ШЕСТО ПОГЛАВЈЕ
Во молитва му го излеала своето срце на Бог
1, 2. а) Зошто Ана била тажна кога се подготвувала за патувањето во Сило? б) Што можеме да научиме од извештајот за Ана?
АНА се зафатила со подготовките околу патувањето, обидувајќи се да не мисли на она што ја мачи. Претстоел еден радосен настан. Нејзиниот сопруг Елкана секоја година го водел своето семејство во Сило, каде што се наоѓал светиот шатор, за да му се поклонат на својот Бог. Јехова сакал во тие прилики неговите слуги да бидат весели. (Прочитај 5. Мојсеева 16:15.) Ана несомнено уште како дете им се радувала на овие празници. Но, последните неколку години не било така.
2 Ана имала маж што многу ја сакал. Меѓутоа, Елкана имал уште една жена, Фенина. По сѐ изгледа таа сакала што повеќе да ѝ го загорчи животот на Ана. Фенина смислила како може дури и на тие празници да ѝ нанесува длабока болка на Ана. Што правела Фенина? Што е уште поважно, на кој начин верата во Јехова ѝ помогнала на Ана да издржи во ситуацијата што честопати ѝ изгледала безизлезна? Ако се соочуваш со проблеми што ти ја одземаат радоста, библискиот извештај за Ана посебно ќе те трогне.
„Зошто ти е тажно срцето?“
3, 4. Кои два проблема ја измачувале Ана?
3 Од Библијата дознаваме дека Ана ја измачувале два големи проблеми. Во врска со првиот не можела да направи многу, а пред вториот била сосема немоќна. Како прво, живеела во полигамен брак, а нејзината соперничка ја мразела. Како второ, Ана не можела да има деца. Тоа тешко ја погодува секоја жена што сака да има деца, но во времето и во општеството во кое живеела Ана тоа било причина за голема тага. Секое семејство очекувало потомците да ја продолжат семејната лоза и да го зачуваат името на фамилијата. За една жена било големо понижување и срам да биде неротка.
4 Ана веројатно ќе имала сила да го поднесе таквото понижување да не било она што ѝ го правела Фенина. Во еден полигамен брак односите никогаш не биле идеални. Често имало соперништво, кавги и повредени чувства. Таквиот брак бил далеку од мерилото што Бог го поставил во еденската градина, според кое мажот може да има само една жена (1. Мој. 2:24). Затоа, Библијата ја прикажува полигамијата во лошо светло, а жалниот опис на животот во домот на Елкана убаво покажува зошто на луѓето во една таква заедница не им било лесно.
5. Зошто Фенина уживала да ја повредува Ана, и како го правела тоа?
5 Елкана повеќе ја сакал Ана. Според еврејските кажувања, тој прво се оженил со Ана, а по неколку години со Фенина. Како и да е, Фенина ѝ била многу љубоморна на Ана и на разни начини ѝ нанесувала болка. Фенина била во голема предност во однос на Ана затоа што имала деца. Раѓала едно дете по друго, и за секое од нив била сѐ погорда. Наместо да сочувствува со Ана и да ја теши во маката, Фенина уште повеќе ѝ го загорчувала животот (1. Сам. 1:6). Тоа го правела намерно. Уживала да ја повредува Ана, и тоа лесно ѝ одело од рака.
6, 7. а) И покрај тоа што Елкана се обидувал да ја утеши Ана, што ја спречило да му каже сѐ што ја мачи? б) Дали тоа што Ана била неротка покажува дека Јехова имал нешто против неа? Објасни. (Види ја фуснотата.)
6 Изгледа дека Фенина посебно сакала да ја провоцира Ана кога целото семејство одело во Сило. Така било и овој пат. На секое од многуте деца на Фенина — „на сите нејзини синови и на нејзините ќерки“ — Елкана им дал делови од жртвите што му ги принеле на Јехова. Но, неговата сакана Ана го добила само својот дел. Поради тоа, љубоморната Фенина по кој знае кој пат дрско ја потсетила Ана дека е неротка. Кутрата жена плачела, па дури и го изгубила апетитот. Елкана забележал дека неговата сакана жена била тажна и не јадела, па се обидел да ја утеши. „Ана, зошто плачеш?“ — ја прашал. „Зошто не јадеш? И зошто ти е тажно срцето? Зарем не сум ти јас подобар од десет синови?“ (1. Сам. 1:4-8).
