Јехова се грижи за вас
‚Сета своја тегобна грижа фрлете ја на [Бог], зашто тој се грижи за вас‘ (1. ПЕТРОВО 5:7).
1. Во кој важен аспект Јехова и Сатана се чиста спротивност еден на друг?
ЈЕХОВА и Сатана се чиста спротивност еден на друг. На секој што се чувствува привлечен кон Јехова, Ѓаволот може да му биде само одбивен. Оваа спротивност е истакната во еден стандарден прирачник. Во поглед на Сатановите активности што се изнесени во библиската книга Јов, Encyclopædia Britannica (1970) вели: ‚Задачата на Сатана е да талка низ земјата барајќи постапки или лица за кои ќе се даде неповолен извештај; така, неговата дејност е спротивна од онаа на ‚очите на Господа‘, кој бара низ земјата за да зајакне сѐ што е добро (II Лет. xvi, 9). Сатана е циничен во врска со несебичната човечка добрина и дозволено му е да ја испита со Божје овластување и под негова контрола и во рамките на границите што ги поставува Бог‘. Да, каква спротивност! (Јов 1:6—12; 2:1—7).
2, 3. а) Како е добро илустрирано значењето на зборот „Ѓавол“ во она што му се случило на Јов? б) Како покажува Библијата дека Сатана продолжува да ги обвинува Јеховините слуги на земјата?
2 Зборот „Ѓавол“ доаѓа од еден грчки збор што значи „лажен обвинител“, „клеветник“. Книгата Јов открива дека Сатана го обвинил Јеховиниот верен слуга Јов дека Му служи од личен интерес, велејќи: „Зар Јов се бои напразно од Бога?“ (Јов 1:9). Извештајот во книгата Јов покажува дека, и покрај испитите и искушенијата, Јов уште повеќе му се приближил на Јехова (Јов 10:9, 12; 12:9, 10; 19:25; 27:5; 28:28). По своето тешко искушение, тој му рекол на Бог: „Досега Те познавав само по слушање, но сега моите очи Те видоа“ (Јов 42:5).
3 Дали од времето на Јов Сатана престанал да ги обвинува Божјите верни слуги? Не. Книгата Откровение покажува дека во ова време на крајот, Сатана продолжува да ги обвинува Христовите помазани браќа и, сигурно, и нивните верни придружници (2. Тимотеј 3:12; Откровение 12:10, 17). Значи, итно е потребно сите ние како вистински христијани да му се подложиме на нашиот грижлив Бог, Јехова, служејќи му од длабока љубов и со тоа докажувајќи дека обвинението на Сатана е лажно. Правејќи го тоа ќе го радуваме Јеховиното срце (Пословици 27:11).
Јехова настојува да ни помогне
4, 5. а) За разлика од Сатана, што бара Јехова на земјата? б) За да ја искусиме Јеховината наклоност, што е потребно од наша страна?
4 Ѓаволот талка низ земјата, барајќи да обвини и да проголта некого (Јов 1:7, 9; 1. Петрово 5:8). Спротивно на тоа, Јехова настојува да им помогне на оние на кои им е потребна неговата сила. Пророкот Ананиј му рекол на цар Аса: „Господ гледа со своите очи по целата земја, за да се охрабрат оние на кои срцето им е искрено кон Него“ (2. Летописи 16:9). Колкава само разлика постои помеѓу Сатановото испитување полно со омраза и Јеховината грижа полна со љубов!
5 Јехова не нѐ шпионира за да ја фати секоја наша маана и пропуст. Псалмистот напишал: „Ако си спомнуваш, Господи, за гревот, Господи, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Одговорот се подразбира: никој (Проповедник 7:20). Ако му се приближиме на Јехова со цело срце, неговите очи ќе бидат врз нас, но не за да нѐ осуди туку за да ги набљудува нашите напори и за да одговори на нашите молитви за помош и простување. Апостол Петар напишал: „Очите на Јехова се насочени кон праведниците, а неговите уши кон нивното преколнување; но лицето на Јехова е против оние кои прават лоши работи“ (1. Петрово 3:12).
6. На кој начин случајот на Давид е и утеха и предупредување за нас?
