Јеховиното семејство ужива скапоцено единство
„Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно [во единство, НС]!“ (ПСАЛМ 132:1).
1. Каква е состојбата во многу семејства денес?
СЕМЕЈСТВОТО денес е во криза. Во многу семејства, брачните врски се на критична точка. Разводите стануваат сѐ повообичаени, а многу деца на разведени двојки доживуваат голема жалост. Милиони семејства се несреќни и разединети. Па сепак, постои едно семејство кое знае за вистинска радост и искрено единство. Тоа е универзалното семејство на Јехова Бог. Во него, миријади невидливи ангели ги извршуваат своите доделени задачи во склад со божествената волја (Псалм 102:20, 21). Но, дали постои некое семејство на Земјата кое ужива такво единство?
2, 3. а) Кој сега е дел од Божјето универзално семејство, и со што би можеле да ги споредиме сите денешни Јеховини сведоци? б) Кои прашања ќе ги продискутираме?
2 Апостол Павле напишал: „Ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род на небесата и на земјата [кому секое семејство на небото и на Земјата му го должи своето име, НС]“ (Ефесјаните 3:14, 15). Секоја семејна лоза на Земјата му го должи своето име на Бог затоа што тој е Творецот. Иако на небото нема човечки семејства, симболички речено, Бог е оженет со својата небесна организација, а Исус на небесата ќе има една духовна невеста која ќе биде обединета со него (Исаија 54:5; Лука 20:34, 35; 1. Коринтјаните 15:50; 2. Коринтјаните 11:2). Верните помазаници на Земјата сега се дел од Божјето универзално семејство, а Исусовите „други овци“ со земна надеж се нејзините потенцијални членови (Јован 10:16; Римјаните 8:14—17; Стражарска кула од 15 јануари 1996 година, страница 31). Меѓутоа, сите Јеховини сведоци денес може да се споредат со едно обединето семејство ширум светот.
3 Дали ти си дел од прекрасното меѓународно семејство од Божји слуги? Ако си, ти уживаш еден од најголемите благослови што некој би можел да ги има. Милиони лица ќе потврдат дека Јеховиното глобално семејство — неговата видлива организација — претставува оаза на мир и единство во една световна пустина од раздор и неединство. Како би можело да се опише единството на Јеховиното семејство ширум светот? И кои фактори го унапредуваат ваквото единство?
Колку е убаво и колку е мило!
4. Како би го изразил со свои сопствени зборови она што го вели Псалм 132 за братското единство?
4 Псалмистот Давид длабоко го ценел братското единство. Тој бил дури и инспириран да пее за него! Замисли си го со неговата харфа додека пеел: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно! Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова; како роса ермонска, која паѓа на горите Сионски, зашто таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псалм 132:1—3).
5. Каква споредба може да се направи меѓу Израелците и Божјите денешни слуги на темел на Псалм 132:1, 2?
5 Овие зборови се однесуваат на братското единство во кое уживал Божјиот древен народ, Израелците. Кога биле во Ерусалим за нивните три годишни празници, тие навистина живееле заедно во единство. Иако потекнувале од различни племиња, тие биле едно семејство. Тоа што биле заедно, врз нив имало здрав учинок, како некое освежувачко масло за помазување со пријатна арома. Кога таквото масло било истурано врз Ароновата глава, тоа му течело надолу по брадата и се пролевало сѐ до јаката од неговата облека. За Израелците, фактот што биле заедно имал добро влијание кое се ширело врз насобраниот народ во целина. Недоразбирањата биле расчистувани, а единството било унапредувано. Слично единство постои и во Јеховиното глобално семејство денес. Редовното дружење има здрав духовен ефект врз неговите членови. Какви и да било недоразбирања или потешкотии се отстрануваат кога се применува советот од Божјата Реч (Матеј 5:23, 24; 18:15—17). Јеховиниот народ многу го цени взаемното охрабрување кое произлегува од нивното братско единство.
6, 7. На кој начин единството на Израел било како росата на планината Ермон, и каде може денес да се најде Божји благослов?
6 На кој начин Израеловото живеење заедно во единство било како роса од планината Ермон? Па, поради тоа што врвот на планината е на над 2.800 метри надморска висина, покриен е со снег скоро преку целата година. Снежниот врв на Ермон предизвикува кондензација на ноќната пареа и така ја создава изобилната роса што ја сочувува вегетацијата во текот на долгата сушна сезона. Студените воздушни струи од ермонскиот венец можат да ја однесат таквата пареа сѐ до југ во подрачјето на Ерусалим, каде што се кондензира како роса. Затоа псалмистот исправно зборувал за ‚росата ермонска, која паѓа на горите Сионски‘. Колку убав потсетник за освежувачкото влијание што го унапредува единството на Јеховиното семејство од обожаватели!
