ЧЕТВРТО ПОГЛАВЈЕ
„Каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас“
1, 2. а) Опиши го патувањето на Рут и Ноемина и болката што ја носеле во срцето. б) Зошто за Рут било голем чекор тоа што тргнала со Ноемина?
РУТ и Ноемина тивко чекореле една крај друга по патот кој минувал низ високите моавски рамници. Никаде наоколу немало жива душа. Се слушало само фучењето на ветрот. Сонцето полека се спуштало зад хоризонтот и почнал да паѓа мрак. Рут кришум погледнувала кон Ноемина прашувајќи се дали е време да побараат место каде што ќе ја минат ноќта. Таа ја сакала Ноемина како своја мајка и за неа била спремна да направи сѐ.
2 Секоја од овие две жени носела голема болка во душата. Ноемина со години била вдовица, но сега доживеала загуба која секој родител би го завила во тага. Умреле нејзините два сина, Хелеон и Малон. И Рут била скршена од болка. Малон ѝ бил маж. Затоа, овие две жени патувале сами. Каде тргнале? По смртта на своите деца, Ноемина решила да се врати во својот роден крај, израелското гратче Витлеем. Рут одлучила да тргне со неа. Тоа било голем чекор затоа што требало да остави сѐ зад себе — своето семејство, својата земја и боговите на кои им служела — и да започне нов живот во потполно непозната средина. (Прочитај Рут 1:3-6.)
3. На кои прашања треба да го добиеме одговорот за да си ја зајакнеме верата?
3 Што ја натерало Рут да донесе таква одлука? Што ја чекало во новата средина? Ќе успее ли да се навикне на сите промени и да обезбеди за себе и за својата свекрва пристоен живот? Она што ќе го дознаеме за оваа Моавка која го засакала Јехова, ќе ни помогне да си ја зајакнеме верата. (Види ја рамката „Минијатурно ремек-дело“.) Но, најнапред да видиме зошто Рут и Ноемина тргнале на еден таков долг пат до Витлеем.
Семејна трагедија
4, 5. а) Зошто семејството на Ноемина се преселило во Моав? б) На какви тешкотии наишла Ноемина во Моав?
4 Рут пораснала во Моав, мала земја која се простирала источно од Мртвото Море. Моавските висорамнини, кои биле ретко пошумени и испресечени со длабоки клисури, биле многу плодно подрачје. Затоа, жителите на Моав не ги погодил гладот што владеел кај нивните соседи, Израелците. Некои Израелци во тоа тешко време го напуштиле својот дом и се населиле во Моав. На таков чекор гладот ги натерал и Елимелех, неговата жена Ноемина и нивните два сина (Рут 1:1).
5 Елимелех бил свесен дека своето семејство го носи во земја чии жители не му служат на Јехова. Сигурно знаел дека нема да им биде лесно да задржат цврста вера и можеби се прашувал дали ќе успее да ѝ биде послушен на заповедта три пати годишно да му принесуваат жртви на Јехова на местото што го одредил Тој (5. Мој. 16:16, 17). И покрај тоа, Ноемина не ја изгубила верата во Бог. Меѓутоа, по некое време животот ѝ задал уште еден удар — починал нејзиниот сопруг (Рут 1:2, 3).
6, 7. а) Зошто Ноемина веројатно ја загрижувало тоа што нејзините синови се ожениле со Моавки? б) Зошто е пофално тоа што Ноемина била добра кон своите снаи?
6 Подоцна, синовите на Ноемина се ожениле со девојки од Моав. Едната се викала Орфа, а другата Рут (Рут 1:4). Колку и да сакала нејзините синови да бидат среќни, Ноемина по сѐ изгледа била разочарана затоа што избраничките на нејзините синови не му служеле на Јехова. Знаела колку труд вложил Авраам, прататкото на нејзиниот народ, за да му најде на својот син, Исак, жена која верно му служела на Јехова (1. Мој. 24:3, 4). Подоцна, Бог им дал на Израелците закон во кој им заповедал да не склопуваат бракови со луѓето од околните народи, бидејќи тие би можеле да ги наведат да им служат на други богови (5. Мој. 7:3, 4).
