Голема е Јеховината лојална љубов
,Голема е Јеховината верна љубов‘ (ПСАЛМ 145:8, NW).
1. Колку е далекосежна Божјата љубов?
„БОГ е љубов“ (1. Јованово 4:8). Оваа охрабрувачка изјава докажува дека начинот на кој владее Јехова се темели на љубов. Па, дури и луѓето што не му се послушни имаат корист од сонцето и од дождот што тој ги дава со многу љубов! (Матеј 5:44, 45). Поради Божјата љубов кон светот на човештвото, дури и неговите непријатели можат да се покаат, да се обратат кон него и да добијат живот (Јован 3:16). Меѓутоа, наскоро Јехова ќе ги уништи оние што се непоправливо злобни за да можат луѓето што го сакаат него да уживаат вечен живот во еден праведен нов свет (Псалм 37:9—11, 29; 2. Петрово 3:13).
2. Кој посебен аспект на љубовта го покажува Јехова кон оние што се во предаден однос со него?
2 Јехова покажува љубов кон своите вистински обожаватели на еден скапоцен, постојан начин. Таквата љубов е означена со еден хебрејски збор што е преведен со „верна љубов“, односно „лојална љубов“. Цар Давид од древниот Израел длабоко ја ценел Божјата лојална љубов. Од лично искуство и затоа што медитирал за Божјите постапки со другите, Давид можел со доверба да пее: „Голема е [Јеховината] верна љубов [или „лојална љубов“]“ (Псалм 145:8, NW).
Да се препознаат Божјите лојални слуги
3, 4. а) Како ни помага 145. Псалм да препознаеме кои се Јеховините лојални слуги? б) Како го „благословуваат“ Бог неговите лојални слуги?
3 Во врска со Јехова Бог, мајка му на пророкот Самоил, Ана, рекла: „Тој ги чува нозете на своите лојални слуги“ (1. Самоил 2:9, NW). Кои се тие „лојални слуги“? Цар Давид ни го дава одговорот. Откако ги возвишува Јеховините прекрасни особини, тој наведува: „Твоите лојални слуги ќе те благословуваат“ (Псалм 145:10, NW). Можеби се прашуваш како можат луѓе да го благословуваат Бог. Луѓето го прават тоа првенствено на тој начин што го фалат или зборуваат добро за него.
4 Јеховините лојални слуги можат да се препознаат по тоа што ја користат својата уста за да зборуваат добро за него. Која е вообичаена тема на нивните дискусии во приватното дружење и на христијанските состаноци? Па, Јеховиното Царство! Божјите лојални слуги го мислат истото што и Давид, кој пеел: „Нека зборуваат за славата на Твоето Царство, нека говорат за Твојата сила“ (Псалм 145:11).
5. Од каде знаеме дека Јехова забележува кога неговите лојални слуги зборуваат добро за него?
5 Дали Јехова обрнува внимание кога неговите лојални слуги го фалат? Да, тој внимава на она што го зборуваат тие. Во едно пророштво за вистинското обожавање во нашево време, Малахија напишал: „Кога разговараат оние, кои се плашат од Бога, Господ внимава, ги слуша и тоа се запишува пред Него во Спомен книгата во полза на оние, кои се бојат од Господа и кои Го почитуваат Неговото Име“ (Малахија 3:16). На Јехова му е многу мило кога неговите лојални слуги зборуваат добро за него, и тој не ги заборава.
6. Која активност ни помага да препознаеме кои се Божјите лојални слуги?
6 Јеховините лојални слуги можат да се препознаат и по храброста и иницијативата што ја покажуваат кога им зборуваат на луѓето што не се обожаватели на вистинскиот Бог. Всушност, Божјите лојални слуги им ,ги објавуваат на човечките деца неговата сила и славата на неговото прекрасно Царство‘ (Псалм 145:12). Дали бараш и дали целосно ги искористуваш приликите да зборуваш со непознати за Јеховиното царување? За разлика од човеките влади, кои наскоро ќе поминат, неговото царување е вечно (1. Тимотеј 1:17). Многу е итно луѓето да чујат за Јеховиното вечно царување и да заземат став застанувајќи на негова страна. „Твоето царство е вечно Царство“, пеел Давид, „Твоето владеење за сите поколенија“ (Псалм 145:13).
7, 8. Што се случило во 1914, и кој доказ го имаме дека сега Бог царува преку Царството на својот Син?