7 Пред да биде основано христијанското собрание, Сион, односно Ерусалим, бил центар на вистинското обожавање. Затоа, Бог заповедал благословот да биде токму таму. Поради тоа што Изворот на сите благослови на репрезентативен начин престојувал во светилиштето во Ерусалим, благословите би произлегувале оттаму. Меѓутоа, бидејќи вистинското обожавање повеќе не зависи од ниедна локација, благословот, љубовта и единството на Божјите слуги денес може да се најде ширум Земјината топка (Јован 13:34, 35). Кои се некои фактори што го унапредуваат ова единство?
Фактори што го унапредуваат единството
8. Што учиме за единството во Јован 17:20, 21?
8 Единството на Јеховините обожаватели се темели на послушноста спрема исправно разбраната Реч Божја, вклучувајќи ги и учењата на Исус Христос. Со тоа што Јехова го испратил својот Син на светот за да сведочи за вистината и да умре со жртвена смрт, бил отворен патот за формирање на обединетото христијанско собрание (Јован 3:16; 18:37). Фактот дека меѓу неговите членови требало да има искрено единство бил јасно покажан кога Исус се молел: „Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во [заедница со, НС] Мене, и Јас во [заедница со, НС] Тебе; па така и тие да бидат во нас едно [во заедница со нас, НС], и да поверува светот дека Ти си Ме пратил“ (Јован 17:20, 21). Исусовите следбеници постигнале единство што е слично со она што постои меѓу Бог и неговиот Син. Ова се случило затоа што се потчиниле на Божјата Реч и на Исусовите учења. Истиот став претставува главен фактор во единството на Јеховиното денешно семејство ширум светот.
9. Каква улога игра светиот дух во единството на Јеховиниот народ?
9 Друг фактор што го обединува Јеховиниот народ е тоа што ние го имаме Божјиот свет дух, односно делотворна сила. Тој нѐ оспособува да ја разбереме откриената вистина од Јеховината Реч и на тој начин да му служиме обединето (Јован 16:12, 13). Духот ни помага да избегнуваме такви разединувачки телесни дела како што се кавги, љубомора, изливи на гнев и расправии. Наместо тоа, Божјиот дух ги создава во нас обединувачките плодови на љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Галатјаните 5:19—23, НС).
10. а) Каква паралела може да се направи меѓу љубовта што постои во едно обединето човечко семејство и љубовта што е очигледна меѓу оние кои му се оддадени на Јехова? б) Како ги изразил своите чувства еден член на Водечкото тело во врска со состанувањето со своите духовни браќа?
10 Членовите на едно обединето семејство се сакаат едни со други и се среќни што се заедно. Во споредба со тоа, оние во обединетото семејство од обожаватели на Јехова го сакаат него, неговиот Син и соверниците (Марко 12:30; Јован 21:15—17; 1. Јованово 4:21). Исто како што едно природно семејство полно со љубов се радува да јаде заедно, така и оние кои му се оддадени на Бог се радуваат што присуствуваат на христијанските состаноци, собирите и конгресите за да извлечат корист од прекрасното дружење и од извонредната духовна храна (Матеј 24:45—47, НС; Евреите 10:24, 25). Еден член на Водечкото тело на Јеховините сведоци еднаш вака ги изразил работите: „За мене, состанувањето со браќата е едно од најголемите задоволства во животот и извор на охрабрување. Сакам да бидам меѓу првите во Салата на Царството и да заминам меѓу последните, доколку е можно. Чувствувам внатрешна радост кога разговарам со Божјиот народ. Кога сум меѓу нив, се чувствувам како да сум дома со своето семејство“. Дали ти се чувствуваш така? (Псалм 26:4).
11. Во кое дело Јеховините сведоци особено наоѓаат среќа, и каков е резултатот ако Божјата служба ја направиме средишна точка во својот живот?
11 Обединетото семејство наоѓа среќа во соработката. На сличен начин, оние од семејството на Јеховините обожаватели наоѓаат радост во тоа обединето да го вршат нивното дело на проповедање на Царството и на правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Редовното учествување во него нѐ зближува со останатите Сведоци на Јехова. Ако Јеховината служба ја правиме средишна точка во својот живот и ги поддржуваме сите активности на неговиот народ, тоа исто така го унапредува семејниот дух меѓу нас.
