Ерусалим — „град на великиот Цар“
„Не колнете се . . . во Ерусалим, оти е град на великиот Цар“ (МАТЕЈ 5:34, 35).
1, 2. Што би можело да збуни некои во врска Ерусалим?
ЕРУСАЛИМ! Самото негово име предизвикува силни чувства кај луѓето од различни религии. Всушност, никој од нас не може да го игнорира овој прастар град, бидејќи тој честопати се спомнува на вестите. Но, за жал, многу извештаи откриваат дека Ерусалим не е секогаш место на мир.
2 Ова може да им наметне збунувачка помисла на некои читатели на Библијата. Скратеното име на Ерусалим во минатото било Салим, што значи „мир“ (1. Мојсеева 14:18; Псалм 76:2, NW; Евреите 7:1, 2). Можеби затоа се прашуваш: ‚Зошто во последниве децении еден град со такво име имал таков недостиг на мир?‘
3. Каде можеме да најдеме веродостојни информации за Ерусалим?
3 За да одговориме на тоа прашање, треба да се вратиме во историјата и да дознаеме нешто за оној Ерусалим од древни времиња. Но, можеби некои ќе помислат: ‚Ние немаме време да ја проучуваме древната историја‘. Сепак, точното спознание за раната историја на Ерусалим е корисно за сите нас. Библијата покажува зошто е тоа така, со овие зборови: „А сѐ, што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Библиското спознание за Ерусалим може да ни даде утеха — да, и надеж за мир, но не само во тој град туку и насекаде по Земјата.
Местото на „Јеховиниот престол“
4, 5. Како Давид бил вклучен во помагањето Ерусалим да игра клучна улога во извршувањето на Божјата намера?
4 Во 11 век пр. н. е. Ерусалим станал прочуен во светот како главен град на една безбедна и мирољубива нација. Јехова Бог го помазал младичот Давид за цар на таа древна нација — Израел. Со седиште на владата во Ерусалим, Давид и неговите кралски потомци го зазеле „престолот на Господовото [Јеховиното, NW] царство“, т. е. „Јеховиниот престол“ (1. Летописи 28:5; 29:23, NW).
5 Богобојазливиот човек Давид — Израелец од племето Јуда — го одзел Ерусалим од идолопоклоничките Јевусејци. После тоа градот опфаќал само едно брдо наречено Сион, но тоа име станало синоним за самиот Ерусалим. Со текот на времето, Давид го преместил ковчегот на Божјиот завет со Израел во Ерусалим, каде што бил сместен во еден шатор. Со години пред тоа Бог му зборувал на својот пророк Мојсеј од еден облак над светиот Ковчег (2. Мојсеева 25:1, 21, 22; 3. Мојсеева 16:2; 1. Летописи 15:1—3). Ковчегот го симболизирал Божјето присуство, зашто вистинскиот Цар на Израел бил Јехова. Затоа, во двократна смисла може да се рече дека Јехова Бог владеел од градот Ерусалим.
6. Кое ветување го дал Јехова во врска со Давид и Ерусалим?
6 Јехова му ветил на Давид дека царството на неговиот кралски дом, претставено со Сион, односно Ерусалим, нема да има крај. Тоа значело дека еден потомок на Давид ќе го наследи правото засекогаш да владее како Божји Помазаник — Месија, т. е. Христосa (Псалм 131:11—14; Лука 1:31—33). Исто така, Библијата открива дека овој траен наследник на „Јеховиниот престол“ ќе владее над сите нации, а не само над Ерусалим (Псалм 2:6—8; Даниил 7:13, 14).
7. Како цар Давид го унапредувал чистото обожавање?
7 Обидите да му се одземе положбата на Божјиот помазаник, цар Давид, се изјаловиле. Наместо тоа, непријателските нации биле покорени, а границите на Ветената земја биле проширени толку далеку колку што било одредено од Бог. Давид ја искористил таа ситуација за да го унапреди чистото обожавање. Многу негови псалми го фалат Јехова како вистински Цар на Сион (2. Царства 8:1—15; Псалм 9:1, 11; 23:1, 3, 7—10; 64:1, 2; 67:1, 24, 29; 109:1, 2; 121:1—4).
8, 9. Како вистинското обожавање во Ерусалим се проширило за време на владеењето на цар Соломон?