6 Давид бил несовршен и направил тежок грев (2. Самоил 12:7—9). Но, тој му го излеал своето срце на Јехова и му се приближил во горлива молитва (Псалм 51:1—12, натпис). Јехова ја чул неговата молитва и му простил, иако Давид претрпел непријатни последици од својот грев (2. Самоил 12:10—14). За нас ова треба да биде и утеха и предупредување. Утешно е да се знае дека Јехова е спремен да ги прости нашите гревови ако навистина се каеме, но отрезнувачки е да сфатиме дека гревовите честопати носат тешки последици (Галатите 6:7—9). Ако сакаме да му се приближиме на Јехова, треба да се држиме колку што е можно подалеку од сѐ што не му е угодно (Псалм 97:10).
Јехова го привлекува кон себе својот народ
7. Какви луѓе будно бара Јехова и како ги привлекува кон себе?
7 Во еден од своите псалми, Давид напишал: „Вистина, Господ е возвишен, но гледа на смирените [понизниот, NW], а гордоста ја познава оддалеку“ (Псалм 138:6). Слично на ова, еден друг псалм гласи: „Кој е како Господ, нашиот Бог, Кој седи во висините и [се наведнува за да, NW] ги гледа, одозгора, небото и земјата? Го воздига бедниот од правот, го вади сиромашниот од калта“ (Псалм 113:5—7). Да, семоќниот Творец на универзумот се наведнува за да погледне долу на земјата, а неговите очи го гледаат „понизниот“, „бедниот“, луѓето што „тажат и плачат заради гнасностите што се прават“ (Езекиел 9:4). Тој ги привлекува таквите кон себе преку својот Син. Додека бил на земјата, Исус изјавил: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото кој ме испрати . . . Никој не може да дојде кај мене, ако не му е дадено од Таткото“ (Јован 6:44, 65).
8, 9. а) Зошто треба сите ние да дојдеме кај Исус? б) Што е толку извонредно во подготовката за откупнина?
8 Сите луѓе треба да дојдат кај Исус и да положат вера во откупната жртва затоа што се родени како грешници, отуѓени од Бог (Јован 3:36). Тие треба да се помират со Бог (2. Коринќаните 5:20). Бог не чекал грешниците да го молат да направи некоја подготовка за да можат да најдат мир со него. Апостол Павле напишал: „Бог ја препорачува својата љубов кон нас со тоа што Христос умре за нас додека уште бевме грешници. Зашто ако, кога бевме непријатели, се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син, многу повеќе сега кога сме помирени, ќе бидеме спасени преку неговиот живот“ (Римјаните 5:8, 10).
9 Апостол Јован ја потврдил извонредната вистина дека Бог ги помирува луѓето со себе, пишувајќи: „По тоа беше покажана Божјата љубов во нашиот случај, бидејќи Бог го испрати својот единороден Син во светот за преку него да добиеме живот. Љубовта се состои во ова, не дека ние го љубевме Бог, туку дека тој нѐ љубеше и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 4:9, 10). Иницијативата била од страна на Бог, а не од страна на човекот. Зарем не се чувствуваш привлечен кон еден Бог што покажал толкава љубов кон „грешници“, па дури и „непријатели“? (Јован 3:16).
Потреба да го бараме Јехова
10, 11. а) Што мораме да правиме за да го бараме Јехова? б) Како треба да гледаме на Сатановиот систем на работи?
10 Се разбира, Јехова не нѐ присилува да дојдеме кај него. Ние мораме да го бараме, ‚да го напипаме и навистина да го најдеме, иако, всушност, тој не е далеку од никого од нас‘ (Дела 17:27). Мораме да го признаеме Јеховиното право да бара подложност од нас. Ученикот Јаков напишал: „Подложете му се на Бог; а спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам. Исчистете ги рацете, грешници, и прочистете ги срцата, неодлучни“ (Јаков 4:7, 8). Не треба да се колебаме да заземеме цврст став против Ѓаволот, а на страната на Јехова.
11 Ова значи да се оддалечиме од Сатановиот злобен систем на работи. Јаков исто така напишал: „Зарем не знаете дека пријателството со светот е непријателство со Бог? Затоа, кој сака да биде пријател со светот, од себе прави непријател на Бог“ (Јаков 4:4). И обратно, ако сакаме да бидеме Јеховини пријатели, мораме да очекуваме Сатановиот свет да нѐ мрази (Јован 15:19; 1. Јованово 3:13).
