Можеш да ја подобриш меморијата
ЈЕХОВА БОГ го создал човечкиот мозок со чудесна способност да помни. Го дизајнирал да биде еден резервоар од кој може да се црпи без да се изгубат скапоцените работи што се ставени во него. Дизајнот на мозокот е во согласност со Божјата намера луѓето да живеат засекогаш (Псал. 139:14; Јован 17:3).
Но, можеби мислиш дека преголем дел од она што го примаш во умот се губи. Изгледа како да не е тука тогаш кога ти треба. Што да сториш за да ја подобриш меморијата?
Покажи интерес
Интересот е важен фактор за да се подобри меморијата. Ако ни стане навика да бидеме внимателни, да бидеме заинтересирани за луѓето и за она што се случува околу нас, нашиот ум се стимулира. Тогаш ќе ни биде полесно со сличен интерес да реагираме кога читаме или слушаме нешто што има трајна вредност.
Не е необично некој да има проблем да запомни имиња на луѓе. Сепак, како христијани знаеме дека луѓето — сохристијаните, оние на кои им сведочиме и другите со кои контактираме додека се грижиме за неопходните работи во животот — се важни. Што ќе ни помогне да ги запомниме имињата што навистина треба да ги запомниме? Апостол Павле набројал по име 26 лица во едно собрание на кое му пишувал. Неговиот интерес за нив се гледа од фактот што тој не само што ги знаел нивните имиња туку и спомнал конкретни детали во врска со многумина од нив (Рим. 16:3-16). Некои денешни патувачки надгледници на Јеховините сведоци многу добро ги помнат имињата, иако секоја седмица се селат од едно собрание во друго. Што им помага во тоа? Практикуваат, кога првпат ќе разговараат со некого, неколкупати да го кажат неговото име. Вложуваат напори името на тој човек да го поврзат со неговиот лик. Освен тоа, поминуваат време со различни поединци во службата на теренот и на заедничките оброци. Кога запознаваш некого, дали ќе му го запомниш името? Почни на тој начин што ќе најдеш добра причина да го запомниш тоа име; потоа пробај некои од штотуку спомнатите предлози.
Помнењето на она што го читаш е исто така важно. Што може да ти помогне да се подобриш во тој поглед? Интересот и сфаќањето играат улога во ова. За да го сосредоточиш целото свое внимание на она што го читаш, потребно е да имаш доволно интерес за него. Нема да ги запомниш информациите ако, додека се обидуваш да читаш, умот ти е на друго место. Сфаќањето се подобрува кога ги поврзуваш информациите со работи што ти се познати или со спознанието што веќе го имаш. Запрашај се: ,Како и кога да ги применам овие информации во животот? На кој начин да ги употребам за да му помогнам на некој друг?‘ Сфаќањето се подобрува и ако читаш цели фрази наместо поединечни зборови. Побрзо ќе ги сфатиш идеите и ќе ги препознаеш главните мисли, така што ќе ти биде полесно да ги запомниш.
Одвој си време за повторување
Експертите на полето на образованието ја нагласуваат вредноста на повторувањето. Во една студија, некој професор на колеџ покажал дека една минута помината во брзо повторување ќе ја удвои количината на запомнети информации. Затоа, веднаш откако ќе завршиш со читањето — или со поголемиот дел од него — повтори ги во мислите главните идеи за да ги врежеш во својот ум. Размисли како би ги објаснил со сопствени зборови новите мисли што си ги научил. Ако меморијата ја освежуваш набрзо откако ќе прочиташ некоја идеја, можеш да ја помниш мислата подолго време.
Потоа, во следните неколку дена барај прилика да го повториш прочитаното така, што ќе ги споделиш информациите со некој друг. Тоа би можело да биде некој член на семејството, некој во собранието, колега на работа, соученик, сосед или некој што ќе го сретнеш во службата на теренот. Обиди се да ги повториш не само клучните факти туку и библиското резонирање што е поврзано со нив. Тоа ќе ти биде од корист, ќе ти помогне да ги врежеш во меморијата важните работи; а ќе им биде од корист и на другите.
Медитирај за важните работи
Освен што ќе го повториш прочитаното и ќе разговараш со другите за него, ќе видиш дека е корисно и да медитираш за важните работи што си ги научил. Библиските писатели Асаф и Давид го правеле тоа. Асаф рекол: „Си спомнувам за Господовите дела, се сеќавам за Твоите древни чудеса. Ги набљудувам [Медитирам за, NW] сите Твои дела, го разгледувам она што го направи“ (Псал. 77:11, 12). Слично напишал и Давид: „Размислувам [Медитирам, NW] за Тебе во ноќните бдеења“ и „Си спомнувам за минатите дни, размислувам [медитирам, NW] за делата на Твоите раце“ (Псал. 63:6; 143:5). Го правиш ли и ти тоа?
