Старешини — ‚наши соработници за да бидеме радосни‘
„[Ние] сме ваши соработници за да бидете радосни“ (2. КОР. 1:24)
1. Која вест за христијаните во Коринт многу го израдувала Павле?
ВО 55 год. од н.е., апостол Павле се наоѓал во пристанишниот град Троада. Но, не можел да престане да мисли на браќата во Коринт. Кратко пред тоа, дознал дека меѓу нив имало караници, и затоа бил многу загрижен. Бидејќи ги сакал како татко, тој им испратил писмо за да ги посоветува (1. Кор. 1:11; 4:15). Освен тоа, го испратил кај нив и својот соработник Тит кој потоа требало да дојде кај него во Троада за да му каже што се случува во коринтското собрание. За жал, Тит не дошол и Павле отпловил за Македонија. Многу се израдувал кога по некое време се сретнал таму со Тит, кој му раскажал дека браќата во Коринт го послушале неговиот совет и едвај чекале повторно да го видат. Кога го чул тоа, Павле ‚се израдувал уште повеќе‘ (2. Кор. 2:12, 13; 7:5-9).
2. а) Што им напишал Павле на Коринќаните во врска со верата и радоста? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?
2 Кратко потоа, Павле им напишал уште едно писмо на Коринќаните. Тој им кажал: „Не велам дека ние сме господари на вашата вера, туку дека сме ваши соработници за да бидете радосни, бидејќи со вашата вера стоите“ (2. Кор. 1:24). Што сакал да каже Павле со ова? И како овие зборови треба да влијаат врз христијанските старешини денес?
НАШАТА ВЕРА И НАШАТА РАДОСТ
3. а) Што сакал да каже Павле кога напишал: „Со вашата вера стоите“? б) Како старешините денес го следат примерот на Павле?
3 Павле спомнал две важни особини кои треба да ги поседуваат христијаните — вера и радост. Во врска со верата, видовме дека Павле напишал: „Не велам дека ние сме господари на вашата вера... бидејќи со вашата вера стоите“. Павле знаел дека браќата во Коринт му служеле лојално на Јехова поради тоа што имале вера во Него, а не поради Павле или кој и да било друг човек. Затоа, тој не мислел дека има потреба да ја контролира верата на своите браќа, а и не сакал да го прави тоа. Имал доверба дека тие се верни христијани кои сакаат да го прават она што е исправно (2. Кор. 2:3). Денес старешините го следат неговиот пример со тоа што не се сомневаат дека нивните браќа имаат вера во Бог и дека му служат од добри мотиви (2. Сол. 3:4). Тие не наметнуваат крути правила во собранието, туку се потпираат на библиските начела и водството од Јеховината организација. Впрочем, денешните старешини не господарат со верата на своите браќа (1. Пет. 5:2, 3).
4. а) Што сакал да каже Павле кога напишал: „[Ние] сме ваши соработници за да бидете радосни“? б) Како старешините денес покажуваат ист став како Павле?
4 Павле исто така изјавил: „[Ние] сме ваши соработници за да бидете радосни“. Кога рекол „соработници“, Павле мислел на себе и на оние што заедно со него духовно им помагале на Коринќаните. Од каде знаеме? Во истото послание, Павле ги потсетил Коринќаните на двајца од тие соработници кога напишал: „Исус... ви го проповедавме [ние] — јас и Силван и Тимотеј“ (2. Кор. 1:19). Освен тоа, кога во своите посланија Павле го користел изразот „соработници“, секогаш мислел на оние кои ревносно ја проповедале добрата вест заедно со него, како што биле Акила, Приска, Тимотеј, Тит и други (Рим. 16:3, 21; 2. Кор. 8:23). Затоа, кога рекол: „[Ние] сме ваши соработници за да бидете радосни“, Павле ги уверил Коринќаните дека тој и оние што биле со него сакале да направат сѐ што е во нивна моќ за да им помогнат на сите во собранието да служат со радост. Денес, христијанските старешини имаат иста цел. Тие сакаат да прават сѐ што можат за да им помогнат на своите браќа ‚да му служат на Јехова со веселба‘ (Пс. 100:2; Фил. 1:25).
