Како да бидеш успешен
ИСТО како што родителите се грижат за своите деца и сакаат тие да бидат успешни така и нашиот небесен Татко се грижи за нас и сака ние да бидеме успешни. Својата нежна грижа за нас ја покажува со тоа што ни дава многу информации за успехот и неуспехот. Всушност, кога зборува за човек што внимава на она што го вели Бог, Библијата со сигурност тврди дека: „Во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:3).
Ако е тоа точно, тогаш зошто многумина не се успешни, среќни и исполнети? Одговорот на тоа прашање ќе го добиеме ако повнимателно го разгледаме овој псалм. Така ќе дознаеме што да сториме за да станеме успешни и ние.
„Советот на злите“
Псалмистот нѐ предупредува дека е опасно да се постапува според „советот на злите“ (Псалм 1:1). Најзлобниот од сите е Сатана Ѓаволот (Матеј 6:13). Светото писмо ни кажува дека тој е „владетелот на овој свет“ и дека „целиот свет е под власта на Злобниот“ (Јован 16:11; 1. Јованово 5:19). Затоа не треба да нѐ чуди што повеќето совети што ги нуди светот го одразуваат размислувањето на тоа злобно суштество.
Какви совети даваат злите? Општо земено, злите го презираат Бог (Псалм 10:13). Советите на злите, кои го игнорираат или го презираат Бог, ги има насекаде. Денешново општество ја подгрева „желбата на телото и желбата на очите“ и ги поттикнува луѓето да го истакнуваат својот имот (1. Јованово 2:16). Средствата за јавно информирање нѐ бомбардираат со материјалистичката филозофија: „Искористи сѐ што можеш од животот!“ Вкупно земено, фирмите во целиот свет трошат повеќе од 390 милијарди евра годишно за реклами за да ги убедат луѓето да купат од нивните производи — сеедно дали на потрошувачите им се потребни или не. А оваа пропаганда не ги менува само потрошувачките навики кај луѓето туку и ги изопачува нивните гледишта за тоа што е успех.
Поради тоа, многумина имаат незаситна жед за уште повеќе материјални работи иако поседуваат предмети за кои пред неколку години можеле само да сонуваат. Кај нив постои чувството дека без тие работи не можат да бидат ниту среќни ниту успешни. Тој став е погрешен и „не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јованово 2:16).
Нашиот Творец знае што ќе нѐ направи вистински среќни. Неговиот совет се разликува од „советот на злите“. Затоа, ако сакаш да добиеш благослов од Бог, а во исто време сакаш да бидеш успешен според мерилата на светот, тоа би било како да се обидуваш во исто време да одиш по две различни патеки. Едноставно, тоа е неизводливо. И не е чудо што Библијата нѐ предупредува: „Не дозволувајте... да ве обликува овој свет“ (Римјаните 12:2).
Не дозволувај да те обликува светот
Светот, кој е под влијание на Сатана, се обидува да изгледа како да е заинтересиран за нашето добро. Но, треба да бидеме претпазливи! Имај на ум дека, Сатана ја измамил првата жена, Ева, за да ги постигне своите себични цели. Тогаш ја искористил неа за да го наведе Адам да направи грев. Сатана и денес користи луѓе за да ги пренесуваат неговите лоши совети.
На пример, од Давид, кого го спомнавме во претходната статија, се очекувало да работи прекувремено и често да оди на пат. Давид вели: „Обично ќе излезев во понеделник рано наутро и ќе се вратев во четврток навечер“. Бидејќи биле свесни дека за успех во светот се потребни таквите жртви, неговите искрени пријатели, некои роднини и колегите му велеле на Давид: „Направи го тоа заради своето семејство“. Тие го уверувале дека ќе мора да биде толку зафатен само уште неколку години, кога ќе добие сигурна положба во фирмата. Давид раскажува: „Тие ми објаснуваа дека тоа ќе биде подобро за моето семејство бидејќи ќе носам дома повеќе пари — и ќе бидам поуспешен. Пријателите ме убедија дека јас, и покрај тоа што не бев со моето семејство, всушност, давам многу повеќе за него“. Многумина како Давид работат напорно за да му дадат на своето семејство сѐ што мислат дека му е потребно. Но дали навистина ќе стане успешен оној што постапува според ваков совет? Што му е вистински потребно на едно семејство?
Давид открил што е тоа додека бил на службен пат. „Разговарав по телефон со мојата ќеркичка Анџелика, која ми рече: ‚Татенце, зошто не сакаш да останеш дома со нас?‘ Тоа ме потресе“, вели Давид. Зборовите на неговата ќерка ја зајакнале во него желбата да даде отказ. Давид решил да му го обезбеди на семејството она што навистина му било потребно — своето присуство, време и внимание.
Советите од Бог водат до успех
Што ќе ти помогне да не подлегнеш на пропагандата која е толку присутна во овој свет? Псалмистот ни кажува дека успешен и среќен е тој што „ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе“ (Псалм 1:2).
Кога го именувал Исус Навин за водач на израелскиот народ, Бог му рекол: „Внимателно читај ја [Божјата реч] дење и ноќе“. Да, било неопходно Исус Навин да ја чита Божјата реч и да размислува за неа. Но тој требало и ‚да го прави совесно сето она што е запишано во неа‘. Се разбира, читањето на Библијата самото по себе не може како со волшебно стапче да те направи успешен. Мораш да го применуваш тоа што го читаш. На Исус Навин му било речено: „Тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Исус Навин 1:8).
