Угледајте се на нивната вера
„Каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас“
РУТ чекори крај Ноемина по патот што води низ високите, ветровити моавски рамници. Останаа сами — две малечки фигури во тој простран предел. Замисли си како Рут, која забележува дека пладневните сенки веќе се издолжуваат и почнува да паѓа мрак, погледнува во својата свекрва и се прашува дали не е време да побараат место каде што ќе ја минат ноќта. Таа ја сака Ноемина како своја мајка и за неа би направила сѐ.
Секоја од овие две жени носела голема болка во душата. Ноемина веќе со години била вдовица, но од скоро време тагувала и поради загубата на своите два сина, Хелеон и Малон. И Рут била ожалостена, бидејќи Малон ѝ бил маж. Таа и Ноемина оделе на исто место, во израелското гратче Витлеем. Сепак, по нешто нивното патување се разликувало. Ноемина си одела во својот роден крај, а Рут одела во сосема непознато место. Таа ги оставила зад себе своите роднини, својата татковина, како и сите обичаи што се држеле во неа — вклучувајќи го и обожавањето на разни богови (Рут 1:3-6).
Што би можело да ја натера оваа млада жена да направи таква голема промена? Од каде ќе собере сили да започне нов живот и истовремено да се грижи за Ноемина? Додека го бараме одговорот, ќе дознаеме многу работи во кои можеме да се угледаме на верата што ја покажала моавката Рут. Најнапред да видиме како дошло до тоа овие две жени да тргнат на едно вакво долго патување до Витлеем.
Семејна трагедија
Рут пораснала во Моав, мала земја која се простирала источно од Мртвото Море. Тој предел главно се состоел од високи, ретко пошумени рамнини испресечени со длабоки клисури. „Моавската земја“ била многу плодна и погодна за земјоделство, дури и кога во Израел завладеал глад. Всушност, токму таа околност довела до тоа Рут да се запознае со Малон и неговото семејство (Рут 1:1).
Гладот во Израел ги принудил Елимелех, неговата жена Ноемина и нивните два сина да ја напуштат својата земја и да се преселат во Моав, каде што живееле како туѓинци. Таа преселба сигурно била и испит за верата на секој член од семејството, бидејќи Израелците требало редовно да го обожаваат Јехова во светото место што го одредил Тој (5. Мојсеева 16:16, 17). Ноемина успеала да задржи силна вера. Сепак, била скршена од болка кога нејзиниот сопруг починал (Рут 1:2, 3).
Без сомнение ѝ било многу тешко и кога нејзините синови се ожениле со Моавки (Рут 1:4). Ноемина знаела дека Авраам, прататкото на Израелците, се потрудил на својот син Исак да му најде жена од својот народ, чиј Бог бил Јехова (1. Мојсеева 24:3, 4). Подоцна, со Мојсеевиот закон, на Израелците им било забрането своите синови и ќерки да ги мажат и женат со туѓинци затоа што постоела опасност Божјиот народ да се впушти во идолопоклонство (5. Мојсеева 7:3, 4).a
Сепак, Малон и Хелеон се ожениле со Моавки. Иако Ноемина веројатно била загрижена и разочарана, не дозволила тоа да ја спречи да биде добра со своите снаи, Рут и Орфа. Можеби се надевала дека еден ден и тие ќе почнат да му служат на Јехова. Како и да е, и Рут и Орфа многу ја засакале Ноемина. Тоа што биле блиски им помогнало да ја пребродат трагедијата што ги снашла. Уште пред да имаат деца, двете млади жени останале вдовици (Рут 1:5).
Дали религијата на Рут ѝ била од помош во една ваква трагедија? Не би се рекло. Моавците обожавале многу богови, од кои главен бог бил Хемос (4. Мојсеева 21:29). Изгледа дека и во религијата на Моавците биле вклучени брутални и страшни практики вообичаени за тоа време, како што било жртвувањето деца. Сигурно за Рут било нешто ново и поинакво она што го научила од Малон и Ноемина во врска со Јехова — добриот и милостив Бог на Израелците. Јехова владеел со љубов, а не со заплашување! (5. Мојсеева 6:5). И покрај тешката загуба, Рут станала уште поблиска со Ноемина и жедно го впивала она што оваа постара жена ѝ го кажувала за чудесните дела на семоќниот Бог, Јехова, како и за љубовта и милоста што ги покажувал кон својот народ.