5. Кое прашање им било поставено на некои браќа и сестри, и за што треба да размислиме?
5 Неодамна, на една група ревносни браќа и сестри кои живеат во различни делови на светот им беше поставено следново прашање: „Кои зборови и постапки на старешините ви помогнале да бидете уште порадосни?“ Додека ги разгледуваме нивните одговори, да размислиме како ние би одговориле на истото прашање. Освен тоа, да видиме како секој од нас може да придонесе за радоста во собранието.a
„ПОЗДРАВЕТЕ ЈА ПЕРСИДА, НАШАТА САКАНА СЕСТРА“
6, 7. а) На кој начин старешините можат да го следат примерот на Исус, на Павле и на други Божји слуги? б) Зошто браќата се радуваат кога ги памтиме нивните имиња?
6 Голем број браќа и сестри велат дека се многу радосни кога старешините покажуваат дека се вистински заинтересирани за нив. Еден начин на кој старешините го прават ова е така што го следат примерот на Давид, на Елиу и на самиот Исус. (Прочитај 2. Самоилова 9:6; Јов 33:1; Лука 19:5.) Сите овие Јеховини слуги покажале дека искрено се интересираат за другите со тоа што им се обраќале по име. И Павле знаел дека е важно да ги запамти и да ги користи имињата на своите соверници. Во заклучокот на едно од своите писма, тој ги навел имињата на повеќе од 25 браќа и сестри. Една од сестрите што ја спомнал била Персида. Во врска со неа, Павле рекол: „Поздравете ја Персида, нашата сакана сестра“ (Рим. 16:3-15).
7 На некои старешини им е тешко да памтат имиња. Сепак, ако се потрудат да запамтат како се вика секој соверник, тие како да му велат: ‚Ти си ми важен‘ (2. Мој. 33:17). На браќата им е многу мило кога гледаат дека старешината го знае нивното име, особено кога креваат рака за да коментираат на состаноците. (Спореди со Јован 10:3.)
„МНОГУ СЕ ТРУДЕШЕ ВО ГОСПОДАРОТ“
8. На кој важен начин Павле го следел примерот на Јехова и на Исус?
8 Павле исто така покажал дека се интересира за другите со тоа што искрено ги пофалувал. Ова е уште еден начин на кој можеме да ги радуваме нашите соверници. Затоа, во истото послание, Павле им напишал на Коринќаните: „Многу се гордеам со вас“ (2. Кор. 7:4). На браќата во Коринт сигурно им било многу мило кога ги чуле овие пофални зборови. Павле им дал слична пофалба и на други собранија (Рим. 1:8; Фил. 1:3-5; 1. Сол. 1:8). Всушност, откако ја спомнал Персида во своето послание до Римјаните, тој додал: „[Таа] многу се трудеше во Господарот“ (Рим. 16:12). Овие зборови сигурно ја охрабриле таа верна сестра! Со тоа што ги пофалувал другите, Павле, всушност, го следел примерот на Јехова и на Исус. (Прочитај Марко 1:9-11; Јован 1:47; Отк. 2:2, 13, 19).
9. Зошто сите во собранието се радосни кога меѓусебно се пофалуваат?
9 И денес старешините сфаќаат колку е важно да ги пофалуваат своите браќа и сестри (Изр. 3:27; 15:23). Секогаш кога еден старешина ќе пофали некој соверник, како да му вели: ‚Гледам колку се трудиш и многу те ценам‘. На браќата и сестрите многу им значат таквите зборови. Една сестра на возраст од околу 55 години вели: „На работа ретко добивам пофалба. Таму владее натпреварувачки дух и никому не му е гајле за другите. Затоа, кога некој старешина ќе ме пофали за она што го правам во собранието, тоа многу ме освежува и зајакнува. Неговите зборови ми покажуваат дека мојот небесен Татко ме сака“. Еден брат кој е самохран родител со две деца рекол дека неодамна еден старешина му кажал колку многу го цени она што го прави. Како влијаело ова врз братот? Тој вели: „Неговите зборови како да ми дадоа крилја!“ Со тоа што искрено ги пофалуваат соверниците, старешините им влеваат сила и радост. А тоа, пак, ги зајакнува да продолжат да чекорат по патот што води во живот и да „не се уморуваат“ (Иса. 40:31).
