Дали се стремиш кон доблест?
„На она што е добродетел [доблест, НС], што е за пофалба, само на тоа мислете“ (ФИЛИПЈАНИТЕ 4:8).
1. Што е порок, и зошто тој не го расипал Јеховиното обожавање?
ПОРОКОТ е морална изопаченост или расипаност. Тој го проникнува светот во кој живееме (Ефесјаните 2:1—3). Меѓутоа, Јехова Бог нема да дозволи неговото чисто обожавање да биде расипано. Христијанските публикации, состаноци, собири и конгреси ни даваат навремени предупредувања против неправедното однесување. Добиваме здрава библиска помош да ‚се прилепуваме кон доброто‘ (Римјаните 12:9). Затоа, како организација, Јеховините сведоци тежнеат да бидат чисти, доблесни. Но, како е со нас како поединци? Всушност, дали ти се стремиш кон доблест?
2. Што е доблест, и зошто е потребен напор за да се остане доблесен?
2 Доблеста е морална извонредност, доброта, исправна постапка и исправно размислување. Таа не е пасивна, туку активна, позитивна особина. Доблеста вклучува повеќе од избегнување на гревот; таа значи да се стремиш кон она што е добро (1. Тимотеј 6:11). Апостол Петар ги поттикнувал сохристијаните: „Додајте ѝ на вашата вера доблест“. Како? ‚Придонесувајќи го сиот сериозен напор како одговор [на Божјите скапоцени ветувања]‘ (2. Петрово 1:5, НС). Поради нашата грешна природа, потребен е вистински напор да се остане доблесен. Сепак, богобојазливите поединци од минатото го сториле тоа, дури и покрај огромните препреки.
Тој се стремел кон доблест
3. За какви зли дела бил виновен царот Ахаз?
3 Писмото содржи многу извештаи за лица кои се стремеле кон доблест. На пример, земи го во обѕир доблесниот Езекија. Неговиот татко, царот Ахаз, очигледно го обожавал Молох. „Ахаз беше на дваесет години, кога стана цар; тој царуваше шеснаесет години во Ерусалим, и не го вршеше она, што беше угодно пред очите на Господа, својот Бог, како татка си Давида, туку одеше по патот на израилските цареви, и дури синот свој преку оган го пренесе, следејќи ги одвратните дела на народите, што Господ ги беше отстранил од пред лицето на Израилевите синови; принесуваше жртви и кадеше по идолските светилишта и по могилите и под секое сенчесто дрво“ (4. Царства 16:2—4). Некои тврдат дека ‚пренесувањето преку оган‘ означувало некој вид ритуал на прочистување, а не човечка жртва. Меѓутоа, книгата Molech—A God of Human Sacrifice in the Old Testament (Молох — бог на човечки жртви во Стариот завет) од Џон Деј, забележува: „Постојат докази во класични и во пунски [картагински] извори, како и археолошки докази, за постоењето на човечки жртви . . . во хананскиот свет, и затоа не постои причина за сомневање во алузиите на Стариот Завет [во врска со човечките жртви]“. Освен тоа, 2. Летописи 28:3 изрично вели дека Ахаз ‚ги протерувал своите синови низ огин‘. (Спореди 5. Мојсеева 12:31; Псалм 105:37, 38.) Какви само злобни дела!
4. Како се однесувал Езекија во една околина исполнета со порок?
4 Како поминал Езекија во една ваква околина исполнета со порок? Од интерес е 118. Псалм, бидејќи некои веруваат дека го компонирал Езекија, и тоа уште додека бил кнез (Псалм 118:46, 99, 100). Затоа, неговите околности може да се покажат преку зборовите: „Кнезовите седат и ме клеветат, а Твојот слуга размислува за Твоите наредби. Душата моја засолзи [беше бессона, НС] од тага“ (Псалм 118:23, 28). Опколен од практикувачи на лажната религија, Езекија можеби станал предмет на презир меѓу членовите на кралскиот двор, толку многу што спиењето било тешко. Па сепак, тој се стремел кон доблест, со текот на времето станал цар и ‚го вршел она што било угодно пред очите на Господа . . . На Господа Бога, Бог Израилев, тој се надевал‘ (4. Царства 18:1—5).
Тие останале доблесни
5. Со какви искушенија се соочиле Даниил и тројцата придружници?
