„О, колку го љубам твојот закон!“
„О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него“ (ПСАЛМ 119:97).
1, 2. а) Во каква ситуација се нашол вдахновениот писател на 119. Псалм? б) Како реагирал, и зошто?
ПИСАТЕЛОТ на 119. Псалм бил во тешка неволја. Горделивите непријатели што го игнорирале Божјиот закон му се потсмевале и го клеветеле. Кнезовите зборувале против него и го прогонувале. Бил опкружен со злобни луѓе и животот му бил во опасност. Поради сево ова ‚ронел солзи од тага‘ (Псалм 119:9, 23, 28, 51, 61, 69, 85, 87, 161). И покрај ваквата неволја, псалмистот пеел: „О, колку го љубам Твојот Закон, по цел ден размислувам за него“ (Псалм 119:97).
2 Ќе биде добро да се прашаш: „Како можел Божјиот закон да му биде извор на утеха на псалмистот?“ Она што го крепело била довербата дека Јехова се грижи за него. Псалмистот се радувал кога ќе помислел колку му користи применувањето на тој закон, и покрај тоа што доживувал неволји од своите противници. Бил свесен дека Јехова постапувал милостиво со него. Освен тоа, бидејќи го прифатил водството од Божјиот закон, псалмистот станал помудар од своите непријатели, па дури и си го спасил животот. Бидејќи му бил послушен на законот, имал мир и чиста совест (Псалм 119:1, 9, 65, 93, 98, 165).
3. Зошто на христијаните денес не им е лесно да живеат во склад со Божјите мерила?
3 И некои од Божјите слуги денес минуваат низ тешки испити на верата. Можеби не се соочуваме со криза во која ни е во опасност животот, како што било случај со псалмистот, но живееме во ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘. Многу луѓе со кои секојдневно доаѓаме во контакт не ги ценат духовните работи — нивните цели се себични и материјалистички, а нивниот став е арогантен и без никакво почитување (2. Тимотеј 3:1-5). Младите христијани редовно мораат да се соочуваат со ситуации во кои е ставен на испит нивниот морал. Во една таква средина, можеби е тешко да ја задржиме љубовта кон Јехова и кон она што е исправно. Како можеме да се заштитиме?
4. Како покажал псалмистот ценење за Божјиот закон, и дали и христијаните треба да го прават истото?
4 Една работа што му помогнала на псалмистот да ги издржи притисоците што ги доживувал било тоа што одвојувал време со ценење да размислува за Божјиот закон. На тој начин го засакал законот. Всушност, речиси секој стих на 119. Псалм спомнува по некој аспект од Јеховиниот закон.a Христијаните денес не се обврзани да го држат Мојсеевиот закон, кој Бог му го дал на древниот Израел (Колошаните 2:14). Меѓутоа, начелата што се изнесени во тој Закон имаат трајна вредност. Тие биле утеха за псалмистот, како што можат да бидат утеха и за Божјите слуги што водат тешка борба да излезат на крај со проблемите на современиот живот.
5. Кои аспекти од Мојсеевиот закон ќе ги разгледаме?
5 Да видиме како можат да нѐ охрабрат три аспекта на Мојсеевиот закон: саботата, т.е. денот за одмор, доприбирањето и заповедта против лакомоста. Во секој од овие случаи ќе откриеме дека, за да можеме да се соочиме со проблемите што се вообичаени во нашево време, многу е важно да ги сфатиме начелата што стојат зад овие закони.
Задоволување на нашите духовни потреби
6. Кои многу важни потреби ги имаат сите луѓе?
6 Луѓето биле создадени со многу потреби. На пример, неопходни ни се храна, пиење и кров над глава за да задржиме добро физичко здравје. Сепак, човекот мора да се погрижи и за своите „духовни потреби“. Нема да биде вистински среќен ако не го направи тоа (Матеј 5:3). Јехова сметал дека е толку важно да се задоволат овие вродени потреби што му заповедал на својот народ да ја прекине својата вообичаена работа еден цел ден секоја седмица за да им се посвети на духовните работи.
