Јеховината реч е жива
Врвни точки од книгата Втора Летописи
БИБЛИСКАТА книга Втора Летописи уште во почетокот ни го прикажува Соломон како цар на Израел. Книгата завршува со следниве зборови што персискиот цар Кир им ги упатил на изгнаните Евреи во Вавилонија: „[Јехова], ми наложи да Му изградам Дом во Ерусалим, во Јудеја. Кој е меѓу вас од сиот Негов народ, неговиот Бог нека биде со него, па нека оди [во Ерусалим]“ (2. Летописи 36:23). Завршена од свештеникот Езра во 460 година пр.н.е., оваа книга опфаќа период од 500 години — од 1037 пр.н.е. до 537 пр.н.е.
Благодарение на налогот што го издава Кир, Евреите можат да се вратат во Ерусалим и таму повторно да почнат да го обожаваат Јехова. Меѓутоа, долгите години поминати во вавилонско ропство си го направиле своето. Изгнаниците што се враќаат не знаат многу за историјата на својот народ. Преку библиската книга Втора Летописи добиваат сликовит преглед на настаните што се случувале за време на владеењето на царевите од лозата на цар Давид. Овој извештај е интересен и за нас затоа што во него е изнесено како ќе бидеме благословени ако сме му послушни на вистинскиот Бог, а какви ќе бидат последиците ако не сме му послушни.
ЕДЕН ЦАР МУ ГРАДИ ДОМ НА ЈЕХОВА
Јехова му ја исполнува желбата на Соломон — му дава мудрост и знаење — а покрај тоа му дава и богатство и слава. Царот му гради на Јехова величествен дом во Ерусалим, а народот е „со весело и со задоволно срце“ (2. Летописи 7:10). Соломон „ги надмина со богатство и со мудрост сите земни цареви“ (2. Летописи 9:22).
Откако владеел со Израел 40 години, Соломон ‚починал кај своите татковци, а на неговото место се зацарил син му Ровоам‘ (2. Летописи 9:31). Езра не известува дека Соломон отстапил од вистинското обожавање. Единствените негативни работи што ги спомнува во врска со тој цар е неговата немудра постапка кога купил многу коњи од Египет, како и неговиот брак со ќерката на фараонот. Во својот извештај овој хроничар пишува само за позитивните работи.
Одговорени библиски прашања:
2:14 — Зошто родословието на занаетчијата што е изнесено овде се разликува од родословието во 1. Цареви 7:14? Во Прва Цареви се вели дека овој занаетчија бил син на некоја „вдовица од Нефталимовото племе“ затоа што се омажила за човек од тоа племе. Но, таа лично била од племето на Дан. По смртта на својот сопруг, се омажила за некој човек од Тир, а занаетчијата бил дете од тој брак.
2:18; 8:10 — Според овие стихови, бројот на оние што биле поставени да служат како управители и надзорници изнесувал 3.600 плус 250, додека според 1. Цареви 5:16 и 9:23, нивниот број изнесувал 3.300 плус 550. На што се должи оваа разлика? Изгледа дека разликата е во начинот на кој биле рангирани тие лица. Можеби во Втора Летописи се прави разлика помеѓу 3.600 не-Израелци и 250 Израелци што биле поставени на тие положби, додека во Втора Цареви се прави разлика помеѓу 3.300 надзорници и 550 главатари на управителите од повисок ранг. Како и да е, вкупниот број на оние што биле поставени на таква служба изнесувал 3.850.
4:2-4 — Зошто биле направени фигури на бикови кога се правела основата на излеаното море? Во Писмото, биковите се симбол на сила (Езекиел 1:10; Откровение 4:6, 7). Изборот на фигури на бикови бил соодветен затоа што врз 12-те бакарни бикови стоело огромното „море“ што тежело околу 30 тони. Изработката на бикови за ваква цел воопшто не претставува прекршување на втората заповед, која забранувала да се прават предмети за да се обожаваат (Излез 20:4, 5).
4:5 — Колку можело да собере излеаното море? Кога било полно, морето можело да собере три илјади вати, односно околу 66.000 литри вода. Меѓутоа, изгледа дека обично се полнеле околу две третини од неговит вкупен капацитет. Во 1. Цареви 7:26 стои: „Можеше да прими две илјади мери [44.000 литри вода]“.