8 За време на владеењето на Давидовиот син Соломон, обожавањето на Јехова достигнало нов зенит. Соломон го проширил Ерусалим кон север за да го вклучи и брдото Морија (подрачјето на денешната Купола на карпа). На ова поголемо возвишение, тој бил привилегиран да изгради еден величествен храм на Јеховина фалба. Ковчегот на заветот бил поставен во Најсветата светиња на тој храм (3. Царства 6:1—38).
9 Сѐ додека со сета душа му давала поддршка на Јеховиното обожавање сосредоточено во Ерусалим, израелската нација уживала мир. Убаво опишувајќи ја таа ситуација, Писмото наведува: „Јудејците и Израил, бидејќи многубројни како песокта при морето, јадеа, пиеја и се веселеа . . . и имаше [Соломон] мир со сите околни земји. И живееја Јудејците и Израил спокојно, секој под лозата своја и под смоквата своја“ (3. Царства 4:20, 24, 25).
10, 11. Како археологијата го потврдува она што го вели Библијата за Ерусалим за време на владеењето на Соломон?
10 Археолошките пронајдоци пружаат поддршка на овој извештај за Соломоновото успешно владеење. Во својата книга The Archaeology of the Land of Israel, професор Јоханан Ахарони наведува: „Богатството кое се слевало во кралскиот двор од сите правци и напредната трговија . . . довеле до рапидна и забележителна револуција во секој аспект од материјалната култура . . . Промената во материјалната култура . . . е видлива не само во раскошните предмети туку особено во керамиката . . . Квалитетот на грнчарските работи и нивното печење се подобриле во огромна мера“.
11 На сличен начин, Џери М. Ландеј напишал: „Во времето на Соломон, материјалната култура на Израелецот повеќе напреднала за тие три децении отколку во текот на претходните двесте години. Во соломонскиот слој наоѓаме остатоци од величествени градби, големи градови со масивни ѕидини, брзо никнување на станбени квартови со низа добро изградени живеалишта на имашливите луѓе, голем чекор напред на техничките вештини во грнчаријата и во нејзините процеси на производство. Наоѓаме и остатоци од ракотворби кои претставуваат предмети изработени во оддалечени места — знаци за живата меѓународна трговија и занает“ (The House of David).
Од мир до опустошување
12, 13. Како дошло до тоа да престане да се унапредува вистинското обожавање во Ерусалим?
12 Мирот и просперитетот на Ерусалим, градот каде што било сместено Јеховиното светилиште, биле прикладна тема за молитва. Давид напишал: „Барајте мир за Ерусалим и нека им биде добро на оние, кои те сакаат! Нека има мир околу ѕидовите твои и изобилие во кулите твои. Поради браќата мои и блиските мои зборував за мир во тебе!“ (Псалм 121:6—8). Иако Соломон бил привилегиран да го изгради величествениот храм во тој мирољубив град, на крај се оженил со многу пагански сопруги. Тие го завеле на стари години да унапредува обожавање на лажни богови од тоа време. Ова отпадништво имало расипувачко влијание врз целата нација, одземајќи ѝ го нејзе и на нејзините жители вистинскиот мир (3. Царства 11:1—8; 14:21—24).
13 Во почетокот на владеењето на Соломоновиот син Ровоам, десет племиња се побуниле и го формирале северното царство Израел. Поради тоа што обожавале идоли, Бог дозволил тоа царство да биде поразено од Асирија (3. Царства 12:16—30). Јужното двоплеменско царство Јуда и понатаму било сосредоточено во Ерусалим. Но, со текот на времето, и тоа се одвратило од чистото обожавање, па затоа Бог дозволил тој своеглав град да биде уништен од Вавилонците во 607 пр. н. е. Еврејските изгнаници 70 години венееле како заробеници во Вавилон. Потоа, преку Божјата милост, им било дозволено да се вратат во Ерусалим и да го обноват чистото обожавање (2. Летописи 36:15—21).
14, 15. Како Ерусалим повторно добил клучна улога после изгнанството во Вавилон, но со која промена?
14 После 70 години опустошеност, разорените градби сигурно биле обраснати со плевел. Ерусалимскиот ѕид бил разрушен, а на местата каде што некогаш стоеле портите и потпорните кули имало големи пукнатини. Сепак, Евреите кои се вратиле собрале храброст. На местото на поранешниот храм изградиле олтар и почнале секојдневно да му принесуваат жртви на Јехова.
