Дали сте знаеле?
Зошто во војската на цар Давид имало некои што не биле Израелци?
ВО ВОЈСКАТА на Давид, меѓу војниците кои не биле Израелци, биле Селек Амонецот, Урија Хетеецот и Итма Моавецотa (1. Лет. 11:39, 41, 46). Исто така, во војската имало и Херетејци, Фелетејци и луѓе од Гат (2. Сам. 15:18). Луѓето од Гат биле Филистејци, а се чини дека и Херетејците и Фелетејците биле во блиско сродство со Филистејците (Ис. Нав. 13:2, 3; 1. Сам. 6:17, 18; Езек. 25:16).
Зошто Давид дозволил во неговата војска да има туѓинци? Тој бил уверен дека тие му биле верни нему, а што е уште поважно, дека му биле верни на Јехова. На пример, во врска со Херетејците и Фелетејците, во еден библиски речник го пишува следново: „Тие му останале верни на Давид во најтешките моменти од неговото владеење“ (The New Interpreter’s Dictionary of the Bible). Како ја покажале својата верност? Кога „сите Израелци“ го оставиле Давид за да го следат злобниот Сава, Херетејците и Фелетејците останале со Давид и му помогнале да ја задуши побуната на Сава (2. Сам. 20:1, 2, 7). Во друга прилика, Адонија, синот на цар Давид, се обидел да го преземе неговиот престол. Но, Херетејците и Фелетејците му останале верни на Давид и му помогнале да го постави Соломон за следен цар бидејќи тој бил избран од Јехова (1. Цар. 1:24-27, 38, 39).
Друг војник што не бил Израелец, а му останал верен на Давид, бил Етај од Гат. Етај и неговите 600 војници го поддржале цар Давид кога Авесалом, синот на Давид, се побунил и се обидел да ги наведе Израелците да се свртат против царот. Давид му рекол на Етај дека, бидејќи е туѓинец, не мора да се бори. Но Етај рекол: „Како што е жив Јехова и како што е жив мојот господар, царот, каде и да биде мојот господар, царот, било за смрт било за живот, таму ќе биде и твојот слуга!“ (2. Сам. 15:6, 18-21).
Иако биле туѓинци, Херетејците, Фелетејците и луѓето од Гат сфатиле дека Јехова е вистинскиот Бог, и имале длабока почит кон него и кон Давид како негов помазаник. Давид сигурно бил многу благодарен што имал вакви верни луѓе покрај себе!
a Божјиот закон што е запишан во 5. Мојсеева 23:3-6 забранувал во израелската заедница да бидат примени Амонци и Моавци. По сѐ изгледа, овој закон не им дозволувал на туѓинците да бидат рамноправни членови на израелската заедница, но не им забранувал да се дружат со Божјиот народ и да живеат меѓу него. Види во Увид во Писмото, том 1, стр. 95 (на англиски јазик).