14. поглавје
Кој оди на небото и зошто?
1. Како многумина одговараат на прашањето: Кој оди на небо и зошто?
МНОГУ ЛУЃЕ велат: ”Сите добри луѓе одат на небото.“ И кога ќе ги прашаш зошто одат на небо, можеби велат: ”За да бидат со Бог.“ Или: “Како награда што биле добри луѓе.“ Што учи Библијата за тоа?
2, 3. (а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека некои луѓе ќе одат на небо? (б) Кое прашање бара одговор?
2 Библијата јасно покажува дека Исус бил воскреснат од мртвите а потоа отишол на небото. Таа зборува дека и други луѓе ќе одат таму. Ноќта пред својата смрт, Исус им рекол на своите верни апостоли: ”Има многу станови во куќата на мојот татко. А да не е така, би ви кажал: одам да ви подготвам место. И кога ќе отидам и ви подготвам место, повторно ќе дојдам, и ќе ве земам кај себе и вие да бидете каде што сум јас“ (Јован 14:1–3, ДК).
3 Исус јасно им рекол на апостолите дека ќе се соединат со него на небото. Апостол Павле често им зборувал на првите христијани за таа прекрасна надеж. Во една прилика тој напишал: ”Нашата татковина [граѓанство, NW] е на небото, откаде што и Спасителот постојано го очекуваме, Господ Исус Христос“ (Филипјаните 3:20, 21, Ст; Римјаните 6:5; 2. Коринтјаните 5:1, 2). Потпирајќи се на таквите ветувања, милиони луѓе се надевале дека еднаш ќе живеат на небото. Но, дали сите добри луѓе одат на небото?
ДАЛИ СИТЕ ДОБРИ ЛУЃЕ ОДАТ НА НЕБОТО?
4, 5. Кои докази постојат дека Давид и Јов не отишле на небото?
4 Кратко по Исусовото воскресение од мртвите, апостол Петар рекол пред едно мноштво Евреи: ”Нека ми е слободно сосема отворено да ви кажам за патријархот Давид: тој умре и погребан е и гробот му се наоѓа меѓу нас до ден-денеска. Секако, Давид не отиде на небо“ (Дела на апостолите 2:29, 34, Ст). Иако бил добар човек, Давид не отишол на небото. А како е со праведниот Јов?
5 Додека страдал, Јов го молел Бог: ”О, да сакаш да ме скриеш во гробот и да ме заштитиш додека не ти се смири гневот, и ми дадеш рок кога ќе се сетиш на мене!“. Јов очекувал дека после смртта ќе се најде во гробот во бесвесна состојба. Знаел дека нема да оди на небото. Но, сепак имал некаква надеж, бидејќи рекол: ”Кога ќе умре човек, дали ќе оживее? Сите денови на своето време кое ми е одредено [времето кое треба да го помине в гроб] ќе чекам додека ми дојде промена. Ќе повикаш, и јас ќе ти се јавам“ (Јов 14:13–15, ДК).
6, 7. (а) Што покажува дека ниеден којшто умрел пред Христос, не отишол на небото? (б) Што ќе се случи со сите верни кои умреле пред Христос?
6 Јован, кој го крстил Исус, исто така бил добар човек. Но, Исус рекол: ”Најмалиот во царството небесно е поголем од него“ (Матеј 11:11, Ст). Тоа го рекол затоа што Јован Крстител не отишол на небото. За време на својот земски живот — повеќе од 4000 години после побуната на Адам и Ева — Исус рекол: ”Никој не отиде на небо, освен Синот Човечки кој слезе од небото“ (Јован 3:13, Ст).
7 Така од Исусовите зборови дознаваме дека ниту еден човек не отишол на небо за време на 4000 години човечка историја кои поминале сѐ до неговото време. Давид, Јов и Јован Крстител ќе бидат разбудени за живот на Земјата. Да, сите верни мажи и жени, кои умреле пред Исус, имаат надеж за живот на Земјата, а не на небото. Тие ќе воскреснат за да станат земски поданици на Божјето Царство (Псалм 72:7, 8, ДК; Дела на апостолите 17:31).
ЗОШТО НЕКОИ ВЕРНИ ОДАТ НА НЕБО?
8. Кои одговори се важни и зошто?
8 Зошто Исус отишол на небото? Која задача требало да ја исполни таму? Важно е да ги знаеме одговорите на овие прашања, бидејќи сите кои одат на небото ќе учествуваат со Исус во исполнување на неговите задачи. Токму за таа цел тие одат на небото.
9, 10. Кој ќе владее со Христос во Божјата влада според извештајот од книгата Даниел?