‚ПАСЕТЕ ГО БОЖЈЕТО СОБРАНИЕ‘
10, 11. а) Како старешините можат да го следат примерот на Неемија? б) Што ќе им помогне на старешините да ‚дадат духовен дар‘ кога прават пастирски посети?
10 На кој особено важен начин старешините покажуваат дека ги сакаат своите браќа и им помагаат да му служат на Јехова со уште поголема радост? Со тоа што веднаш преземаат нешто за да ги зајакнат и утешат оние на кои им е потребно охрабрување. (Прочитај Дела 20:28.) На овој начин, старешините го следат примерот на духовните пастири од минатото. На пример, кога Неемија забележал дека некои од неговите еврејски браќа се обесхрабриле, тој веднаш станал да ги охрабри (Неем. 4:14). Денес старешините сакаат да го прават истото. И тие ‚стануваат‘, односно веднаш преземаат нешто за да им ја зајакнат верата на сохристијаните. Старешините се трудат лично да ги охрабрат така што ги посетуваат во нивните домови. Во текот на овие пастирски посети, тие сакаат да им ‚дадат некој духовен дар‘ (Рим. 1:11). Што ќе им помогне во тоа?
11 Пред да направи пастирска посета, старешината треба да одвои време да размисли за оној кого сака да го посети. Би можел да се праша: ‚Со какви проблеми се бори тој брат или сестра? Што би можел да кажам за да го охрабрам? Кои стихови или примери од Библијата би можеле да му помогнат во неговите околности?‘ Ако однапред размисли за ова, тој ќе може да каже нешто што навистина ќе го зајакне братот или сестрата, наместо да зборува за обични и секојдневни работи. За време на пастирската посета, старешината внимателно слуша додека браќата и сестрите зборуваат (Јак. 1:19). Една сестра рекла: „Многу е утешно кога знам дека некој старешина ме слуша и навистина се труди да разбере како се чувствувам“ (Лука 8:18).
12. На кого во собранието му треба охрабрување, и зошто?
12 На кого му е потребно охрабрување од старешините? Павле ги советувал ‚да внимаваат на целото стадо‘. Значи, на сите членови на собранието им е потребно охрабрување, дури и на оние објавители и пионери кои со години верно ја вршат својата служба. Зошто им е потребна помош од духовните пастири? Бидејќи понекогаш и таквите духовно јаки поединци не можат сами да ги издржат притисоците што ги наметнува овој злобен свет. Еден настан од животот на цар Давид ќе ни помогне да разбереме зошто дури и на еден верен Божји слуга одвреме-навреме му треба помош од некој соверник.
‚АВИСАЈ МУ ПРИТРЧА НА ПОМОШ‘
13. а) Кога Јасви-Венов се обидел да го убие Давид? б) Зошто Ависај можел да му помогне на Давид?
13 Кратко откако бил помазан за цар, младиот Давид се соочил со Голијат, човек со џиновски раст од племето на Рефаимците. Храбриот Давид го убил овој џин (1. Сам. 17:4, 48-51; 1. Лет. 20:5, 8). Со години подоцна, во една битка со Филистејците, Давид повторно се нашол лице в лице со еден џин. Тој се викал Јасви-Венов, и исто така бил Рефаимец (2. Сам. 21:16). Но, овој пат џинот за малку ќе го убиел. Зошто? Не затоа што Давид ја изгубил својата храброст, туку затоа што ја изгубил својата сила. Библијата вели: „Давид се умори“. Штом забележал дека е физички исцрпен, Јасви-Венов помислил дека тоа е вистински момент да го убие. Но, токму кога замавнал со оружјето, ‚Ависај, синот на Серуја, му притрчал на помош на Давид, го удрил Филистеецот и го убил‘ (2. Сам. 21:15-17). Давид за влакно ја избегнал смртта! Колку мора да бил благодарен што Ависај цело време не го испуштал од вид и веднаш му притрчал на помош кога животот му бил во опасност! Што учиме од овој извештај?