Замисли си едно насмеано дете како му седи в скут на својот грижлив родител и заедно ја читаат неговата омилена приказна. Сеедно колку пати пред тоа ја прочитале истата приказна, ним им е многу убаво да бидат заедно. Слично е со човек што го сака Бог — тој ужива секој ден додека ја чита Библијата. Нему му е убаво да биде заедно со својот небесен Татко. Бидејќи живее според Јеховините совети и упатства, тој човек станува „како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“ (Псалм 1:3).
Дрвото што го опишал псалмистот не никнало случајно. Земјоделецот внимателно го посадил крај вода и се грижел за него. Слично е и со нас. Нашиот небесен Татко го менува и го исправа нашиот начин на размислување преку советите што се наоѓаат во Светото писмо. Поради тоа, ние цветаме и даваме плодови, односно развиваме особини што се во согласност со Божјите совети.
Но „злите не се такви“. Точно е дека некогаш може да ни се чини дека напредуваат, но на крајот лошо ќе си поминат. Тие „нема да се одржат на судот“. Наместо тоа, „патот на злите ќе пропадне“ (Псалм 1:4-6).
Затоа немој да дозволиш светот да ти кажува какви цели да си поставиш и што треба да ти биде важно, а што не. Иако си талентиран и имаш шанси да станеш успешен во овој свет, внимавај како ќе ги користиш тие таленти и колку ќе му дозволиш на светот да ги искористи. Бесмисленото тежнеење по материјални работи може да биде причина човек да ‚овене‘. Од друга страна, пак, блискоста со Бог води до вистински успех и среќа.
Како да бидеш успешен
Зошто оној што живее според Божјите совети е успешен во сѐ што прави? Псалмистот не зборувал за успех во овој свет. Успехот на побожниот човек е поврзан со вршењето на Божјата волја — а таа секогаш води до успех. Да видиме како ќе станеш успешен ако ги применуваш библиските мерила.
Во семејството: Светото писмо ги советува сопрузите „да ги сакаат своите жени како своите тела“, а на секоја мажена христијанка ѝ вели „длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:28, 33). Родителите се поттикнати да поминуваат доволно време со своите деца, да се смеат со нив и да ги учат за важни работи во животот (5. Мојсеева 6:6, 7; Проповедник 3:4). Божјата реч, исто така, ги советува родителите: „Не раздразнувајте ги своите деца“. Кога се применуваат овие совети, за децата е полесно да ‚ги слушаат своите родители‘ и да ‚ги почитуваат татка си и мајка си‘ (Ефешаните 6:1-4). Овие совети од Бог можат да придонесат семејниот живот да биде успешен.
Со пријателите: Повеќето луѓе сакаат да имаат пријатели. Ние имаме умствени и емоционални способности да ги сакаме другите и потреба да бидеме сакани од нив. Исус им кажал на своите следбеници ‚да се сакаат еден со друг‘ (Јован 13:34, 35). Меѓу нив наоѓаме пријатели кои можеме да ги сакаме и во кои можеме да имаме доверба — па дури и да им ги искажеме своите најдлабоки мисли и чувства (Изреки 18:24). Но, пред сѐ, ако ги применуваме библиските начела, можеме ‚да му се приближиме на Бог‘ и, како Авраам, дури да бидеме наречени ‚Јеховини пријатели‘ (Јаков 2:23; 4:8).
Смисла во животот: Наместо бесцелно да живеат од денес за утре, оние што се вистински успешни имаат смисла во животот. Нивниот живот не е заснован на нестабилните услови во овој поредок. Кога ги постигнуваат своите цели, чувствуваат вистинско и трајно задоволство, бидејќи тие цели се тесно поврзани со вистинската смисла во животот. Што му дава на човекот таква смисла? „Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“ (Проповедник 12:13).
Надеж: Ако Бог ни е Пријател, имаме надеж за иднината. Апостол Павле ги поттикнал христијаните „да не се потпираат на несигурното богатство, туку на Бог... Со тоа ќе го собираат она богатство што е добар темел за иднината, за да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:17-19). Наскоро, Божјето небесно Царство ќе го овозможи овој вистински живот кога ќе го обнови Рајот на Земјата (Лука 23:43).
Ако постапуваш според библиските начела, не значи дека ќе немаш никакви проблеми, туку дека ќе бидеш поштеден од многу болки и од тага, кои ќе ги доживеат оние што се зли. Давид, за кого веќе зборувавме, и милиони други што се како него научиле од искуство колку е добро да се применуваат библиските начела. Давид сега има работа со работно време што му одговара, и вели: „Среќен сум што сум близок со мојата жена и со децата, и што ја имам честа да му служам на Јехова Бог како собраниски старешина“. Не е чудо што, за оној што внимава на Божјите совети, псалмот вели: „Во сѐ што прави, ќе биде успешен“!
[Табела на страница 6]
ПЕТ ЧЕКОРИ ДО УСПЕХОТ
1 Не дозволувај светот да ти кажува што е важно, а што не.
2 Читај ја Божјата реч и размислувај за неа секој ден.
3 Применувај ги библиските совети во својот живот.
4 Бог нека ти стане пријател.
5 Бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди.
[Слики на страница 7]
Дали чекориш кон успехот?