7 Без сомнение, на Ноемина не ѝ било лесно да се помири со изборот што го направиле нејзините синови, Малон и Хелеон. Но, своите грижи и стравови ги задржала за себе, а кон своите снаи се трудела да покаже добрина и љубов. Можеби се надевала дека со текот на времето Орфа и Рут ќе почнат да му служат на Јехова. Како и да е, тие две жени многу ја засакале својата свекрва. Меѓутоа, на трагедиите во семејството на Ноемина уште не им дошол крај. По некое време умреле и нејзините синови, кои зад себе оставиле вдовици без деца (Рут 1:5). Ноемина, Рут и Орфа сигурно се тешеле и си помагале меѓусебно.
8. Што ја привлекло Рут кон Јехова?
8 Дали моавските богови ѝ помогнале на Рут да ја преброди смртта на својот маж? Да се осврнеме накратко на религијата на нејзиниот народ. Моавците обожавале многу богови, а главен бог им бил Хемос (4. Мој. 21:29). Изгледа дека и тие, како што било обичај кај многу народи од тоа време, во чест на своите богови вршеле одвратни обреди, па дури и си ги жртвувале децата. Затоа на Рут несомнено ѝ го привлекло вниманието она што го дознала за Јехова Бог од Малон и Ноемина. За разлика од боговите на кои им служел нејзиниот народ, Јехова покажувал голема љубов и милост. Тој не сакал неговиот народ да му служи од страв, туку од љубов. (Прочитај 5. Мојсеева 6:5.) Поради тешката загуба, Рут станала уште поблиска со Ноемина и сигурно жедно го впивала она што оваа постара жена ѝ го кажувала за Семоќниот Бог, Јехова, за неговите чудесни дела, како и за љубовта и милоста што ги покажувал кон својот народ.
9-11. а) Каква одлука донеле Ноемина, Рут и Орфа? б) Што учиме од трагедиите што ги погодиле Ноемина, Рут и Орфа?
9 На Ноемина воопшто не ѝ било лесно да ја преболи загубата на своите сакани синови. Сега, кога останала сама, срцето ја влечело кон родната грутка. Еден ден чула, можеби од некој трговец кој минувал низ Моав, дека гладот во Израел завршил. Мора да помислила дека Јехова му се смилувал на својот народ и го избавил од неволјата. Во Витлеем, гратчето во кое претходно живеела, повторно имало леб за сите.a Кога ја чула оваа вест, Ноемина одлучила да се врати дома (Рут 1:6).
10 Што мислеле Рут и Орфа за таа одлука? (Рут 1:7). Маката уште повеќе ги зближила овие три жени. Изгледа дека особено Рут била длабоко трогната од добрината на Ноемина и од нејзината цврста вера во Јехова. Бидејќи Рут и Орфа не сакале да се разделат од својата свекрва, решиле да појдат со неа. Сите три ги спакувале своите работи и тргнале кон Витлеем.
11 Библискиот извештај за Рут покажува дека трагедиите ги погодуваат и добрите и лошите луѓе (Проп. 9:2, 11). Освен тоа, ни покажува колку е мудро во тешките моменти да побараме утеха и олеснување од нашите ближни, посебно од оние кои имаат доверба во Јехова, Богот на кој му служела Ноемина (Изр. 17:17).
Ја красела верна љубов
12, 13. Зошто Ноемина сакала Рут и Орфа да се вратат дома наместо да појдат со неа, и како реагирале тие во почетокот?
12 Кога поминале дел од патот, Ноемина почнала да размислува што ќе биде со двете млади вдовици кои оставиле сѐ зад себе и тргнале со неа во нејзината земја. Таа била престара за да се грижи за нив. Сигурно многу ѝ значела љубовта што овие две жени ја покажале кон неа и кон нејзините синови. Била свесна дека смртта на нивните сопрузи многу ги погодила. Не можела ни да замисли да си го жртвуваат целиот свој живот заради неа.
