Биди лојален како Етај
„ГОЛЕМИ и чудесни се твоите дела, Јехова Боже, Семоќен! Праведни и сигурни се твоите патишта, Царе на вечноста! Кој нема да се плаши од тебе, Јехова, и да го слави твоето име? Зашто, само ти си лојален.“ Оваа песна што на небото ја пеат „оние што го победија ѕверот и неговиот лик“, нагласува колку е лојален Бог (Отк. 15:2-4). Јехова сака и неговите слуги да бидат лојални како Него (Еф. 4:24).
За разлика од Бог, Сатана Ѓаволот прави сѐ што е во негова моќ за да ги одвои Божјите слуги на Земјата од љубовта на Богот кому му служат. Сепак, и покрај тоа, мнозина му останале лојални на Бог дури и во многу тешки околности. Навистина сме неизмерно благодарни што Јехова толку многу ја цени таквата оддаденост! Всушност, ја имаме оваа гаранција: „Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални“ (Пс. 37:28). За да ни помогне да му останеме лојални, тој дал во неговата Реч да бидат запишани примери на голем број негови верни слуги. Еден таков пример е Етај од Гат.
‚Туѓинец и протеран‘
Етај веројатно бил од познатиот филистејски град Гат, од каде што потекнувал џинот Голијат, а и други непријатели на Израел. Во Библијата, искусниот воин Етај за првпат се спомнува во времето кога Авесалом се побунил против цар Давид. Етај и 600 Филистејци кои го следеле во тоа време живееле во близината на Ерусалим затоа што биле протерани од својата земја.
Ситуацијата на Етај и неговите следбеници можеби го потсетувала Давид на времето кога и самиот бил бегалец и кога заедно со 600 израелски војници преминал на филистејска територија, на делот каде што владеел Ахис, царот на Гат (1. Сам. 27:2, 3). Што направиле Етај и неговите луѓе кога Авесалом се побунил против својот татко Давид? Дали застанале на страната на Авесалом? Дали останале неутрални? Или, пак, им се придружиле на Давид и неговите луѓе?
Замисли си ја сцената: Додека бега од Ерусалим, Давид застанува кај местото Вет-Мерак што значи „Крајната куќа“. Веројатно тоа е последната куќа во Ерусалим на патот што водел кон Маслинската Гора, пред да се помине долината Кедрон (2. Сам. 15:17). Овде Давид ја проверува својата војска додека поминува низ долината. Но, има еден интересен детаљ. Со Давид не се само лојалните Израелци туку и сите Херетејци и сите Фелетејци. И тоа не е сѐ! Таму се и сите од Гат — Етај и неговите 600 луѓе (2. Сам. 15:18).
Давид знае во каква ситуација е Етај, и затоа му вели: „Зошто одиш и ти со нас? Врати се и остани кај царот [очигледно мисли на Авесалом]! Впрочем, ти си туѓинец, а и самиот си протеран од својата земја. Вчера дојде, па зар денес да те водам да талкаш со нас, да одиш секаде каде што одам јас? Врати се и поведи ги со себе своите браќа, а Јехова нека ти покаже милост и верност!“ (2. Сам. 15:19, 20).
Но, тогаш Етај ја покажува својата непоколеблива лојалност. Тој му вели на Давид: „Како што е жив Јехова и како што е жив мојот господар, царот, каде и да биде мојот господар, царот, било за смрт било за живот, таму ќе биде и твојот слуга!“ (2. Сам. 15:21). Ова можеби го потсетило Давид на зборовите што во една прилика ги кажала неговата прабаба Рут (Рут 1:16, 17). Трогнат од зборовите на Етај, Давид му вели: „Ајде помини“ преку долината Кедрон. И така ‚Етај од Гат поминал со сите свои луѓе и со сите свои деца што биле со него‘ (2. Сам. 15:22).
„За наша поука“
Во Римјаните 15:4 читаме: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука“. Затоа е добро да се прашаме: ‚Што учиме од примерот на Етај?‘ Да разгледаме неколку причини зошто веројатно Етај му бил лојален на Давид. Иако бил туѓинец и протеран од Филистеја, нему му било јасно дека Јехова е живиот Бог и дека Давид бил Јеховиниот помазаник. Етај не се концентрирал само на непријателството меѓу Израелците и Филистејците туку гледал подлабоко на работите. За него Давид не бил само некој што го убил филистејскиот јунак Голијат и многу други Филистејци (1. Сам. 18:6, 7). Етај гледал на Давид како на човек кој го сака Јехова и сигурно ги видел неговите извонредни особини. И Давид многу го почитувал Етај. Во решавачката битка против војската на Авесалом, Давид дури поставил една третина од своите чети „под заповедништво на Етај“! (2. Сам. 18:2).
И ние треба да се трудиме да не се концентрираме на културните, расните и етничките разлики, односно треба да ја избришеме секоја трага на предрасуди и непријателство кај себе, и да се концентрираме на убавите особини кај другите. Врската меѓу Давид и Етај ни покажува дека тоа што го познаваме и го сакаме Јехова може да ни помогне да ги надминеме таквите пречки.
Додека размислуваме за примерот на Етај, би било добро да се прашаме: ‚Дали и јас сум му толку лојален на Поголемиот Давид, Исус Христос? Дали мојата лојалност се гледа од тоа што ревносно проповедам и им помагам на другите да станат негови ученици?‘ (Мат. 24:14; 28:19, 20). ‚Што сѐ сум спремен да поднесам за да докажам дека сум лојален?‘
И семејните поглавари можат да извлечат поука ако размислуваат за лојалноста на Етај. Неговата верност кон Давид и тоа што одлучно застанал на страната на Божјиот помазан цар влијаеле и врз неговите луѓе. На сличен начин, одлуките што ги носат семејните поглавари во врска со служењето на вистинскиот Бог влијаат врз нивните семејства, а понекогаш можат да донесат дури и тешкотии. Сепак, уверени сме дека ‚со лојалниот Јехова постапува лојално‘ (Пс. 18:25).
По битката меѓу Давид и Авесалом, Етај повеќе не се спомнува во Библијата. Сепак, од овој краток извештај за него, запишан во Божјата реч, можеме да научиме многу за тоа каков човек бил тој кога Давид минувал низ тежок период од животот. Тоа што Етај е спомнат во Библијата е доказ дека Јехова ги гледа и ги наградува оние што му се лојални (Евр. 6:10).