Теократскиот ред е многу битен
12. Кои се обележјата на едно среќно и обединето семејство, и која подготовка го унапредувала единството во христијанските собранија од првиот век?
12 Едно семејство кое има водство што е цврсто, но полно со љубов и што е уредно, веројатно ќе биде обединето и среќно (Ефесјаните 5:22, 33; 6:1). Јехова е Бог на мирољубив ред, а сите во неговото семејство го сметаат за ‚Севишен‘ (Даниил 7:18, 22, 25, 27; 1. Коринтјаните 14:33). Тие исто така признаваат дека тој го поставил својот Син, Исус Христос, за наследник на сите ствари и дека му ја доверил сета власт на небото и на Земјата (Матеј 28:18; Евреите 1:1, 2). Со Христос како негов Поглавар, христијанското собрание претставува една уредна, обединета организација (Ефесјаните 5:23). За да се надгледуваат активностите на собранијата од првиот век, постоело водечко тело составено од апостолите и од други духовно зрели ‚старешини [постари мажи, НС]‘. Поединечни собранија имале наименувани надгледници, односно старешини, како и слуги помошници (Дела 15:6; Филипјаните 1:1, НС). Послушноста спрема оние кои го преземале водството го унапредувала единството (Евреите 13:17).
13. Како Јехова ги привлекува луѓето, и што произлегува од тоа?
13 Но, дали сиот овој ред укажува дека единството на Јеховините обожаватели може да му се припише на цврстото, безлично водство? Секако дека не! Во врска со Бог или неговата организација нема ништо што е без љубов. Јехова ги привлекува луѓето со тоа што покажува љубов, а секоја година стотици илјади лица доброволно и радосно стануваат дел од Јеховината организација крштавајќи се во знак на нивната сесрдна предаденост на Бог. Нивниот дух е како оној на Исус Навин, кој ги поттикнал сонародниците Израелци: „Одберете си сега, кому да му служите . . . а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господа“ (Исус Навин 24:15).
14. Зошто можеме да речеме дека Јеховината организација е теократска?
14 Како дел од Јеховиното семејство, ние не сме само радосни туку и безбедни. Тоа е така затоа што неговата организација е теократска. Божјето Царство претставува теократија (од грчки тео́с — бог и кра́тос — влада). Тоа е Божје владетелство, поставено и установено од Него. Јеховиниот помазан „свет народ“ е во подложност на неговото владетелство и затоа е исто така теократски (1. Петрово 2:9). Со Големиот Теократ, Јехова, како наш Судија, Законодавец и Цар, ние ја имаме секоја причина да се чувствуваме безбедни (Исаија 33:22). Сепак, што ако се јави некаква препирка и ја загрози нашата радост, безбедност и единство?
Водечкото тело презема акција
15, 16. Каква препирка се појавила во првиот век, и зошто?
15 За да се зачува единството на едно семејство, повремено можеби мора да се реши некаква препирка. Затоа, претпостави дека морало да се реши некаков духовен проблем за да се зачува единството на Божјето семејство од обожаватели во првиот век н. е. Што тогаш? Водечкото тело преземало акција, донесувајќи одлуки во врска со духовните работи. Имаме библиски извештај за една таква постапка.
16 Отприлика во 49 година н. е., водечкото тело се состанало во Ерусалим за да реши еден сериозен проблем и со тоа да го зачува единството на „Божјето домаќинство“ (Ефесјаните 2:19, НС). Околу 13 години пред тоа, апостол Петар му проповедал на Корнилиј, и првите пагани, односно луѓе од нациите, станале крстени верници (Дела, поглавје 10). Во текот на Павловото прво мисионерско патување, многу пагани го прифатиле христијанството (Дела 13:1—14:28). Всушност, во Антиохија (Сирија) било основано едно собрание од пагански христијани. Некои христијански Евреи мислеле дека паганските преобратеници треба да се обрежуваат и да се држат за Мојсеевиот Закон, но други не се согласувале со тоа (Дела 15:1—5). Оваа препирка можела да доведе до потполно неединство, па дури и до формирање на одделни еврејски и пагански собранија. Затоа, водечкото тело презело брза акција за да го зачува христијанското единство.
17. Каква хармонична теократска процедура е опишана во Дела, поглавје 15?