14. а) Како може да се справиме со џиновските предизвици на кои наидуваме? б) Како старешините можат да им помогнат на другите да останат верни и радосни? Наведи пример.
14 Јеховините слуги низ целиот свет продолжуваат да ја вршат својата служба без оглед на пречките што им ги поставуваат Сатана и оние што тој ги користи. Некои од нас се нашле очи в очи со џиновски предизвици, но со потполна доверба во Јехова успеале да се справат со тие симболични „Голијати“ и да ги победат. Сепак, затоа што постојано водиме борба со притисоците од овој свет, понекогаш може да се умориме и да се обесхрабриме. Поради таквата ослабната состојба, стануваме ранливи и постои опасност да нѐ совладаат проблеми со кои обично лесно би можеле да се справиме. Во тие моменти, некој старешина може да забележи како се чувствуваме и да ни ја пружи потребната помош. Тоа ќе ни даде сила да продолжиме радосно да му служиме на Јехова. Една пионерка која има околу 65 години раскажува: „Пред некое време не се чувствував добро и службата почна да ми станува товар. Еден старешина забележа дека нешто не е во ред. Ми пристапи и водевме охрабрувачки разговор за еден библиски стих. Ги применив предлозите што ми ги даде, и тоа навистина ми помогна“. Таа додава: „Многу ми значеше тоа што овој старешина забележа како се чувствувам и ми понуди помош кога најмногу ми требаше!“ Утешно е што знаеме дека имаме старешини кои со љубов бдеат над нас и кои, слично на Ависај, се спремни веднаш ‚да ни притрчаат на помош‘.
‚СПОЗНАЈТЕ ЈА ЉУБОВТА ШТО ЈА ЧУВСТВУВАМ КОН ВАС‘
15, 16. а) Зошто браќата и сестрите многу го сакале Павле? б) Зошто ги сакаме нашите собраниски старешини?
15 Секој духовен пастир мора да вложува многу труд за да се грижи за Божјето стадо. Понекогаш старешините не можат да спијат од грижа за своите браќа и сестри, и можеби остануваат до доцна во ноќта за да се молат за нив или да им ја дадат потребната духовна помош (2. Кор. 11:27, 28). И покрај тоа, старешините ги вршат сите свои одговорности со радост, исто како Павле. Тој им го напишал следново на Коринќаните: „Јас со задоволство ќе потрошам сѐ и ќе се истрошам самиот себе за вашите души“ (2. Кор. 12:15). Од љубов кон своите браќа, Павле навистина давал сѐ од себе за да ги зајакне. (Прочитај 2. Коринќаните 2:4; Фил. 2:17; 1. Сол. 2:8). Ништо чудно што тие многу го сакале! (Дела 20:31-38).
16 Како Божји слуги денес, и ние ги сакаме нашите грижливи старешини и во личните молитви му благодариме на Јехова што ни ги дал. Тие ни помагаат да бидеме радосни со тоа што покажуваат дека се заинтересирани за нас. Многу сме охрабрени од нивните пастирски посети. Освен тоа, благодарни сме што секогаш се спремни да ни помогнат кога се чувствуваме совладани од притисоците на овој свет. Грижливите христијански старешини навистина се ‚наши соработници за да бидеме радосни‘.
a На истите браќа и сестри им било поставено и ова прашање: „Која особина најмногу ја цениш кај еден старешина?“ Речиси сите одговориле дека најважно им е старешините да бидат пристапливи. Оваа важна особина ќе ја разгледаме во некој следен број на ова списание.