СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6
Зачувај ја својата беспрекорност!
Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност! (ЈОВ 27:5)
ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Како Јеховините сведоци во овие три замислени ситуации покажаа дека му се верни на Јехова?
ЗАМИСЛИ ги следниве три ситуации: 1) Додека една сестра е на училиште, професорот им кажува на сите ученици во класот да учествуваат во прославувањето на еден празник. Сестрата со почит одбива да учествува бидејќи знае дека, ако го направи тоа, ќе го разжалости Бог. 2) Еден срамежлив млад брат проповеда од врата до врата. Тој знае дека во следната куќа живее еден негов соученик кој во неколку прилики им се потсмевал на Јеховините сведоци. Сепак, младиот брат оди до куќата и тропнува на вратата. 3) Еден брат напорно работи за да ги задоволи потребите на своето семејство. Еден ден, шефот бара од него да направи нешто нечесно и незаконско. Иако може да ја изгуби работата, братот објаснува дека мора да биде чесен и да го почитува законот бидејќи Бог го очекува тоа од своите слуги (Рим. 13:1-4; Евр. 13:18).
2. Кои прашања ќе ги разгледаме, и зошто?
2 Која особина ја забележа кај Божјите слуги во овие три замислени ситуации? Можеби забележа неколку како, на пример, храброста и чесноста. Но една посебно се истакнува — беспрекорноста. Секој од тие тројца му остана верен на Јехова. Секој од нив одби да ги прекрши Божјите мерила. Беспрекорноста ги поттикна да постапат така. Јехова сигурно многу се гордее со секој свој слуга што ја покажува оваа особина. И ние сакаме да му дадеме причина на нашиот небесен Татко да се гордее со нас. Затоа, да ги разгледаме следниве прашања: Што е беспрекорност? Зошто ни е потребна таа особина? И како може да си ја зајакнеме решеноста да му останеме верни на Бог во овие тешки времиња?
ШТО Е БЕСПРЕКОРНОСТ?
3. а) Како Божјите слуги покажуваат беспрекорност? б) Кои примери ни помагаат да разбереме што значи беспрекорност?
3 На кој начин ние како Божји слуги покажуваме беспрекорност? Така што со сето срце го сакаме Јехова и така што безусловно сме му оддадени. А тоа, пак, нѐ поттикнува секогаш да го правиме она што го радува. Да видиме како зборот „беспрекорност“ е употребен во Библијата. Во основа овој збор значи „без недостаток“, „здрав “ или „потполн“. На пример, според Мојсеевиот закон, Израелците требало да му принесуваат на Јехова животни без недостатокb (3. Мој. 22:21, 22). На Божјите слуги не им било дозволено да принесуваат животни на кои им недостасувало уво, око или нога. Ниту, пак, можеле да принесуваат болни животни. На Јехова му било важно животните да бидат здрави и без недостаток (Мал. 1:6-9). Следниов пример ни покажува зошто: Кога купуваме нешто, без разлика дали станува збор за овошје, книга или алатка, сакаме тоа да биде во добра состојба и ништо да не му недостасува. Јехова гледа на сличен начин и на нашата љубов и верност. Тие мора да бидат потполни, без недостаток.
4. а) Зошто може да се каже дека еден несовршен човек може да биде беспрекорен? б) Според Псалм 103:12-14, што очекува Јехова од нас?
4 Можеби за себе сметаш дека правиш многу грешки или дека имаш многу маани. Дали поради тоа треба да заклучиш дека не можеш да бидеш беспрекорен? Не. Да разгледаме две причини кои потврдуваат дека не мора да си совршен за да ја покажуваш оваа особина. Како прво, Јехова не се концентрира на нашите грешки. Во неговата Реч пишува: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Пс. 130:3). Тој знае дека сме несовршени, грешни луѓе, и затоа великодушно ни простува (Пс. 86:5). Како второ, Јехова ги знае нашите ограничувања, и не очекува од нас повеќе отколку што можеме да направиме. (Прочитај Псалм 103:12-14.) Тогаш, во која смисла можеме во негови очи да бидеме беспрекорни, без недостаток?
5. Зошто слугите на Јехова мора да имаат љубов за да бидат беспрекорни?
