Крени ги лојалните раце во молитва
„Мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите [лојалните, NW] раце без гнев и сомневање [расправии, NW]“ (1. ТИМОТЕЈ 2:8).
1, 2. а) Како 1. Тимотеј 2:8 се применува на молитвата која го вклучува Јеховиниот народ? б) Што ќе разгледаме сега?
ЈЕХОВА очекува поединците од неговиот народ да бидат лојални кон него и еден кон друг. Апостол Павле ја поврзал лојалноста со молитвата кога напишал: „Мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите [лојалните, NW] раце без гнев и сомневање [расправии, NW]“ (1. Тимотеј 2:8). Изгледа дека Павле укажувал на јавна молитва „на секое место“ каде што се собираат христијаните. Кој требало да го претставува Божјиот народ во молитва на собраниските состаноци? Само мажите кои се свети, праведни и полни со почитување и кои грижливо внимаваат на сите библиски должности кон Бог (Проповедник 12:13, 14). Тие морале да бидат духовно и морално чисти и, несомнено, оддадени на Јехова Бог.
2 Особено собраниските старешини треба да ги ‚креваат лојалните раце во молитва‘. Нивните искрени молитви преку Исус Христос покажуваат лојалност кон Бог и им помагаат да избегнат расправии и изливи на гнев. Всушност, секој човек кој има предност да го претставува христијанското собрание во јавна молитва треба да биде ослободен од гнев, злонамерност и нелојалност кон Јехова и кон неговата организација (Јаков 1:19, 20). Какви понатамошни библиски упатства постојат за оние кои имаат предност да ги претставуваат другите во јавна молитва? И кои се некои библиски начела кои треба да ги примениме во нашите лични и семејни молитви?
Однапред размислувај за молитвата
3, 4. а) Зошто е корисно однапред да се размислува за јавната молитва? б) Што покажува Писмото во врска со должината на молитвите?
3 Ако сме замолени јавно да се помолиме, веројатно ќе можеме барем однапред да размислиме за молитвата. Тоа ќе ни овозможи да ги опфатиме прикладните важни работи без да кажуваме некоја долга, развлечена молитва. Се разбира, нашите лични молитви можат исто така да бидат кажани на глас. Тие можат да бидат со секаква должина. Пред да ги избере своите 12 апостоли, Исус поминал цела ноќ во молитва. Меѓутоа, се чини дека кога го воспоставил Меморијалот на својата смрт, неговите молитви за лебот и виното биле навидум кратки (Лука 6:12—16; Марко 14:22—24). А знаеме дека дури и Исусовите кратки молитви биле потполно прифатливи за Бог.
4 Да претпоставиме дека ние имаме предност да претставуваме некое семејство во молитва пред некој оброк. Таквата молитва би можела да биде прилично кратка — но сѐ она што ќе се каже треба да вклучува израз на благодарност за храната. Ако се молиме јавно пред или после некој христијански состанок, не треба да упатуваме долга молитва која ќе опфати многу точки. Исус ги критикувал книжниците кои ‚лицемерно долго се молеле‘ (Лука 20:46, 47). Едно побожно лице никогаш не би сакало да го прави тоа. Но, понекогаш може да биде прикладна некоја подолга јавна молитва. На пример, еден старешина кој е избран да ја има заклучната молитва на некој собир треба однапред да размисли за неа и можеби ќе сака да спомне неколку точки. Сепак, дури и таквата молитва не треба да биде претерано долга.
Пристапи му на Бог со длабоко почитување
5. а) Што треба да задржиме на ум кога се молиме јавно? б) Зошто треба да се молиме на начин кој е достоинствен и полн со почитување?
5 Кога се молиме јавно, треба да запомниме дека не им се обраќаме на луѓе. Напротив, ние сме грешни суштества кои му се молат на Суверениот Господ Јехова (Псалм 8:3—5, 9; 72:28). Затоа, треба да покажеме побожен страв да не не му угодиме со она што ќе го кажеме и со начинот на кој ќе го изразиме тоа (Изреки 1:7). Псалмистот Давид пеел: „А јас, пак, според Твојата голема милост, ќе влезам во Твојот дом и ќе се поклонам во Твојот свет храм со страв пред Тебе“ (Псалм 5:7). Доколку имаме таков став, како ќе се изразиме кога сме замолени јавно да се помолиме на некој состанок на Јеховините сведоци? Па, ако би зборувале со некој човечки цар, тоа би го правеле со почитување и со достоинство. Зарем нашите молитви не треба да бидат уште подостоинствени и полни со почитување, со оглед на тоа што му се молиме на Јехова, ‚Царот на вечноста‘? (Откровение 15:3, NW). Затоа, кога се молиме ќе избегнуваме изјави како, на пример: „Добро утро Јехова“, „Ти ја испраќаме нашата љубов“ или „Среќен ден“. Писмото покажува дека Божјиот единороден Син, Исус Христос, никогаш не му се обраќал на својот небесен Татко на таков начин.
