Чудата на создавањето го величаат Јехова
ЈЕХОВА БОГ е повеличествен отколку што можат да си замислат несовршените луѓе. Неговите творечки дела на Земјата и на небото му носат фалба и нѐ исполнуваат со страхопочит (Псалм 19:1-4).
Како Творец и Севишен владетел на универзумот, Јехова сигурно заслужува да го слушаме кога зборува. Но, колку би биле восхитени кога тој би ни зборувал нам, обичните луѓе овде на Земјата! Замисли си дека ти зборува тебе, можеби преку некој ангел. Секако дека внимателно би слушал. Праведниот човек Јов мора да слушал многу внимателно кога Бог му се обратил пред речиси 3.500 години. Што можеме да научиме од она што Бог му го рекол на Јов во врска со Земјата и небото?
Кој ја создал Земјата, и кој владее со морето?
Од една бура, Бог му поставува прашања на Јов во врска со Земјата и морето (Јов 38:1-11). Ниеден архитект не одредил колку треба да биде голема Земјата и потоа не помагал во нејзиното создавање. Споредувајќи ја Земјата со зграда, Бог го прашува Јов: „Кој ѝ постави крајаголен камен?“ Ниеден човек! Божјите синови, ангелите, гледале и се радувале додека Јехова ја создавал оваа планета.
Морето е многу младо во споредба со Бог, кој сликовито го облекува со наметка. Тоа ‚заизворило од мајчиното крило‘. Бог му поставува граници на морето како да става прегради и затворени врати, а плимата и осеката ги регулира со привлечната сила на Месечината и Сонцето.
Во The World Book Encyclopedia стои: „Ветрот ги предизвикува повеќето бранови на океанот, од малите бранчиња до џиновските урагански бранови високи преку 30 метри . . . Откако ќе запре ветрот, брановите продолжуваат да се движат над површината на океанот и можат да поминат големи растојанија од местото од каде што настанале. Стануваат сѐ помали и сѐ подолги. На крајот, брановите доаѓаат до брегот, каде што плискаат и се пенат“. Морето ја слуша Божјата заповед: „Дотаму, не подалеку . . . тука нека се крши гордоста на твоите бранови“.
Кој ја создава зората?
Како следно, Бог го прашува Јов како дејствува светлината и му поставува прашања и за други работи (Јов 38:12-18). Ниеден човек не може да нареди да се менуваат денот и ноќта. Утринската светлина симболично ги опфаќа краевите на Земјата и ги растерува злобните. Грешниците можеби прават неправедни дела во „примрак“ (Јов 24:15, 16). Но, кога ќе зазори, многу злосторници се разбегуваат.
Во Божјата рака, утринската светлина е како печат — таа се распостила по Земјата и остава прекрасен отпечаток на неа. Сончевата светлина открива многу бои, така што Земјината топка изгледа како да е облечена во прекрасни наметки. Јов немал никаква улога во ова и не отишол во водните длабочини за да ги прегледа нивните богатства. И до ден-денес истражувачите имаат само ограничено спознание за животот во океаните!
Кој има складишта на снег и град?
Ниеден човек не отишол во домот на светлината или темнината ниту, пак, влегол во складиштата на снегот и градот што Бог ги чува за „време на крвав бој и војна“ (Јов 38:19-23). Кога Јехова го користел градот против непријателите во Гаваон, ‚загинале повеќе од градот од камења, отколку што ги погубиле Израелевите синови со своите мечеви‘ (Исус Навин 10:11). Тој може да користи град со која и да е големина за да ги уништи злобните луѓе што ги води Гог, или Сатана (Езекиел 38:18, 22).
Зрна град со големина на јајце убиле 25 луѓе и повредиле 200 други во центарот на провинцијата Хенан (Кина), во јули 2002 година. Во врска со градот што паднал во 1545 година, италијанскиот скулптор Бенвенуто Челини напишал: „Бевме оддалечени еден ден од Лион . . . кога небото почна да татни со остри последователни удари . . . По громот, од небото се чу толку голема и страшна бучава што си помислив дека дошол последниот ден; затоа го запрев коњот за миг, додека почна да паѓа град без ниту една капка дожд . . . Потоа зрната град станаа колку големи лимони . . . Бурата беснееше извесно време, но на крајот запре . . . Си ги покажувавме исекотините и модринките; но откако поминавме една милја наидовме на една неопислива сцена на пустош што беше пострашна од она што го доживеавме ние. Сите дрвја беа соголени и испокршени; низ полето лежеа мртви животни; и многу сточари беа убиени; гледавме огромни зрна град што не можеа да се опфатат со двете дланки“ (Autobiography (книга II, 50), Harvard Classics, том 31, страници 352, 353).
Што ќе се случи кога Јехова ќе ги отвори своите складишта од снег и град против своите непријатели? Тие нема да можат да преживеат кога Бог ќе ги употреби снегот или градот за да ја изврши својата волја.
Чие дело се дождот, росата, сланата и ледот?
Потоа Јехова му поставува прашања на Јов во врска со дождот, росата, сланата и ледот (Јов 38:24-30). Јехова го создава дождот, па дури и „пустината каде што нема жива душа“ го ужива неговиот благослов. Дождот, ледот и сланата не ги создал ниеден човек.