7 За пофалба е тоа што Елкана сфатил дека на Ана ѝ било тешко затоа што не можела да има деца.a На Ана сигурно многу ѝ значело тоа што бил добар кон неа и што ѝ покажал колку многу ја сака. Но, Елкана не го спомнал злобното однесување на Фенина ниту, пак, во библискиот извештај можеме да прочитаме дека Ана му кажала нешто за тоа. Можеби си мислела дека само ќе ја влоши ситуацијата ако отворено каже како се однесува Фенина кон неа. Зар Елкана би можел да смени нешто? Немало ли поради тоа Фенина уште повеќе да ја замрази, па по нејзиниот пример да се поведат и децата и слугите? Така Ана само уште повеќе би се чувствувала како странец во сопствената куќа.
Кога домашните се однесувале лошо со Ана, таа побарала утеха од Јехова
8. Кога некој ќе ти напакости или ќе ти нанесе неправда, зошто е утешно да мислиш на тоа дека Јехова е Бог на правдата?
8 Сеедно дали Елкана знаел или не знаел за сите ситни пакости кои ги правела Фенина, Јехова Бог видел сѐ. Неговата Реч ни ја открива целата слика за тоа што се случувало, и така им упатува сериозно предупредување на сите што од љубомора или од омраза прават пакосни работи што изгледаат како ситници. Од друга страна, недолжните и мирољубиви луѓе, како што била Ана, можат да се утешат од мислата дека Богот што ја сака правдата во свое време и на свој начин ќе ја исправи секоја неправда. (Прочитај 5. Мојсеева 32:4.) Веројатно и Ана го знаела тоа, бидејќи му се обратила на Јехова за помош.
„Лицето повеќе не ѝ беше тажно“
9. Што учиме од тоа што Ана отишла во Сило иако знаела како ќе се однесува нејзината соперничка?
9 Во раните утрински часови сите во семејството биле раздвижени. Секој се подготвувал за пат, дури и децата. За да стигнат до Сило, членовите на тоа големо семејство требало да поминат повеќе од 30 километри низ ефремските планини.b Веројатно оделе пеш и патувањето траело еден или два дена. Ана знаела како ќе се однесува нејзината соперничка. Меѓутоа, не останала дома. Со тоа им дала одличен пример на сите Божји слуги сѐ до денешно време. Не е мудро поради лошото однесување на другите да престанеме да му служиме на Бог. Ако дозволиме да се случи тоа, ќе останеме без благословите што ни даваат сила да истраеме.
10, 11. а) Зошто Ана отишла во светиот шатор штом ѝ се укажала можност? б) Како Ана му го излеала своето срце на Јехова?
10 По цел ден одење по кривулестите планински патишта, ова големо семејство конечно наближило до Сило. Тој град се наоѓал на едно ритче кое речиси од сите страни било опкружено со повисоки ридови. Додека се приближувале кон градот, Ана сигурно многу размислувала што да му каже на Јехова во молитва. Кога семејството стигнало во Сило, сите седнале да јадат. Штом ѝ се укажала можност, Ана се одвоила од останатите и отишла во Јеховиниот свет шатор. На влезот седел првосвештеникот Илиј. Но, Ана не го забележала бидејќи мислела само на својот Бог. Била цврсто уверена дека таму, во светиот шатор, Јехова ќе ја слушне. Дури и ако никој друг не можел потполно да разбере колку ѝ било тешко, нејзиниот небесен Татко можел да ја разбере. Чувствувала толку силна болка во душата што почнала горко да плаче.
11 Додека телото ѝ се грчело од липање, Ана во себе му се молела на Јехова. Усните ѝ трепереле додека во мислите ги изговарала зборовите со кои ја изразувала својата болка. Се молела долго, излевајќи му го срцето на својот Татко. Меѓутоа, она за што толку многу копнеела не било единственото нешто за кое зборувала со Јехова. Ана многу сакала Бог да ја благослови со дете, но сакала и таа да му даде на Бог сѐ што може. Затоа се заколнала дека, ако роди син, ќе му го даде на Јехова за да му служи до крајот на животот (1. Сам. 1:9-11).