6. Што треба да имаме на ум кога ‚пристапуваме кон престолот на незаслужената љубезност‘?
6 Павле рекол: „Да пристапиме со слобода на говор кон престолот на незаслужената љубезност“ (Евреите 4:16, NW). И покрај нашата грешна состојба, можеме да му пристапиме на Јехова со „слобода на говор“ поради нашата вера во откупната жртва на Исус Христос (Дела 10:42, 43; 20:20, 21). Сепак, таквата „слобода на говор“ не значи дека ние си муабетиме со Бог; ниту, пак, дека треба да му кажуваме работи кои се без почитување. За да му бидат нашите јавни молитви угодни на Јехова, тие мора да бидат упатени со исправно почитување и достоинство, и не би било прикладно да ги користиме за да даваме известувања, да советуваме поединци или да ѝ држиме лекции на публиката.
Моли се со понизен дух
7. Како Соломон покажал понизност кога се молел при посветувањето на Јеховиниот храм?
7 Без разлика на тоа дали се молиме јавно или приватно, важно библиско начело кое треба да го задржиме на ум е дека треба да покажуваме понизен став во нашите молитви (2. Летописи 7:13, 14). Цар Соломон покажал понизност во својата јавна молитва при посветувањето на Јеховиниот храм во Ерусалим. Соломон штотуку завршил една од највеличествените градби кои некогаш биле изградени на земјата. Сепак, тој понизно се молел: „Зар Бог ќе сака да живее на земјата! Небото и небото на небесата не Те собираат, а уште помалку овој храм, што сум го изградил јас на Твоето име“ (3. Царства 8:27).
8. Кои се некои начини на кои се покажува понизност при јавната молитва?
8 Исто како Соломон, и ние треба да бидеме понизни кога ги претставуваме другите во јавна молитва. Иако треба да избегнуваме да оставаме впечаток на лажна побожност, понизноста можеме да ја покажеме со тонот на гласот. Понизните молитви не се бомбастични или мелодраматични. Тие не го свртуваат вниманието кон лицето кое се моли, туку кон Оној кому му се обраќа тоа (Матеј 6:5). Исто така, понизноста се покажува и преку она што го кажуваме во молитвата. Ако се молиме понизно, нема да звучиме како да бараме Бог да направи извесни работи на наш начин. Напротив, ќе го молиме Јехова да постапи на начин кој е во склад со неговата света волја. Псалмистот го илустрирал исправниот став кога се молел: „Ах, Јехова, спаси нѐ сега, те молам! О, Јехова подари ни сега успех!“ (Псалм 118:25, NW; Лука 18:9—14).
Моли се од срце
9. Кој убав совет од Исус се наоѓа во Матеј 6:7, и како може да се примени?
9 За нашите јавни или приватни молитви да му бидат угодни на Јехова, мораат да доаѓаат од срце. На тој начин нема секогаш одново само да повторуваме некоја молитва-формула без да размислуваме за она што го кажуваме. Во својата Проповед на гората Исус советувал: „Кога се молите, не говорете многу [истите работи секогаш одново, NW] како незнабошците, зашто тие [погрешно] мислат дека за своите многу зборови ќе бидат услишени“. Со други зборови, Исус рекол: „Не дрдори; не повторувај напразно“ (Матеј 6:7, фуснота NW).
10. Зошто е прикладно да се молиме за истата работа повеќе од еднаш?
10 Се разбира, можеби ќе треба да се молиме за истата работа повеќепати. Тоа не би било погрешно како што поттикнал Исус: „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори“ (Матеј 7:7). Можеби има потреба од нова Сала на Царството бидејќи Јехова го благословува локалното дело на проповедање (Исаија 60:22). Би било прикладно постојано да ја спомнуваме таа потреба кога се молиме приватно или кога упатуваме јавни молитви на состаноците на Јеховиниот народ. Тоа не значи дека ние ‚повторуваме напразно‘.
Запомни ги благодарноста и фалбата
11. Како Филипјаните 4:6, 7 се применува на приватната и на јавната молитва?