Ноемина, пак, едвај чекала да чуе вести од својата родна земја. Еден ден, најверојатно од некој трговец, чула дека гладот во Израел престанал. Јехова му се смилувал на својот народ. Витлеем повторно заслужено го носел своето име, кое значи „Куќа на лебот“. Ноемина решила да се врати дома (Рут 1:6).
Што направиле Рут и Орфа? (Рут 1:7). Маката уште повеќе ги зближила со Ноемина. Изгледа дека особено Рут била трогната од добрината на Ноемина и од нејзината цврста вера во Јехова. Така, трите вдовици тргнале заедно на пат за Јуда.
Извештајот за Рут нѐ потсетува дека од трагедии и загуби не се поштедени ниту добрите ниту лошите луѓе (Проповедник 9:2, 11). Исто така, ни покажува дека, кога ќе претрпиме некоја тешка загуба, мудро е да побараме утеха и олеснување од другите — особено од оние што наоѓаат засолниште кај Јехова, Богот на кој му служела Ноемина (Изреки 17:17).
Верноста и љубовта на Рут
Додека овие три вдовици одминувале сѐ поголем дел од патот, Ноемина почнало да ја загрижува и нешто друго. Размислувала за двете млади жени и за тоа колкава љубов покажале кон неа и кон нејзините синови. Не би можела да ја поднесе мислата дека уште повеќе ќе им отежне. Ако засекогаш си заминат од својата земја и појдат со неа, што би можела таа да направи за нив во Витлеем?
На крајот, Ноемина отворено им рекла: „Одете, вратете се, секоја во домот на својата мајка. Јехова нека ви покаже добрина како што вие им ја покажавте на умрените и мене“. Исто така, изразила надеж дека Јехова ќе ги благослови со нов сопруг и со нов почеток во животот. ‚Тогаш ги бакнала, а тие гласно заплакале‘, открива понатаму извештајот. Не е тешко да се види зошто Рут и Орфа ја сакале оваа несебична жена која имала толку добро срце. Двете упорно ѝ велеле: „Не, туку со тебе ќе се вратиме кај твојот народ“ (Рут 1:8-10).
Но, Ноемина не дозволила лесно да ја разубедат. Таа упорно им велела дека не може да направи многу за нив во Израел бидејќи немала ниту сопруг кој би се грижел за неа ниту синови за да се оженат со нив, а сигурно немало ни да ги има. Искрено им кажала дека тоа што нема да може да се грижи за нив ѝ причинувало голема горчина во душата (Рут 1:11-13).
Во очите на Орфа, Ноемина имала право. Нејзиното семејство било во Моав, каде што ја чекале мајка ѝ и нејзиниот дом. Изгледало дека е навистина подобро да се врати. Затоа, со тешко срце се поздравила со Ноемина и тргнала назад (Рут 1:14).
А Рут? Она што го рекла Ноемина важело и за неа. Сепак, во Библијата читаме: „Рут остана со неа“. Можеби Ноемина си продолжила по патот, но забележала дека Рут оди по неа. Ноемина приговорила: „Ете, јатрва ти, која остана вдовица како тебе, се врати кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со неа“ (Рут 1:15). Зборовите на Ноемина откриваат еден многу важен детаљ. Орфа не се вратила само кај својот народ туку и кај „своите богови“. Таа сакала да продолжи да го обожава Хемос и другите лажни богови. Но, дали било така и со Рут?
Стоејќи на празниот пат со погледот вперен во Ноемина, Рут добро знаела што ќе направи. Нејзиното срце горело од љубов кон Ноемина — и кон Богот на кој таа му служела. Затоа рекла: „Немој да ме наговараш да те оставам и да те напуштам, зашто, каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе се населиш ти, таму ќе се населам и јас. Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог. Каде ќе умреш ти, таму ќе умрам и јас, и таму ќе бидам погребана. Јехова нека ми направи така, и уште нека ми додаде, ако ме оддели од тебе нешто друго освен смртта“ (Рут 1:16, 17).