12. а) Кои утешни зборови ги запишал Давид? б) Кое предупредување го дал Јехова преку пророкот Азариј?
12 Особено тогаш кога Сатановиот свет ни се спротивставува на некој посебен начин, треба да му пристапиме на Јехова во молитва, барајќи ја неговата помош. Давид, кој многу пати ја почувствувал Јеховината спасувачка рака, напишал за наша утеха: „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го признаваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува. Господ ги пази оние, кои Го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници“ (Псалм 145:18—20). Овој псалм покажува дека Јехова може да нѐ спаси кога секој од нас е ставен на испит и дека ќе го спаси својот народ колективно за време на „големата неволја“ (Откровение 7:14). Јехова ќе остане близу до нас ако и ние останеме близу до него. Воден од „Божјиот Дух“, пророкот Азариј навел нешто што можеме да го сметаме за општа вистина: „Господ е со вас, зашто вие сте со Него; и ако го барате, ќе Го најдете; ако Го оставите, и Тој ќе ве остави вас“ (2. Летописи 15:1, 2).
Јехова мора да ни биде реален
13. Како можеме да покажеме дека Јехова ни е реален?
13 Апостол Павле напишал за Мојсеј дека ‚останал цврст како да го гледа Оној кој е невидлив‘ (Евреите 11:27). Се разбира, Мојсеј, всушност, никогаш не го видел Јехова (Излез 33:20). Но, Јехова му бил толку реален што било исто како да Го гледал. Слично, откако завршиле неговите искушенија, со очите на верата Јов го видел Јехова појасно, како Бог што дозволува неговите верни слуги да претрпат искушенија, но никогаш не ги напушта (Јов 42:5). За Енох и за Ное е речено дека ‚оделе со Бог‘. Тоа го правеле на тој начин што настојувале да му угодат на Бог и да му бидат послушни (Битие 5:22—24; 6:9, 22; Евреите 11:5, 7). Ако Јехова е исто толку реален за нас како што бил за Енох, Ное, Јов и Мојсеј, ние ‚ќе мислиме на Него‘ на сите наши патишта и тој ‚ќе ги исправи нашите патеки‘ (Пословици 3:5, 6).
14. Што значи тоа да се ‚прилепиме‘ кон Јехова?
14 Токму пред да влезат Израелците во Ветената земја, Мојсеј ги советувал: „Одете само по Господа, својот Бог; бојте се од Него; вршете ги Неговите заповеди; слушајте го Неговиот глас, служете Му; прилепете се кон Него“ (Второзаконие 13:4). Тие требало да го следат Јехова, да се плашат од него, да му бидат послушни и да се прилепат кон него. Во врска со зборот што овде е преведен со „прилепи“, еден библиски изучувач наведува дека „јазикот укажува на еден многу близок и интимен однос“. Псалмистот навел: „Господ е близу до оние, кои се бојат од Него“ (Псалм 25:14). Овој скапоцен, близок однос со Јехова ќе го имаме и ние ако Тој ни е реален и ако го сакаме толку многу што ќе се плашиме да не не му угодиме на кој и да е начин (Псалм 19:9—14).
Дали си свесен за Јеховината грижа?
15, 16. а) Како покажува Псалм 34 дека Јехова се грижи за нас? б) Што треба да правиме ако ни е тешко да се сетиме на Јеховините дела на добрина кон нас?
15 Едно од Сатановите лукави дела е да се обиде да нѐ натера да го изгубиме од вид фактот дека нашиот Бог, Јехова, постојано се грижи за своите верни слуги. Цар Давид од Израел бил потполно свесен за Јеховината заштитничка рака дури и кога се соочил со една многу опасна ситуација. Кога бил присилен да се преправа дека е луд пред царот Ахис од Гат, тој составил една песна, еден многу убав псалм, кој ги вклучува и овие изрази на вера: „Величајте Го Господа со мене, заедно да Го возвишиме Неговото име! Го барав Господа и Тој ме послуша, ме избави од сите мои стравови. Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува. Вкусете и видете колку е добар Господ: блажен е човекот, кој се надева на Него! Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух. Праведникот има многу неволји, но Господ го избавува од сите“ (Псалм 34:3, 4, 7, 8, 18, 19; 1. Самоил 21:10—15).