11 Многу луѓе се молат само за да бараат нешто, но нашата љубов кон Јехова Бог треба да нѐ поттикне да му изразуваме благодарности и фалба како во приватната така и во јавната молитва. „За ништо не грижете се“, напишал Павле, „туку во сѐ преку молитва и молба [преколнување, NW] со благодарност изјавувајте ги пред Бога своите барања, и мирот Божји, што надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Исуса Христа“ (Филипјаните 4:6, 7). Да, освен преколнувања и молби, треба да му изразуваме благодарност на Јехова за духовните и материјалните благослови (Изреки 10:22). Псалмистот пеел: „Принеси Му на Бога благодарствена жртва и на Севишниот молитвите свои упатувај Му ги“ (Псалм 49:14). А една молитвена мелодија на Давид ги вклучувала овие трогателни зборови: „Ќе го славам името на мојот Бог со песна, ќе го возвеличувам во славословија [со благодарност, NW]“ (Псалм 68:30). Зарем не би требало да го сториме ние истото во јавната и во приватната молитва?
12. Како Псалм 99:4, 5 се исполнува денес, и според тоа за што можеме да му благодариме на Бог и да го фалиме?
12 Во врска со Бог, псалмистот пеел: „Влегувајте низ Неговите порти со славословие [благодарење, NW], во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете го името Негово, зашто благ е Господ: Неговата милост е вечна и Неговата вистина е од род во род“ (Псалм 99:4, 5). Денес во дворовите на Јеховиното светилиште влегуваат луѓе од сите нации, а ние можеме за тоа да му изразиме фалба и благодарности. Дали изразуваш благодарност кон Бог за локалната Сала на Царството и го покажуваш своето ценење со тоа што редовно се собираш таму со оние кои го љубат? Додека си таму, дали од срце го креваш својот глас во песни на фалба и благодарност на нашиот небесен Татко полн со љубов?
Никогаш немој да се срамиш да се молиш
13. Кој библиски пример покажува дека треба да го преколнуваме Јехова дури и ако се чувствуваме недостојни поради вина?
13 Дури и ако се чувствуваме недостојни поради вина, треба да му се обратиме на Бог со искрено преколнување. Кога Евреите грешеле земајќи сопруги туѓинки, Ездра се наведнал, ги раширил своите лојални дланки кон Бог и понизно се помолил: „Боже мој, срам ми е и страв ми е да го покажам моето лице кон Тебе, Боже мој, зашто беззаконијата ни се натрупаа до над главата, и вината ни нарасна до небесата. Од дните на татковците наши до денес ние сме во голема вина . . . И по сѐ она што нѐ снајде поради лошите дела наши и поради големата вина наша и, — зашто Ти, Боже наш, нѐ поштеди не според беззаконието наше, туку ни даде такво избавување, — зарем пак ќе ги нарушуваме Твоите заповеди и ќе влегуваме во родство со тие одвратни народи? Нема ли да се разгневиш на нас дури до погубување, така што да нема живи и да нема спасени? Господи, Боже Израилев! Ти си праведен зашто ние бевме нажалени до денес; и еве, ние сме во беззаконијата свои пред Твоето лице, макар што по тоа не би требало да стоиме пред Твоето лице“ (1. Ездра 9:1—15; 5. Мојсеева 7:3, 4).
14. Што е потребно за да се добие простување од Бог, како што е покажано во времето на Ездра?
14 За да добиеме Божје простување, исповедањето кон него мора да се спои со каење и со „плодови достојни за покајание“ (Лука 3:8; Јов 42:1—6; Исаија 66:2). Во времето на Ездра, покајничкиот став бил проследен со напор да се исправи погрешното — со отпуштање на сопругите туѓинки (Ездра 10:44, NW; спореди 2. Коринтјаните 7:8—13). Доколку бараме Божје простување за некое сериозно злодело, тогаш да се исповедаме во понизна молитва и да донесеме плодови достојни за покајание. Исто така, покајничкиот дух и желбата да го исправиме погрешното ќе нѐ наведат да побараме духовна помош од христијанските старешини (Јаков 5:13—15).
Извлечи утеха од молитвата
15. Како искуството на Ана покажува дека можеме да најдеме утеха во молитвата?