Овие прекрасни зборови на Рут останале запаметени и врежани во времето цели 30 века откако ги кажала. Во нив јасно се гледа една скапоцена особина — длабоката љубов. Љубовта што ја чувствувала Рут била толку силна и искрена што таа била спремна да остане со Ноемина каде и да одела. Само смртта можела да ги раздели. Народот на Ноемина ќе станел и нејзин народ, бидејќи Рут била спремна да остави зад себе сѐ што имала во Моав — дури и моавските богови. За разлика од Орфа, Рут можела од сѐ срце да рече дека сакала Богот на Ноемина, Јехова, да биде и нејзин Бог.b
Така, на долгото патување до Витлеем останале само тие две. Според една проценка, веројатно патувале цела седмица. Но, тоа што биле заедно сигурно им давало извесна утеха во нивната болка.
Овој свет е преполн со тага. Во овие времиња, кои Библијата ги нарекува „особено тешки времиња“, доживуваме различни загуби и болки (2. Тимотеј 3:1). Затоа е поважно од кога и да било порано да ја имаме особината што ја покажала Рут. Длабоката љубов — љубовта со која некој се приврзува кон некого или нешто и не го остава по никоја цена — може многу да ни помогне во овој мрачен свет. Потребна ни е во бракот, во семејството, во пријателствата и во христијанското собрание. Ако се трудиме да ја стекнеме, го следиме убавиот пример на Рут.
Рут и Ноемина во Витлеем
Се разбира, едно е да се зборува за оваа љубов, а сосема друга работа е таа љубов да се покаже на дело. Рут имала можност да ја покаже оваа особина не само кон Ноемина туку и кон Јехова, Богот кому избрала да му служи.
Двете жени пристигнале во Витлеем, гратче на околу 10 километри јужно од Ерусалим. Изгледа дека Ноемина и нејзиното семејство порано биле познати во тоа гратче, бидејќи брзо се разнела веста дека Ноемина се вратила. Жените ја погледнувале и се прашувале: „Ова ли е Ноемина?“ Очигледно, по животот во Моав таа многу се променила — на лицето и во држењето ѝ се забележувале траги од макотрпните години што ги поминала (Рут 1:19).
На своите роднини и некогашни сосетки Ноемина им раскажала колку ѝ се згорчил животот. Таа дури им рекла веќе да не ја викаат Ноемина, што значи „моја веселба“, туку Мара, што значи „горчило“. Кутрата Ноемина! Многу слично со Јов, кој живеел неколку века пред неа, и таа си мислела дека тешкотиите ѝ ги нанесува Јехова Бог (Рут 1:20, 21; Јов 2:10; 13:24-26).
Откако двете жени се населиле во Витлеем, Рут почнала да размислува како најдобро да се грижи за себе и за Ноемина. Дознала дека Законот што Јехова му го дал на својот народ во Израел содржел една посебна одредба за сиромашните. Им било дозволено да отидат на нивите за време на жетвата и да доприбираат по жетварите од она што останувало, како и од меѓите и аглите на полињатаc (3. Мојсеева 19:9, 10; 5. Мојсеева 24:19-21).
Било време кога се жнеел јачменот, веројатно април според денешниот календар, и Рут отишла на полињата за да види кој ќе ѝ дозволи да доприбира на неговата нива. Случајно наишла на полињата на Вооз, богат земјопоседник и роднина на Елимелех, починатиот сопруг на Ноемина. Иако Законот ѝ давал право да доприбира, Рут не го зела тоа здраво за готово, туку побарала дозвола од момчето што било поставено над жетварите. Ѝ било одобрено, и Рут веднаш се фатила за работа (Рут 1:22—2:3, 7).
Замисли си ја Рут како оди по жетварите. Додека замавнуваат со срповите за да го ожнеат јачменот, таа се наведнува за да собере сѐ што им паднало или што оставиле зад себе, ги врзува страковите во снопови, а потоа ги носи на место каде што подоцна ќе може да ги оврши. Тоа било бавна и напорна работа, која станувала сѐ потешка како што одминувало утрото. Сепак, Рут не престанувала со работата, освен за да ја избрише потта од челото или да поткасне нешто, веројатно под некоја натстрешница направена за да држи сенка.
Веројатно Рут воопшто не се надевала ниту очекувала дека некој ќе ја забележи. Сепак, Вооз ја видел и го прашал момчето што било надзорник која е таа жена. Како човек со голема вера, Вооз ги поздравил своите работници — меѓу кои имало и наемници па дури и туѓинци — со зборовите: „Јехова да е со вас!“ Тие му отпоздравиле со слични зборови. Овој постар човек што многу го сакал Јехова покажал татковска грижа кон Рут (Рут 2:4-7).
