува дека треба да му го даваме на Јехова нашето најдобро (Пословици 3:9, 10; Колошаните 3:23, 24).
7:26, 27. Израелците не требало да јадат крв. Во очите на Бог, крвта го претставува животот. „Животот на телото е во крвта“, се вели во Левит 17:11. Воздржувањето од крв и понатаму се бара од вистинските обожаватели денес (Дела 15:28, 29).
ВОВЕДЕНО Е СВЕТО СВЕШТЕНСТВО
На кого му била дадена одговорноста да се грижи за должностите околу жртвите и приносите? Таа им била доверена на свештениците. Како што наредил Бог, Мојсеј ја водел церемонијата по повод поставувањето на Арон, првосвештеникот, и на неговите четири синови кои требало да бидат потсвештеници. Изгледа дека церемонијата траела седум дена, а свештенството почнало да функционира следниот ден.
Одговорени библиски прашања:
9:9 — Што е значајно во врска со тоа што крвта се излевала во подножјето на жртвеникот и се ставала врз други предмети? Тоа покажувало дека Јехова прифаќал крв како средство за искупување. Целата подготовка за искупување се темелела на крвта. „Според Законот скоро сѐ се чисти со крв“, напишал апостол Павле, „и без пролевање крв нема простување“ (Евреите 9:22).
10:1, 2 — Што можеби било вклучено во гревот на синовите на Арон, Надав и Авиуд? Набрзо откако Надав и Авиуд си зеле преголема слобода во извршувањето на нивните свештенички должности, Јехова им забранил на свештениците да користат вино или опојни пијалаци додека служат во табернакулот (Левит 10:9). Ова укажува дека двата сина на Арон можеби биле под дејство на алкохол во приликата што е овде опишана. Меѓутоа, вистинската причина за нивната смрт било тоа што принеле ‚туѓ оган, што [Јехова] не им го заповедал‘.
Поуки за нас:
10:1, 2. Денешните слуги на Јехова кои имаат одговорности мораат да ги исполнуваат божествените барања. Освен тоа, не смеат да бидат дрски кога се грижат за своите одговорности.
10:9. Не треба да извршуваме должности што ни се дадени од Бог додека сме под дејство на алкохолни пијалаци.
СВЕТОТО ОБОЖАВАЊЕ БАРА ЧИСТОТА
Одредбите за исхрана во врска со чисти и нечисти животни им биле од корист на Израелците на два начина. Овие одредби ги заштитувале да не бидат заразени со опасни организми и ја правеле уште појасна границата помеѓу нив и луѓето од околните нации. Други одредби се однесувале на нечистота од мртви тела, прочистување на жените по породување, постапки кога некој има лепра и нечистота која е резултат од машки и женски сексуални изливи. Свештениците требало да се погрижат за работите кога некои ќе станеле нечисти.
Одговорени библиски прашања:
12:2, 5 — Зошто раѓањето ја правело една жена „нечиста“? Органите за размножување биле создадени за да се пренесува со нив совршен човечки живот. Меѓутоа, поради наследените последици од гревот, на потомството му бил пренесен несовршен и грешен живот. Привремените периоди на „нечистота“ поврзани со раѓањето, како и со други работи, како што е менструација или семеизлив, ги потсетувале Израелците на таа наследна грешност (Левит 15:16—24; Псалм 51:5; Римјаните 5:12). Пропишаните одредби за прочистување ќе им помогнеле на Израелците да ја сфатат потребата од откупна жртва која ќе ја покрие грешноста на човештвото и ќе ја обнови човечката совршеност. На тој начин Законот станал нивен „воспитувач кој води до Христос“ (Галатите 3:24).
15:16—18 — Што е ‚семеизливот‘ спомнат во овие стихови? Ова очигледно укажува на ноќно излевање како и на брачните сексуални односи.
Поуки за нас:
11:45. Јехова Бог е свет и бара и од оние што му принесуваат света служба да бидат свети. Тие мораат да се стремат кон светост и да останат физички и духовно чисти (2. Коринќаните 7:1; 1. Петрово 1:15, 16).
12:8. Јехова им дозволил на сиромашните како жртвен принос да принесуваат птици наместо овца, која била поскапа. Тој е обѕирен кон сиромашните.