5 За да бидат беспрекорни, слугите на Јехова мора да имаат љубов. Ние треба да го сакаме нашиот небесен Татко со цело срце и да му бидеме потполно оддадени. Кога покажуваме таква љубов кон него дури и кога се соочуваме со искушенија, тогаш сме беспрекорни (1. Лет. 28:9; Мат. 22:37). Да размислиме повторно за тројцата Сведоци од замислените ситуации што ги спомнавме на почетокот. Дали сестрата не сака убаво да си поминува на училиште? Дали младиот брат сака некој да му се потсмева кога проповеда? Дали братот што има семејство сака да биде отпуштен од работа? Се разбира дека не. Секојдневно, Божјите слуги низ целиот свет се соочуваат со слични ситуации и му остануваат верни на Јехова. Зошто? Бидејќи тие знаат дека Јехова има праведни мерила, и решени се да го радуваат својот небесен Татко. Љубовта кон него ги поттикнува тој да им биде на прво место секогаш кога треба да донесат некоја одлука. На овој начин тие докажуваат дека се беспрекорни.
ЗОШТО ТРЕБА ДА БИДЕМЕ БЕСПРЕКОРНИ?
6. а) Зошто треба да бидеш беспрекорен? б) Како Адам и Ева не покажале беспрекорност?
6 Зошто сите ние треба да бидеме беспрекорни? Поради обвиненијата кои Сатана ги покренал против Јехова и против нас. Во рајската градина, овој бунтовен ангел станал Сатана, односно „Противник“. Тој го наклеветил Јехова дека е лош, себичен и нечесен Владетел. За жал, Адам и Ева му се придружиле на Сатана во побуната против Јехова (1. Мој. 3:1-6). Животот во градината Еден им дал безброј можности да ја зајакнат својата љубов кон Јехова. Но во периодот кога Сатана се побунил, тие не го сакале Јехова со цело срце. Затоа се појавило уште едно прашање: Дали некој човек ќе му остане верен на Јехова Бог од љубов? Со други зборови, дали луѓето можат да бидат беспрекорни? Ова прашање било истакнато во случајот со Јов.
7. Според Јов 1:8-11, како гледал Јехова на беспрекорноста на Јов, а како гледал Сатана?
7 Јов живеел во периодот кога Израелците биле во Египет. Во тоа време немало друг човек кој бил беспрекорен како него. И тој бил несовршен како нас и правел грешки. Сепак, Јехова го сакал Јов поради неговата беспрекорност. По сѐ изгледа Сатана веќе му се подбивал на Јехова со тоа што тврдел дека луѓето нема да му останат верни. Затоа Јехова му го посочил Јов како пример за верен слуга. Овој човек со својот живот покажувал дека Сатана е лажливец. Сатана побарал од Јехова да му дозволи да ја стави на испит беспрекорноста на Јов. Јехова имал доверба во својот пријател Јов и затоа му дозволил на Сатана да го испита. (Прочитај Јов 1:8-11.)
8. Како Сатана го нападнал Јов?
8 Сатана е суров. Тој е и убиец. Му го одзел целиот имот на Јов, му ги убил слугите и му го расипал угледот што го имал во неговото место. Му го нападнал семејството и му ги убил сите десет деца. Потоа му го нарушил здравјето така што по целото тело му нанел многу болни чиреви. Жената на Јов била скршена од болка и од тага, и затоа го поттикнувала својот маж да се откаже од сѐ, да го проколне Бог и да умре. Поради сето тоа што му се случувало, Јов и самиот посакал да умре, но и покрај тоа не се откажал од својата беспрекорност. Тогаш Сатана се обидел со друга тактика. Употребил тројца пријатели на Јов. Тие го посетиле Јов и останале кај него со денови, но воопшто не го утешиле. Наместо тоа, бездушно го напаѓале и сурово го критикувале. Тие тврделе дека Бог му ги предизвикува неволјите и дека воопшто не ја цени неговата беспрекорност. Дури и тврделе дека Јов е злобен човек кој заслужил да му се случат тие страшни работи! (Јов 1:13-22; 2:7-11; 15:4, 5; 22:3-6; 25:4-6).
9. И покрај неволјите што ги доживеал, каков пример ни оставил Јов?