7, 8. а) Каква разлика направил Бог помеѓу саботата и другите денови? б) За каква цел послужила саботата?
7 Со саботата било нагласено колку се важни духовните работи. Првиот пат кога во Библијата се спомнува зборот „сабота“ е во поврзаност со маната во пустината. На Израелците им било речено шест дена да го собираат овој леб што го добиле преку чудо. Шестиот ден требало да соберат леб „за два дни“, бидејќи на седмиот ден немало да им биде даден. Седмиот ден требало да биде „сабота посветена на Господа“, во која секој требало да остане дома (Излез 16:13-30). Со една од Десетте заповеди се забранувало да се работи во сабота. Тој ден бил свет. Оној што не се придржувал за тој закон бил казнуван со смрт (Излез 20:8-11; Броеви 15:32-36).
8 Законот за саботата покажал дека Јехова се грижи и за физичкото и за духовното добро на својот народ. „Сабатот настана поради човекот“, рекол Исус (Марко 2:27). Тогаш Израелците не само што можеле да се одморат туку имале можност и да му се приближат на својот Творец и да покажат дека го сакаат (Второзаконие 5:12). Тој ден бил посветен само на духовните работи. Во тоа спаѓало да го обожаваат Бог како семејство, да се молат, и да размислуваат за Божјиот закон. Законот за саботата ги спречувал Израелците да го користат сето свое време и енергија на материјални работи. Саботата ги потсетувала дека нивниот однос со Јехова е најважната работа во нивниот живот. Исус го повторил тоа непроменливо начело кога рекол: „Напишано е: ‚Нема да живее човек само од леб туку и од секоја изјава што излегува од Јеховината уста‘“ (Матеј 4:4).
9. Што можат да научат христијаните од законот за саботата?
9 Од Божјиот народ повеќе не се бара да држи дословен ден на одмор од 24 часа, но законот за саботата е нешто повеќе отколку само дел од историјата (Колошаните 2:16). Зар тоа не нѐ потсетува дека и ние треба на прво место да ги ставиме духовните активности? Светите активности не треба да бидат потиснати од грижите за материјалните работи или од рекреацијата (Евреите 4:9, 10). Затоа, би можеле да се прашаме: „Што е на прво место во мојот живот? Дали на прво место ми е проучувањето, молитвата, христијанските состаноци и проповедањето на добрата вест за Царството? Или други работи ги потиснуваат овие активности?“ Ако на прво место во животот ни се духовните работи, Јехова нѐ уверува дека нема да останеме без најосновните работи во животот (Матеј 6:24-33).
10. Како може да ни користи тоа што ќе посветуваме време за духовните работи?
10 Времето што го посветуваме за проучување на Библијата и на библиските публикации, како и за длабоко размислување за нивната порака, може да ни помогне да се зближиме со Јехова (Јаков 4:8). Сузана, која пред околу 40 години почнала да одвојува време за редовно да ја проучува Библијата, признава дека во почетокот тоа не ѝ било баш интересно. Ѝ било тешко да проучува. Но, колку повеќе читала, толку повеќе уживала во тоа. Сега многу ѝ недостига проучувањето ако, од некоја причина, не успее да проучува. „Проучувањето ми помогна да гледам на Јехова како на свој Татко“, вели таа. „Можам да имам доверба во него, да се потпирам на него и слободно да му се молам. Навистина е прекрасно да се види колку Јехова ги сака своите слуги, како се грижи за мене лично и што прави за мене.“ Ќе чувствуваме голема радост ако редовно ги задоволуваме своите духовни потреби!
Божјиот закон за доприбирање
11. Како функционирал законот за доприбирање?