Нарекувајќи ја „ќерко“, Вооз ѝ рекол да продолжи да доприбира на неговите ниви и да се држи близу до девојките од неговото домаќинство за да не ја задева некој од работниците. Се погрижил да има јадење и за неа кога сите ручале. Но, пред сѐ, тој сакал да ја пофали и да ја охрабри. Зошто? (Рут 2:8, 9, 14).
Кога Рут го прашала Вооз со што таа, туѓинка, ја заслужила сета негова милост и внимание, тој ѝ одговорил дека чул за сѐ што направила за својата свекрва. Веројатно Ноемина многу им ја фалела Рут на жените од Витлеем, а тоа стигнало и до ушите на Вооз. Освен тоа, сигурно дознал дека Рут почнала да му служи на Јехова, па затоа рекол: „Јехова нека ги награди твоите дела и Јехова, Богот на Израел, под чии крилја си дошла да побараш засолниште, нека ти даде целосна плата!“ (Рут 2:12).
Колку овие зборови мора да ја охрабриле Рут! Таа навистина решила да најде засолниште под крилјата на Јехова Бог, како птичка што мирно си лежи во гнездото под крилјата на својот родител. Му се заблагодарила на Вооз за тоа што со своите зборови ја смирил и ја утешил. Така, таа продолжила да работи сѐ до вечерта (Рут 2:13, 17).
Верата што Рут ја покажала со дела е извонреден пример за сите нас што се бориме со овие економски тешки времиња. Таа не сметала дека другите се должни да прават нешто за неа, па затоа била благодарна за она што ќе ѝ го понуделе. Не се срамела да работи долго и напорно за да се грижи за некој што го сака, иако работата била физичка. Со благодарност го прифатила и го применила мудриот совет за тоа како да остане заштитена додека работи и како да биде во добро друштво. Што е најважно, никогаш не изгубила од вид каде може да најде вистинска заштита — кај својот небесен Татко, Јехова Бог.
Ако и ние, како Рут, покажуваме длабока љубов и го следиме нејзиниот пример на понизност, трудољубивост и благодарност, тогаш и нашата вера ќе биде одличен пример за другите. Но, како Јехова покажал грижа за Рут и Ноемина? За тоа ќе стане збор во следната статија од оваа рубрика.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Читателите прашуваат — Зошто Бог барал од своите слуги да стапуваат во брак само меѓу себе?“ на страница 29.
b Вреди да се забележи дека Рут не ја употребила само безличната титула „Бог“, како што би направиле многу не-Израелци, туку го употребила и Божјето лично име, Јехова. Во The Interpreter’s Bible пишува: „На тој начин писателот истакнал дека оваа не-Израелка му служела на вистинскиот Бог“.
c Оваа одредба била многу добра, а Рут сигурно немала чуено за такво нешто во својата земја. Во тоа време, на Блискиот Исток со вдовиците се постапувало лошо. Во едно дело стои: „По смртта на нејзиниот маж, за вдовицата требало да се грижат нејзините синови, но ако немала синови можеби морала да се продаде себеси како робинка, да стане проститутка или да умре“.
[Рамка на страница 26]
Минијатурно ремек-дело
За книгата за Рут се вели дека е како еден мал скапоцен камен, минијатурно ремек-дело. Во неа нема толку информации како во книгата за Судиите, која се наоѓа пред неа и ни помага да откриеме кога се случиле настаните поврзани со Рут (Рут 1:1). И двете книги очигледно биле напишани од пророкот Самуел. Сепак, додека ја читаш Библијата, ќе сфатиш дека книгата за Рут се наоѓа на многу убаво место во библискиот канон. Откако ќе ги прочиташ извештаите за разни војни, напади и противнапади запишани во книгата за Судиите, ќе дојдеш до оваа мала книга која нѐ потсетува на тоа дека Јехова никогаш не ги заборава мирните луѓе, кои на свои плеќи го носат товарот од секојдневните проблеми. Од оваа едноставна семејна приказна можеме да добиеме скапоцени поуки за љубовта, загубата, верата и лојалноста, кои може многу да ни користат.
[Слика на страница 24]
Рут постапила мудро што се зближила со Ноемина кога ѝ двете доживеале болна загуба
[Слика на страници 24 и 25]
„Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог“
[Слика на страница 27]
Рут била спремна напорно да работи сѐ за да се грижи за себе и за Ноемина