Колку долго можеш да живееш?
„Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години“ (ЈОВ 33:25, ПСП).
КОГА ќе умре едно куче, откако живеело 10 или 20 години, најверојатно ги направило сите работи што обично ги прават кучињата. Можеби си имало кученца, бркало мачки, закопувало коски и го штитело својот газда. Но, кога ќе умре еден човек, откако живеел 70 или 80 години, тој направил многу малку од сето она што можел да го направи како човек. Ако сакал да спортува, веројатно бил добар само во еден или во два спорта. Ако сакал музика, веројатно научил добро да свири само на еден или на два инструмента. Ако сакал да зборува со луѓето на нивниот јазик, можеби научил течно да зборува само два или три јазици. Можел да направи многу, многу повеќе — можел да среќава луѓе, да открива нови работи и да стане поблизок со Бог — само да живеел малку подолго.
Можеби се прашуваш: ‚Зошто Бог би го создал човекот со мозок што може да ужива во толку многу работи, а потоа би го расипал сето тоа давајќи му животен век во кој може да искуси сосема малку?‘ Се чини дека краткиот живот на човекот воопшто не е во склад со начинот на кој е создаден. Освен тоа, можеби се прашуваш: ‚Зошто Бог би го создал човекот со извонредни особини, како што се чувството за правда и сомилоста, а во исто време би му дал и склоност да прави лоши работи?‘
Ако видиш една убава кола со грда вдлабнатина од страната, ќе помислиш ли дека колата била така дизајнирана? Нормално дека не! Најверојатно ќе си речеш: ‚Колата не требало да биде ваква. Сигурно била супер кога била направена, но подоцна некој ја оштетил‘. Слично на ова, кога ќе размислиме за чудесниот начин на кој сме создадени, можеме само да заклучиме дека животот сега не е онаков каков што требало да биде. Нашиот краток животен век и склоноста да правиме лоши работи се како некои грди вдлабнатини. Очигледно, некој сериозно го оштетил наследството на луѓето. Кој го сторил тоа? Доказите од Библијата убедливо посочуваат на еден виновник.
Ако човечкиот род во почетокот имал потенцијал да живее вечно, кој можел подоцна да го оштети наследството на целото човештво? Тоа можел да го направи само првиот предок на сите луѓе, човекот од кого потекнуваме сите ние. Друг човек ќе можел да ги оштети само гените на мал број луѓе, односно, само гените на своите потомци. Според тоа, Божјата реч, Библијата, е во склад со очигледните факти, кога вели: „Преку еден човек [Адам, првиот човек] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе“ (Римјаните 5:12). Со тоа Библијата го прогласува Адам за виновник што го уништил нашето наследство. Но, каков, всушност, требало да биде животот на луѓето?
Каков требало да биде животот
Кога вели дека смртта „влезе во светот“, Библијата сака да каже дека првобитната замисла не била луѓето да умираат. Луѓето стареат и умираат како последица од тоа што првиот човекот се побунил против Бог. Животните, од друга страна, не требало да живеат засекогаш (Битие 3:21; 4:4; 9:3, 4).
Луѓето биле создадени поинакви од животните. Ние сме повисок облик на живот од животните, исто како што ангелите се повисок облик на живот од луѓето (Евреите 2:7). За разлика од животните, човекот бил создаден според „Божјиот лик“ (Битие 1:27). Исто така, за разлика од животните, во Библијата Адам е наречен „син на Бог“ (Лука 3:38). Според тоа, имаме добра причина да веруваме дека човекот не требало да остари и да умре. Бог не умира, и не ги создал ни своите синови да умираат (Хабакук 1:12; Римјаните 8:20, 21).
Историските записи за првите генерации на луѓе ни помагаат да стекнеме уште поголем увид во тоа каква намера имал Бог за човечкиот живот. Во тоа време луѓето живееле со векови пред да остарат. Адам живеел 930 години. Неколку генерации по него, Сим, синот на Ное, живеел само 600 години, а внукот на Ное, Арфаксад, живеел 438 годиниa (Битие 5:5; 11:10-13). Подоцна, Авраам живеел 175 години (Битие 25:7). Се чини дека со текот на времето гревот имал сѐ посилно влијание врз животниот век на луѓето, така што колку подалеку биле од првобитното совршенство, толку пократок животен век имале. Но, во почетокот човекот бил создаден да живее вечно. Затоа, сосем е нормално да се запрашаме: ‚Дали Бог сѐ уште сака луѓето да живеат вечно овде на Земјата‘?