Со таквото длабоко, сконцентрирано размислување, при кое медитираш за Јеховините постапки, особини и изрази на неговата волја, ќе постигнеш повеќе отколку само да добиеш помош да ги запомниш фактите. Ако таквото размислување ти стане навика, тоа ќе ти ги всади во срцето оние работи што се вистински битни. Ќе ја обликува твојата внатрешна личност. Она што си го запомнил ќе ги претставува твоите најдлабоки размислувања (Псал. 119:16).
Улогата на Божјиот дух
Кога настојуваме да ги запомниме вистините во врска со активностите на Јехова и работите што ги кажал Исус Христос, не сме препуштени сами на себе. Ноќта пред да умре, Исус на своите следбеници им рекол: „Ова ви го зборував додека престојував кај вас. А помошникот, светиот дух, кого Таткото ќе го испрати во мое име, тој ќе ве научи на сѐ и ќе ве потсети на сѐ што ви реков“ (Јован 14:25, 26). Меѓу присутните биле Матеј и Јован. Дали светиот дух се покажал таков помошник за нив? Да, навистина! Околу осум години подоцна, Матеј завршил со пишувањето на првиот детален извештај за животот на Христос, вклучувајќи и некои непроценливи сеќавања како што била Проповедта на гората и деталниот знак на Христовата присутност и на завршетокот на системот на работи. Шеесет и пет години по Исусовата смрт, апостол Јован го запишал своето евангелие во кое биле вклучени и детали во врска со она што Исус го кажал последната ноќ која апостолите ја минале со Господ пред тој да го положи својот живот. Несомнено, Матеј и Јован имале живи сеќавања за работите што ги кажал и направил Исус додека биле со него, но светиот дух одиграл главна улога во уверувањето дека нема да ги заборават важните детали, кои Јехова сакал да ги има во својата пишана Реч.
Дали светиот дух дејствува како помошник за Божјите слуги денес? Дефинитивно! Се разбира, светиот дух не ни става во умот работи што никогаш не сме ги научиле, но дејствува како помошник во таа смисла што нѐ потсетува на важните работи што сме ги проучувале во минатото (Лука 11:13; 1. Јов. 5:14). Потоа, како што се јавува потреба, нашите способности за размислување се подбудени да ,се сетат на зборовите што порано ги говореле светите пророци и на заповедта на Господ и Спасителот‘ (2. Петр. 3:1, 2).
,Не заборавај‘
Јехова честопати ги предупредувал Израелците: ,Не заборавајте‘. Не станува збор за тоа дека очекувал тие совршено да запомнат сѐ. Но, не смееле да станат толку преокупирани со личните тежнеења што би ги истиснале во заднина спомените за Јеховините постапки. Требало да ги одржуваат живи сеќавањата за тоа како Јехова ги избавил кога неговиот ангел ги заклал сите првороденци во Египет, а и за тоа кога Јехова го отворил Црвеното Море и потоа го затворил, потопувајќи ги фараонот и неговата војска. Израелците требало да се сетат дека Бог им го дал својот Закон на гората Синај и дека ги водел низ пустелијата, а потоа и во Ветената земја. Не требало да заборават во смисла дека сеќавањата за овие работи требало и понатаму да имаат длабок ефект врз нивниот секојдневен живот (Втор. 4:9, 10; 8:10-18; Изл. 12:24-27; Псал. 136:15).
И ние треба да водиме сметка да не забораваме. Додека се бориме со притисоците на животот, треба да се сеќаваме на Јехова, имајќи на ум каков Бог е тој и каква љубов покажал давајќи го како дар својот Син, кој обезбедил откупнина за нашите гревови за да можеме да имаме совршен живот засекогаш (Псал. 103:2, 8; 106:7, 13; Јован 3:16; Рим. 6:23). Редовното читање на Библијата, како и активното учество на собраниските состаноци и во службата на теренот ќе ги одржуваат живи во нас овие скапоцени вистини.
Кога стоиш пред одлуки, големи или мали, присети се на тие витални вистини и нека тие влијаат врз твоето размислување. Немој да забораваш. Потпри се на Јехова за водство. Наместо да ги гледаш работите едноставно од телесна гледна точка или да му веруваш на импулсот на несовршеното срце, запрашај се: ,Кои совети или начела од Божјата реч треба да влијаат врз мојата одлука?‘ (Посл. 3:5-7; 28:26). Не ќе можеш да се сетиш на работи што никогаш не си ги прочитал или слушнал. Но, додека твоето точно спознание и љубовта кон Јехова растат, ќе се зголемат и резервите на спознание на кое Божјиот дух може да ти помогне да се сетиш, а твојата сѐ поголема љубов кон Јехова ќе те мотивира да дејствуваш во склад со него.