5 Примерни во доблеста исто така биле Даниил и неговите тројца еврејски придружници по име Ананиј, Мисаил и Азариј. Тие сосила биле одведени од својата татковина и протерани во Вавилон. На четворицата младичи им биле дадени вавилонски имиња — Валтазар, Седрах, Мисах и Авденаго. Им била понудена „храна од царската трпеза“, вклучувајќи храна која била забранета со Божјиот Закон. Освен тоа, биле принудени да се подложат на тригодишен курс за обука, поврзан со ‚халдејските книги и јазик‘. Тоа вклучувало повеќе отколку само да учат друг јазик, бидејќи изразот „халдејски“ овде веројатно ја означува учената класа. Така, овие еврејски младинци биле изложени на искривени вавилонски учења (Даниил 1:1—7).
6. Зошто можеме да речеме дека Даниил се стремел кон доблест?
6 И покрај енормните притисоци да се прилагодат, Даниил и неговите тројца придружници избрале доблест наместо порок. Даниил 1:21 вели: „И остана таму Даниил до првата година на царот Кир“. Да, Даниил ‚останал‘ доблесен слуга на Јехова преку 80 години — во текот на подемот и падот на повеќе моќни цареви. Му останал верен на Бог и покрај интригите и сплетките на расипаните државни службеници, како и сексуалниот порок што ја проникнувал вавилонската религија. Даниил продолжил да се стреми кон доблест.
7. Што може да се научи од правецот што го следеле Даниил и неговите тројца придружници?
7 Можеме многу да научиме од богобојазливиот Даниил и неговите придружници. Тие се стремеле кон доблест и одбиле да бидат асимилирани во вавилонската култура. Иако им биле дадени вавилонски имиња, тие никогаш не го изгубиле својот идентитет како Јеховини слуги. Па, околу 70 години подоцна, вавилонскиот цар му се обратил на Даниил со неговото еврејско име! (Даниил 5:13). Во текот на својот долг живот, Даниил одбил да се компромитира дури и во малите работи. Како млада личност, ‚наумил да не се оскверни со јадењето од царската трпеза‘ (Даниил 1:8). Овој бескомпромисен став што го зазеле Даниил и неговите тројца придружници, несомнено ги зајакнал да ги преживеат искушенијата со кои се соочиле подоцна, во кои се работело за живот и смрт (Даниил 3:1—23, 91—100 и 6. поглавје).
Стремење кон доблест денес
8. Како можат христијанските младинци да се спротивстават да не бидат асимилирани во Сатановиот свет?
8 Како Даниил и неговите тројца придружници, Божјиот народ денес се спротивставува на тоа да биде асимилиран во Сатановиот злобен свет (1. Јованово 5:19, НС). Ако си христијански младинец, можеби доживуваш силен притисок од врсниците да ги имитираш нивните екстремни вкусови во облекувањето, дотерувањето и музиката. Но, наместо да го следиш секое модно лудило или стил што доаѓа, остани цврст и не дозволувај си да бидеш ‚управуван според овој век‘ (Римјаните 12:2). „Да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме“ (Тит 2:11, 12). Она што е важно не е одобрувањето од твоите врсници, туку од Јехова (Изреки 12:2, НС).
9. Со какви притисоци би можеле да се соочат христијаните во деловниот свет, и како треба да се однесуваат?
9 Возрасните христијани исто така се соочуваат со притисоци и мораат да бидат доблесни. Христијанските деловни луѓе можат да бидат искушувани да применуваат сомнителни методи или да ги игнорираат државните одредби и даночните закони. Меѓутоа, без оглед на тоа како се однесуваат деловните конкуренти или колеги, ние ‚се грижиме во сѐ добро [чесно, НС] да постапуваме‘ (Евреите 13:18). Од нас библиски се бара да бидеме чесни и фер спрема работодавачите, вработените, муштериите и световните власти (5. Мојсеева 25:13—16; Матеј 5:37; Римјаните 13:1; 1. Тимотеј 5:18; Тит 2:9, 10). Исто така, да тежнееме да бидеме уредни во нашите деловни работи. Со тоа што ќе водиме точни документи и спогодбите ќе ги правиме во писмена форма, честопати ќе можеме да ги спречиме недоразбирањата.
Внимавај!
10. Зошто постои потреба да ‚се внимава‘ кога станува збор за нашиот избор на музика?
10 Псалм 118:9 истакнува еден друг аспект од останувањето доблесен во Божји очи. Псалмистот испеал: „Како младичот ќе го запази во чистота патот свој? — Ако ги пази [ќе внимава на, НС] зборовите Твои“. Едно од Сатановите најделотворни оружја е музиката, која има моќ да ги возбуди емоциите. За жал, некои христијани пропуштиле да ‚внимаваат‘ кога станува збор за музика и биле вовлечени во нејзините екстремни облици, како што се рап и хеви метал. Некои може да аргументираат дека таквата музика не им штети или дека не им обрнуваат внимание на текстовите. Други, пак, велат дека тие едноставно уживаат во силниот такт или во звукот на гласните гитари. Сепак, спорното прашање за христијаните не е дали нешто е забавно. Тие водат грижа за тоа дали тоа ‚Му е угодно на Бога‘ (Ефесјаните 5:10). Општо земено, хеви метал и рап музиката унапредуваат такви пороци како што се безбожност, блуд, па дури и сатанизам — работи за кои сигурно нема место меѓу Божјиот народa (Ефесјаните 5:3). Било стар или млад, секој од нас би сторил добро ако размисли за следново прашање: Дали со мојот избор на музика се стремам кон доблест или кон порок?