Во Nature Bulletin стои: „Најчудното и можеби најважното својство [на ледот] е тоа што водата се шири кога се замрзнува . . . Покривката од мраз што се формира и плива на површината на едно езерце в зима овозможува водните растенија и животни (риби итн.) да останат живи во водата одоздола. Ако . . . водата се собере и стане погуста кога ќе се стврдне, ледот би бил потежок од водата и би потонал на дното. На површината би се создал нов лед сѐ додека целото езерце сосема не замрзне . . . Во постудените делови од светот, реките, езерцата, езерата, па дури и океаните би биле секогаш замрзнати“.
Колку ли можеме да бидеме благодарни што водните површини не замрзнуваат сосема! И секако дека сме благодарни што, како творештво на Јехова, дождот и росата ја освежуваат Земјината вегетација.
Кој ги поставил законите на небото?
Потоа, Бог му поставува на Јов прашања во врска со небото (Јов 38:31-33). Соѕвездието Плејади се состои од седум големи и повеќе мали ѕвезди што се оддалечени од Сонцето околу 380 светлосни години. Човекот не може ‚да ја врзе Плејадата со вериги‘, формирајќи соѕвездие. Ниеден човек не може ‚да ги разврзе врските на Орион‘. Иако не знаеме кои соѕвездија ги нарекол Деница и Мечка, човекот не може да ги контролира и да ги води. Луѓето не можат да ги променат „небесните закони“, законите што управуваат со универзумот.
Бог поставил закони што управуваат со небесните тела, кои влијаат врз климата на Земјата, плимата, осеката, атмосферата и самото постоење на животот на оваа планета. Размисли за Сонцето. Во врска со него, во The Encyclopedia Americana (издание од 1996) стои: „Сончевите зраци ја снабдуваат Земјата со топлина и светлина, придонесуваат за растот на растителниот свет, го предизвикуваат испарувањето на водата од океанот и од другите водени површини, играат улога во создавањето на ветровите, и имаат уште многу други функции што се многу битни за постоењето на животот на Земјата“. Во истото дело стои: „За да сфатиме колкава енергија се крие во сончевата светлина, треба само да размислиме дека сета енергија што ја имаат ветровите, браните и реките и сета енергија што ја имаат природните горива како што се дрвото, јагленот и нафтата не е ништо повеќе од сончева светлина што била складирана во една мала планета [Земјата] оддалечена од Сонцето 150 милиони километри“.
Кој ставил мудрост во облаците?
Јехова му вели на Јов да размисли за облаците (Јов 38:34-38). Човекот не може да му нареди на ниеден облак да се појави и да излее дожд. Но, колку ли само човекот зависи од кружниот тек на водата што го втемелил Творецот!
Каков е кружниот тек на водата? Во едно дело стои: „Кружниот тек на водата се состои од четири различни фази: складирање, испарување, кондензација и врнежи. Водата може да се складира привремено во почвата; во океаните, езерата и реките; и во ледената покривка и глечерите. Таа испарува од Земјината површина, се кондензира во облаците, паѓа назад на Земјата во вид на дожд или снег и на крајот тече во морињата или повторно испарува во атмосферата. Речиси сета вода на Земјата го поминала овој кружен тек безброј пати“ (Microsoft Encarta Reference Library 2005).
Облаците полни со дожд се како небесни бокали со вода. Кога Јехова ќе ги допре, тие можат да истурат толку дожд што правот станува кал а грутките земја се спојуваат. Бог може да направи да врне или да не врне дожд (Јаков 5:17, 18).
Кога врне дожд, честопати има и секавици, но човекот не може да ги натера секавиците да ги исполнат неговите желби. За секавиците се вели дека доаѓаат кај Бог и велат „Еве нѐ“. Во Compton’s Encyclopedia стои: „Секавиците предизвикуваат значајни хемиски промени во атмосферата. Додека громот минува низ воздухот, создава огромна топлина што ги соединува азотот и кислородот кои образуваат нитрати и други соединенија. Овие соединенија паѓаат на Земјата преку дождот. На овој начин, атмосферата може постојано да придонесува да се обноват хранливите состојки што ѝ се потребни на почвата за да има растенија“. Сите факти во врска со секавиците се тајна за човекот, но не и за Бог.
Чудата на создавањето му носат фалба на Бог
Чудата на создавањето навистина го величаат оној што создал сѐ (Откровение 4:11). Колку ли мора да бил импресиониран Јов од Јеховините зборови во врска со Земјата и небесните тела во вселената!
Чудата на создавањето што ги разгледавме сега не се единствените работи што се опфатени во прашањата и описите што му биле дадени на Јов. Сепак, дури и овие неколку што ги разгледавме нѐ мотивираат да речеме: „Бог е поголем отколку што можеме да сфатиме“ (Јов 36:26).
[Извор на слика на страница 14]
Снегулка: snowcrystals.net
[Извори на слики на страница 15]
Плејади. NASA, ESA and AURA/Caltech; риба: U.S. Fish & Wildlife Service, Washington, D.C./William W. Hartley