„Дом за молитва на сите народи“
„Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘“ (МАРКО 11:17).
1. Каков однос со Бог уживале Адам и Ева во почетокот?
КОГА Адам и Ева биле создадени, тие уживале близок однос со својот небесен Татко. Јехова Бог комуницирал со нив и укажал на својата прекрасна намера со човечкиот род. Сигурно, тие честопати биле поттикнувани да извикуваат фалби на Јехова поради неговите величествени дела на создавањето. Ако на Адам и на Ева им требало водство додека размислувале за нивната улога како иден татко и мајка на човечкото семејство, тие можеле да му пристапат на Бог од кое било место во нивниот Рајски дом. Не им биле потребни службите на некој свештеник во храм (1. Мојсеева 1:28).
2. Каква промена се случила кога Адам и Ева направиле грев?
2 Ситуацијата се променила кога еден бунтовен ангел ја завел Ева да мисли дека нејзината ситуација во животот би се подобрила доколку ја отфрли Јеховината сувереност, наведувајќи дека таа ќе биде ‚како бог‘. Затоа, Ева јадела од плодот на дрвото за кое Бог поставил забрана. Тогаш Сатана ја употребил Ева за да го искуша нејзиниот сопруг. Трагично е што Адам ја послушал својата грешна сопруга, покажувајќи дека повеќе го цени својот однос со неа отколку својот однос со Бог (1. Мојсеева 3:4—7). Всушност, Адам и Ева го избрале Сатана за свој бог. (Спореди 2. Коринтјаните 4:4.)
3. Кои биле лошите последици од побуната на Адам и Ева?
3 Со она што го направила, првата човечка двојка го изгубила не само својот скапоцен однос со Бог туку и изгледот да живеат засекогаш во еден земен рај (1. Мојсеева 2:16, 17). Нивните грешни тела на крајот се расипале сѐ додека тие не умреле. Нивното потомство ја наследило оваа грешна состојба. „По таков начин“, објаснува Библијата, „и смртта премина на сите луѓе“ (Римјаните 5:12).
4. Каква надеж му понудил Бог на грешното човештво?
4 Било потребно нешто кое ќе го помири грешното човештво со својот свет Творец. Кога ги осудувал Адам и Ева, Бог му дал надеж на нивното идно потомство, ветувајќи едно „семе“ кое ќе го спаси човештвото од последиците на Сатановата побуна (1. Мојсеева 3:15, НС). Подоцна, Бог открил дека Семето на благословот ќе дојде преку Авраам (1. Мојсеева 22:18). Имајќи ја на ум оваа намера полна со љубов, Бог ги избрал Авраамовите потомци, Израелците, да станат негова избрана нација.
5. Зошто треба да бидеме заинтересирани во подробности за Божјиот сојуз на Законот со Израел?
5 Во 1513 година пр. н. е., Израелците стапиле во еден сојузен однос со Бог и се согласиле да ги слушаат неговите закони. Тој сојуз на Законот би требало да биде од голем интерес за сите оние кои денес сакаат да го обожаваат Бог, бидејќи укажувал на ветеното Семе. Павле рекол дека тој содржел ‚сенка на идните добра‘ (Евреите 10:1). Кога ја дал оваа изјава, Павле дискутирал за службата на израелските свештеници во еден подвижен табернакул, односно шатор за обожавање. Тој бил наречен ‚храм Господов‘ или ‚дом Господов‘ (1. Царства 1:9, 24). Ако ја испитаме светата служба што се извршувала во Јеховиниот земен дом, можеме попотполно да ја цениме милосрдната подготовка преку која грешните луѓе денес можат да бидат помирени со Бог.
Најсветата светиња
6. Што било сместено во Најсветата светиња, и како било претставено Божјето присуство таму?
6 „Севишниот не живее во ракотворни храмови“ — наведува Библијата (Дела 7:48). Меѓутоа, Божјето присуство во неговиот земен дом било претставено преку еден облак во највнатрешното одделение, наречено Најсвета светиња (3. Мојсеева 16:2). Очигледно, овој облак сјајно светел, обезбедувајќи светлина во Најсветата светиња. Бил поставен над еден свет ковчег, наречен „ковчег на сведоштвото“, што содржел камени плочи на кои биле изгравирани некои од заповедите што Бог му ги дал на Израел. На поклопецот од Ковчегот имало два златни херувима со раширени крилја, кои претставувале духовни суштества од висок ранг во Божјата небесна организација. Чудесниот облак од светлина бил сместен над поклопецот и меѓу херувимите (2. Мојсеева 25:22). Тоа го илустрирало Семоќниот Бог, кој е устоличен на една небесна кочија што ја поддржуваат живи херувими (1. Летописи 28:18). Тоа објаснува зошто цар Језекиј се молел: „Господи Саваоте, Боже Израилев, Кој седиш на херувими!“ (Исаија 37:16).
