Примерен човек кој прифатил исправање
„ЗАМБИСКИТЕ крокодили јадат 30 луѓе месечно.“ Така известил еден африкански весник пред неколку години. Според еден зоолог кој уловил некои од тие влечуги заради набљудување, „биле потребни 12 мажи да задржат еден крокодил“. Со силната опашка и јаките вилици, крокодилот може да биде страшно животно!
Очигледно осврнувајќи се на крокодилот како на ‚левијатан‘, Творецот го искористил овој ‚цар над сите величествени диви ѕверови‘ за да му одржи на својот слуга Јов една важна лекција (Јов 41:1, 34, NW). Ова се случило пред околу 3.500 години во земјата Уз, веројатно некаде во северна Арабија. Опишувајќи го ова суштество, Бог му рекол на Јов: „Никој не е толку смел за да го разбуди. И кој може да остане на своето пред мене?“ (Јов 41:10, NW). Колку вистинито! Ако се плашиме од крокодилот, колку повеќе треба да се плашиме да зборуваме против Оној кој го создал! Јов покажал ценење за оваа лекција признавајќи ја својата грешка (Јов 42:1—6).
Кога зборуваме за Јов, можеме да се сетиме на неговиот верен пример на истрајност под испит (Јаков 5:11). Всушност, Јехова наоѓал задоволство во Јов уште пред неговата вера да биде сурово испитана. Според Божјето мислење, тогаш ‚на земјата немало таков како него: човек непорочен, праведен, богобојазлив и кој го одбегнува злото‘ (Јов 1:8). Ова треба да нѐ поттикне да научиме повеќе за Јов бидејќи, тоа ќе ни помогне да видиме како и ние можеме да му угодиме на Бог.
Односот со Бог бил на прво место
Јов бил богат човек. Освен злато, имал 7.000 овци, 3.000 камили, 500 магарици, 1.000 грла крупен добиток и многу слуги (Јов 1:3). Но, Јов полагал доверба во Јехова, а не во богатството. Тој образложувал: „Сум го земал ли златото за моја потпора и сум велел ли на ризницата: ‚ти си моја надеж‘? Сум се радувал ли дека богатството ми беше големо и дека раката моја спечалила многу? . . тоа ќе беше исто така престап за суд, зашто тогаш би се откажал од Бога Севишниот“ (Јов 31:24—28). Како Јов, и ние треба да го цениме блискиот однос со Јехова Бог далеку повеќе од материјалните работи.
Праведно постапување со другите луѓе
Како постапувал Јов со своите слуги? Од неговите сопствени зборови се гледа дека увидувале оти е праведен и пристаплив: „Ако не водев грижа за правата на слугата и на слугинката, кога имаа спор со мене, што ќе правев, ако се кренеше Бог? И ако ме испитуваше, што ќе можев да Му одговорам?“ (Јов 31:13, 14). Јов ја ценел Божјата милосрдност и поради тоа постапувал милосрдно со своите слуги. Каков извонреден пример, особено за оние кои имаат положба на надгледување во христијанското собрание! И тие мораат да бидат чесни, непристрасни и пристапливи.
Јов покажувал интерес и за оние надвор од неговото домаќинство. Откривајќи го својот интерес за другите, тој рекол: „Сум ја откажал ли молбата на оној што имал потреба, и сум ги просолзувал ли очите на вдовица? . . ако сум кренал рака врз сирак, кога ќе видев, дека имам потпора пред портите, рамото мое нека се оддели од грбот и раката моја нека се откине од лактот“ (Јов 31:16—22). Нека и ние бидеме толку обѕирни спрема обесправените кои ги познаваме во собранието.
Како резултат на својот несебичен интерес за другите луѓе, Јов бил гостопримлив кон странците. На тој начин, тој можел да каже: „Туѓинец не ноќеваше на улица; вратата своја ја отварав на патникот“ (Јов 31:32). Каков прекрасен пример е тоа за Божјите слуги денес! Кога новозаинтересираните за библиската вистина доаѓаат во Салата на Царството, нашето гостољубиво примање може да придонесе за нивниот духовен напредок. Се разбира, и на патувачките надгледници и на другите христијани им е потребна нашата гостопримливост полна со љубов (1. Петрово 4:9; 3. Јованово 5—8).
Јов имал исправен став дури и спрема своите непријатели. Тој не се радувал на несреќата која би го снашла некој што него го мразел (Јов 31:29, 30). Наместо тоа, бил спремен да им прави добро на таквите луѓе, како што е очигледно од неговата спремност да се моли за своите тројца лажни утешители (Јов 16:2; 42:8, 9; спореди со Матеј 5:43—48).
Сексуално чист
Јов ѝ бил лојален на својата брачна другарка, никогаш не дозволувајќи срцето да развие неисправна приврзаност кон друга жена. Јов рекол: „Завет направив со очите свои, за да не погледнам на девица. Ако срцето мое се занесувало од жена и ако сум демнел крај вратата на ближниот свој, жената моја нека му меле на друг, и друг нека се подигрува со неа, зашто тоа е престап, тоа е беззаконие, кое подлежи на суд“ (Јов 31:1, 9—11).
Јов не дозволил неморалните желби да му го расипат срцето. Наместо тоа, следел еден исправен правец. Не е чудо што Јехова Бог наоѓал задоволство во овој верен човек кој се борел против неморалните заведувања! (Матеј 5:27—30).
Грижа за духовноста на семејството
Понекогаш, Јововите синови правеле гозби на кои биле присутни сите негови синови и ќерки. Кога ќе поминале тие денови на гозба, Јов бил многу загрижен неговите деца на некој начин да не згрешиле пред Јехова. Затоа Јов преземал акција, како што библискиот извештај наведува: „Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги советуваше и, станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое“ (Јов 1:4, 5). Колку тоа мора да ја врежало во членовите на Јововото семејство неговата грижа тие да имаат побожен страв кон Јехова и да одат по Неговите патишта!
