Што вели Библијата
Дали Бог е сеприсутен?
МНОГУ луѓе веруваат дека Бог е сеприсутен, односно дека е буквално во сѐ и насекаде околу нас. Под водство на светиот дух, библискиот писател Соломон во молитва му се обратил на Јехова со зборовите: „Чуј од местото каде што живееш“ (1. Царевите 8:30, 39). Значи, од Библијата гледаме дека Јехова Бог има свое живеалиште. Соломон го нарекол тоа место ‚небо‘. Што значи тоа?
Со зборовите ‚небо‘ и ‚небеса‘ Библијата понекогаш го опишува материјалниот универзум што ја опкружува Земјата (1. Мојсеева 2:1, 4; Псалм 19:1). Но, со оглед на тоа што Бог создал сѐ, неговото живеалиште мора да постоело уште пред да го создаде материјалниот универзум. Значи, Бог мора да живее во подрачје што воопшто не е поврзано со материјалните работи. Според тоа, кога во Библијата се зборува дека небото е живеалиште на Јехова Бог, не се мисли на некое место на физичкото небо или во универзумот, туку на духовно подрачје.
Чудесно видение
Преку едно видение што го имал апостол Јован, Библијата ни дава фасцинантен опис на местото каде што живее Јехова. Јован видел отворена врата на небото и потоа слушнал глас кој му рекол: „Качи се ваму“ (Откровение 4:1).
Потоа му било дадено чудесно видение за самиот Јехова Бог. Делумно, тој вака го опишал она што го видел: „На небото стоеше престол... Тој што седеше изгледаше како камен јаспис и како скапоцен камен со црвена боја, а околу престолот имаше виножито, слично на смарагд... Од престолот излегуваа молњи и гласови и громови... Пред престолот имаше нешто како стаклено море слично на кристал“ (Откровение 4:2-6).
Ова е жив опис на блескавата убавина и неспоредливата величественост на Јехова. А со каква само убавина е опкружен неговиот престол! Виножитото укажува на мир и спокој. Молњите, гласовите и громовите нагласуваат колкава моќ има Бог. Стакленото море ја истакнува чистотата на сите што се во негово присуство.
Иако овој опис е симболичен, многу ни кажува за местото каде што живее Бог. Јехова се грижи да има совршен ред на небото. Во неговото живеалиште нема хаос.
На секое место во секое време?
Тоа што Јехова има свое живеалиште покажува дека тој не е на секое место во секое време. Тогаш, како може да биде свесен за сѐ што се случува? (2. Летописи 6:39). Еден начин е преку неговиот свет дух, или силата со која се служи. Псалмистот напишал: „Каде да одам од твојот дух, каде да побегнам од твоето лице? Да се искачам и на небото, ти би бил таму, кога би го прострел во гробот своето легло, гледај, ти би бил и таму“ (Псалм 139:7-10).
За да разбереме колку големо поле на дејствување има Божјиот свет дух, да си го замислиме Сонцето. Тоа има конкретна местоположба, но неговата енергија стигнува до огромен дел од Земјата. Слично на тоа, и Јехова Бог има конкретно место на живеење, но може да направи сѐ што сака каде и да било во универзумот. Освен тоа, Јехова може да го употреби својот свет дух за да види што се случува на кое и да било место и во кое и да било време. Затоа, во 2. Летописи 16:9 пишува: „Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце“.
Под своја контрола Бог има и духовни суштества, наречени ангели, кои се совршено организирани. Библијата покажува дека постојат стотици милиони ангели — можеби милијарди, па дури и повеќеa (Даниел 7:10). Во неа се запишани многу случаи кога ангелите служеле како претставници на Бог и дошле на Земјата, зборувале со луѓе и го известиле Бог за тоа. На пример, во времето на Авраам ангелите испитале дали се оправдани жалбите против Содом и Гомор. Бог одлучил да ги уништи овие градови, најверојатно откако го добил извештајот од тие ангели (1. Мојсеева 18:20, 21, 33; 19:1, 13).
Значи, Библијата покажува дека нема потреба Јехова Бог дословно да биде секаде. Користејќи го својот свет дух и ангелите, тој може да биде потполно свесен што се случува со сѐ што создал.
Очигледно, Библијата може да ни помогне подобро да го запознаеме нашиот Творец. Од неа дознаваме дека Бог има конкретно живеалиште наречено небо, што е духовно подрачје надвор од физичкото небо. Заедно со него таму се наоѓаат и миријади моќни духовни суштества. Неговото живеалиште е место на спокој, моќ и чистота. Библијата нѐ уверува дека, во време што Јехова го одредил, и луѓето на Земјата ќе уживаат во спокојство какво што владее на небото (Матеј 6:10).
[Фуснота]
a Откровение 5:11 кажува дека има „миријади миријади“ ангели околу Божјиот престол. Една миријада брои 10.000. Миријада помножено со миријада (10.000 по 10.000) е 100 милиони. А во стихот пишува дека има „миријади миријади“ ангели, што значи дека е можно нивниот број да изнесува повеќе милијарди.
ШТО МИСЛИШ?
● Дали Бог е насекаде? (1. Царевите 8:30, 39)
● Колкаво влијание има Божјиот дух? (Псалм 139:7-10)
[Истакната мисла на страница 29]
Сонцето има конкретна местоположба, но неговата енергија стигнува до огромен дел од Земјата. Слично на тоа, и Јехова Бог има конкретно место на живеење, но може да направи сѐ што сака каде и да било во универзумот