11 Уште еден аспект на Мојсеевиот закон од кој се гледала Божјата грижа за доброто на неговиот народ било правото да се доприбира. Како што заповедал Јехова, кога некој земјоделец во Израел го собирал родот од своето поле, на сиромашните требало да им биде дозволено да го дособерат она што ќе го оставеле жетварите. Земјоделците не требало целосно да ги жнеат краевите на нивите ниту да го дособираат грозјето или маслинките што преостанале. Не требало да се враќаат за да ги земат сноповите жито што случајно биле оставени на полињата. Овој закон обѕирно бил даден за доброто на сиромашните, дојденците, сирачињата и вдовиците. Точно е дека тие требало напорно да работат додека доприбирале, но само така немало да се најдат во ситуација да просат (Левит 19:9, 10; Второзаконие 24:19-22; Псалм 37:25).
12. Каква можност им давал на земјоделците законот за доприбирање?
12 Законот за доприбирање не пропишувал колку род требало земјоделците да остават за сиромашните. Од нив зависело дали краевите со неожнеано жито по должината на меѓите на нивите ќе бидат широки или тесни. На овој начин законот ги учел Израелците на дарежливост. Им давал можност на земјоделците да покажат ценење за Оној што ја дал жетвата, бидејќи „кој е милостив кон бедниот Го почитува [неговиот Творец]“ (Пословици 14:31). Воз бил еден таков човек. Тој љубезно се погрижил Рут, вдовица што доприбирала на неговите ниви, да собира големо количество жито. Јехова богато го наградил Воз за неговата дарежливост (Рута 2:15, 16; 4:21, 22; Пословици 19:17).
13. Што учиме од древниот закон за доприбирање?
13 Начелото што стои зад законот за доприбирање не се променило. Јехова очекува од своите слуги да бидат дарежливи, особено кон сиромашните. Колку подарежливи сме, толку повеќе ќе бидеме благословени. „Давајте, и луѓето ќе ви даваат вам“, рекол Исус. „Ќе ви сипат во скутовите добра мера, набиена, стресена и преполна. Зашто со каква мера мерите, со таква за возврат ќе ви се мери“ (Лука 6:38).
14, 15. Како можеме да покажеме дарежливост, и како ќе ни користи тоа и нам и на оние на кои им помагаме?
14 Апостол Павле препорачал „да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10). Затоа, сигурно треба да водиме сметка нашите сохристијани да добијат духовна помош секогаш кога ќе се соочат со испити на нивната вера. Но, дали можеби ќе треба да им помогнеме и практично, на пример, да ги однесеме до Салата на Царството или да им пазаруваме? Дали во твоето собрание има лица што се постари, болни, или што не смеат да излегуваат од дома, кои ќе бидат многу благодарни ако некој ги охрабри со својата посета или ако им помогне? Ако се потрудиме да ги увидиме нивните потреби, Јехова ќе може да нѐ употреби за да одговори на молитвите на некој што е во неволја. Иако како христијани имаме обврска да се грижиме еден за друг, тоа што се грижиме за другите ќе ни помогне и лично нам. Покажувањето искрена љубов кон некој сохристијанин е извор на голема радост и длабоко задоволство и ни носи наклоност од Јехова (Пословици 15:29).
15 Друг важен начин на кој христијаните покажуваат несебичен став е да го користат своето време и енергија за да им кажуваат на другите за Божјите намери (Матеј 28:19, 20). Секој што имал можност да помогне некому да стане слуга на Јехова знае колку се вистинити Исусовите зборови: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
Да се чуваме од алчноста
16, 17. Што било забрането со десеттата заповед, и зошто?
16 Третиот аспект на законот што Бог му го дал на Израел и ќе го разгледаме сега е десеттата заповед, со која се забранувала лакомоста. Законот гласел: „Не ќе го посакуваш домот на твојот ближен! Не ќе ги посакуваш: жената на твојот ближен, ни неговиот слуга, ниту неговата слугинка, ни неговиот вол, ниту неговото осле, ни што и да е што му припаѓа на твојот ближен!“ (Излез 20:17). Ниеден човек не би можел да воведе една таква заповед, бидејќи никој не може да ги чита срцата на другите луѓе. Меѓутоа, оваа заповед го воздигнувала Законот на повисоко ниво од човечката правда. Со него, секој Израелец бил свесен дека е директно одговорен пред Јехова, кој може да ги чита склоностите на срцето (1. Самоил 16:7). Освен тоа, со оваа заповед се допрело до самиот корен на многу незаконски дела (Јаков 1:14).