9 Како Јов се справил со сите тие неволји? Тој не бил совршен. Налутено ги прекорил своите лажни тешители, и кажал работи за кои подоцна признал дека биле непромислени. Поважно му било да докаже дека тој е праведен отколку да докаже дека Бог е праведен (Јов 6:3; 13:4, 5; 32:2; 34:5). Меѓутоа, дури и во најтешките моменти, Јов не му свртил грб на Јехова Бог. Не им верувал на лагите што ги кажале неговите лажни пријатели. Јов рекол: „Во никој случај не можам да ве прогласам за праведни! Сѐ додека дишам, нема да отстапам од својата непорочност!“ (Јов 27:5). Овие зборови се многу важни за нас. Зошто? Ако Јов останал беспрекорен, тогаш можеме и ние.
10. Како си вклучен и ти во спорното прашање што Сатана го покренал во врска со Јов?
10 И ние сме вклучени во спорното прашање што Сатана го покренал во врска со Јов. Како? Сатана тврди дека ти не го сакаш Јехова Бог, дека ќе престанеш да му служиш за да се избавиш од некое искушение и дека нема да останеш беспрекорен (Јов 2:4, 5; Отк. 12:10). Како се чувствуваш поради тоа? Многу е болно, зарем не? Но, размисли за следново: Јехова му дозволува на Сатана да ја испита твојата беспрекорност. Тој има толку голема доверба во тебе што ти дава една прекрасна можност — да докажеш дека Сатана е лажливец со тоа што ќе останеш беспрекорен. Освен тоа, Јехова ти ветува дека ќе ти помага (Евр. 13:6). Навистина е голема чест Владетелот на целата вселена да има таква доверба во тебе! Дали сфаќаш зошто е толку важна беспрекорноста? Таа ни помага да ги побиеме лагите на Сатана, да го одбраниме доброто име на нашиот Татко и да го поддржиме неговиот начин на владеење. Тогаш, како можеме да останеме беспрекорни?
КАКО МОЖЕМЕ ДЕНЕС ДА ОСТАНЕМЕ БЕСПРЕКОРНИ
11. Што можеме да научиме од Јов?
11 Во овие последни денови, Сатана сѐ повеќе ги напаѓа Божјите слуги (2. Тим. 3:1). Со оглед на тоа што живееме во толку тешко време, како можеме да ја зајакнеме нашата решеност да останеме беспрекорни? Повторно можеме многу да научиме од Јов. Долго време пред да почнат испитите на Сатана, Јов веќе многу пати покажал дека му е верен на Јехова. Да видиме кои три поуки можеме да ги извлечеме од неговиот пример за да бидеме уште порешени да останеме беспрекорни.
12. а) Според Јов 26:7, 8, 14, што му помогнало на Јов да стекне стравопочит кон Јехова? б) Како можеме ние да стекнеме стравопочит кон Бог?
12 Јов си ја зајакнал љубовта кон Јехова така што развивал стравопочит кон него. Јов одвојувал време длабоко да размислува за прекрасните работи што ги создал Бог. (Прочитај Јов 26:7, 8, 14.) Бил исполнет со стравопочит кога размислувал за Земјата, за небото, за облаците и за громовите. Сепак, бил свесен дека знае многу малку за сето она што го создал Јехова. Исто така, многу ги ценел Божјите зборови. Затоа кажал: „Ги зачував зборовите од неговата уста“ (Јов 23:12). Тој бил восхитен од Јехова и многу го почитувал. Јов го сакал својот небесен Татко и бил решен да го радува. На тој начин, сѐ повеќе растела решеноста на Јов да остане беспрекорен. И ние треба да го правиме истото. Денес знаеме многу повеќе за прекрасните творби на Јехова отколку што знаеле луѓето во времето на Јов. А ја имаме и целата Библија, која може да ни помогне вистински да го запознаеме Јехова. Сето она што го учиме може да нѐ исполни со восхит и стравопочит. А тоа, пак, ќе нѐ поттикне да го сакаме Јехова, да му бидеме послушни и да бидеме уште порешени да останеме беспрекорни (Јов 28:28).
13-14. а) Според Јов 31:1, како Јов покажал дека му е послушен на Бог? б) Како може да го следиме примерот на Јов?