17 Според Дела 15:6—22, ‚апостолите и старешините се собрале да го разгледаат тоа прашање‘. Биле присутни и други, вклучувајќи и една делегација од Антиохија. Петар првин објаснил дека ‚незнабошците од неговата уста го чуле словото евангелско и поверувале‘. Тогаш „сето мноштво“ слушало додека Варнава и Павле ‚прикажувале какви знаци и чудеса направил Бог преку нив меѓу незнабошците‘, односно паганите. Потоа Јаков предложил како би можело да се реши прашањето. Откако водечкото тело донело одлука, кажано ни е: ‚Апостолите и старешините со целата Црква најдоа за добро да изберат меѓу себе луѓе истакнати [избрани мажи, НС] меѓу браќата, и со Павла и Варнава да ги пратат во Антиохија‘. Овие „избрани мажи“ — Јуда и Сила — носеле едно охрабрувачко писмо до соверниците.
18. Каква одлука донело водечкото тело која го вклучувала Мојсеевиот Закон, и како влијаело тоа врз еврејските и паганските христијани?
18 Писмото што ја објавувало одлуката на водечкото тело, започнувало со зборовите: „Апостолите, свештениците [постарите мажи, НС] и браќата ги поздравуваат обратените браќа што се во Антиохија и Сирија и Киликија“. На овој историски состанок присуствувале и други, но очигледно водечкото тело се состоело од ‚апостолите и постарите мажи‘. Божјиот дух ги водел, зашто писмото наведува: „На Светиот Дух и нам ни беше угодно веќе никакво бреме да не ви ставаме освен она што е потребно: да се воздржувате од принесување жртви на идоли и од крв, од удавено, од блудство“ (Дела 15:23—29). Од христијаните не се барало да се обрежуваат и да го држат Мојсеевиот Закон. Оваа одлука им помогнала на еврејските и на паганските христијани да постапуваат и да зборуваат во единство. Собранијата се радувале, а скапоценото единство продолжило, исто како што продолжува и денес во Божјето семејство ширум Земјината топка под духовното водство на Водечкото тело на Јеховините сведоци (Дела 15:30—35).
Служи во теократско единство
19. Зошто во семејството од Јеховини обожаватели цути единство?
19 Единството цути кога членовите на семејството соработуваат еден со друг. Истото важи и во семејството од Јеховини обожаватели. Со тоа што имале теократски став, старешините и другите во собранието од првиот век му служеле на Бог во полна соработка со водечкото тело и ги прифаќале неговите одлуки. Со помошта од водечкото тело, старешините ‚го проповедале словото‘, а членовите на собранието, општо земено, ‚зборувале едно и исто [во согласност, НС]‘ (2. Тимотеј 4:1, 2; 1. Коринтјаните 1:10). И така, истите библиски вистини биле изнесувани во службата и на христијанските состаноци, сеедно дали во Ерусалим, Антиохија, Рим, Коринт или на некое друго место. Такво теократско единство постои и денес.
20. Што мораме да правиме за да го зачуваме нашето христијанско единство?
20 За да го зачуваме нашето единство, сите ние кои сме дел од Јеховиното глобално семејство, треба да работиме на тоа да покажуваме теократска љубов (1. Јованово 4:16). Треба да се подложуваме на Божјата волја и да покажуваме длабока почит кон ‚верниот роб‘ и Водечкото тело. Се разбира, како и нашата предаденост на Бог, нашата послушност е доброволна и радосна (1. Јованово 5:3). Колку само умесно псалмистот ги поврзал радоста и послушноста! Тој испеал: „[Фалете го Јах! НС] Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“ (Псалм 111:1).
21. Како можеме да докажеме дека имаме теократски став?
21 Исус, Поглаварот на собранието, има потполно теократски став и секогаш ја врши волјата на својот Татко (Јован 5:30). Затоа, да го следиме нашиот Пример со тоа што теократски и обединето ќе ја вршиме Јеховината волја во полна соработка со Неговата организација. Тогаш со срдечна радост и благодарност можеме да ја повториме песната на псалмистот: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“
Како би одговорил?
◻ Како може нашето христијанско единство да се поврзе со Псалм 132?
◻ Кои се некои фактори што го унапредуваат единството?
◻ Зошто теократскиот ред е многу битен за единството на Божјиот народ?
◻ На кој начин дејствувало водечкото тело од првиот век за да го зачува единството?
◻ Што значи за тебе да се служи во теократско единство?
[Слика на страница 13]
Водечкото тело дејствувало за да го зачува единството