15 Кога од извесна причина нашето срце е во болка, можеме да најдеме утеха во молитвата (Псалм 50:17; Изреки 15:13). Тоа го доживеала лојалната Ана. Таа живеела во време кога во Израел биле вообичаени големи семејства, но таа немала деца. Нејзиниот сопруг Елкана имал синови и ќерки од другата негова сопруга Фенана, која ѝ се потсмевала на Ана дека била неротка. Ана искрено се молела и ветила дека, ако биде благословена со син, ‚ќе Му го даде на Господа за сите денови на животот негов‘. Утешена од својата молитва и од зборовите на првосвештеникот Илиј, Ана ‚веќе не била тажна [болно загрижена, NW]‘. Таа родила момченце кому му дала име Самуил. Подоцна го предала за служба во Јеховиното светилиште (1. Царства 1:9—28). Благодарна за Божјата љубезност кон неа, таа упатила благодарна молитва — молитва која го фалела Јехова како оној кому му нема рамен (1. Царства 2:1—10). И ние, слично на Ана, можеме да извлечеме утеха од молитвата, уверени дека Бог одговара на сите барања кои се во склад со неговата волја. Кога му го излеваме срцето нему, да ‚не ни биде веќе лицето болно загрижено‘ зашто тој ќе го тргне нашиот товар или ќе ни овозможи да го носиме (Псалм 55:22, NW).
16. Зошто треба да се молиме кога сме уплашени или тегобно загрижени, како што е илустрирано во случајот со Јаков?
16 Доколку некоја ситуација предизвикува страв, болка во срцето или тегобна загриженост, да не пропуштиме во молитва да му се обратиме на Бог за утеха (Псалм 54:1—4). Јаков се плашел кога требало да се сретне со својот отуѓен брат Исав. Сепак, Јаков се молел: „Боже на таткото мој Авраама, Боже на таткото мој Исака, Господи Боже, Ти, Кој ми рече — ‚Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор! — Не сум заслужил толкава милост и толкава вера што му ја направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора. Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, оти се плашам од него да не би, кога ќе дојде да ме убие мене, да ги убие и мајките и децата. А Ти рече — ‚Навистина Јас ќе ти бидам добротвор, и ќе направам потомството твое да биде како песокта морска, кое од множество не ќе може да се изброи‘“ (1. Мојсеева 32:9—12). Исав не го нападнал Јаков ниту неговата придружба. На тој начин Јехова навистина му ‚бил добротвор‘ на Јаков во таа прилика.
17. Како може молитвата да ни донесе утеха кога сме сериозно испитувани, во склад со Псалм 118:52?
17 За време на нашите преколнувања, ние можеме да бидеме утешени така што ќе се потсетуваме на работи кои се кажани во Божјата Реч. Во најдолгиот псалм — една прекрасна молитва која е музички обработена — можеби кнезот Езекија бил тој кој пеел: „Се сетив за Твоите вечни судови, Господи, и се утешував“ (Псалм 118:52). Во понизната молитва кога сме тешко испитувани, можеби ќе се сетиме на некое библиско начело или закон кој може да ни помогне да се стремиме кон некој правец од кој ќе произлезе утешително уверување дека му угодуваме на нашиот небесен Татко.
Лојалните истрајуваат во молитва
18. Зошто може да се рече дека ‚секој лојален ќе му се помоли на Бог‘?
18 Сите кои му се лојални на Јехова Бог ќе бидат ‚постојани [ќе истраат, NW] во молитвата‘ (Римјаните 12:12). Во 31. Псалм, кој веројатно го компонирал Давид откако згрешил со Вирсавија, тој ја опишал својата агонија заради тоа што пропуштил да бара простување и олеснување кои му ги донеле покајанието и исповедувањето на Бог. Потоа, Давид пеел: „Затоа [бидејќи Јеховиното извинување им е достапно на оние кои вистински се каат] секој праведник [лојален, NW] нека Ти се помоли навреме“ (Псалм 31:6).
19. Зошто треба да ги кренеме лојалните раце во молитва?
19 Доколку длабоко го цениме нашиот однос со Јехова Бог, ќе се молиме за неговата милост на темел на Исусовата откупна жртва. Можеме со вера да пристапиме кон престолот на незаслужената љубезност со слобода на говор за да добиеме милост и навремена помош (Евреите 4:16). Но, постојат толку многу причини за молитва! Затоа, да ‚се молиме постојано‘ — честопати со зборови на искрена фалба и благодарност кон Бог (1. Солунјаните 5:17). Нека дење и ноќе нашите лојални раце бидат кренати во молитва.
Како би одговорил?
◻ Од каква корист е однапред да се размислува за јавната молитва?
◻ Зошто треба да се молиме на начин кој е полн со почитување и достоинство?
◻ Каков дух треба да покажуваме кога се молиме?
◻ Зошто кога се молиме треба да ги запомниме благодарностите и фалбата?
◻ Како Библијата покажува дека можеме да извлечеме утеха од молитвата?
[Слика на страница 17]
Цар Соломон покажал понизност во својата јавна молитва при посветувањето на Јеховиниот храм
[Слики на страница 18]
Слично на Ана, и ти можеш да извлечеш утеха од молитвата