13 Тоа што му бил послушен на Јехова во сѐ, му помогнало на Јов да остане беспрекорен. Јов знаел дека мора да биде послушен за да остане беспрекорен. Всушност, кога сме му послушни на Бог, ја зајакнуваме нашата решеност да му останеме верни. Јов давал сѐ од себе за да му биде послушен на Бог секој ден. На пример, внимавал како се однесува со лица од спротивниот пол. (Прочитај Јов 31:1.) Како женет човек, тој знаел дека е неисправно да развива романтични чувства кон друга жена. Денес живееме во свет во кој сме бомбардирани со работи кои можат да нѐ наведат да направиме неморал. Дали и ние како Јов сме решени да не покажуваме несоодветно внимание кон некој што не е наш брачен другар? Исто така, дали ќе се спротивставиме на искушението да гледаме непристојни или порнографски слики? (Мат. 5:28). Ако секој ден покажуваме такво самосовладување, ќе бидеме уште порешени да останеме беспрекорни.
14 Јов му бил послушен на Јехова и со начинот на кој гледал на материјалните работи. Јов бил свесен дека, ако се потпира на она што го поседува, тоа би било сериозен престап кој заслужува казна (Јов 31:24, 25, 28). Ние живееме во свет во кој сѐ се врти околу материјалното богатство. Ако стекнеме урамнотежено гледиште за парите и материјалните работи, како што нѐ поттикнува Библијата, ќе бидеме уште порешени да останеме беспрекорни (Изр. 30:8, 9; Мат. 6:19-21).
15. а) Што друго му помогнало на Јов да ја зачува беспрекорноста? б) Зошто е добро постојано да ја имаме на ум наградата што ни ја ветил Јехова?
15 Јов останал беспрекорен затоа што бил потполно сигурен дека Бог ќе го награди. Тој верувал дека на Јехова му е важна неговата беспрекорност (Јов 31:6). И покрај сите неволји што ги доживеал, Јов бил уверен дека Јехова на крајот ќе го награди. Ваквата увереност му помогнала да остане беспрекорен. На Јехова му било многу мило што Јов бил беспрекорен, и затоа богато го наградил уште додека бил несовршен! (Јов 42:12-17; Јак. 5:11). А во иднина Јов ќе добие уште поголеми благослови. Дали си потполно уверен дека Јехова ќе те награди за твојата беспрекорност? Нашиот Бог не се менува (Мал. 3:6). Ако секогаш имаме на ум дека тој ја цени нашата беспрекорност, во срцата и понатаму силно ќе ни гори надежта за прекрасната иднина што ни претстои (1. Сол. 5:8, 9).
16. На што треба да бидеме решени?
16 Според тоа, биди решен да останеш беспрекорен! Понекогаш можеби ќе си помислиш дека во твојата околина ти си единствениот што се труди да го прави тоа. Но не заборавај дека не си сам. Со тебе се милиони други верни слуги на Бог. Исто така, ќе бидеш вброен меѓу многуте мажи и жени кои останале беспрекорни, дури и по цена на својот живот (Евр. 11:36-38; 12:1). Биди решен да живееш во склад со зборовите на Јов: „Нема да отстапам од својата непорочност!“ Нашата беспрекорност нека му носи слава на Јехова во сета вечност!
ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!
a Што е беспрекорност, односно непорочност? Зошто Јехова ја цени оваа особина кај своите слуги? Зошто е важно секој од нас да биде беспрекорен? Оваа статија ќе ни помогне да го најдеме библискиот одговор на овие прашања. Исто така, таа ќе ни помогне јасно да видиме како да ја зајакнеме нашата решеност секој ден да останеме беспрекорни. Ако успееме во тоа, ќе добиеме многу благослови.
b Хебрејскиот збор кој е преведен со изразот „без недостаток“, а се користел за животните, е поврзан со хебрејскиот збор што е преведен со изразот „беспрекорност“, а се користел за луѓето.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Јов како млад татко поучува неколку од своите деца за прекрасните работи што ги создал Јехова.
d ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат одбива да гледа порнографија со своите колеги.
e ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат ја одбива понудата да купи голем и скап телевизор кој не му е потребен и не може да си го дозволи.
f ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат одвојува време да се моли и да размислува за надежта за живот во рај.