15 Тоа бил надежен почеток, но тој обновен Ерусалим никогаш повторно немало да биде главен град на некое царство кое на престолот ќе има потомок на цар Давид. Наместо тоа, со Евреите владеел еден управител назначен од освојувачите на Вавилон, и морале да им плаќаат даноци на своите персиски господари (Неемија 9:34—37). Но, иако бил во една „згазена“ состојба, Ерусалим сѐ уште бил единствениот град на целата Земја кон кој Јехова Бог имал особена наклоност (Лука 21:24). Како центар на чистото обожавање, тој го претставувал и Јеховиното право да ја спроведува својата сувереност над Земјата преку еден потомок на царот Давид.
Противење од соседите со лажна религија
16. Зошто Евреите кои се вратиле од Вавилон престанале со обновување на Ерусалим?
16 Наскоро, Евреите кои се вратиле во Ерусалим од изгнанство го положиле темелот на еден нов храм. Но, соседите кои практикувале лажна религија испратиле едно клеветничко писмо до персискиот цар Артаксеркс, тврдејќи дека Евреите ќе се побунат. Артаксеркс, пак, од своја страна, го забранил понатамошното градење во Ерусалим. Можеш да замислиш дека ако тогаш си живеел во градот, би се прашувал што ќе му донесе иднината. Како што се покажало, Евреите прекинале со изградбата на храмот и станале преокупирани со своите материјални тежнеења (1. Ездра 4:11—24; Агеј 1:2—6).
17, 18. На кој начин Јехова се погрижил Ерусалим да биде повторно изграден?
17 Околу 17 години по враќањето, Бог ги подигнал пророците Агеј и Захарија за да го исправи размислувањето на својот народ. Трогнати да се покаат, Евреите започнале со повторната изградба на храмот. Во меѓувреме, Дариј станал цар на Персија. Тој ја потврдил наредбата на царот Кир — ерусалимскиот храм да биде повторно изграден. Дариј испратил писмо до соседите на Евреите, предупредувајќи ги да се ‚отстранат оттаму‘ и да дадат финансиска поддршка од данокот за царот за да може да се доврши градежното дело (1. Ездра 6:1—13).
18 Евреите го довршиле храмот во 22-та година од нивното враќање. Можеш да сфатиш дека овој меѓник бил нешто што требало да се одбележи со голема радост. Сепак, Ерусалим и неговите ѕидини во прилична мера сѐ уште лежеле во урнатини. Градот го добил потребното внимание „во дните на Неемија и на свештеникот Ездра, книжник“ (Неемија 12:26, 27). Очигледно, до крајот на петтиот век пр. н. е. Ерусалим повторно бил комплетно изграден како важен град во древниот свет.
Се појавува Месијата!
19. Како Месијата го признал единствениот статус на Ерусалим?
19 Но, да скокнеме неколку векови нанапред до еден настан кој е од универзална важност — раѓањето на Исус Христос. На Исусовата мајка девица ангелот на Јехова Бог ѝ рекол: „Ќе Му го даде Господ Бог престолот на Неговиот татко Давида . . . и царството Негово нема да има крај“ (Лука 1:32, 33). Со години подоцна, Исус ја одржал својата прочуена Проповед на гората. Во неа дал охрабрување и совет на многу теми. На пример, ги поттикнал слушателите да ги исполнат своите завети кон Бог, но притоа да внимаваат да не се впуштат во лекомислено давање заклетва. Исус рекол: „Сте го слушале уште и тоа дека им било речено на старите — ‚Не колни се криво, а заклетвите пред Господа исполнувај ги‘. Јас, пак, ви велам: не колнете се воопшто — ниту во небото, оти тоа е престол Божји; ниту во земјата, зашто таа е подножје на нозете Негови; ниту во Ерусалим, оти е град на великиот Цар“ (Матеј 5:33—35). Вредно е да забележиме дека Исус го признал единствениот статус на Ерусалим — статусот кој го уживал со векови. Да, тој бил „град на великиот Цар“, Јехова Бог.
20, 21. Која драматична промена се случила во ставот на многумина кои живееле во Ерусалим?
20 При крајот на својот земен живот, Исус се претставил пред жителите на Ерусалим како нивни соодветно помазан Цар. Како реакција на тој возбудлив настан, многумина радосно извикале: „Благословен е, Кој иде во името Господово! Благословено е царството на нашиот татко Давида, кое иде во името Господово!“ (Марко 11:1—10; Јован 12:12—15).
