Сунам — обележан со љубов и насилство
ВО ЈУЖНА Галилеја, на источниот крај од низината Језраел, лежел градот Сунам. Ова гратче било очевидец на две од најзначајните битки во библиската историја, но било прочуено и како родно место на две жени кои со пример покажале лојална љубов.
Зад Сунам се издигало брдото за кое се мисли дека е Море, додека преку рамницата, на околу осум километри растојание, се наоѓала гората Гелвуја. Помеѓу тие две брда имало една добро наводнета, плодна земја — еден од најпродуктивните региони во целиот Израел.
Оваа бујна околина околу Сунам ја дава позадината за една од најволшебните љубовни приказни кои некогаш биле раскажани — Песна над песните. Оваа песна зборува за една убава селанка, која претпочитала да се омажи за својот придружник овчар наместо да ја прифати понудата од цар Соломон да стане една од неговите сопруги. Соломон ја употребил сета своја мудрост и богатство за да го придобие нејзиното срце. Секогаш одново, тој ја фалел: „Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце?“ И ветил дека ќе ѝ угоди со сиот накит што можела да си го замисли (Песна над песните 1:10; 6:10).
За да ѝ даде претстава за кралскиот живот, цар Соломон дозволил таа да го придружува до Ерусалим како дел од неговата свечена поворка, придружувана од 60 негови најдобри војници (Песна над песните 3:6—11). Ја сместил на својот кралски двор, двор кој бил толку импресивен што, кога го видела царицата Савска, ‚се покажало дека во неа нема повеќе дух‘ (1. Царства 10:4, 5, НС).
Но, девојката од Сунам му била лојална на овчарчето. „Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја“ — рекла таа — „тоа е мојот возљубен“ (Песна над песните 2:3). Нека се радува Соломон со своите илјадници лозја. Едно лозје — заедно со нејзиниот љубен — нејзе ѝ било доволно. Нејзината љубов не можела да биде поколебана (Песна над песните 8:11, 12).
Во Сунам живеела и една друга убава жена. Не знаеме ништо за нејзината физичка појава, но таа сигурно била убава по срце. Библијата вели дека таа ‚се ограничувала‘ (НС) — или многу се трудела — за да му обезбеди редовни оброци и сместување на пророкот Јелисеј (4. Царства 4:8—13).
Можеме да си го замислиме Јелисеј како после едно долго, исцрпувачко патување благодарно се враќа во сопчето на покривот, што таа и нејзиниот сопруг го приготвиле за него. Тој веројатно честопати го посетувал нивниот дом, бидејќи неговата служба се протегала 60 години. Зошто сунамката инсистирала Јелисеј да остане во нивниот дом секојпат кога ќе поминел оттаму? Затоа што ја ценела работата на Јелисеј. Овој понизен, несебичен пророк дејствувал како совест на нацијата, потсетувајќи ги царевите, свештениците и обичните луѓе на нивната должност да му служат на Јехова.
Несомнено, сунамката била една од луѓето кои Исус ги имал на ум кога рекол: „Кој прима пророк во пророчко име, ќе добие пророчка награда“ (Матеј 10:41). Јехова ѝ дал една посебна награда на оваа богобојазлива жена. Иако била неплодна многу години, таа родила син. Со години подоцна, ѝ била дадена и божествена помош кога земјата била опустошена од седумгодишен глад. Овој трогателен извештај нѐ потсетува на тоа дека љубезноста што ја покажуваме спрема Божјите слуги никогаш не поминува незабележана од нашиот небесен Татко (2. Царства 4:13—37; 8:1—6; Евреите 6:10).
Две одлучувачки битки
Иако Сунам е запаметен како дом на овие две лојални жени, тој бил очевидец и на две битки кои го измениле текот на израелската историја. Во близината имало едно идеално бојно поле — рамницата помеѓу брдата Море и Гелвуја. Воените заповедници во библиски времиња секогаш се улогорувале таму каде што имало изобилни залихи со вода, висок терен заради заштита и, ако е можно, доминантна позиција која ја надгледува сувата долинска рамнина со доволно простор за маневрирање на ордите од мажи, коњи и бојни коли. Сунам и Гелвуја нуделе такви предности.
Во текот на времето на судиите, една војска од 135.000 Мадијамци, Амаликијци и други биле улогорени во рамницата пред Море. Нивните камили биле ‚безброј, биле многу — како песокот на морскиот брег‘ (Судии 7:12). Наспроти нив преку рамницата, покрај изворот Арад, на подножјето од гората Гелвуја биле сместени Израелците под судијата Гедеон, кој имал само 32.000 војници.
Во деновите пред битката, секоја страна се обидувала да ја деморализира другата. Ордите од трупи кои се исмејувале, воените камили, бојните коли и коњите можеле да влеат страв кај пешадијата. Без сомнение, Мадијамците — кои веќе биле сместени додека се собирале Израелците, се покажале како застрашувачка глетка. Кога Гедеон прашал: „Кој се бои и е плашлив?“ две третини од неговата војска се оѕвала со тоа што го напуштиле бојното поле (Судии 7:1—3).
Сега само 10.000 израелски трупи се џареле преку рамницата во 135.000 непријателски војници, но набрзо Јехова го намалил бројот на израелските војници на скудни 300. Следејќи го израелскиот обичај, оваа мала чета била поделена на три одделенија. Под покривката на темнината, тие се рашириле и ги зазеле своите позиции на три страни од непријателскиот логор. Тогаш, по наредба на Гедеон, тристотините ги разбиле ќуповите во кои ги имале сокриено своите факели, ги кренале високо тие факели и извикале: „Меч Господов и Гедеонов!“ Задувале во своите рогови и продолжиле да дуваат. Во темнината, преплашеното мешано мноштво војници мислело дека ги напаѓаат 300 чети. Јехова го свртел секој еден против другиот, и ‚во целиот логор се растрчале, развикале и почнале да бегаат‘ (Судии 7:15—22; 8:10).
Близу Сунам се случила и една друга битка во времето на цар Саул. Библијата известува дека ‚се собрале Филистејците и отишле, та се улогориле во Сонам; го собрал Саул сиот народ израилски и се улогориле во Гелвуја‘, исто како што сторила војската на Гедеон пред многу години. Но, за разлика од Гедеон, Саул имал мала доверба во Јехова, претпочитајќи да се консултира со еден духовен медиум кај Ен-дор. Кога го видел логорот на Филистејците, ‚се исплашил, и силно му затреперило срцето‘. Во битката која произлегла, Израелците почнале да бегаат и доживеале тежок пораз. И Саул и Јонатан ги изгубиле своите животи (1. Царства 28:4—7; 31:1—6).
На тој начин, историјата на Сунам станала обележана и по љубов и по насилство, и по доверба во Јехова и по ослонување на демоните. Во оваа долинска рамница, две жени покажале постојаност во љубовта и гостољубието, а двајца израелски водачи биеле одлучувачки битки. Сите четири примери ја илустрираат важноста од ослонувањето на Јехова, кој никогаш не пропушта да ги награди оние кои му служат.
[Слика на страница 31]
Денешниот град Сулам на местото на древниот Сунам, со Море во позадината
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.