16 Дали си убеден во Јеховината спасувачка моќ? Дали си свесен за неговата ангелска заштита? Дали ти лично си искусил и си видел дека Јехова е добар? Кога беше последниот пат кога беше особено свесен дека Јехова е добар со тебе? Обиди се да се сетиш. Дали тоа беше во последниот дом каде што појде додека беше во служба, токму кога чувствуваше дека не можеш да направиш ништо повеќе? Можеби тогаш имаше прекрасен разговор со станарот. Се сети ли да му се заблагодариш на Јехова зашто ти дал додатна сила што ти била потребна и затоа што те благословил? (2. Коринќаните 4:7). Од друга страна, пак, можеби ти е тешко да се сетиш на некоја посебна постапка на добрина што ја направил Јехова за тебе. Можеби ќе треба да се сетиш на седмица, месец, година или повеќе наназад. Ако е тоа случај, зошто не вложиш совесен напор да му се приближиш на Јехова и да се обидеш да видиш како те води и насочува? Апостол Петар ги опоменал христијаните: „Понизете се под моќната Божја рака . . . додека сета своја тегобна грижа ја фрлате на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Петрово 5:6, 7). Навистина, ќе се изненадиш од тоа колку многу се грижи за тебе! (Псалм 73:28).
Продолжи да го бараш Јехова
17. Што е потребно за да продолжиме да го бараме Јехова?
17 Одржувањето на нашиот однос со Јехова мора да биде нешто на што ќе работиме постојано. Во молитва до својот Татко, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Примањето спознание за Јехова и за неговиот Син бара постојан напор од наша страна. Потребна ни е помошта на молитвата и на светиот дух за да ги сфатиме „длабоките работи Божји“ (1. Коринќаните 2:10; Лука 11:13). Исто така, потребно ни е водството од „верниот и разборит роб“ за да ги храниме нашите умови со духовна храна дадена „во право време“ (Матеј 24:45). Преку тој канал, Јехова нѐ советува секојдневно да ја читаме неговата Реч, редовно да присуствуваме на нашите христијански состаноци и да имаме смисловно учество во проповедањето на ‚добрата вест за царството‘ (Матеј 24:14). Правејќи го тоа, ќе продолжиме да го бараме нашиот грижлив Бог, Јехова.
18, 19. а) Што треба да бидеме одлучни да правиме? б) Како ќе бидеме благословени ако заземеме цврст став против Ѓаволот и продолжиме да го бараме Јехова?
18 Сатана прави сѐ што е во негова моќ за да нанесе прогонство, противење и притисок од сите страни врз Јеховиниот народ. Се обидува да ни го наруши мирот и да ни ја уништи добрата положба пред нашиот Бог. Не сака да продолжиме со делото со кое ги наоѓаме оние што се со искрени срца и им помагаме да преминат на Јеховина страна во спорното прашање за универзалниот суверенитет. Но, мораме да бидеме одлучни да му останеме лојални на Јехова, имајќи доверба дека тој ќе нѐ избави од злобниот. Ако дозволиме Божјата реч да нѐ води и ако останеме активни со неговата видлива организација, можеме да бидеме сигурни дека секогаш ќе биде со нас за да нѐ поддржи (Исаија 41:8—13).
19 Затоа, сите ние цврсто да заземеме став против Ѓаволот и неговите лукави дела, секогаш барајќи го нашиот драг Бог, Јехова, кој нема да пропушти ‚да нѐ зацврсти, да нѐ зајакне‘ (1. Петрово 5:8—11). На тој начин ‚ќе се зачуваме во Божјата љубов додека ја чекаме милоста на нашиот Господ Исус Христос со изглед за вечен живот‘ (Јуда 21).
Како би одговорил?
• Што значи зборот „Ѓавол“ и како Ѓаволот живее во склад со тоа име?
• Во кој поглед Јехова се разликува од Ѓаволот во начинот на кој ги гледа жителите на земјата?
• Зошто едно лице мора да ја прифати откупнината кога му пристапува на Јехова?
• Што значи тоа да се ‚прилепиме‘ кон Јехова и како можеме постојано да го бараме?
[Слика на страница 15]
И покрај искушенијата, Јов сфатил дека Јехова се грижи за него
[Слики на страници 16 и 17]
Секојдневното читање на Библијата, редовното присуство на христијанските состаноци и ревносното учество во проповедничкото дело нѐ потсетуваат дека Јехова се грижи за нас