Поучени да ја вршиме Јеховината волја
„Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја, зашто Ти си мојот Бог“ (ПСАЛМ 142:10).
1, 2. а) Кога треба да бидеме поучени, и со какво реалистично гледиште? б) Зошто е толку битно да се биде поучен од Јехова?
СЕКОЈ ден кога едно лице е живо и активно, тоа може да биде поучено за нешто вредно. Така е со тебе, а така е и со другите. Но, што се случува при смртта? Во таа состојба не е можно да се учи или да се биде поучен за нешто. Библијата јасно вели дека „мртвите ништо не знаат“. Во Шеолот, општиот гроб на човештвото, нема спознание (Проповедник 9:5, 10). Дали ова значи дека тоа што се поучуваме, собирајќи спознание, е залудно? Зависи за што сме поучени и како го користиме тоа спознание.
2 Ако сме поучени само за она што е световно, немаме трајна иднина. Но, за среќа, милиони луѓе во сите нации се поучуваат за божествената волја со изглед за вечен живот. Темелот за оваа надеж лежи во тоа да се биде поучен од Јехова, Изворот на животодајното спознание (Псалм 93:9—12).
3. а) Зошто може да се рече дека Исус бил Божјиот прв ученик? б) Какво уверување имаме дека луѓето ќе бидат поучени од Јехова, и со каков резултат?
3 Божјиот првороден Син, како Негов прв ученик, бил поучен да ја врши волјата на својот Татко (Изреки 8:22—30; Јован 8:28). А Исус покажал дека миријади луѓе ќе бидат поучени од неговиот Татко. Какви се изгледите за нас кои учиме од Бог? Исус рекол: „Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене . . . Вистина, вистина ви велам: Кој верува во Мене има живот вечен“ (Јован 6:45—47).
4. На кој начин божествената поука влијае врз милиони луѓе, и какви изгледи имаат тие?
4 Исус го цитирал стихот од Исаија 54:13, кој бил упатен до Божјата симболична жена, небесниот Сион. Тоа пророштво има особена примена на нејзините синови, 144-те илјади со дух родени ученици на Исуса Христа. Еден остаток од овие духовни синови е активен денес, предводејќи една глобална програма на поучување. Како резултат на тоа, милиони други кои сочинуваат едно „големо мноштво“, исто така извлекуваат корист од тоа што се поучувани од Јехова. Тие го имаат единствениот изглед да учат без смрт која би го прекинала процесот. Како тоа? Па, тие очекуваат да ја преживеат ‚големата неволја‘ (НС) која брзо се приближува и да се радуваат на вечен живот на рајска Земја (Откровение 7:9, 10, 13—17).
Поголем нагласок врз вршењето на Божјата волја
5. а) Кој е годишниот стих за 1997 година? б) Како треба да се чувствуваме во врска со присуствувањето на христијанските состаноци?
5 Во текот на 1997 година, во преку 80.000 собранија ширум светот, Јеховините сведоци ќе ги задржат на ум уводните зборови од Псалм 142:10: „Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја“. Тоа ќе биде годишниот стих за 1997 година. Овие зборови, изложени на истакнато место во Салите на Царството, ќе служат како потсетник дека едно извонредно место за добивање божествено образование се собраниските состаноци, каде што можеме да учествуваме во една текушта програма на поучување. Кога им се придружуваме на нашите браќа на состаноците за да бидеме поучени од нашиот Голем Поучувач, можеме да се чувствуваме како псалмистот, кој напишал: „Се зарадував кога ми рекоа: ‚Ќе одиме во домот Господов‘“ (Псалм 121:1; Исаија 30:20, НС).
6. Што признаваме со зборовите на Давид?
6 Да, ние посакуваме да бидеме поучени за да ја вршиме Божјата волја наместо волјата на нашиот противник Ѓаволот или, пак, волјата на несовршените луѓе. Затоа, како Давид, го признаваме Богот кого го обожаваме и му служиме: „Зашто Ти си Мојот Бог. Твојот благ дух нека ме води по прав пат“ (Псалм 142:10). Наместо да сака да се меша со луѓе на невистината, Давид претпочитал да биде таму каде што се вршело Јеховиното обожавање (Псалм 25:4—6). Со Божјиот дух кој ги управувал неговите чекори, Давид можел да чекори по патеките на праведноста (Псалм 16:5; 22:3).
7. На кој начин Божјиот дух дејствувал врз христијанското собрание?