СВЕТОСТА МОРА ДА СЕ ОДРЖУВА
Најважните жртви за грев се принесувале на годишниот Ден на искупување. Се принесувал бик за свештениците и за Левиевото племе. За несвештеничките израелски племиња се жртвувал јарец. Друг јарец бил пуштан жив во пустелијата откако над него ќе биле кажани гревовите на народот. Двата јарци се сметале како една жртва за грев. Сето ова укажувало на фактот дека Исус Христос ќе биде жртвуван и дека ќе ги понесе гревовите.
Одредбите во врска со јадењето месо и со други работи ја нагласуваат потребата од светост кога го обожаваме Јехова. Соодветно, свештениците требало да бидат свети. Трите годишни празници биле прилика за голема радост и оддавање благодарност на Творецот. Јехова му дал на својот народ и одредби во врска со злоупотребата на неговото свето име, одбележувањето на Сабатот и Јубилејот, однесувањето со сиромашните и со робовите. Благословите што ќе произлезат од послушноста кон Бог се ставени наспроти проклетствата што ќе дојдат од непослушноста. Исто така, има одредби за приноси во врска со завети и проценки, за првородените од добитокот и за давањето десеток како „Господова светина“.
Одговорени библиски прашања:
16:29 [NW] — Во која смисла требало Израелците ‚да ги жалостат своите души‘? Оваа постапка, која се извршувала на Денот на искупувањето, се однесувала на барањето простување за гревовите. Изгледа дека постењето во тоа време било поврзана со признавањето на грешноста. Тогаш, најверојатно ‚жалостењето на душата‘ се однесувало на постењето.
19:27 [NW] — Што се мисли со заповедта да не се ‚стрижи косата во круг околу слепоочниците‘ или да не се ‚нагрдуваат краевите на брадата‘? Изгледа дека овој закон бил даден за да ги спречи Евреите да си ги средуваат брадите или косите на начин со кој би имитирале извесни пагански практики (Еремија 9:25, 26; 25:23; 49:32). Меѓутоа, Божјата заповед не значела дека Евреите воопшто не требало да си ги средуваат брадите или влакната на лицето (2. Самоил 19:24).
25:35—37 — Дали секогаш било погрешно Израелците да земаат камата? Ако парите биле дадени како заем за деловни зделки, оној што го давал заемот можел да бара камата. Меѓутоа, Законот забранувал да се зема камата за заеми што биле дадени за да му се помогне на некој сиромашен. Било погрешно да се заработува на сметка на тешката економска положба на ближниот (Излез 22:25).
26:19 — На кој начин може ‚небото да стане како железо, а земјата како бакар‘? Поради недостиг од врнежи, небото над хананската земја би личело на тврдо, непорозно железо. Без дожд, земјата би била со бакарна боја и би имала метален сјај.
26:26 — Што се мисли со тоа што ‚десет жени печат леб во една печка‘? Обично, за да пече нешто на секоја жена би ѝ требала една печка. Но, овие зборови укажуваат на толку голем недостиг од храна што една печка би била доволна за во неа да печат десет жени. Ова била една од претскажаните последици од пропустот да се задржи светост.
Поуки за нас:
20:9. Злобен дух, полн со омраза, во Јеховини очи било нешто исто толку лошо колку и убиство. Затоа, за некој кој би ги навредил своите родители, тој одредил иста казна како и за некој што би ги убил. Зарем ова не треба да нѐ поттикне да покажуваме љубов кон соверниците? (1. Јованово 3:14, 15).
22:32; 24:10—16, 23. Јеховиното име не смее да се срамоти. Напротив, мораме да го фалиме неговото име и да се молиме да биде посветено (Псалм 7:17; Матеј 6:9).
КАКО ВЛИЈАЕ ЛЕВИТ НА НАШЕТО ОБОЖАВАЊЕ
Јеховините сведоци денес не живеат под Законот (Галатите 3:23—25). Меѓутоа, бидејќи она што е кажано во Левит ни дава увид во Јеховиното гледиште за многу работи, сепак може да влијае на нашето обожавање.
Додека го читаш седмичниот библиски извештај како подготовка за Теократската школа за служба, без сомнение ќе бидеш воодушевен од фактот дека нашиот Бог бара светост од своите слуги. Оваа библиска книга, исто така, може да те поттикне да му го даваш своето најдобро на Севишниот, секогаш задржувајќи светост со која ќе му донесеш фалба.
[Слика на страница 21]
Жртвите што биле принесувани под Законот укажувале на Исус Христос и на неговата жртва
[Слика на страница 22]
Празникот на бесквасни лебови бил настан на голема радост
[Слика на страница 23]
Годишните празници, како празникот Сеници, биле настани за да му изрази благодарност на Јехова