9 Во претходните поглавја научивме дека Исус ќе владее над новата рајска Земја како Цар на Божјата небесна влада. Одамна пред Исусовото доаѓање на Земјата, во библиската книга Даниел проречено е дека на ’Синот човечки‘ ќе му биде предадена власт. ’Синот човечки‘ е Исус Христос (Марко 14:42, 62). Даниел понатаму вели: ”Власта негова е вечна власт и никогаш нема да помине, неговото царство нема да пропадне“ (Даниел 7:13, 14, Ст).
10 Во овој извештај од книгата на пророк Даниел важно е да се утврди дека ”Синот човечки“ нема да владее сам. Библијата вели: ”А Царството и власта (...) му беа дадени на народот на светците на Севишниот. Нивното Царство е Царство кое трае до недогледно време“ (Даниел 7:27, NW). Според изразите ”народот“ и ”нивното Царство“ можеме да сознаеме дека во Божјата влада и други ќе владеат заедно со Христос.
11. Што покажува дека првите Христови следбеници ќе владеат заедно со него?
11 Во текот на последната вечер која Исус ја поминал со своите 11 верни апостоли, им објаснил дека тие ќе владеат со него во Божјето Царство. Тој им рекол: ”Вие сте тие кои издржавте со мене во моите искушенија; и јас склопувам со вас сојуз, како што мојот Татко склопил сојуз со мене, за царство (Лука 22:28, 29, NW). Подоцна во тој сојуз за Царството биле вклучени апостол Павле и Тимотеј: ”Ако сме истрајни, со него и ќе царуваме“ (2. Тимотеј 2:12, Ст). И апостол Јован пишувал за лицата кои заедно со Исус Христос ”како цареви ќе владеат над земјата“ (Откровение 5:9, 10; 20:6, NW).
12. Кој факт за Авраамовото ”семе“ покажува дека Христос ќе има совладетели?
12 Значи, сите кои одат на небо, ќе служат како Христови совладетели во Божјата небесна влада. Иако во прв ред Исус е ветеното ”семе“, Бог избрал и други од човештвото за да владеат со Исус во Царството. На тој начин, и тие се дел од ”семето“, како што пишува во Библијата: ”А ако сте, пак, вие Христови, тогаш сте Авраамово семе, и по ветување наследници“ (Галатјаните 3:16, 29, ББД; Јаков 2:5).
КОЛКУМИНА ОДАТ НА НЕБОТО?
13. (а) Зошто малите деца не одат на небо? (б) Како Исус го опишал бројот на оние кои ќе го примат Царството?
13 Бидејќи оние кои ќе одат на небо ќе владеат над Земјата, јасно е дека мора да бидат искушани и испитани следбеници на Христос. Тоа значи дека доенчиња или мали деца кои не се испитани во потполност низ долгогодишна христијанска служба, не можат да бидат земени на небото (Матеј 16:24). Но, децата кои умреле имаат надеж дека ќе бидат разбудени за живот на Земјата (Јован 5:28, 29). Вкупниот број на оние кои одат на небото е мал во споредба со оние кои ќе добијат живот на Земјата под Царската влада. Исус им рекол на своите ученици: ”Не плаши се, мало стадо, зашто одлучил вашиот Татко да ви го даде Царството!“ (Лука 12:32, Ст).
14. Колку лица го сочинуваат ”малото стадо“ кое оди на небото?
14 Колку изнесува тој мал број царски владетели? Дали го сочинуваат само апостолите и другите први следбеници на Исус? Не, Библијата вели дека на ”малото стадо“ му припаѓаат повеќе луѓе. Во Откровение 14:1, 3 читаме: ”И видов, и гледај, јагнето [Исус Христос] стоеше на [небесната] Сионска гора и со него сто и четириесет и четири илјади (...) кои се откупени [или земени] од Земјата.“ Забележи дека на небесната гора Сион, со Јагнето, Исус Христос, стојат само 144000 луѓе (Евреите 12:22). Значи, наместо сите добри луѓе да одат на небото, таму одат само 144000 искушани верни луѓе да владеат со Христос.
ЗОШТО СЕ ИЗБРАНИ ОД ЗЕМЈАТА?
15. Зошто Бог од луѓето избира владетели на Царството?
15 Зошто Бог ги избрал овие владетели од луѓето? Зошто не дозволил ангели да владеат со Христос? Затоа што овде на Земјата било нападнато Јеховиното право на владеење. Тука луѓето можеле да бидат испитани дали и покрај отпорот од страна на Сатана ќе му останат верни на Бог. Тука Исус ја докажал верноста спрема Бог во искушенијата и тука го положил животот како откупнина за луѓето. Затоа Јехова направил подготовка луѓето кои се означени како “мало стадо“ да се земат од Земјата за да бидат поврзани со неговиот Син во небесното Царство. Тие луѓе со својата верност спрема Бог докажале дека Ѓаволот лажно тврди дека луѓето му служат на Бог само од себични цели. Значи, пригодно е Јехова да ги употреби овие луѓе за своја слава (Ефесјаните 1:9–12).