5:4, 5, 10 — Кој мебел од првобитниот свет шатор бил однесен во храмот на Соломон? Единственото нешто од првобитниот шатор за состаноци што било однесено во Соломоновиот храм бил ковчегот на сојузот. По изградбата на храмот, шаторот бил однесен од Гаваон во Ерусалим и изгледа дека таму бил чуван (2. Летописи 1:3, 4).
Поуки за нас:
1:11, 12. Она што го побарал Соломон му покажало на Јехова дека овој цар многу сакал да стекне мудрост и знаење. Нашите молитви до Бог откриваат кои се нашите најсилни желби. Ќе биде мудро да анализираме за што се молиме.
6:4. Искреното ценење за Јеховината милост и добрина треба да нѐ поттикне да го благословуваме Јехова — односно, да го фалиме со љубов и со благодарност.
6:18-21. Иако Бог не може да се смести во ниедна зграда, храмот требало да послужи како центар на обожавањето на Јехова. Денес, Салите на Царството на Јеховините сведоци се центри на вистинското обожавање во секое место каде што ги има.
6:19, 22, 32. На Јехова можеле да му се обратат сите — од царот па сѐ до најмалиот од народот — дури и туѓинецот што искрено го баралa (Псалм 65:2).
ЦАРЕВИ ОД ЛОЗАТА НА ДАВИД
Обединетото царство Израел е поделено на две — северното десетплеменско царство и јужното двоплеменско царство Јуда и Венијамин. Свештениците и левитите во целиот Израел повеќе сакаат да останат верни на сојузот за Царство отколку на својата татковина и застануваат на страната на Ровоам, синот на Соломон. За нешто повеќе од 30 години откако бил изграден храмот, богатството од него е опљачкано.
Од 19-те цареви што владеат по Ровоам, 5 се верни, 3 се добри во почетокот, но потоа стануваат неверни, а еден престанува да постапува неисправно. Останатите владетели го прават она што е лошо во Јеховини очи.b Најмногу се известува за тоа што правеле петте цареви кои имале доверба во Јехова. Извештаите за Езекија, кој повторно ги вовел службите во храмот, и за Јосија, кој организирал една голема Пасха, мора многу да ги охрабриле Евреите што сакале повторно да се воспостави обожавањето на Јехова во Ерусалим.
Одговорени библиски прашања:
13:5 — Што се мисли со изразот „Заветот на солта“? Поради својството да служи како конзерванс, солта станала симбол за трајност и непроменливост. Значи, „Заветот на солта“ означува нераскинлив сојуз.
14:2-5; 15:17 — Дали царот Аса ги отстранил сите ‚високи места‘? Изгледа дека не. Можеби Аса ги отстранил само високите места поврзани со обожавањето на лажни богови, но не и оние каде што луѓето го обожавале Јехова. Исто така, можно е високите места повторно да биле изградени кон крајот на владеењето на Аса. Нив ги отстранил неговиот син Јосафат. Всушност, високите места не биле сосема отстранети, дури ни за време на владеењето на Јосафат (2. Летописи 17:5, 6; 20:31-33).
15:9; 34:6 — Каква била положбата на племето Симеон во поглед на поделбата на царството Израел? Бидејќи добило во наследство различни територии од Јуда, племето Симеон било географски во границите на Јуда и Венијамин (Исус Навин 19:1). Меѓутоа, во религиозен и во политички поглед, племето застанало на страната на северното царство (1. Цареви 11:30-33; 12:20-24). Значи, и племето Симеон спаѓало во десетплеменското царство.
35:3 — Според наредбата на Јосиј, од каде требало светиот ковчег да се префрли во храмот? Библијата не ни кажува дали ковчегот претходно го префрлил некој од злобните цареви или, пак, Јосиј го преместил за да биде на сигурно додека траеле обемните поправки на храмот. Единствена прилика кога ковчегот се спомнува по времето на Соломон е кога Јосиј го однел во храмот.
Поуки за нас:
13:13-18; 14:11, 12; 32:9-23. Можеме да научиме одлична лекција за тоа колку е важно да се потпираме на Јехова.
16:1-5, 7; 18:1-3, 28-32; 21:4-6; 22:10-12; 28:16-22. Сојузите со туѓинци или со неверници имаат трагични последици. Мудро е да избегнуваме непотребно да се мешаме со светот (Јован 17:14, 16; Јаков 4:4).
