„Научи ме да ја вршам твојата волја“
„Научи ме да ја вршам твојата волја, зашто ти си мојот Бог“ (ПС. 143:10)
1, 2. Како ќе ни користи тоа што ќе дознаеме која е Божјата волја, и што ќе научиме од примерот на цар Давид?
ДАЛИ некогаш си побарал мапа на компјутер за да можеш да видиш сателитска снимка на местото каде што сакаш да отпатуваш? Тоа може да ти помогне да одлучиш по кој пат е најдобро да стигнеш дотаму. Слично нешто може да направиме и кога донесуваме важни одлуки. Ако ги погледнеме работите од возвишената перспектива на нашиот Творец, ќе можеме да ја вршиме неговата волја, односно ‚да одиме по патот‘ што ни го покажува тој (Иса. 30:21).
2 Во поголемиот дел од својот живот, израелскиот цар Давид се трудел да гледа на работите како што гледа Бог за да постапува во склад со Неговата волја. Да разгледаме неколку случки од животот на Давид за да извлечеме поука од начинот на кој постапувал овој човек кој му служел на Јехова Бог со потполно оддадено срце (1. Цар. 11:4).
ДАВИД ГО ПОЧИТУВАЛ ЈЕХОВИНОТО ИМЕ
3, 4. а) Што го поттикнало Давид да му се спротивстави на Голијат? б) Како гледал Давид на Божјето име?
3 Кога бил млад, Давид излегол да се бори со филистејскиот јунак Голијат. Што го поттикнало да го прифати предизвикот на овој наоружан џин кој бил висок околу три метри? (1. Сам. 17:4, фус.). Дали му излегол во пресрет затоа што бил храбар? Дали го сторил тоа затоа што имал вера во Бог? Се разбира, и храброста и верата биле важни. Но, главната причина зошто Давид му се спротивставил на тој џин била почитта кон Јехова и кон неговото големо име. Давид налутено прашал: „Кој е тој необрежан Филистеец да им се потсмева на четите на живиот Бог?“ (1. Сам. 17:26).
4 Кога тргнал кон Голијат, младиот Давид му рекол: „Ти доаѓаш против мене со меч, со долго и со кратко копје, а јас доаѓам против тебе во името на Јехова над војските, Богот на четите на Израел, кому ти му се потсмеваше“ (1. Сам. 17:45). Бидејќи се потпирал на вистинскиот Бог, Давид успеал да го убие овој Филистеец со само еден камен кој го фрлил со праќа. Освен во оваа прилика, тој во текот на целиот свој живот покажувал доверба во Јехова и голема почит кон Неговото име. Давид ги поттикнувал и другите Израелци ‚да се гордеат со Јеховиното свето име‘. (Прочитај 1. Летописи 16:8-10.)
5. Што треба да правиме кога луѓето покажуваат непочитување кон Јехова слично како што покажал Голијат?
5 Дали и ти се гордееш што Јехова е твој Бог? (Ерем. 9:24). Што правиш кога соседите, колегите, соучениците или роднините зборуваат лошо за него или ги исмеваат неговите Сведоци? Дали храбро и со потполна доверба во Јехова го браниш неговото име кога другите му нанесуваат срам? Иако има и ‚време за молчење‘, не смееме никогаш да се срамиме што сме Сведоци на Јехова и следбеници на Исус (Проп. 3:1, 7; Мар. 8:38). Точно е дека треба да бидеме тактични и учтиви со луѓето што не го почитуваат Јехова и неговата порака, но во никој случај не треба да бидеме како Израелците кои ‚се уплашиле и ги обзел голем страв‘ кога го слушнале исмевањето на Голијат (1. Сам. 17:11). Наместо тоа, одлучно да го браниме Јехова за да го посветиме неговото име. Ние сакаме луѓето да сфатат каков Бог навистина е тој. За таа цел, ја користиме неговата пишана Реч за да им помогнеме на другите да разберат зошто е важно да бидат блиски со Јехова (Јак. 4:8).
6. Што сакал да постигне Давид кога излегол да се бори против Голијат, и што треба нам да ни биде најважно?
6 Од извештајот за Давид и Голијат учиме уште една важна работа. Кога дотрчал на бојното поле, Давид прашал: „Што ќе добие човекот кој ќе го убие тој Филистеец и ќе го отстрани срамот од Израел?“ А луѓето му одговориле: „На оној што ќе го убие [Голијат], царот ќе му даде големо богатство и ќе му ја даде својата ќерка“ (1. Сам. 17:25-27). Но, на Давид не му била најважна наградата што можел да ја добие. Многу поважно му било да го прослави вистинскиот Бог. (Прочитај 1. Самоилова 17:46, 47.) А како е со нас? Дали ни е најважно да си стекнеме име во овој свет со тоа што ќе станеме богати и славни? Сигурно сите сакаме да бидеме како Давид, кој пеел: „Величајте го Јехова со мене, да го возвишуваме заедно неговото име“ (Пс. 34:3). Затоа, да имаме доверба во Бог, и да ни биде најважно неговото име, а не нашето (Мат. 6:9).