7 Од 1914 има уште една причина зошто да зборуваме за Јеховиното царување. Таа година Бог го воспоставил небесното месијанско Царство и за Цар го поставил Исус Христос, Давидовиот син. На тој начин Јехова го исполнил своето ветување дека Давидовото царување ќе биде цврсто утврдено во вечноста (2. Самоил 7:12, 13; Лука 1:32, 33).
8 Доказ дека Јехова сега царува преку Царството на својот Син, Исус Христос, се гледа во тековното исполнување на знакот на Исусовата присутност. Најистакната карактеристика на тој знак е делото што Исус претскажал дека ќе го извршуваат сите Божји лојални слуги кога рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации; и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:3—14). Бидејќи Божјите лојални слуги ревносно го исполнуваат ова пророштво, во ова величествено и неповторливо дело сега учествуваат преку шест милиони мажи, жени и деца. Наскоро ќе дојде крајот за сите оние што му се противат на Јеховиното Царство (Откровение 11:15, 18).
Како ни користи Јеховиниот суверенитет
9, 10. Каква е разликата помеѓу Јехова и човечките владетели?
9 Ако сме предадени христијани, имаме големи користи од нашиот однос со Суверениот Господ Јехова (Псалм 71:5; 116:12). На пример, бидејќи се плашиме од Бог и практикуваме праведност, уживаме негово одобрување и духовна блискост со него (Дела 10:34, 35; Јаков 4:8). Спротивно на тоа, човечките владетели честопати се во друштво на истакнати луѓе, како што се воени водачи, богати бизнисмени или славни личности од светот на спортот и забавата. Според африканскиот весник Sowetan, еден истакнат владин службеник го рекол следново во врска со сиромашните места во неговата земја: „Сфаќам зошто повеќето од нас не сакаат да одат на тие места. Едноставно сакаме да заборавиме дека постои такво нешто. Нѐ пече совеста и се срамиме од скапите [автомобили] што ги возиме“.
10 Се разбира, некои човечки владетели се искрено заинтересирани за доброто на своите поданици. Но, дури и најблагородните од нив не ги познаваат лично своите поданици. Всушност, би можеле да прашаме: Постои ли некој владетел што толку многу се грижи за сите свои поданици што веднаш доаѓа да му помогне на секој од нив кога е во неволја? Да, постои. Давид напишал: „Господ ги поткрепува сите кои паѓаат и Тој ги исправа наведнатите“ (Псалм 145:14).
11. Кои неволји им се случуваат на Божјите лојални слуги, и каква помош имаат тие?
11 Лојалните слуги на Јехова Бог ги снаоѓаат многу тешкотии и неволји поради нивната несовршеност и поради тоа што живеат во свет кој лежи во власта на Сатана, „злобниот“ (1. Јованово 5:19; Псалм 34:19). Христијаните трпат прогонство. Некои страдаат од хронични болести или жалат поради нечија смрт. Понекогаш, поради грешките што ги прават самите тие, Јеховините лојални слуги можат да бидат ,наведнати‘ од обесхрабреност. Меѓутоа, без оглед на тоа каква неволја ќе им се случи, Јехова секогаш е спремен да му даде утеха и духовна сила на секој од нив. Царот Исус Христос покажува подеднаков интерес и љубов за своите лојални поданици (Псалм 72:12—14).
Задоволувачка храна во право време
12, 13. Колку добро се грижи Јехова за потребите на „сѐ живо“?
12 Поради својата голема лојална љубов, Јехова се грижи за сите потреби на своите слуги. Тоа вклучува и да ги насити со добра храна. Цар Давид напишал: „Очите на сите се свртени кон Тебе [Јехова], Ти им даваш храна во право време. Ти ја отвораш Твојата рака, и ја наситуваш желбата на сѐ живо“ (Псалм 145:15, 16). Дури и во време на неволја, Јехова може така да управува со работите што неговите лојални слуги ќе имаат ,леб за секој ден‘ (Лука 11:3; 12:29, 30).
13 Давид спомнал дека „сѐ живо“ се наситува. Тука спаѓаат и животните. Да ја немаше изобилната вегетација на земјата и растенијата во морето, тогаш морските животни, птиците и копнените животни немаше да имаат ниту кислород за дишење ниту храна за јадење (Псалм 104:14). Меѓутоа, Јехова се грижи да бидат задоволени сите нивни потреби.