21 Меѓутоа, за помалку од една седмица после тоа, мноштвата им дозволиле на ерусалимските религиозни водачи да се свртат против Исус. Тој предупредил дека градот Ерусалим и целата нација ќе го изгубат својот поволен статус пред Бог (Матеј 21:23, 33—45; 22:1—7). На пример, Исус изјавил: „Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие нејќевте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст“ (Матеј 23:37, 38). Во времето на Пасхата 33 н. е., противниците неправедно го погубиле Исус надвор од Ерусалим. Сепак, Јехова го воскреснал својот Помазаник и го прославил со бесмртен духовен живот во небесниот Сион — подвиг од кој сите ние можеме да извлечеме корист (Дела 2:32—36).
22. После Исусовата смрт, каква примена имале многуте укажувања на Ерусалим?
22 Од тоа време па наваму, повеќето неисполнети пророштва за Сион, односно Ерусалим, може да се разберат дека имаат примена на небесните подготовки или на Исусовите помазани следбеници (Псалм 2:6—8; 109:1—4; Исаија 2:2—4; 65:17, 18; Захарија 12:3; 14:12, 16, 17). Јасно е дека извесен број укажувања на „Ерусалим“ или „Сион“ кои се напишани после Исусовата смрт, имаат фигуративно значење и не се применуваат на дословниот град или локација (Галатјаните 4:26; Евреите 12:22; 1. Петрово 2:6; Откровение 3:12; 14:1; 21:2, 10). Последниот доказ дека Ерусалим повеќе не бил „град на великиот Цар“ дошол во 70 н. е. кога римските војски го опустошиле, како што прорекле Даниил и Исус Христос (Даниил 9:26; Лука 19:41—44). Ниту библиските писатели ниту, пак, самиот Исус претскажал едно подоцнежно обновување на земниот Ерусалим до состојбата на посебна наклоност од Јехова Бог — состојба која некогаш ја уживал (Галатјаните 4:25; Евреите 13:14).
Предзраци за траен мир
23. Зошто треба сѐ уште да бидеме заинтересирани за Ерусалим?
23 Откако ќе ја повтори раната историја на земниот Ерусалим, човек не може да порекне дека градот живеел според значењето на своето име — „Посед [т. е. основа] на двократен мир“ — за време на мирољубивото владеење на цар Соломон. Сепак, тоа било само предзрак на мирот и просперитетот кој наскоро ќе го уживаат оние кои го љубат Бог, а кои ќе живеат на Земјата преобразена во рај (Лука 23:43).
24. Што можеме да научиме од околностите кои преовладувале за време на владеењето на Соломон?
24 Псалм 71 зборува за околностите кои преовладувале за време на владеењето на цар Соломон. Но, таа убава песна, всушност, е пророштво за благословите на човештвото под небесната влада на Месијата, Исус Христос. За него псалмистот пеел: „Во Негово време ќе зацари правда, и ќе има изобилен мир сѐ додека не се одземе месечината . . . Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите; од лихви и неправди ќе ги избави душите нивни, и чесно ќе биде името нивно пред Него; Ќе има тврдина [изобилие од жито, NW] на земјата, по врвовите на горите [преобилност, NW]; плодот Негов ќе се издига над Ливан“ (Псалм 71:7, 8, 12—14, 16).
25. Зошто треба да сакаме да научиме нешто повеќе за Ерусалим?
25 Каква само утеха и надеж им пружаат овие зборови на оние кои го љубат Бог во Ерусалим или каде и да било на Земјата! И ти можеш да бидеш меѓу оние кои ќе уживаат земен мир под месијанското Божје Царство. Спознанието за минатото на Ерусалим може да ни помогне да ја разбереме Божјата намера со човештвото. Следните статии ќе се сосредоточат на настаните кои се случиле во седмата и осмата деценија откако Евреите се вратиле од вавилонско изгнанство. Тоа им пружа утеха на сите кои сакаат да извршуваат обожавање кое му е прифатливо на Јехова Бог, Големиот Цар.
[Фуснота]
a Титулите „Месија“ (усвоена од еден хебрејски збор) и „Христос“ (од грчки збор) значат „Помазаник“.
Дали се сеќаваш?
◻ Како Ерусалим станал место на „Јеховиниот престол“?
◻ Каква значајна улога имал Соломон во унапредувањето на вистинското обожавање?
◻ Како знаеме дека Ерусалим престанал да биде центар на Јеховиното обожавање?
◻ Зошто сме заинтересирани да научиме нешто повеќе за Ерусалим?
[Слика на страница 10]
Давидовиот град бил на јужниот гребен, но Соломон го проширил кон север и го изградил храмот
[Извор на слика]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.
[Извор на слика на страница 8]
Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.