7. Како може да ја зајакнеме нашата вера за да продолжиме да проповедаме дури и кога ќе наидеме на луѓе што ѝ се противат на нашата порака?
7 На младиот Давид му била потребна силна вера и доверба во Јехова за да може храбро да се бори против Голијат. Како овчарче, тој ја зајакнал својата вера во Бог со тоа што секој ден се потпирал на Него (1. Сам. 17:34-37). И нам ни е потребна силна вера за да продолжиме да проповедаме, особено кога ќе наидеме на луѓе кои се противат на нашата порака. И ние можеме да стекнеме таква вера ако секојдневно се потпираме на Бог. На пример, би можеле да започнеме разговор за Библијата со некој што седи до нас додека се возиме во јавен превоз. А можеме да разговараме и со оние што ги среќаваме на улица додека ја вршиме нашата служба од куќа до куќа (Дела 20:20, 21).
ДАВИД СЕ ПОТПИРАЛ НА ЈЕХОВА
8, 9. Како Давид покажал дека за него била најважна Јеховината волја кога Саул го гонел за да го убие?
8 Давид покажал дека е спремен да се потпира на Јехова и со начинот на кој постапувал со Саул, првиот израелски цар. Љубоморниот Саул се обидел трипати да го прикова за ѕидот со копје, но Давид успевал да се спаси и не сакал да му се одмазди. На крајот, морал да бега од Саул (1. Сам. 18:7-11; 19:10). Потоа Саул зел 3.000 избрани луѓе од целиот Израел и отишол да го бара Давид во пустелијата (1. Сам. 24:2). Еден ден, Саул влегол во истата пештера каде што се криеле Давид и неговите луѓе. Со оглед на тоа што Бог веќе рекол дека Давид ќе биде следниот цар на Израел, тој можел да ја искористи таа прилика да го убие Саул (1. Сам. 16:1, 13). Всушност, ако Давид го послушал советот на своите луѓе, царот навистина ќе бил мртов. Но, Давид им рекол: „Не сакам да му направам такво нешто на својот господар, Јеховиниот помазаник, и да кренам рака на него, бидејќи тој е Јеховин помазаник“. (Прочитај 1. Самоилова 24:4-7.) Саул сѐ уште бил царот помазан од Бог. Давид не сакал да му го одземе царството, бидејќи сѐ уште не било дојдено времето Јехова да го тргне од власт. Наместо тоа, тој само отсекол дел од наметката на Саул, и со тоа јасно покажал дека не сака да го повреди (1. Сам. 24:11).
9 Давид покажал почит кон овој „Јеховин помазаник“ и кога го видел за последен пат. Во тоа време, Давид и Ависај влегле во логорот на Саул и го нашле како спие. Иако Ависај си помислил дека Бог им го предал непријателот в раце, и сакал да го прикова Саул со копјето за земја, Давид не му дозволил (1. Сам. 26:8-11). Бидејќи бил решен да го следи Божјето водство, тој не сакал да го убие Јеховиниот помазаник иако Ависај го наговарал на тоа.
10. Со каков притисок можеби ќе се соочиме, и што ќе ни помогне да останеме решени да ја вршиме Јеховината волја?
10 Можеби и ние ќе се соочиме со непријатни ситуации кога другите ќе ни вршат притисок да се поведеме по нивното човечко размислување, наместо да нѐ охрабрат да ја вршиме Јеховината волја. Исто како Ависај, некои можеби ќе нѐ поттикнуваат да направиме нешто без да размислиме која е Божјата волја во врска со таа работа. За да не паднеме под нивно влијание, треба да ни биде сосема јасно што мисли Јехова за тоа, и да бидеме решени да го правиме она што тој го го бара од нас.
11. Како може да се угледаме на Давид и да ја ставиме Божјата волја на прво место во животот?
11 Давид му се молел на Јехова: „Научи ме да ја вршам твојата волја“. (Прочитај Псалм 143:5, 8, 10.) Наместо да се потпира на своето размислување или на она што му го велат другите, Давид сакал да биде поучен од Бог. Тој ‚размислувал за сите негови дела, и се интересирал за делото на неговите раце‘. И ние можеме да разбереме која е Божјата волја ако внимателно ја читаме Библијата и ако длабоко размислуваме за начинот на кој Јехова постапувал со луѓето во минатото.
ДАВИД ГИ РАЗБИРАЛ НАЧЕЛАТА НА КОИ СЕ ТЕМЕЛЕЛ ЗАКОНОТ
12, 13. Зошто Давид ја истурил водата што му ја донеле тројцата негови луѓе?
12 Од начинот на кој постапувал Давид учиме уште нешто. Тој сфаќал како треба да ги примени начелата на кои се темелел Законот и сакал да живее според нив. На пример, да видиме што се случило во една прилика кога посакал да се напие „вода од витлеемскиот бунар“. Тројца од неговите луѓе си го ризикувале животот за да влезат во градот, кој тогаш бил окупиран од Филистејците, и да му донесат вода. Но, кога му ја донеле, ‚Давид не сакал да пие, туку ја истурил пред Јехова‘. Зошто? Тој рекол: „Поради својот Бог, никогаш не би направил такво нешто! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе што ја изложија својата душа на опасност? Зашто, тие ја изложија на опасност својата душа за да ја донесат таа вода“ (1. Лет. 11:15-19).