16:7-12; 26:16-21; 32:25, 26. Од горделивост, царот Аса станал лош во последните години од својот живот. Горделивоста го одвела Озиј во пропаст. Езекија постапил немудро и можеби гордо кога на вавилонските пратеници им го покажал своето богатство (Исаија 39:1-7). „Гордоста врви пред гибелта“, предупредува Библијата, „и високоумноста пред паѓањето“ (Пословици 16:18).
16:9. Јехова им помага на оние што со цело срце му се предадени нему, и има силна желба да ја користи својата сила во нивна корист.
18:12, 13, 23, 24, 27. Исто како Михеј, и ние треба храбро и смело да зборуваме за Јехова и за неговите намери.
19:1-3. Јехова го бара доброто кај нас дури и кога му даваме причина да ни се лути.
20:1-28. Можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе дозволи да го најдеме ако понизно бараме водство од него (Пословици 15:29).
20:17. За да го ‚видиме спасението од Јехова‘ (ПСП), треба ‚да се поставиме‘ на страната на Божјето Царство и активно да го поддржуваме. Наместо да ги земеме работите во свои раце, мораме ‚да стоиме и да гледаме‘, полагајќи целосна доверба во Јехова.
24:17-19; 25:14. Идолопоклонството било замка за Јоас и за неговиот син Амасија. Денес, идолопоклонството може да нѐ заведе и нас, особено кога се работи за неговите подмолни облици како што се лакомоста или национализмот (Колошаните 3:5; Откровение 13:4).
32:6, 7. И ние мораме да бидеме храбри и силни кога ја ‚облекуваме потполната воена опрема од Бог‘ и водиме духовна војна (Ефешаните 6:11-18).
33:2-9, 12, 13, 15, 16. Покажуваме вистинско каење ако престанеме да постапуваме неисправно и ако сме решени да вложуваме напори да го правиме она што е исправно. Врз основа на искреното каење, дури и некој што постапувал злобно, како царот Манасија, може да добие милост од Јехова.
34:1-3. Неповолните околности во детството, какви и да биле, не мора да нѐ спречат да го запознаеме Бог и да му служиме. Позитивното влијание на кое бил изложен Јосиј кога бил мал можеби доаѓало од дедо му Манасија, кој се покајал. Сеедно на какво позитивно влијание бил изложен Јосиј, на крајот дало добри плодови. Тоа може да биде случај и со нас.
36:15-17. Јехова е сочувствителен и стрплив. Меѓутоа, неговото сочувство и стрпливост не се неограничени. Луѓето мораат да ја прифатат пораката за Царството што им се проповеда за да преживеат кога Јехова ќе му стави крај на овој злобен систем.
36:17, 22, 23. Јехова секогаш го исполнува она што ќе го рече (1. Цареви 9:7, 8; Еремија 25:9-11).
Книга што нѐ мотивира на дела
„Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви“, стои во 2. Летописи 34:33, „и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог.“ Што го мотивирало Јосиј да го направи тоа? Кога секретарот Сафан му ја донел на царот Јосиј штотуку пронајдената книга на Јеховиниот закон, царот побарал да му се чита наглас. Јосиј бил толку трогнат од она што го чул што целиот свој живот ревносно се залагал за чистото обожавање.
Читањето на Божјата реч и длабокото размислување за она што го читаме може длабоко да влијаат врз нас. Зар читањето на извештајот за царевите од лозата на Давид не нѐ охрабрува да го следиме примерот на оние што имале доверба во Јехова и да не постапуваме како оние што немале таква доверба? Книгата Втора Летописи нѐ мотивира да го обожаваме само вистинскиот Бог и да му останеме верни. Нејзината порака сигурно е жива и моќна (Евреите 4:12).
[Фусноти]
a За прашања во врска со свеченото отворање на храмот и други поуки од молитвата што ја кажал Соломон во таа прилика, види Стражарска кула од 1 јули 2005, страници 28-31.
b Хронолошки список на царевите на Јуда побарај во Стражарска кула од 1 август 2005, страница 12.
[Слика на страница 18]
Знаеш ли зошто било соодветно тоа што на основата на излеаното море биле направени фигури на бикови?
[Слики на страница 21]
Иако не добил голема помош кога бил дете, кога пораснал, Јосиј му бил верен на Јехова