Светињата
7. Какви предмети се наоѓале во Светињата?
7 Второто одделение од табернакулот бил наречен Светиња. Внатре во овој дел, лево од влезот стоел еден прекрасен седмокрак светилник, а оддесно имало една маса за лебови за предложение. Право напред стоел еден олтар од кој се кревал мирис на запален темјан. Тој бил сместен пред една завеса која ја одделувала Светињата од Најсветата светиња.
8. Какви должности свештениците редовно извршувале во Светињата?
8 Секое утро и секоја вечер, еден свештеник требало да влезе во табернакулот и да запали темјан на олтарот за темјан (2. Мојсеева 30:7, 8). Наутро, додека горел темјанот, седумте светилки што стоеле на златниот светилник морало да се дополнат со масло. Навечер, светилките биле палени за да даваат светлина за Светињата. Секој Сабат, еден свештеник морал да стави 12 свежи лебови на масата за лебови за предложение (3. Мојсеева 24:4—8).
Дворот
9. За каква цел служел леѓенот со вода, и каква поука можеме да извлечеме од ова?
9 Табернакулот имал и еден двор, опколен со ограда од шаторски платна. Во овој двор имало голем леѓен каде што свештениците си ги миеле рацете и нозете пред да влезат во Светињата. Исто така, морале да се измијат пред да ги принесат жртвите на олтарот што бил сместен во дворот (2. Мојсеева 30:18—21). Ова барање за чистота претставува силен потсетник за денешните Божји слуги дека мораат да се стремат кон физичка, морална, ментална и духовна чистота доколку сакаат нивното обожавање да биде прифатливо за Бог (2. Коринтјаните 7:1). Со текот на времето, дрвата за огнот на олтарот и водата за леѓенот ги набавувале неизраелски храмски робови (Исус Навин 9:27).
10. Кои биле некои од приносите што се давале на жртвениот олтар?
10 Секое утро и секоја вечер, на олтарот бил изгоруван млад жртвен овен, заедно со принос од жито и течност (2. Мојсеева 29:38—41). На посебни денови биле принесувани други жртви. Понекогаш, жртвата морало да се принесе поради некој специфичен личен грев (3. Мојсеева 5:5, 6). Во други времиња, некој Израелец можел доброволно да принесе заедничка жртва, од која едни делови ги јаделе свештениците и оној кој го давал приносот. Тоа означувало дека човечките грешници можеле да имаат мир со Бог и, така да се каже, да уживаат еден оброк со него. Дури и некој странски доселеник можел да стане обожавател на Јехова и да ја има предноста да принесе доброволни приноси во Неговиот дом. Но, за да покажат должна чест кон Јехова, свештениците можеле да прифатат само приноси од најдобар квалитет. Брашното од житните приноси морало да биде фино сомелено, а животните за жртва морале да бидат без никаква маана (3. Мојсеева 2:1, НС; 22:18—20; Малахија 1:6—8).
11. а) Што се правело со крвта на животинските жртви, и на што укажувало тоа? б) Какво е Божјето гледиште и за човечката и за животинската крв?
11 Крвта од овие жртви била донесувана на олтарот. Тоа служело како секојдневен потсетник за нацијата дека се грешници на кои им треба откупител, чија пролеана крв ќе може трајно да ги измири нивните гревови и да ги спаси од смрт (Римјаните 7:24, 25; Галатјаните 3:24; спореди Евреите 10:3). Оваа света употреба на крвта исто така ги потсетувала Израелците дека крвта претставува живот и дека животот му припаѓа на Бог. Секоја друга употреба на крв од страна на луѓето секогаш била забранувана од Бог (1. Мојсеева 9:4; 3. Мојсеева 17:10—12; Дела 15:28, 29).
Денот на помирување
12, 13. а) Што претставувал Денот на помирување? б) Што морал свештеникот да стори за да може да ја донесе крвта во Најсветата светиња?
12 Еднаш годишно, на денот наречен Ден на помирување, целата израелска нација, вклучувајќи ги и странските доселеници кои го обожавале Јехова, морале да прекинат со секаква работа и морале да постат (3. Мојсеева 16:29, 30). На овој важен ден, на еден илустративен начин нацијата била исчистена од грев за да ужива мирољубиви односи со Бог уште една година. Да си ја замислиме сцената и да разгледаме некои од врвните точки.