14, 15. Како се обезбедува духовна храна денес?
14 За разлика од животните, луѓето имаат духовни потреби (Матеј 5:3). На каков само прекрасен начин Јехова ги задоволува духовните потреби на своите лојални слуги! Пред својата смрт, Исус ветил дека „верниот и разборит роб“ ќе им обезбедува на Исусовите следбеници духовна „храна во право време“ (Матеј 24:45). Денес, класата на робот ја сочинува остатокот од 144.000 помазаници. Преку нив, Јехова навистина обезбедува духовна храна во изобилство.
15 На пример, повеќето Јеховини слуги денес извлекуваат корист од еден нов и прецизен превод на Библијата на нивниот мајчин јазик. Колку само прекрасен благослов е Превод Нов свет на Светото писмо! Освен тоа, и понатаму се издаваат милиони помагала за проучување на Библијата на преку 300 јазици. Сета оваа духовна храна е благослов за вистинските обожаватели во целиот свет. Кому му припаѓа заслугата за сево ова? На Јехова Бог. Со својата голема лојална љубов, тој овозможува класата на робот да обезбедува „храна во право време“. Преку таквите подготовки се задоволува „желбата на сѐ живо“ во денешниот духовен рај. И колку само се радуваат Јеховините слуги на надежта дека наскоро ќе ја видат земјата претворена во дословен рај! (Лука 23:42, 43).
16, 17. а) Кои се некои примери за духовна храна што дошла во право време? б) На кој начин 145. Псалм ги изразува чувствата на Божјите лојални слуги во врска со главното спорно прашање што го покренал Сатана?
16 Да разгледаме еден впечатлив пример за духовна храна добиена во право време. Во текот на 1939, во Европа започнала Втората светска војна. Истата година, изданието на Стражарска кула од 1 ноември содржело една статија со наслов „Неутралност“. Како резултат на јасните информации што биле изнесени, Јеховините сведоци во целиот свет ја увиделе потребата да задржат стриктна неутралност во активностите на завојуваните нации. Со тоа си го навлекле гневот на владите на двете завојувани страни што учествувале во тој шестгодишен конфликт. Меѓутоа, и покрај тоа што биле под забрана и биле прогонувани, Божјите лојални слуги продолжиле да ја проповедаат добрата вест за Царството. Од 1939 до 1946, тие биле благословени со зачудувачки пораст од 157 проценти. Освен тоа, нивната впечатлива репутација на интегритет за време на војната и ден-денес им помага на луѓето да ја препознаат вистинската религија (Исаија 2:2—4).
17 Духовната храна што ја обезбедува Јехова не само што доаѓа навреме туку и сосема ги задоволува потребите. Додека нациите биле во екот на Втората светска војна, на Јеховиниот народ му било помогнато да се сосредоточи на нешто многу поважно од нивното спасение. Јехова им помогнал да разберат дека главното спорно прашање, во кое е вклучен целиот универзум, се однесува на Јеховиното законско право да владее како суверен. Колку само нѐ радува сознанието дека со својата лојалност секој Сведок на Јехова имал мал удел во оправдувањето на Јеховиниот суверенитет и во докажувањето дека Ѓаволот е лажливец! (Пословици 27:11). За разлика од Сатана, кој го клевети Јехова и неговиот начин на владеење, Јеховините лојални слуги и понатаму јавно изјавуваат: „Праведен Си, Господи, на сите Твои патишта“ (Псалм 145:17).
18. Кој неодамнешен пример го имаме за навремена, задоволувачка духовна храна?
18 Друг пример за навремена, задоволувачка духовна храна е книгата Приближи му се на Јехова, која беше објавена на стотиците Обласни конгреси „Ревносни објавители на Царството“ што се одржаа во целиот свет во 2002 и 2003 година. Оваа книга, што ја подготви ,верниот и разборит роб‘ а ја објавија Јеховините сведоци, се сосредоточува на прекрасните особини на Јехова Бог, вклучувајќи ги и особините спомнати во 145. Псалм. Оваа извонредна книга сигурно многу ќе им помогне на Божјите лојални слуги уште повеќе да му се приближат на Бог.
Време уште повеќе да му се приближиме на Јехова
19. Кој пресуден момент наближува, и како можеме да се соочиме со него?