Денес, потребно е поглаварите на христијанските семејства да ги поучуваат своите семејства за Божјата реч, Библијата (1. Тимотеј 5:8). И секако дека е погодно да се молат за членовите на семејството (Римјаните 12:12).
Верно истрајал под испит
Повеќето читатели на Библијата се запознати со тешките испити што го снашле Јов. Сатана Ѓаволот тврдел дека Јов ќе го проколне Бог во искушувачки ситуации. Јехова го прифатил тој предизвик, и Сатана без одложување донел несреќа врз Јов. Ја загубил стоката. Што е уште полошо, ја претрпел загубата да му умрат сите деца. Кратко потоа, Сатана го удрил Јов со малиген чир од глава до петици (Јов, поглавја 1, 2).
Со каков исход? Кога жена му го поттикнувала да го проколне Бог, Јов рекол: „Говориш како безумна. Зар доброто го примаме од Бога, а злото да не го поднесуваме?“ Библискиот извештај додава: „Во сето тоа Јов не згреши со устата своја“ (Јов 2:10). Да, Јов верно истрајал и така докажал дека Ѓаволот е лажливец. Слично на тоа, и ние да истраеме под испити и да докажеме дека нашата служба за Бог е мотивирана од чиста љубов кон Јехова (Матеј 22:36—38).
Понизно прифатил исправање
Иако Јов бил примерен во многу нешта, тој не бил совршен човек. Самиот рекол: „Кој ќе се роди чист од нечист? Ниеден“ (Јов 14:4; Римјаните 5:12). Затоа, кога Бог рекол дека Јов е непорочен, тоа било вистинито во таа смисла што тој го исполнил сето она што Бог го очекувал од еден од своите несовршени и грешни човечки слуги. Каков извор на охрабрување!
Јов истрајал во својот испит, но тој открил и една своја маана. Кога слушнале за сета несреќа што го снашла, го посетиле тројца таканаречени утешители (Јов 2:11—13). Тие тврделе дека Јехова го казнува Јов поради тоа што извршил сериозни гревови. Нормално, Јов бил повреден од овие лажни обвиненија и енергично настојувал да се брани. Но, станал неурамнотежен во обидот да се оправда себеси. Јов дури индиректно укажувал дека е поправеден од Бог! (Јов 35:2, 3).
Поради тоа што Бог го љубел Јов, Тој употребил еден млад човек за да му укаже на неговиот престап. Извештајот вели: „Се разгори гневот на Елијуја . . . се разгоре гневот негов против Јова, поради тоа што тој се правеше поправеден од Бога“. Како што забележал Елијуј: „Јов рече: ‚јас сум прав, но Бог ја отфрли мојата правда‘(Јов 32:2; 34:5). Сепак, Елијуј не им се придружил на тројцата „утешители“, погрешно заклучувајќи дека Бог го казнува Јов за неговите гревови. Наместо тоа, Елијуј изразил доверба во верноста на Јов и го советувал: „Судот е пред [Јехова], и — очекувај го“. Навистина, Јов требало да чека на Јехова наместо да зборува избрзано во своја одбрана. Елијуј го уверил Јов: „Правдата и изобилството на праведност [Бог] нема да ги омаловажи“ (Јов 35:14; 37:23, NW).
Потребно било да се исправи Јововото размислување. Затоа, Јехова му одржал лекција за безначајноста на човекот во споредба со големината на Бог. Јехова укажал на земјата, на морето, на ѕвезденото небо, на животните и на многу други чуда на создавањето. Конечно, Бог зборувал за левијатанот — крокодилот. Јов понизно прифатил исправање, и во тоа тој дава натамошен пример.
Иако можеби добро ни оди во Јеховината служба, ќе правиме грешки. Ако грешката е сериозна, Јехова може да нѐ исправи преку некои средства (Изреки 3:11, 12). Може да ни дојде на ум некој стих кој ќе ја боде нашата совест. Можеби Стражарска кула или некоја друга публикација на Watch Tower Society може да каже нешто што ќе нѐ направи свесни за нашиот престап. Или можеби некој сохристијанин љубезно ќе ни укаже дека сме промашиле да примениме некое библиско начело. Како ќе реагираме на таквото исправање? Јов покажал покајнички дух, велејќи: „Јас се откажувам и се покајувам во прав и пепел“ (Јов 42:6).
Награден од Јехова
Јехова го наградил Јов, дозволувајќи му на својот слуга да живее уште 140 години. Во текот на тоа време, тој добил далеку повеќе од она што го изгубил. И иако Јов на крајот умрел, сигурно ќе има воскресение во Божјиот нов свет (Јов 42:12—17; Језекиил 14:14; Јован 5:28, 29; 2. Петрово 3:13).
И ние можеме да бидеме уверени во Божјата наклоност и благослов ако лојално му служиме и го прифатиме на Библијата темеленото исправање кое го добиваме. Како резултат на тоа, ќе ја имаме сигурната надеж за живот во Божјиот нов систем на ствари. Што е уште поважно, ќе му оддадеме чест на Бог. Нашето верно однесување ќе биде наградено и ќе се придаде кон доказите дека неговиот народ не му служи од себични причини, туку од љубов со цело срце. Колкава предност имаме да го радуваме Јеховиното срце, како што го радувал Јов, кој понизно прифатил исправање! (Изреки 27:11).
[Слики на страница 26]
Јов покажал грижа полна со љубов спрема сираците, вдовиците и другите
[Слики на страница 28]
Јов бил богато благословен поради тоа што понизно прифатил исправање