16. Зошто можеме да бидеме благодарни што владетелите на Царството живееле на Земјата?
16 Замисли колку ќе биде убаво кога ќе владеат лица кои на Земјата се покажале верни кон Бог, од кои многумина го жртвувале и својот живот за Царството! (Откровение 12:10, 11; 20:4). Ангелите не биле изложени на такви искушенија. Тие не ги познаваат човечките проблеми од сопствено искуство. Затоа тие не би разбрале во потполност што значи да се биде грешен човек и да се има проблеми какви што имаме ние луѓето. Но, овие 144000 ќе ги разберат проблемите, затоа што некогаш и самите ги имале. Некои од нив ги напуштиле грешните навики и тие знаат колку тоа може да биде тешко (1. Коринтјаните 6:9–11). Затоа ќе имаат потполно разбирање за своите земски поданици (Евреите 2:17, 18).
БОЖЈЕТО СОБРАНИЕ
17. На што се однесува зборот ”собрание“?
17 Од Библијата дознаваме дека Христос е поглавар на собранието и дека неговите членови му се подложни на Исус (Ефесјаните 5:23, 24). Затоа зборот ”црква“ или ”Божје собрание“ не се однесува на некоја зграда, туку на група христијани (1. Коринтјаните 15:9). Денес можеме да зборуваме за собрание на христијани со кои сме поврзани. Во иста смисла, во Библијата читаме за ”собранието во Лаодикија“, а во писмото на апостол Павле до Филемон се зборува за ”собранието во твојата куќа“ (Колосјаните 4:16; Филимон 2).
18. (а) Кој го сочинува ”собранието на живиот Бог“? (б) Со кои изрази е означено собранието во Библијата?
18 Кога во Библијата се зборува за ”собранието на живиот Бог“, тоа се однесува на одредена група Христови следбеници (1. Тимотеј 3:15). Тоа е наречено и ”собрание на првородени кои се запишани на небото“ (Евреите 12:23, NW). Тоа ”Божје собрание“ се состои од сите христијани на Земјата кои имаат надеж за небесен живот. Така конечно само 144000 лица го сочинуваат ”Божјето собрание“. Денес на Земјата живеат уште малкумина од нив, еден остаток. Христијаните кои се надеваат вечно да живеат на Земјата, го следат духовното водство на членовите на ”собранието на живиот Бог“. Тоа собрание кое брои 144000 членови, Библијата го означува со изразите ”невеста“, ”жена на Јагнето“, ”тело Христово“, ”храм Божји“, ”Израел Божји“ и ”нов Ерусалим“ (Откровение 21:9; Ефесјаните 4:12; 1. Коринтјаните 3:17; Галатјаните 6:16; Откровение 21:2).
НОВОТО ВО БОЖЈАТА НАМЕРА
19. Што ново вовел Бог за да ја оствари својата првобитна намера?
19 Јехова Бог не ја изменил својата намера во врска со Земјата и човекот откако Адам го довел човештвото на патот на гревот и смртта. Ако го направил тоа, би значело дека не може да ја исполни својата првобитна намера. Неговата намера на почетокот била да постои рај низ целата Земја исполнет со среќни, здрави луѓе, а таа намера постои и денес. Единствено ново што Бог вовел, била подготовката за нова влада, која ќе ја оствари неговата намера. И како што видовме, неговиот син Исус Христос е главен владетел на таа влада, а 144000 лица ќе бидат земени од луѓето за да владеат со него на небото (Откровение 7:4).
20. Кој го сочинува ”новото небо“, а кој “новата Земја“?
20 Тие владетели на небото ќе го формираат ”новото небо“ на новиот Божји систем. Но, ако постојат такви праведни владетели на Земјата, мора да постојат и луѓе над кои ќе владеат. Библијата ги означува тие луѓе како ”нова земја“ (2. Петрово 3:13; Откровение 21:1–4). Меѓу нив припаѓаат Јов, Давид и Јован Крстител — да, сите верни кои живееле пред Христос на Земјата. Поголем е бројот на луѓето кој ќе ја формираат ”новата земја“. Меѓу другите ќе бидат и оние кои ќе го преживеат крајот на сегашниот зол систем. Дали сакаш и ти да бидеш еден од преживеаните? Дали сакаш да бидеш поданик на Божјата влада? Ако сакаш, мораш да исполниш одредени предуслови.
[Слики на страница 121]
Дали овие добри луѓе отишле на небото?
Цар Давид
Јов
Јован Крстител
[Слика на страница 122]
Ноќта пред својата смрт, Исус им рекол на апостолите дека ќе владеат со него во Царството на неговиот Татко