7 Поголемиот Давид, Исус Христос, ги уверил апостолите дека светиот дух ќе ги поучи за сите работи и дека ќе ги потсети на сите ствари што тој им ги кажал (Јован 14:26). Од Пентакост па натаму, Јехова прогресивно ги откривал „длабините [длабоките работи, НС] Божји“ што се содржани во неговата пишана Реч (1. Коринтјаните 2:10—13). Тоа го сторил преку еден видлив канал што Исус го нарекол „верен и разумен роб“. Тој обезбедува духовна храна што се разгледува на програмите за поучување за собранијата на Божјиот народ ширум светот (Матеј 24:45—47, НС).
Поучени за Јеховината волја на нашите состаноци
8. Зошто учествувањето во студијата на Стражарска кула е толку вредно?
8 Материјалот во седмичната собраниска студија на Стражарска кула честопати зборува за примената на библиските начела. Ова секако ни помага да излеземе на крај со животните грижи. На другите студии се разгледуваат длабоки духовни вистини или библиски пророштва. Колку многу сме поучени за време на ваквите студии! Во многу земји, на овие состаноци Салите на Царството се исполнети до последно место. Но, во извесен број земји присутноста на состаноците опаднала. Што мислиш, зошто? Дали некои можеби ѝ дозволуваат на световната работа да се вмеша во нивното редовно заедничко собирање за ‚да се поттикнуваат кон љубов и добри дела‘? Или, пак, можеби се минуваат многу часови во друштвени активности или гледање телевизија, кои прават распоредот да изгледа премногу набиен за да се стигне на сите состаноци? Сети се на инспирираниот налог во Евреите 10:23—25. Зарем заедничкото собирање заради божествена поука не е дури и поважно сега додека ‚гледаме дека се приближува судниот ден‘?
9. а) Како може Состанокот за служба да нѐ опреми за службата? б) Каков треба да биде нашиот став во врска со сведочењето?
9 Една од нашите првенствени одговорности е да служиме како Божји слуги. Состанокот за служба е наменет да нѐ поучи како да го постигнеме тоа делотворно. Учиме како да им пристапуваме на луѓето, што да кажеме, на кој начин да реагираме кога има поволен одѕив и дури што да сториме кога луѓето ја отфрлаат нашата порака (Лука 10:1—11). Додека на овој седмичен состанок се дискутираат и демонстрираат делотворни методи, ние сме подобро подготвени да ги достигнеме луѓето не само кога одиме од куќа до куќа туку и кога проповедаме на улиците, на паркиралиштата, во јавниот превоз, на аеродромите, во деловните места или во училиштата. Во склад со нашата молба: „Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја“, ќе сакаме да ја искористиме секоја прилика за да направиме како што поттикнал нашиот Учител: „Да свети пред луѓето и вашата светлина, за да . . . Го прослават вашиот Отец небесни“ (Матеј 5:16).
10. Како можеме вистински да им помагаме на „достојните“?
10 На таквите собраниски состаноци сме поучени и да правиме ученици од другите. Штом е пронајден интерес или е дадена литература, наша цел кога правиме повторни посети е да започнеме домашни библиски студии. Во извесна смисла, ова е слично на тоа кога учениците ‚останувале кај достојните‘ за да ги поучат за работите што Исус ги заповедал (Матеј 10:11; 28:19, 20). Имајќи таква извонредна помош, како што е книгата Спознание кое води до вечен живот, навистина сме добро опремени нашата служба да ја извршиме темелно (2. Тимотеј 4:5). Секоја седмица, додека присуствуваш на Состанокот за служба и на Теократската школа за проповедање, настојувај да ги сфатиш и потоа да ги употребиш корисните точки кои ќе те препорачаат како еден од Божјите соодветно оспособени слуги кои ја извршуваат неговата волја (2. Коринтјаните 3:3, 5; 4:1, 2).
11. На кој начин некои покажале вера во зборовите што се наоѓаат во Матеј 6:33?
11 Божја волја е да ‚го бараме најнапред царството на Бога и Неговата правда‘ (Матеј 6:33). Прашај се: ‚Како би го применил ова начело ако барањата на мојата работа (или работата на мојот брачен другар) се вмешаат во присуствувањето на состаноците?‘ Мнозина духовно зрели лица би презеле чекори да зборуваат со своите работодавачи во врска со ова. Една полновремена слугинка му дала на знаење на својот работодавач дека секоја седмица нејзе ѝ треба слободно за да присуствува на собраниските состаноци. Тој ѝ го одобрил барањето. Но, бидејќи бил љубопитен што се случува на состаноците, замолил да присуствува. Таму чул едно известување во врска со претстојниот Обласен конгрес. Како резултат на тоа, работодавачот средил и самиот да биде еден цел ден на конгресот. Каква поука можеш да извлечеш од овој пример?