13 На крајот, Ноемина им рекла: „Одете, вратете се, секоја во домот на својата мајка. Јехова нека ви покаже добрина како што вие им ја покажавте на умрените и мене“. Им посакала Јехова да ги благослови и повторно да се омажат и да имаат деца. Извештајот продолжува: „Тогаш ги бакна, а тие гласно заплакаа“. Рут и Орфа се приврзале за оваа мила и несебична жена и не сакале да ја остават. Со солзи ѝ велеле: „Не, туку со тебе ќе се вратиме кај твојот народ“ (Рут 1:8-10).
14, 15. а) На кои работи им се вратила Орфа? б) Со кои зборови Ноемина се обидела да ја убеди Рут да се врати?
14 Ноемина не дозволила лесно да ја разубедат. Ги уверувала дека нема смисла да дојдат со неа затоа што таа не можела да се грижи за себе, а камоли за нив. Немала маж, а ни синови за кои тие би можеле да се омажат. Немало ни од што да живеат. Искрено им рекла дека душата ѝ е полна со горчина затоа што е беспомошна. Орфа сметала дека Ноемина има право. Иако била тажна затоа што повеќе нема да ја види својата сакана свекрва, знаела дека животот во Моав, со нејзиното семејство кое ќе ѝ ја пружи сета потребна помош, ќе ѝ бил многу полесен отколку во Израел. Ја бакнала Ноемина и тргнала назад (Рут 1:11-14).
15 А каква одлука донела Рут? Во Библијата пишува: „Рут остана со неа“. Бидејќи Рут не сакала да тргне со Орфа, Ноемина ѝ рекла: „Ете, јатрва ти, која остана вдовица како тебе, се врати кај својот народ и кај своите богови. Врати се и ти со неа“ (Рут 1:15). Зборовите на Ноемина ни откриваат еден интересен детаљ. Орфа не се вратила само кај својот народ туку и кај „своите богови“. Очигледно продолжила да го обожава Хемос и другите лажни богови. Но, што направила Рут?
16-18. а) На кој начин Рут покажала верна љубов? б) Што учиме од Рут за верната љубов? (Види ги и сликите со овие две жени.)
16 На пустиот пат, Рут застанала пред Ноемина и ја погледнала право в очи. Била сигурна дека донела исправна одлука, не само затоа што била приврзана за својата свекрва туку и затоа што го сакала Богот на кој му служела Ноемина. Тогаш ѝ рекла: „Немој да ме наговараш да те оставам и да те напуштам, зашто, каде ќе одиш ти, таму ќе одам и јас, и каде што ќе се населиш ти, таму ќе се населам и јас. Твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог мој Бог. Каде ќе умреш ти, таму ќе умрам и јас, и таму ќе бидам погребана. Јехова нека ми направи така, и уште нека ми додаде, ако ме оддели од тебе нешто друго освен смртта“ (Рут 1:16, 17).
17 Овие зборови на Рут се навистина незаборавни. Бог се погрижил да останат сочувани сѐ до денес, 3.000 години откако биле кажани. Тие јасно ни ја доловуваат верната љубов, особина која ја красела нејзината личност. Рут чувствувала толку силна и искрена љубов кон својата свекрва што била спремна да остане крај неа засекогаш. Била решена да го напушти својот роден крај и да го прифати како свој народот на Ноемина. За разлика од Орфа, Рут од сѐ срце сакала да му служи на Јехова, Богот на Ноемина.b
18 Ноемина престанала да ја разубедува Рут. И двете продолжиле кон Витлеем. Според една проценка, требало да патуваат една седмица за да стигнат таму. Сигурно многу им значело тоа што во сите проблеми што ги снашле можеле да си помагаат една на друга.
19. Како можеме и ние да покажуваме верна љубов во семејството, кон пријателите и кон соверниците?
