2. Самоилова
12 Јехова го испрати Натан+ кај Давид. Кога дојде кај него,+ му рече: „Во еден град живееја двајца луѓе, едниот богат, а другиот сиромав. 2 Богаташот имаше мошне многу овци и говеда,+ 3 а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, која ја беше купил.+ Ја хранеше, и таа растеше покрај него и покрај неговите синови. Јадеше од неговиот залак, пиеше од неговата чаша и му спиеше в прегратка. Му беше како ќерка. 4 По некое време на богаташот му дојде на гости еден човек. А на богаташот му беше жал да земе од своите овци или од говедата за да му зготви нешто на патникот, кој беше дошол кај него, па ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја зготви на човекот, кој беше дошол кај него“.+
5 Тогаш Давид се разгневи на тој човек,+ па му рече на Натан: „Како што е жив Јехова,+ човекот што го направил тоа заслужува смрт!+ 6 А овцата да ја надомести+ четирикратно,+ затоа што направил такво нешто и затоа што немал милост!“+
7 Тогаш Натан му рече на Давид: „Ти си тој човек! Вака вели Јехова, Богот на Израел: ‚Јас те помазав+ за цар над Израел и јас те избавив+ од раката на Саул. 8 Ти ја дадов куќата на твојот господар,+ жените на твојот господар+ ги положив на твоите гради и ти ги дадов домот на Израел и домот на Јуда.+ И ако тоа не беше доволно, уште ќе ти придадев.+ 9 Тогаш зошто ја презре Јеховината реч и го направи она што е зло+ во негови очи? Хетеецот Урија го погуби со меч,+ а неговата жена ја зеде за себе.+ Го уби со мечот на Амоновите синови. 10 Затоа мечот+ нема да се оддалечи од твојот дом довека,+ затоа што ме презре земајќи ја жената на Хетеецот Урија за себе‘. 11 Вака вели Јехова: ‚Еве, ќе подигнам зло против тебе од твојот дом.+ Ќе ги земам твоите жени и ќе му ги дадам на твојот ближен.+ И тој ќе легне со твоите жени пред сите.+ 12 Ти работеше тајно,+ а јас ќе го направам тоа пред очите на целиот Израел,+ да видат сите‘ “.+
13 Тогаш Давид му рече+ на Натан: „Му згрешив на Јехова“.+ А Натан му одговори на Давид: „Јехова ти го прости гревот.+ Нема да умреш.+ 14 Но затоа што го презре Јехова+ со она што го направи, ќе ти умре синот што ти се роди“.+
15 Потоа Натан си отиде во својата куќа.
А Јехова го удри со болест+ детето што жената на Урија му го роди на Давид. 16 И Давид му се молеше на вистинскиот Бог за детето, строго постеше,+ а кога ќе влезеше во куќата, лежеше на земја преку ноќта.+ 17 Старешините на неговиот дом стоеја околу него и настојуваа да го подигнат од земјата, но тој не сакаше и нејќеше да јаде+ со нив. 18 А на седмиот ден детето умре. Слугите се плашеа да му кажат на Давид дека детето умрело, зашто си велеа: „Додека детето уште беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нѐ слуша. Па како да му кажеме сега: ‚Детето умре‘? Ќе направи некакво зло!“
19 Кога виде дека неговите слуги си дошепнуваат меѓу себе, Давид сфати дека детето умрело. Затоа Давид ги праша своите слуги: „Умре ли детето?“ А тие му одговорија: „Умре“. 20 Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се намачка со масло+ и облече друга облека, па отиде во Јеховиниот дом+ и таму се поклони.+ Потоа се врати во својата куќа и побара да јаде. И му принесоа јадење и тој јадеше. 21 А неговите слуги го прашаа: „Што значи сега тоа? Додека детето беше живо, ти постеше и плачеше, а сега, кога детето умре, стануваш и јадеш“. 22 А тој одговори: „Додека детето беше живо, постев+ и плачев+ зашто си мислев: ‚Кој знае, можеби Јехова ќе ми се смилува, и детето ќе остане живо!‘+ 23 А сега, кога умре, зошто да постам? Можам ли да го вратам?+ Јас ќе одам кај него,+ но тоа нема да се врати кај мене“.+
24 И Давид ја тешеше својата жена Витсавеа.+ Потоа дојде кај неа и легна со неа. И таа му роди син,+ кому му го дадоа името Соломон.+ И Јехова го сакаше.+ 25 Затоа го испрати пророкот Натан+ да го нарече Едидија,* зашто Јехова го сакаше.
26 А Јоав+ се бореше против Рава+ на Амоновите синови, и на крајот го освои тој царски град. 27 И Јоав му испрати гласници на Давид, порачувајќи му: „Ја нападнав Рава+ и го освоив делот од градот каде што е водата. 28 Затоа сега собери ја останатата војска, опколи го градот и освој го, за да не го освојам јас, па градот да го носи моето име“.
29 И Давид ја собра сета војска и тргна против Рава. Го нападна градот и го освои. 30 Ја симна од главата на Малхам* круната+ од злато која тежеше еден талант* и беше украсена со скапоцени камења. Потоа ја ставија круната на главата на Давид. Тој однесе од градот многу голем плен.+ 31 А народот што беше во него го изведе и го постави да работи со пили за камен, со остри железни алатки,+ со железни секири и да изработува тули. Така направи во сите градови на Амоновите синови. На крајот Давид се врати со својата војска во Ерусалим.