12. Што покажува примерот на Ана во врска со молитвите?
12 Со својата молитва Ана им оставила пример на сите Божји слуги. Јехова љубезно ги повикува оние што му служат слободно да му кажуваат сѐ што ги мачи, како што едно дете со потполна доверба му кажува сѐ на својот грижлив родител. (Прочитај Псалм 62:8; 1. Солуњаните 5:17.) Апостол Петар, воден од светиот дух, ги напишал следниве утешни зборови: „Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас“ (1. Пет. 5:7).
13, 14. а) Каков избрзан заклучок донел Илиј во врска со Ана? б) Каков одличен пример ни оставила Ана со начинот на кој му се обратила на Илиј?
13 Меѓутоа, луѓето немаат толкаво разбирање и сочувство како Јехова. Додека Ана плачела и се молела, се сепнала кога чула еден глас. Тоа бил првосвештеникот Илиј, кој сето време ја набљудувал. Тој ѝ рекол: „До кога ќе бидеш пијана? Отрезни се од своето вино!“ Илиј ги забележал растреперените усни на Ана, нејзиното липање и нејзиниот емоционален немир. Наместо да ја праша што ја мачи, брзоплето заклучил дека е пијана (1. Сам. 1:12-14).
14 Во тој болен момент, на Ана сигурно ѝ паднало многу тешко кога чула едно такво неосновано обвинение — и тоа од устата на човек што бил на многу висока положба! Сепак, и тогаш Ана покажала извонредна вера и со тоа ни оставила одличен пример. Не дозволила грешките на еден несовршен човек да ја спречат да му служи на Јехова. Со почит му се обратила на Илиј и му објаснила што ја мачи. Откако ја увидел својата грешка, тој со благ глас ѝ рекол: „Оди си во мир! И Богот на Израел нека ти ја услиши молитвата што си му ја упатила“ (1. Сам. 1:15-17).
15, 16. а) Како се чувствувала Ана откако од срце му се помолила на Јехова и му се поклонила во неговиот свет шатор? б) Како можеме да се угледаме на Ана кога сме преплавени од негативни чувства?
15 Како се чувствувала Ана откако од срце му се помолила на Јехова и му се поклонила во неговиот свет шатор? Во Библијата пишува: „Потоа си отиде по својот пат, па јадеше и лицето повеќе не ѝ беше тажно“ (1. Сам. 1:18). На Ана ѝ олеснало. Таа како да ја префрлила тежината на својот емоционален товар врз многу посилни плеќи, оние на нејзиниот небесен Татко. (Прочитај Псалм 55:22.) Зар постои проблем што е претежок за него? Се разбира дека не! Не постоел тогаш, не постои сега ниту, пак, некогаш ќе постои!
16 Кога сме притиснати од проблеми или кога сме совладани од тага треба, како Ана, искрено да му се помолиме на Бог, за кого Библијата вели дека „ги слуша молитвите“ (Пс. 65:2). Ако со вера побараме помош од него, чувството на тага ќе биде заменето со „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Фил. 4:6, 7).
„Нема карпа каква што е нашиот Бог“
17, 18. а) Како реагирал Елкана на заветот што го дала Ана? б) Што сфатила Фенина?
17 Следното утро, Ана и Елкана повторно отишле во светиот шатор. Веројатно таа му кажала за што се молела и што му ветила на Јехова бидејќи, според Мојсеевиот закон, мажот имал право да го поништи заветот што го дала жена му без негова согласност (4. Мој. 30:10-15). Но, овој верен човек не го направил тоа. Напротив, тој и Ана се поклониле пред Јехова во светиот шатор, а потоа се вратиле дома.
18 Кога сфатила Фенина дека со своите постапки веќе не може да ја вознемири Ана? Библијата не ни го кажува тоа, но од зборовите „лицето повеќе не ѝ беше тажно“ можеме да заклучиме дека Ана се чувствувала подобро откако во Сило му се помолила на Јехова. Како и да е, по некое време Фенина сфатила дека со својата подлост веќе не може да ја повреди Ана. Во Библијата никогаш повторно не се спомнува нејзиното име.