Поучени за Јеховината волја од побожни родители
12. Што треба христијанските родители да прават со стрпливост и со цврстина за да бидат децата поучени за Јеховината волја?
12 Но, собраниските состаноци и конгресите не се единствената подготовка да се биде поучен за вршење на божествената волја. На побожните родители им е заповедано да обучуваат, да даваат стега и да ги подигаат своите деца за да го фалат Јехова и да ја вршат неговата волја (Псалм 148:12, 13; Изреки 22:6, 16). За да се прави тоа, треба да ги земаме „децата“ на состаноците, каде што можат „да чујат и да се научат“. Но како е со нивното поучување од светите списи дома? (5. Мојсеева 31:12; 2. Тимотеј 3:15). Многу семејства совесно започнале со програми на редовна семејна библиска студија, но набргу дозволиле тие да избледнеат или да западнат во немар. Дали ти си имал такво искуство? Дали ќе заклучиш дека препораката да се има таква редовна библиска студија е погрешно упатена или дека твоето семејство е толку поинакво што тоа едноставно нема да функционира во вашиот случај? Каква и да е ситуацијата, родители, ве молиме да ги повторите убавите статии „Нашето богато духовно наследство“ и „Наградите за упорноста“ во Стражарска кула од 1 август 1995 година.
13. Како можат семејствата да извлечат корист од разгледувањето на дневниот стих?
13 Семејствата се охрабрени да си создадат навика да го разгледуваат дневниот стих од Секојдневно разгледување на Писмото. Само да се прочита стихот и коментарите е добро, но дискутирањето за стихот и применувањето е уште покорисно. На пример, ако се разгледуваат стиховите од Ефесјаните 5:15—17, членовите на семејството би можеле да резонираат за тоа како да ‚го ползуваат [поволното, НС] време‘ за лична студија, да учествуваат во некој облик на полновремената служба и да се грижат за другите теократски задачи. Да, семејната дискусија за дневниот стих би можела да доведе некого или мнозина до тоа да ‚сфатат [попотполно] што е Јеховината волја‘ (НС).
14. Како што покажува 5. Мојсеева 6:6, 7, какви учители треба да бидат родителите, и што бара тоа?
14 Родителите мораат да бидат марливи учители на своите деца (5. Мојсеева 6:6, 7). Но, не се работи едноставно за тоа на своето потомство да му држат лекции или да му заповедаат. Таткото и мајката исто така треба да слушаат, и на тој начин да бидат поспособни да знаат што треба да се објасни, разјасни, илустрира или да се повтори. Во едно христијанско семејство, родителите поттикнуваат отворена комуникација со тоа што ги охрабруваат своите деца да поставуваат прашања во врска со работите што не ги разбираат или кои предизвикуваат загриженост. На тој начин, дознале дека еден син тинејџер имал тешкотија да сфати дека Јехова нема почеток. Родителите биле во можност да употребат информација од публикациите на Watch Tower Society која покажувала дека времето и просторот се прифаќаат како бесконечни. Тоа послужило да ја илустрираат точката и го задоволило нивниот син. Затоа, одвојте си време на прашањата од вашите деца да одговорите јасно и на темел на Писмото, помагајќи им да видат дека учењето да се врши Божјата волја може да биде големо задоволство. За што друго е поучуван денес Божјиот народ — и старите и младите?
Поучени да сакаат и да се борат
15. Кога би можела да биде испитана искреноста на нашата братска љубов?
15 Во склад со Исусовата нова заповед, ние сме ‚научени од Бога да се сакаме еден со друг‘ (1. Солунјаните 4:9). Кога работите се мирни и кога оди добро, можеби мислиме дека ги сакаме сите наши браќа. Но, што се случува кога ќе се појават лични разлики или ќе се навредиме поради она што некој друг христијанин го вели или прави? Во тој момент, искреноста на нашата љубов може да биде ставена на испит. (Спореди 2. Коринтјаните 8:8.) Што нѐ поучува Библијата да правиме во таквите ситуации? Една работа е да тежнееме да покажуваме љубов во најпотполната смисла на зборот (1. Петрово 4:8). Наместо да гледаме за своите сопствени интереси и да се испровоцираме поради незначителни недостатоци или, пак, да водиме евиденција за некаква навреда, треба да работиме на тоа да дозволиме љубовта да покрие мноштво гревови (1. Коринтјаните 13:5, НС). Знаеме дека тоа е Божја волја, бидејќи тоа е она за што нѐ учи неговата Реч.