11. Како може еден христијанин да внимава во поглед на телевизиските програми, видео и играните филмови?
11 Многу телевизиски програми, видео и играни филмови унапредуваат некој порок. Според еден угледен експерт за ментално здравје, во повеќето играни филмови кои се произведуваат денес доминираат ‚хедонизам, сексуалност, насилство, алчност и себичност‘. Затоа, да се внимава подразбира да се биде селективен околу тоа што избираме да гледаме. Псалмистот се молел: „Сврти ги очите мои за да не гледам суета“ (Псалм 118:37). Еден христијански младинец по име Џозеф го применил тоа начело. Кога извесен филм почнал да опишува живописен секс, тој го напуштил киното. Дали се чувствувал непријатно што го сторил тоа? „Не, воопшто не“ — вели Џозеф. „Пред сѐ мислев на Јехова и на тоа да му се допаднам.“
Улогата на проучувањето и медитирањето
12. Зошто се потребни лична студија и медитирање за да се стремиме кон доблест?
12 Не е доволно само да се избегнуваат лоши работи. Стремењето кон доблест вклучува и проучување и медитирање за добрите работи што се запишани во Божјата Реч за да можат нејзините праведни начела да се применат во животот. „Колку го љубам твојот закон“ — воскликнал псалмистот. „Цел ден се занимавам со него“ (Псалм 119:97, НС). Дали личната студија на Библијата и на христијанските публикации е дел од твојот седмичен распоред? Вистина, одвојувањето време за проучување на Божјата Реч и сериозното медитирање за тоа, може да биде предизвикувачко. Но, честопати е можно да се откупи време од другите активности (Ефесјаните 5:15, 16). Можеби раните утрински часови би ти послужиле како поволно време за молитва, проучување и медитирање. (Спореди Псалм 118:147).
13, 14. а) Зошто медитирањето е од непроценлива вредност? б) Медитирањето за кои стихови може да ни помогне да се гадиме од сексуалниот неморал?
13 Медитирањето е од непроценлива вредност, бидејќи ни помага да го задржиме она што го учиме. Што е уште поважно, може да ни помогне да ги унапредуваме божествените гледишта. Да илустрираме: Едно е да се знае дека Бог забранува блуд, но сосема друго е да ‚се отстрануваме [да се гадиме, НС] од злото, а да се прилепуваме кон доброто‘ (Римјаните 12:9). Можеме навистина да се чувствуваме онака како што се чувствува Јехова во поглед на сексуалниот неморал со тоа што ќе медитираме за клучните библиски стихови, како што е Колосјаните 3:5, кој поттикнува: „Умртвете ги своите земни членови, односно пороците: блудството, нечистотата, сласта, лошата желба, лакомството, кое е идолопоклонство!“ Прашај се: ‚Каков вид сексуален апетит морам да умртвам? Што е тоа што треба да го избегнувам, а кое би можело да ја подбуди нечистата желба? Постојат ли некои промени што треба да ги направам во начинот на кој постапувам со спротивниот пол?‘ (Спореди 1. Тимотеј 5:1, 2.)
14 Павле ги поттикнува христијаните да се воздржуваат од блуд и да практикуваат самосовладување за никој „да не престапува и го измамува во тоа братот свој“ (1. Солунјаните 4:3—7). Прашај се: ‚Зошто вршењето блуд е штетно? Каква штета би можел да си направам себеси или на некој друг ако згрешам во овој поглед? Како би влијаело тоа врз мене во духовен, емоционален и физички поглед? Што е со поединците во собранието кои го повредиле Божјиот закон и не се покајале? Како испаднале работите за нив?‘ Ако го земеме при срце она што го вели Писмото за таквото однесување, тоа може да ја продлабочи нашата омраза спрема она што е лошо во Божји очи (2. Мојсеева 20:14; 1. Коринтјаните 5:11—13; 6:9, 10; Галатјаните 5:19—21; Откровение 21:8). Павле вели дека блудникот „отфрлува [занемарува, НС] не човек, туку Бога“ (1. Солунјаните 4:8). Кој вистински христијанин би го занемарил својот небесен Татко?