19. Каков благослов добила Ана и како покажала дека му е благодарна на оној што ѝ го дал?
19 По неколку месеци, душевниот мир на Ана прераснал во неизмерна радост. Била бремена! Во целата таа радост ниту за момент не заборавила од каде ѝ дошол тој благослов. Кога се родило детето, му го дала името Самоил, што значи „Божје име“ и очигледно укажува на тогашниот обичај да се повикува Божјето име, како што го повикала и самата Ана. Таа година не отишла во Сило со Елкана и целото семејство. Останала дома со детето. Така било три години, сѐ додека не престанала да го дои. Тогаш дошол денот кога требало да собере сили за да се раздели од своето сакано синче.
20. Како Ана и Елкана го одржале ветувањето што му го дале на Јехова?
20 Разделбата сигурно не ѝ била лесна. Се разбира, Ана знаела дека во Сило Самоил ќе биде во добри раце затоа што за него веројатно ќе се грижеле некои од жените што служеле во светиот шатор. Сепак, тој бил толку мал, а која мајка не чезнее да биде со своето детенце? И покрај тоа, Ана и Елкана го одвеле Самоил во Божјиот дом, но не со тешко срце, туку со радост и со искрена благодарност. Принеле жртви во Јеховиниот дом, а Самоил му го однеле на Илиј, потсетувајќи го на заветот што го дала Ана три години претходно.
21. Како што се гледа од нејзината молитва, колку силна вера имала Ана? (Види ја и рамката „Две значајни молитви“.)
21 Тогаш Ана се помолила, а Бог сметал дека нејзините зборови треба да бидат дел од неговата вдахновена Реч. Додека ја читаш таа молитва запишана во 1. Самоилова 2:1-10, ќе видиш колку силна вера имала оваа жена. Таа го фалела Јехова за тоа што на чудесен начин ја употребил својата моќ — за неговата неверојатна способност да ги понижи горделивите, да ги благослови угнетените, да стави крај на нечиј живот или, пак, дури и да спаси некого од смртта. Го фалела својот Татко за неговата голема светост, правда и верност. Со право Ана можела да рече: „Нема карпа каква што е нашиот Бог“. На Јехова можеме целосно да се потпреме, тој не се менува и им служи како прибежиште на угнетените и напатени луѓе кои му се молат за помош.
22, 23. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Самоил растел со родителска љубов и грижа? б) На кои други начини Јехова ја благословил Ана?
22 За малиот Самоил било голем благослов тоа што неговата мајка имала толку цврста вера во Јехова. Иако му недостасувала, никогаш не се чувствувал напуштен и заборавен. Секоја година Ана доаѓала во Сило и му давала туника за да ја носи додека служи во светиот шатор. Во неа ја вткајувала сета своја мајчинска љубов и грижа. (Прочитај 1. Самоилова 2:19.) Можеме да си замислиме како на своето синче му ја облекува новата туника, му ја измазнува и милно го гледа додека нежно го храбри. За Самоил било вистински благослов тоа што имал таква мајка, а кога пораснал, и самиот тој бил благослов за своите родители и за целиот Израел.
23 Но, ни Ана не била заборавена. Јехова ја благословил со тоа што можела да раѓа, па му родила на Елкана уште пет деца (1. Сам. 2:21). Меѓутоа, за неа било најголем благослов тоа што со својот Татко, Јехова, имала близок однос кој со годините сѐ повеќе и повеќе се продлабочувал. Ако се угледаш на верата на Ана, и ти ќе можеш да бидеш толку близок со Јехова.
a Иако во библискиот извештај пишува дека Јехова ‚ѝ ја затворил материцата на Ана‘, нема никакви докази дека Бог имал нешто против оваа понизна и верна жена (1. Сам. 1:5). Понекогаш, во Библијата пишува дека Бог направил нешто што всушност не го предизвикал, туку само дозволил извесно време да се случува.
b Ова растојание се темели на претпоставката дека родниот град на Елкана, Рама, е истото место што во времето на Исус било познато како Ариматеја.