Спас од староста
Бидејќи Јехова Бог јасно кажал дека секој што нема да му биде послушен ќе мора да плати за својот грев со смрт, се чинело дека потомците на Адам се нашле во безизлезна ситуација (Битие 2:17). Сепак, во инспирираното Свето писмо била дадена надеж дека некој ќе плати за да нѐ спаси од стареењето. Запишано е: „,Ослободи го од гробот; јас најдов откуп.‘ Тогаш телото негово ќе се подмлади повеќе, отколку во млади години; и тој ќе се врати во дните на младите свои години“ (Јов 33:24, 25, ПСП; Исаија 53:4, 12). Со овие зборови, во Библијата била дадена една прекрасна надеж — надеж дека некој ќе плати откупнина со која ќе бидеме спасени од староста!
Кој можел да ја плати оваа откупнина? Нема пари со кои таа можела да се плати. Во врска со несовршените луѓе, во Библијата се вели: „Човек не може никако да го откупи брата си, ниту да му даде на Бога откупнина... за да може да живее довека“ (Псалм 49:7-9). Но, Исус Христос имал нешто многу повредно од пари. Додека бил на Земјата, имал совршен човечки живот, зашто како Божји Син не наследил грев од Адам. Исус рекол дека дошол „да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“. Во една друга прилика рекол: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Матеј 20:28; Јован 10:10).
Надежта за вечен живот била една од главните работи за кои проповедал Исус. Неговиот верен следбеник Петар еднаш му рекол: „Ти имаш зборови на вечен живот“ (Јован 6:68). На што се мисли кога во Библијата се спомнува вечен живот?
Живот без крај
Апостолите на Исус со радост очекувале да живеат засекогаш на небото како членови на царската влада на Исус (Лука 22:29; Јован 14:3). Но, Исус честопати зборувал за намерата што Бог ја има со Земјата (Матеј 5:5; 6:10; Лука 23:43). Според тоа, чудата што ги правел и неговите учења за вечниот живот ги потврдуваат ветувањата што Бог ги дал уште одамна преку пророкот Исаија, кој напишал: „Ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице“ (Исаија 25:8). Животот на човекот нема да се сведе на само неколку години младост кои брзо пролетуваат, проследени со години на пропаѓање и изнемоштеност.
Во Божјиот нов свет, кога верните луѓе ќе станат совршени, нема повеќе да стареат. Библијата вели: „Самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и... ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21). Замисли си! Луѓето постојано ќе стекнуваат сѐ повеќе мудрост и искуство. Но, како што ќе одминуваат вековите, нема да ја изгубат ни својата физичка енергија од младоста. Ќе го доживееш ли тоа и ти?
Колку долго ќе живееш?
Исус укажал дека, поради Божјиот ден на суд, бројот на жителите на Земјата драстично ќе се намали (Матеј 24:21, 22). Тој рекол: „Широк е и простран патот што води во уништување, и мнозина се оние кои одат по него; додека тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние кои го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14).
За да бидеш меѓу оние што ќе се радуваат на вечен живот, треба да ја стекнеш милоста на Бог. Првото нешто што треба да го направиш е да го запознаеш Бог. Исус објаснил: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог“ (Јован 17:3). Точно, потребен е труд за добро да го запознаеме Бог, но трудот ќе се исплати. Потребен е труд и секојдневно да се заработува за храна. Споредувајќи го знаењето за Бог со храна, Исус поттикнал: „Работете, не за храната која пропаѓа, туку за храната која останува за вечен живот“ (Јован 6:27). Зарем не вреди да направиш сѐ за да добиеш вечен живот? (Матеј 16:26).
Исус рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Според тоа, колку долго ќе живееш ти, зависи од тоа како ќе ѝ возвратиш на Божјата љубов.
[Фуснота]
a Некои тврдат дека годините што се наведени во овие библиски записи се, всушност, месеци. Меѓутоа, стихот вели дека на Арфаксад му се родил синот Сала на 35 години. Ако се мисли на 35 месеци, тогаш Арфаксад станал татко уште пред да наполни три години — што, нормално, е невозможно. Освен тоа, во првите поглавја од Битие се прави разлика помеѓу годишните циклуси на сонцето и месечните циклуси на месечината (Битие 1:14-16; 7:11).
[Истакната мисла на страница 7]
За 80 години живот, еден човек направил многу малку од сето она што можел да го направи како човек
[Истакната мисла на страница 8]
Луѓето се создадени како повисок облик на живот од животните
[Слика на страница 7]
Дали оваа кола била направена со вдлабнатина?
[Слика на страници 8 и 9]
Божјата реч вели дека луѓето ќе се вратат „во дните на младите свои години“