13 Првосвештеникот се наоѓа во дворот на табернакулот. Откако се измил кај леѓенот со вода, коле еден бик за жртва. Крвта на бикот се истура во една чинија; таа ќе биде употребена на посебен начин за да се помират гревовите на свештеничкото племе Леви (3. Мојсеева 16:4, 6, 11). Но, пред да продолжи со жртвата, првосвештеникот мора да стори нешто. Во една кадилница тој зема миризлив темјан во еден златен сад за темјан и усвитен јаглен од олтарот. Сега влегува во Светињата и оди кон завесата од Најсветата светиња. Полека оди зад завесата и застанува пред ковчегот на сојузот. Потоа, сокриен од видот на кој и да е друг човек, истура темјан врз усвитениот јаглен, а Најсветата светиња се исполнува со облак од пријатен мирис (3. Мојсеева 16:12, 13).
14. Зошто морал првосвештеникот да влезе во Најсветата светиња со крвта на две различни животни?
14 Сега Бог е спремен да покаже милост и да биде смилостивен на еден илустративен начин. Од оваа причина, поклопецот од Ковчегот бил наречен „седиште на милоста“ или „поклопец на помирување“ (Евреите 9:5, НС, фуснота). Првосвештеникот излегува од Светињата над светињите, ја зема крвта на бикот и повторно влегува во Најсветата светиња. Како што било заповедано во Законот, тој го намакува прстот во крвта и седумпати попрскува пред поклопецот на Ковчегот (3. Мојсеева 16:14). Потоа се враќа во дворот и коле еден јарец, кој е принос за грев ‚за народот‘. Донесува малку од крвта на јарецот во Најсветата светиња и со неа го прави истото како со крвта на бикот (3. Мојсеева 16:15). На Денот на помирување имало и други важни служби. На пример, првосвештеникот морал да ги положи рацете на главата на еден втор јарец и врз него да ги исповеда ‚беззаконијата [грешките, НС] на синовите Израилеви‘. Овој жив јарец потоа бил одведуван во пустината за, во симболична смисла, да ги однесе гревовите на нацијата. На овој начин, секоја година било правено помирување „за свештениците и за сиот собран народ“ (3. Мојсеева 16:16, 21, 22, 33).
15. а) На кој начин Соломоновиот храм бил сличен со табернакулот? б) Што кажува книгата Евреите за светата служба што се вршела и во табернакулот и во храмот?
15 Во првите 486 години од историјата на Израел како Божји сојузен народ, подвижниот табернакул им служел како место за обожавање на нивниот Бог, Јехова. Потоа, на Соломон од Израел му била дадена предноста да изгради трајна градба. Иако овој храм требало да биде поголем и поразработен, божествено дадениот план го следел истиот модел како оној на табернакулот. Како табернакулот, и тој илустрирал една поголема, поделотворна подготовка за обожавање која Јехова ќе ‚ја воздигне, а не човек‘ (Евреите 8:2, 5; 9:9, 11).
Првиот храм и вториот
16. а) Какво барање полно со љубов изнел Соломон кога свечено го отворал храмот? б) На кој начин Јехова покажал дека ја прифаќа Соломоновата молитва?
16 Кога свечено го отворал тој славен храм, Соломон ја вклучил следнава инспирирана молба: „Дури и туѓинецот, што не е од Твојот народ Израилот, кога ќе дојде од далечна земја поради Твоето големо име, . . . , — дојде и се помоли, во овој храм, чуј од небото, од местото на Твоето живеалиште, и направи сѐ, за кое туѓинецот ќе Те призове, та сите земни народи да го познаат Твоето име и да се плашат од Тебе, како и Твојот народ Израилот, и да знаат, дека овој дом, што јас го изградив, е наречен на Твое име“ (2. Летописи 6:32, 33). На еден непогрешлив начин, Бог покажал дека ја прифаќа Соломоновата молитва при свеченото отворање. Молња од оган паднала од небото и ги изгорела животинските жртви на олтарот, а Јеховината слава го исполнила храмот (2. Летописи 7:1—3).
17. Што се случило на крајот со храмот што го изградил Соломон, и зошто?
17 За жал, Израелците го изгубиле својот здрав страв од Јехова. Со текот на времето, го осквернувале неговото велико име преку дела на крвопролевање, идолопоклонство, прељуба, инцест и лошо постапување со сирачињата, вдовиците и туѓинците (Језекиил 22:2, 3, 7, 11, 12, 26, 29). Затоа, во 607 година пр. н. е., Бог извршил пресуда со тоа што ги довел вавилонските војски за да го уништат храмот. Преживеаните Израелци биле одведени во заробеништво во Вавилон.
18. Какви предности во вториот храм им се отвориле на некои неизраелски мажи кои со цело срце го поддржувале обожавањето на Јехова?