16. а) Во каков вид војна христијаните се поучени да се ангажираат? б) Како сме опремени?
16 Иако мнозина не би ја поврзале љубовта и војувањето, последново е нешто друго за што сме поучувани, но еден поинаков вид војување. Давид ја признал својата зависност од Јехова да го поучува како да води војна, иако во негово време тоа подразбирало дословно борење против непријателите на Израел (1. Царства 17:45—51; 19:8; 3. Царства 5:3; Псалм 143:1). А како е со нашата борба денес? Нашите оружја не се телесни (2. Коринтјаните 10:4). Нашата борба е духовна, за која треба да бидеме опремени со духовен оклоп (Ефесјаните 6:10—13). Преку својата Реч и преку својот насобран народ, Јехова нѐ поучува да водиме успешна духовна борба.
17. а) Какви тактики користи Ѓаволот за да нѐ одврати? б) Што треба мудро да избегнуваме?
17 На измамнички, подмолни начини, Ѓаволот честопати користи елементи од светот, отпадници и други противници на вистината, во обидот да ни го одврати вниманието кон споредни прашања (1. Тимотеј 6:3—5, 11; Тит 3:9—11). Тоа е како да гледа дека има мали шанси да нѐ надвладее преку директен, фронтален напад, па затоа се обидува да нѐ спрепне наведувајќи нѐ да ги изразиме нашите омилени замерки и будалести запрашувања, кои се лишени од духовност. Како претпазливи воини, треба да бидеме исто толку будни на таквите опасности како што сме на фронталните напади (1. Тимотеј 1:3, 4).
18. Што навистина е вклучено во тоа повеќе да не живееме за себеси?
18 Ние не ги унапредуваме желбите на луѓето или, пак, волјата на нациите. Јехова нѐ поучил преку Исусовиот пример дека повеќе не смееме да живееме за себеси; напротив, треба да бидеме опремени со истата умствена состојба што ја имал Исус Христос и да живееме за Божјата волја (2. Коринтјаните 5:14, 15). Во минатото можеби сме воделе многу неумерен, распуштен живот, трошејќи драгоцено време. Овој злобен свет го карактеризираат лумпувања, пијанки и неморал. Сега, кога сме поучени да ја вршиме Божјата волја, зарем не сме благодарни што сме одвоени од овој расипан свет? Затоа, да водиме тешка борба во духовен поглед за да избегнуваме да бидеме вмешани во загадувачките световни обичаи (1. Петрово 4:1—3).
Поучување како да извлечеме корист
19. Ако сме поучени за Јеховината волја и ако ја вршиме, до какви користи ќе доведе тоа?
19 Неопходно е да признаеме дека тоа што сме поучени да ја вршиме Јеховината волја, ни користи во голема мера. Разбирливо е дека ние мораме да го дадеме својот дел така што ќе посветиме грижливо внимание за да ги научиме и потоа да ги следиме поуките што доаѓаат до нас преку неговиот Син, како и преку неговата Реч и насобраниот народ (Исаија 48:17, 18; Евреите 2:1). Ако правиме така, ќе бидеме зацврстени да стоиме цврсто во овие несреќни времиња и да одолееме на бурите што претстојат (Матеј 7:24—27). Уште сега ќе му угодуваме на Бог со тоа што ќе ја вршиме неговата волја и ќе си осигураме нашите молитви да бидат одговорени (Јован 9:31; 1. Јованово 3:22). И ќе доживееме вистинска среќа (Јован 13:17).
20. За што би било добро да медитираш додека го гледаш годишниот стих во текот на 1997 година?
20 Во текот на 1997 година, често ќе имаме прилика да го читаме и разгледуваме годишниот стих, Псалм 142:10: „Научи ме да ја исполнувам волјата Твоја“. Додека го правиме тоа, да искористиме некои од приликите да размислуваме за подготовките што ги направил Бог за нас да бидеме поучени, како што е изложено погоре. И да го користиме таквото медитирање за овие зборови како поттик за да дејствуваме доследно на таа молба, знаејќи дека „оној, што ја извршува волјата Божја, останува довека“ (1. Јованово 2:17).
Како би одговорил?
◻ Кои денес се поучувани да ја вршат Јеховината волја?
◻ Како треба Псалм 142:10 да влијае врз нас во текот на 1997 година?
◻ Како сме поучувани да ја вршиме Јеховината волја?
◻ Што се бара од христијанските родители во поучувањето на своите деца?