19 Наближува една пресудна етапа во решавањето на спорното прашање во врска со Јеховиниот суверенитет. Како што е претскажано во Езекиел, 38. поглавје, наскоро Сатана ќе ја одигра својата улога како ,Гог од Магог‘. Ова ќе вклучува напад на Јеховиниот народ во светски рамки. Тогаш Сатана ќе се обиде со сите сили да го скрши интегритетот на Божјите лојални слуги. Како никогаш порано, обожавателите на Јехова ќе треба горливо да го бараат, дури и да викаат за помош. Дали нивниот побожен страв од Бог и љубовта кон него ќе се покажат залудни? Во никој случај, бидејќи во 145. Псалм стои: „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува. Господ ги пази оние, кои Го љубат, а ќе ги сотре сите злосторници“ (Псалм 145:18—20).
20. Како ќе се обистинат зборовите од Псалм 145:18—20 во блиска иднина?
20 Колку само ќе биде возбудливо да се почувствува колку е близу Јехова и да се почувствува неговата спасувачка моќ кога ќе ги уништи сите злобни! Во тој пресуден момент, кој сега е толку близу, Јехова ќе ги чуе само оние „што Го призиваат искрено“. Тој сигурно нема да ги слуша лицемерите. Божјата реч јасно покажува дека секогаш било залудно кога злобните го користеле неговото име во последен момент (Пословици 1:28, 29; Михеј 3:4; Лука 13:24, 25).
21. Како покажуваат Јеховините лојални слуги дека со радост го користат Божјето име?
21 Повеќе од кога и да е порано, сега е време оние што се плашат од Јехова ,да го призоват искрено‘. Неговите лојални слуги со радост го користат неговото име во своите молитви и во коментарите што ги даваат на состаноците. Тие го користат Божјето име и во приватните разговори. Исто така, храбро го објавуваат Јеховиното име во јавната служба (Римјаните 10:10, 13—15).
22. Зошто е од пресудна важност постојано да се спротивставуваме на световните ставови и желби?
22 За и понатаму да имаме користи од нашиот близок однос со Јехова Бог, неопходно е и постојано да се спротивставуваме на духовно штетните работи како што се материјализмот, нездравата забава, духот на непростување или рамнодушноста кон оние што се во оскудица (1. Јованово 2:15—17; 3:15—17). Ако не се поправат, таквите стремежи и особини можат да водат до тежок грев и на крајот до губење на Јеховиното одобрување (1. Јованово 2:1, 2; 3:6). Мудро е да задржиме на ум дека Јехова и понатаму ќе покажува кон нас верна љубов, односно лојална љубов, само ако ние му останеме лојални (2. Самоил 22:26).
23. Каква величествена иднина ги очекува сите Божји лојални слуги?
23 Затоа, да ги задржиме мислите сосредоточени на величествената иднина што ги очекува сите Јеховини лојални слуги. На тој начин ќе го имаме прекрасниот изглед да бидеме вклучени меѓу оние што ќе го величаат, благословуваат и фалат Јехова „секој ден“ и „довека“ (Псалм 145:1, 2). Затоа, ,да се зачуваме во Божјата љубов со изглед за вечен живот‘ (Јуда 20, 21). Додека и понатаму извлекуваме користи од прекрасните особини на нашиот небесен Татко, вклучувајќи ја и големата лојална љубов што ја покажува кон оние што го сакаат, секогаш да ги имаме истите чувства што ги изразил Давид во последните зборови на 145. Псалм: „Нека мојата уста искажува фалба на Господа, и секое тело нека Го слави Неговото свето име, секогаш и довека“.
Како би одговорил?
• На кој начин 145. Псалм помага да се препознаат Божјите лојални слуги?
• На кој начин Јехова ,ја наситува желбата на сѐ живо‘?
• Зошто треба уште повеќе да му се приближиме на Јехова?
[Слика на страница 16]
Божјите лојални слуги се радуваат кога зборуваат за неговите моќни дела
[Слика на страница 17]
Јеховините слуги храбро им помагаат на непознатите да чујат за славата на неговото царување
[Слики на страница 18]
Јехова обезбедува храна за „сѐ живо“
[Извор на слика]
Животни: Parque de la Naturaleza de Cabárceno
[Слика на страница 19]
Јехова им дава сила и водство на своите лојални слуги, кои од него бараат помош во молитва