19 Живееме во свет во кој никој не е поштеден од проблеми и неволји. Библијата прорекла: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). Денес на своја кожа можеме да почувствуваме колку се точни овие зборови. Сите сме погодени од тешкотии кои ни причинуваат болка во срцето. Затоа е многу важно да покажуваме верна љубов како Рут. Таквата љубов е постојана и незгаслива и затоа е од непроценлива вредност во овој злобен свет. Треба да ја покажуваме во семејството, кон брачниот другар, кон соверниците и кон пријателите. (Прочитај 1. Јованово 4:7, 8, 20.) Не е претерано да се каже дека таа особина е многу скапоцена и дека се исплати да направиме сѐ за да ја стекнеме.
Рут и Ноемина во Витлеем
20-22. а) Каква трага врз Ноемина оставил животот во Моав? б) Какво погрешно гледиште за своите неволји имала Ноемина? (Прочитај и Јаков 1:13.)
20 Се разбира, многу е полесно да се зборува за љубовта отколку таа да се покаже на дело. Рут имала можност да покаже верна љубов не само кон Ноемина туку и кон Јехова, Богот кому избрала да му служи.
21 По долгиот пат, двете жени конечно пристигнале во Витлеем, гратче на десетина километри јужно од Ерусалим. Изгледа дека семејството на Ноемина некогаш уживало голем углед, бидејќи брзо се расчула веста дека таа се вратила. Жените велеле: „Ова ли е Ноемина?“ Очигледно, времето минато во Моав оставило трага врз неа. Брчките на лицето и подгрбавеното тело биле нем сведок дека животот не ја штедел (Рут 1:19).
22 На своите роднини и сосетки Ноемина отворено им рекла дека животот ѝ бил полн со горчина. Дури им рекла веќе да не ја викаат Ноемина, што значи „моја веселба“, туку да ја викаат Мара, што значи „горчило“. Кутрата Ноемина! Слично на верниот Јов, кој мислел дека неволјите му ги нанел Јехова, и Ноемина се мачела со мислата дека Бог ѝ го свртел грбот (Рут 1:20, 21; Јов 2:10; 13:24-26).
23. За што почнала да размислува Рут, и каква одредба за сиромашните содржел Мојсеевиот закон? (Види ја и фуснотата.)
23 Така, Рут и Ноемина започнале нов живот во Витлеем. Рут размислувала што може да направи за да се прехрани себе и својата свекрва. Дознала дека Законот што Јехова им го дал на Израелците содржел одредба која ги штитела сиромашните. Законот налагал земјоделците да ги оставаат неожнеани краевите на своите ниви за да можат сиромашните да доприбираат од она што останувало по жетваритеc (3. Мој. 19:9, 10; 5. Мој. 24:19-21).
24, 25. Што направила Рут кога се нашла на нивите на Вооз? Што вклучувало доприбирањето?
24 Било време кога се жнеел јачменот, веројатно април според денешниот календар, и Рут отишла на полињата за да види кој ќе ѝ дозволи да доприбира на неговата нива. Случајно се нашла на нивите на Вооз кој бил богат земјопоседник и роднина на Елимелех, починатиот сопруг на Ноемина. Иако Законот ѝ давал право да доприбира каде сака, покажала почит кон сопственикот на нивите на кои дошла и му пристапила на работникот што ги надгледувал жетварите. Го замолила да ѝ дозволи да ги собира испуштените класови. Откако ѝ било одобрено, Рут веднаш се фатила за работа (Рут 1:22—2:3, 7).
25 Замисли си ја Рут како цел ден собира класје по жетварите. Додека тие го жнеат јачменот замавнувајќи со срповите, таа се наведнува за да собере сѐ што им паднало или што оставиле зад себе, ги врзува страковите во снопови, а потоа ги носи на место каде што подоцна ќе може да ги оврши. Тоа било бавна и напорна работа, и како што одминувал денот, Рут имала сѐ помалку сила. Сепак, не престанувала со работата, освен за да ја избрише потта од челото или за да поткасне нешто, веројатно под сенката на некоја натстрешница.
26, 27. Каков човек бил Вооз, и како се однесувал кон Рут?