17 Законот против лакомоста го охрабрил Божјиот народ да се чува од материјализам, алчност и мрморење во врска со своите околности во животот. Исто така, ги чувал од искушението да извршат кражба или неморал. Секогаш ќе има такви што ќе имаат материјални поседи на кои им се восхитуваме или што на еден или на друг начин изгледа се поуспешни од нас. Ако не го контролираме своето размислување во таквите ситуации, би можеле да станеме несреќни и да почнеме да им завидуваме на другите. Библијата вели дека лакомоста е израз на „неодобрена умствена состојба“. Многу подобро ќе ни биде ако не сме лакоми (Римјаните 1:28-30).
18. Каков дух владее во светот денес, и какво негативно влијание може да има тој?
18 Духот што владее во светот денес поттикнува на материјализам и конкуренција. Преку рекламирањето, трговијата раѓа желба за нови производи и честопати ја пренесува идејата дека нема да бидеме среќни ако не ги купиме. Токму таков дух осудувал Јеховиниот закон. Слична на таквиот дух е и желбата да се напредува во животот по секоја цена и да се трупа богатство. Апостол Павле опоменал: „Оние кои се решени да се збогатат, паѓаат во искушение и замка и во бројни безумни и штетни желби, кои ги туркаат луѓето во уништување и пропаст. Зашто љубовта кон парите е корен на секакви штетни работи, и тежнеејќи по оваа љубов некои биле одвлечени од верата и се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10).
19, 20. а) Што има вистинска вредност во очите на оној што навистина го сака Јеховиниот закон? б) За што ќе зборуваме во следната статија?
19 Оние што го сакаат Божјиот закон ги препознаваат опасностите од материјалистичкиот дух и се заштитени од него. На пример, псалмистот го молел Јехова: „Приклони ми го срцето кон Твоите прописи, а не кон среброљубие! Помил ми е Законот на Твојата уста, отколку илјади златници и сребреници“ (Псалм 119:36, 72). Тоа што ќе се увериме во вистинитоста на овие зборови ќе ни помогне да ја задржиме рамнотежата што е потребна за да ги избегнеме замките на материјализмот, алчноста и незадоволството од нашите околности во животот. ‚Побожната оддаденост‘, а не трупањето поседи, е клучот за најголемата можна добивка (1. Тимотеј 6:6).
20 Начелата што стојат зад Законот што Јехова му го дал на древниот Израел се скапоцени во нашиве тешки времиња исто како што биле скапоцени и тогаш кога Јехова му го дал Законот на Мојсеј. Колку повеќе ги применуваме овие начела во животот, толку повеќе ќе ги сфатиме, ќе ги сакаме и ќе бидеме посреќни. Законот содржи многу скапоцени поуки за нас, а животот и искуствата на библиските личности служат како драматични опомени за нивната вредност. За некои од нив ќе поразговараме во следната статија.
[Фуснота]
a Сите освен 4 од 176-те стихови во овој псалм ги спомнуваат Јеховините заповеди, праведни закони, наредби, уредби, опомени, зборови, одредби, патишта или реч.
Како би одговорил?
• Зошто писателот на 119. Псалм го сакал Јеховиниот закон?
• Што можат да научат христијаните од саботата?
• Каква трајна вредност има Божјиот закон за доприбирање?
• Како нѐ штити заповедта против лакомоста?
[Слика на страница 21]
Што било нагласено со законот за саботата?
[Слика на страница 23]
Што учиме од законот за доприбирање?