Доблеста и друштвото
15. Каква улога игра друштвото во нашето стремење кон доблест?
15 Една друга помош да останеме доблесни е доброто друштво. Псалмистот испеал: „Јас сум меѓу оние, што се бојат од Тебе [Јехова] и кои ги пазат Твоите наредби“ (Псалм 118:63). Потребно ни е здравото друштво што ни е обезбедено на христијанските состаноци (Евреите 10:24, 25). Ако се изолираме, би можеле да станеме себични во своето размислување и порокот би можел лесно да нѐ совлада (Изреки 18:1, НС). Меѓутоа, срдечното христијанско дружење може да ја зајакне нашата решеност да останеме доблесни. Се разбира, мораме да внимаваме и на лошото друштво. Можеме да бидеме љубезни спрема соседите, колегите и соучениците. Но, ако навистина одиме мудро, ќе избегнуваме да се зближуваме премногу со оние кои не се стремат кон христијанска доблест. (Спореди Колосјаните 4:5.)
16. Како може примената на 1. Коринтјаните 15:33 денес да ни помогне да се стремиме кон доблест?
16 Павле напишал: „Лошите друштва ги расипуваат корисните навики“ (НС). Давајќи ја оваа изјава, тој ги предупредувал верниците дека би можеле да ја загубат својата вера ако се дружат со лица кои се изјаснуваат како христијани а го отфрлаат библиското учење за воскресение. Начелото кое стои зад Павловото предупредување важи за нашите друштва и вон и во собранието (1. Коринтјаните 15:12, 33). Нормално, ние не сакаме да ги избегнуваме нашите духовни браќа и сестри поради тоа што не се согласуваат со некое чисто лично гледиште кое го имаме ние (Матеј 7:4, 5; Римјаните 14:1—12). Меѓутоа, потребна е претпазливост доколку некој во собранието се впушти во сомнително однесување или, пак, покажува дух на огорченост или на жалење (2. Тимотеј 2:20—22). Мудро е да останеме блиску до оние со кои можеме да уживаме „размена на охрабрување“ (Римјаните 1:11, 12, НС). Тоа ќе ни помогне да се стремиме кон доблесен правец и да останеме на „патиштата на животот“ (Псалм 15:11).
Стреми се и понатаму кон доблест
17. Според 4. Мојсеева, поглавје 25, каква катастрофа ги снашла Израелците, и каква поука ни дава тоа нам?
17 Кратко пред Израелците да ја освојат Ветената земја, илјадници од нив избрале да се стремат кон порок — и претрпеле катастрофа (4. Мојсеева, поглавје 25). Денес, Јеховиниот народ стои на прагот од праведниот нов свет. Влегувањето во него ќе биде благословена предност за оние кои продолжуваат да ги отфрлаат пороците на овој свет. Како несовршени луѓе, може да имаме погрешни склоности, но Бог може да ни помогне да го следиме праведното водство на неговиот свет дух (Галатјаните 5:16; 1. Солунјаните 4:3, 4). Затоа, да внимаваме на опомената на Исус Навин до Израел: „Бојте се од Господа и служете Му со чистота и искреност“ (Исус Навин 24:14). Побожниот страв да не му угодиме на Јехова ќе ни помогне да се стремиме кон доблесен правец.
18. Каква треба да биде решеноста на сите христијани во поглед на порокот и доблеста?
18 Ако имаш искрена желба да му угодиш на Бог, биди одлучен да внимаваш на Павловата опомена: „На она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!“ Ако го правиш тоа, каков ќе биде резултатот? Павле рекол: „Тоа вршете го, — и Бог на мирот ќе биде со вас!“ (Филипјаните 4:8, 9). Да, со Јеховина помош, ти можеш да го отфрлиш порокот и да се стремиш кон доблест.
[Фуснота]
a Види Стражарска кула од 15 април 1993, стр. 19—24 и серијата „Младите прашуваат . . .“ во Разбудете се! од 8 мај, 8 јуни 1993 (обете срп.), 22 март 1993 (англ.) и од 8 март 1997.
Точки за повторување
◻ Што е потребно за да се стремиш кон доблест?
◻ Под кои околности Језекиил, Даниил и тројцата Евреи останале доблесни?
◻ Како можеме да бидеме како Даниил во спротивставувањето на Сатановите трикови?
◻ Зошто мораат христијаните да внимаваат во поглед на забавата?
◻ Каква улога играат проучувањето, медитирањето и друштвото во стремењето кон доблест?
[Слика на страница 15]
Младиот Езекија се стремел кон доблест иако бил опколен од обожаватели на Молох
[Слики на страница 17]
Христијаните мораат да внимаваат кога станува збор за забавата