26 Иако со ништо не сакала да го привлече вниманието на себе, Вооз ја забележал. Тој го прашал момчето што било надзорник која е таа жена. Вооз бил човек со голема вера, што можело да се види од начинот на кој се однесувал со другите. Кога дошол на нивата, сите свои работници, меѓу кои имало наемници, па дури и туѓинци, ги поздравил со зборовите: „Јехова да е со вас!“ Тие му одговориле: „Јехова да те благослови!“ Овој постар човек што многу го сакал Јехова, покажал татковска грижа кон Рут (Рут 2:4-7).
27 Нарекувајќи ја „ќерко“, Вооз ѝ рекол да продолжи да доприбира на неговите ниви и да се држи близу до девојките од неговото домаќинство за да не ја задева некој од работниците. Се погрижил да има јадење и за неа кога сите ручале. (Прочитај Рут 2:8, 9, 14.) Што е уште поважно, тој ја пофалил и ја охрабрил. Како?
28, 29. а) На каков глас била Рут? б) Како можеш и ти да се засолниш под крилјата на Јехова?
28 Рут го прашала Вооз со што ги заслужила неговата милост и внимание кога е туѓинка, а тој ѝ одговорил дека чул за сето она што го направила за својата свекрва. Веројатно Ноемина многу им ја фалела Рут на жените од Витлеем, а тоа стигнало и до ушите на Вооз. Сигурно чул и дека Рут почнала да му служи на Јехова, па затоа рекол: „Јехова нека ги награди твоите дела и Јехова, Богот на Израел, под чии крилја си дошла да побараш засолниште, нека ти даде целосна плата!“ (Рут 2:12).
29 Колку овие зборови мора да ѝ значеле на Рут! Таа нашла засолниште под крилјата на Јехова Бог, како што едно пиленце наоѓа заштита под крилјата на својата мајка. Му се заблагодарила на Вооз за убавите зборови и продолжила да работи сѐ до вечерта (Рут 2:13, 17).
30, 31. Што можеме да научиме од Рут за трудољубивоста, благодарноста и верната љубов?
30 Во постапките на Рут може да се види цврста вера и доверба во Јехова. Во овие тешки времиња, кога многумина едвај врзуваат крај со крај, мудро е да се угледаме на неа. Рут не мислела дека другите се должни да ја издржуваат и била благодарна за секоја помош што ќе ја добиела. Била спремна да се жртвува за оние што ги сакала и не ѝ било понижување да работи тешка физичка работа. Го послушала Вооз за тоа каде и со кого да работи и така покажала дека е благодарна за мудриот совет што ѝ го дал. Во ниеден момент не заборавила дека сѐ што има му должи на својот небесен Татко, кој со многу љубов се грижел за неа.
31 Со својата трудољубивост, понизност, благодарност и најмногу со својата верна љубов, Рут ни оставила одличен пример. Ако се угледаме на неа, и ние можеме да ги поттикнеме другите да ги покажуваат овие убави особини. Но, што се случило понатаму со Рут и Ноемина? Во следното поглавје ќе дознаеме како Јехова продолжил да им помага на овие извонредни жени.
a Интересно е дека името на градот Витлеем на хебрејски јазик значи „куќа на лебот“.
b Вреди да се забележи дека Рут го употребила Божјето лично име, Јехова, а не само безличната титула „Бог“, како што би направиле мнозина кои не му припаѓале на израелскиот народ. Во едно дело пишува: „Писателот на оваа библиска книга јасно сакал да истакне дека Рут, иако не била Израелка, му служела на вистинскиот Бог“ (The Interpreter’s Bible).
c Оваа одредба била многу добра, а Рут сигурно немала чуено за такво нешто во својата земја. Во тоа време, на Блискиот Исток се постапувало лошо со вдовиците. Во еден библиски прирачник пишува: „По смртта на мажот, за вдовицата требало да се грижат нејзините синови, но ако немала синови, за да не умре од глад била принудена да се продаде како робинка или да стане проститутка“.