18 По 70 години, еден покајнички еврејски остаток се вратил во Ерусалим и му била дадена предноста повторно да го изгради Јеховиниот храм. Интересно е што имало недостиг на свештеници и левити за да служат во овој втор храм. Како резултат на тоа, на Нетинејците, кои воделе потекло од неизраелски храмски робови, им биле дадени поголеми предности како слуги во Божјиот дом. Меѓутоа, тие никогаш не станале еднакви со свештениците и левитите (1. Ездра 7:24; 8:17, 20).
19. Какво ветување дал Бог во врска со вториот храм, и како се обистиниле овие зборови?
19 Отпрвин се чинело дека вториот храм нема да биде ништо во споредба со поранешниот (Агеј 2:3). Но, Јехова ветил: „Ќе ги стресам сите народи — и ќе дојде Оној, Кого Го бараат сите народи [и мораат да дојдат пожелните работи од сите нации, НС] и ќе се исполни овој Дом со слава . . . Славата на овој последен храм ќе биде поголема отколку на поранешниот“ (Агеј 2:7, 9). Доследно на овие зборови, вториот храм стекнал поголема слава. Тој траел 164 години подолго и многу повеќе обожаватели од многу повеќе земји се слеале во неговите дворови. (Спореди Дела 2:5—11.) Реновирањето на вториот храм започнало во деновите на царот Ирод, а неговите дворови биле зголемени. Возвишен на една масивна камена платформа и опкружен со прекрасни колонади, по величественоста му конкурирал на првобитниот храм изграден од Соломон. Вклучувал еден голем, надворешен двор за луѓето од нациите кои сакале да го обожаваат Јехова. Една камена преграда го одвојувала Дворот на паганите од внатрешните дворови резервирани само за Израелците.
20. а) Која истакната особеност го одликувала обновениот храм? б) Што покажало дека Евреите неисправно гледале на храмот, и што сторил Исус во одговор на тоа?
20 Овој втор храм ја уживал големата одлика што во неговите дворови поучувал Божјиот Син, Исус Христос. Но, како и со првиот храм, Евреите, општо земено, немале исправно гледиште за својата предност да бидат чувари на Божјиот дом. Па, тие дури им дозволувале на трговците да прават бизнис во дворот на паганите. Освен тоа, на луѓето им било дозволувано да го користат храмот како пократок пат кога пренесувале предмети низ Ерусалим. Четири дена пред својата смрт, Исус го исчистил храмот од таквите световни практики, додека велел: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘; а вие го направивте како разбојничко гнездо“ (Марко 11:15—17).
Бог засекогаш го отфрла својот земен дом
21. Што покажал Исус во врска со ерусалимскиот храм?
21 Поради Исусовата смела постапка во поддршка на Божјето чисто обожавање, еврејските верски водачи биле решени да го убијат (Марко 11:18). Знаејќи дека наскоро ќе биде убиен, Исус им рекол на еврејските верски водачи: „Ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:37, 38). Со тоа покажал дека наскоро Бог повеќе нема да го прифаќа обликот на обожавање што се практикувал во материјалниот храм во Ерусалим. Тој повеќе немало да биде „дом за молитва на сите народи“. Кога неговите ученици му укажале на Исус на величествените храмски градби, тој рекол: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни камен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат“ (Марко 13:1, 2).
22. а) Како се исполниле Исусовите зборови за храмот? б) Наместо да ги сосредоточуваат своите надежи на некој земен град, што барале раните христијани?
22 Исусовото пророштво се исполнило 37 години подоцна, во 70 година н. е., кога римските војски го уништиле Ерусалим и неговиот храм. Тоа дало драматичен доказ дека Бог навистина го отфрлил својот материјален дом. Исус никогаш не претскажал повторно градење на друг храм во Ерусалим. Во врска со тој земен град, апостол Павле им напишал на еврејските христијани: „Овде немаме постојанен град, туку го бараме оној, што ќе дојде“ (Евреите 13:14). Раните христијани копнежливо очекувале да станат дел од „небесниот Ерусалим“ — Божјето Царство слично на град (Евреите 12:22). На тој начин, вистинското обожавање на Јехова повеќе не е сосредоточено околу некаков дословен храм на Земјата. Во нашата следна статија ќе ја разгледаме понадмоќната подготовка што Бог ја востановил за сите оние кои сакаат да го обожаваат „со дух и со вистина“ (Јован 4:21, 24).
Прашања за повторување
◻ Кој однос со Бог го изгубиле Адам и Ева?
◻ Зошто би требало да нѐ интересираат карактеристиките на табернакулот?
◻ Што учиме од активностите во дворот на табернакулот?
◻ Зошто Бог дозволил да биде уништен неговиот храм?
[Слики на страници 10 и 11]
Храмот што го обновил Ирод
1. Најсвета светиња
2. Светиња
3. Олтар за жртви паленици
4. Леано море
5. Дворот на свештениците
6. Дворот на Израел
7. Дворот на жените