13 Давид знаел дека, според Законот, крвта не смее да се јаде, туку треба да се пролее пред Јехова. А сфаќал и зошто треба да се направи така. Тој знаел дека „душата на телото е во крвта“. Но, ова било вода, а не крв. Зошто Давид сепак одбил да ја пие? Тој го разбирал начелото кое лежело во основата на таа заповед од Законот. За него, водата била исто толку скапоцена колку и крвта на тие тројца луѓе. Затоа било незамисливо да ја испие. Наместо тоа, тој заклучил дека треба да ја истури на земја (3. Мој. 17:11; 5. Мој. 12:23, 24).
14. Што му помогнало на Давид да гледа на работите како што гледа Јехова?
14 Божјиот закон бил важен дел од секојдневниот живот на Давид. Тој пеел: „Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој, и твојот закон е длабоко во мене“ (Пс. 40:8). Давид го проучувал Божјиот закон и длабоко размислувал за него. Тој бил уверен дека Јеховините заповеди се мудри. Затоа не сакал да го држи само она што се барало во Мојсеевиот закон, туку сакал да ги почитува и начелата на кои се темелеле тие барања. Кога ја проучуваме Библијата, мудро е да размислуваме за она што го читаме и да го врежеме во нашето срце за да донесуваме одлуки со кои ќе го радуваме Јехова.
15. Како Соломон покажал непочитување кон Божјиот закон?
15 Јехова многу го благословил Давидовиот син Соломон. Но, подоцна Соломон престанал да се држи за Божјиот закон. Една заповед што Јехова им ја дал на израелските цареви била да ‚немаат многу жени‘ (5. Мој. 17:17). Но, Соломон не ја послушал, и се оженил со многу жени туѓинки. Кога остарел, ‚неговите жени му го навеле срцето да се сврти кон други богови‘. Сеедно каков изговор можеби си нашол за да не биде послушен, ‚Соломон почнал да го прави она што е зло во Јеховини очи и не го слушал Јехова во сѐ како што го слушал Давид, неговиот татко‘ (1. Цар. 11:1-6). Навистина е многу важно да ги почитуваме законите и начелата од Божјата Реч! Особено е важно да се водиме според Божјите начела ако размислуваме да стапиме во брак.
16. Што ќе правиме ако го разбереме начелото што стои зад Јеховината заповед да стапуваме во брак „само во Господарот“?
16 Како реагираме ако некој што не е Јеховин сведок почне да се интересира за нас? Дали сме како Давид, кој се трудел да гледа на работите од Божја гледна точка? Или, пак, не ги сфаќаме сериозно Јеховините заповеди како што не ги сфатил ни Соломон? На вистинските Божји слуги им е заповедано да стапуваат во брак „само во Господарот“ (1. Кор. 7:39). Ова значи дека, ако некој христијанин бара брачен другар, треба да стапи во брак само со некој крстен слуга на Јехова. Ако го разбереме начелото што стои зад ова библиско барање, тогаш не само што нема да сакаме да стапиме во брак со некој што не е Сведок туку нема да му дозволиме ниту да ни укажува несоодветно внимание.
17. Што може да ни помогне да не паднеме во замката на порнографијата?
17 Со тоа што искрено барал водство од Бог, Давид ни дал пример кој може да ни помогне да не подлегнеме на искушението да гледаме порнографија. Прочитај ги следниве стихови, размисли за начелата што ги содржат и потруди се да разбереш кое е Божјето гледиште за порнографијата. (Прочитај Псалм 119:37; Матеј 5:28, 29; Колошаните 3:5.) Ако размислуваме за Јеховините високи мерила, тоа ќе ни помогне да не паднеме во замката на порнографијата.
СЕКОГАШ ИМАЈ ГО НА УМ БОЖЈЕТО ГЛЕДИШТЕ
18, 19. а) Иако бил несовршен, што му помогнало на Давид да ја има Јеховината милост? б) Што си решен да правиш?
18 Иако ни дал добар пример за многу работи, Давид направил и неколку тешки гревови (2. Сам. 11:2-4, 14, 15, 22-27; 1. Лет. 21:1, 7). Но, тој секогаш се каел за своите грешки. Давид му служел на Бог „со чисто срце“ (1. Цар. 9:4). Зошто може да го кажеме тоа? Бидејќи се трудел да постапува во склад со Јеховината волја.
19 И покрај тоа што сме несовршени, можеме да ја имаме Јеховината милост. Затоа, марливо да ја проучуваме Божјата Реч, длабоко да размислуваме за она што го учиме од неа и решително да го применуваме во нашиот живот. Ако го правиме тоа, ќе бидеме како псалмистот кој понизно го молел Јехова: „Научи ме да ја вршам твојата волја“.