Да го возвишуваме заедно името на Јехова
„Величајте го Јехова со мене, да го возвишуваме заедно неговото име“ (ПСАЛМ 34:3).
1. Каков убав пример ни дал Исус додека ја извршувал својата служба на Земјата?
НОЌТА на 14 нисан 33 год. од н.е., Исус и неговите апостоли му пееле на Јехова фалбени песни во една соба на горниот кат од една куќа во Ерусалим (Матеј 26:30). Тоа е последен пат кога Исус како човек му пее фалбени песни на Јехова заедно со своите апостоли. Сепак, било сосема на место да го заврши својот состанок со нив на таков начин. Од почетокот до крајот на својата служба на Земјата, Исус го фалел својот Татко и ревносно го објавувал Неговото име (Матеј 4:10; 6:9; 22:37, 38; Јован 12:28; 17:6). Всушност, и тој го упатил истиот срдечен повик што го упатил и псалмистот: „Величајте го Јехова со мене, да го возвишуваме заедно неговото име“ (Псалм 34:3). Колку убав пример е тоа за нас!
2, 3. а) Од каде знаеме дека 34. Псалм има пророчко значење? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?
2 Неколку часа откако пееле фалбени песни заедно со Исус, апостол Јован бил сведок на еден сосема поинаков настан. Тој видел како ги убиваат на маченички столб неговиот Господар и двајца злосторници. Римските војници им ги скршиле нозете на двајцата злосторници за да ја забрзаат нивната смрт. Но, Јован напишал дека не му ги скршиле нозете на Исус. Кога војниците дошле до Исус, тој веќе бил мртов. Во евангелието што го напишал, Јован објаснил дека со тој настан се исполнил еден друг дел од 34. Псалм: „Ниту една негова коска нема да се скрши“ (Јован 19:32-36; Псалм 34:20, Септуагинта).
3 Во 34. Псалм има и други мисли што се важни за христијаните. Затоа, во оваа и во следната статија, ќе разгледаме во кои околности Давид го напишал овој псалм, а потоа ќе поразговараме за охрабрувачката содржина на истиот псалм.
Давид бега од Саул
4. а) Зошто Давид бил помазан за иден цар на Израел? б) Зошто Саул ‚многу го засакал‘ Давид?
4 Кога Давид бил млад, Саул бил цар на Израел. Меѓутоа, Саул станал непослушен и ја изгубил Јеховината милост. Затоа, пророкот Самоил му рекол: „Денес Јехова ти го одзеде од тебе царството на Израел и ќе му го даде на твојот ближен, кој е подобар од тебе“ (1. Самоилова 15:28). Подоцна, Јехова му рекол на Самоил да го помаза Давид, најмладиот син на Јесеј, да биде следен цар на Израел. Во меѓувреме, бидејќи му бил одземен Божјиот дух, цар Саул го обземале лоши расположенија. Давид, кој знаел многу убаво да свири, бил одведен во Гаваја за да му служи на царот, и кога тој свирел, му олеснувало на Саул, кој ‚многу го засакал‘ (1. Самоилова 16:11, 13, 21, 23).
5. Зошто Саул го сменил односот кон Давид, и што морал да направи Давид?
5 Како што минувало времето, Јехова покажал дека е со Давид. Му помогнал да го победи филистејскиот џин Голијат и му било мило кога во Израел му оддавале чест на Давид за тоа што се покажал како голем јунак во војната. Меѓутоа, Саул почнал да му љубомори на Давид поради Јеховиниот благослов, и на крајот го замразил. Во две ситуации, додека Давид му свирел на харфа на Саул, царот фрлил со копје по него. И првиот и вториот пат Давид успеал да го избегне копјето. Кога Саул по третпат се обидел да го убие, идниот цар на Израел сфатил дека мора да избега за да се спаси. Со текот на времето, бидејќи Саул не престанал да се обидува да го фати за да го убие, Давид решил да се засолни надвор од територијата на Израел (1. Самоилова 18:11; 19:9, 10).
6. Зошто Саул наредил да се убијат жителите на Нов?
6 Кога се доближувал до границата на Израел, Давид запрел во градот Нов, каде што се наоѓал светиот шатор на Јехова. Изгледа дека бегал заедно со една дружина млади луѓе, па побарал нешто за јадење и пиење за нив и за себе. Саул дознал дека првосвештеникот им дал на Давид и на неговите луѓе храна, како и мечот што му го зел Давид на мртвиот Голијат. Разгневен, Саул наредил да се убијат сите жители на градот, меѓу кои имало и 85 свештеници (1. Самоилова 21:1, 2; 22:12, 13, 18, 19; Матеј 12:3, 4).
Повторно ѝ побегнал на смртта
7. Зошто Гат не бил безбедно место каде што можел да се скрие Давид?
7 Од Нов, Давид избегал околу 40 километри на запад, на филистејска територија, и побарал засолниште кај царот Ахис во Гат, родниот град на Голијат. Можеби Давид си мислел дека Саул нема да го побара таму. Но, наскоро слугите на царот го препознале. Кога Давид го чул тоа, ‚многу се исплашил од Ахис, царот на Гат‘ (1. Самоилова 21:10-12).
8. а) Што ни кажува 56. Псалм за она што му се случило на Давид во Гат? б) На кој начин Давид за влакно ѝ побегнал на смртта?
8 Тогаш Филистејците го фатиле Давид. Можеби во тие моменти Давид го составил трогателниот псалм во кој го молел Јехова: „Стави ги моите солзи во својата мешина“ (Псалм 56:8 и натписот). Така покажал доверба дека Јехова нема да заборави на неговата болка туку дека со љубов ќе се грижи за него и ќе го штити. Исто така, Давид смислил стратегија како да го измами филистејскиот цар. Се преправил дека е умоболен. Кога го видел тоа, царот Ахис им префрлил на своите слуги што му донеле ‚лудак‘. Било јасно дека Јехова ја одобрил тактиката на Давид. Го избркале од градот, и со тоа повторно за влакно ѝ побегнал на смртта (1. Самоилова 21:13-15).
9, 10. Од која причина Давид го напишал 34. Псалм, и на кого можеби мислел кога го составувал овој псалм?
9 Библијата не ни кажува дали и другарите на Давид избегале во Гат заедно со него или, пак, го штителе од блиските израелски села. Како и да е, сигурно подоцна повторно се сретнале и биле многу радосни кога Давид им кажал на кој начин Јехова повторно го избавил. Тој настан го мотивирал да го напише 34. Псалм, како што може да се види од натписот. Во првите седум стиха од овој псалм, Давид го фали Бог затоа што го избавил и ги повикува своите другари заедно со него да го величаат Јехова како Голем Избавител на Својот народ (Псалм 34:3, 4, 7).
10 Давид и неговите луѓе се засолнале во адоламската пештера, во планинскиот предел на Израел, околу 15 километри источно од Гат. Таму почнале да им се придружуваат Израелците што не биле задоволни од условите што владееле под власта на цар Саул (1. Самоилова 22:1, 2). Кога Давид ги составувал зборовите од Псалм 34:8-22, можеби мислел на тие луѓе. Советите што се дадени во овие стихови се важни и за нас денес, и сигурно ќе биде добро малку подетално да го разгледаме овој прекрасен псалм.
Дали и за тебе е најважно она што било најважно за Давид?
11, 12. Од кои причини треба постојано да го фалиме Јехова?
11 „Ќе го благословувам Јехова во секое време, пофалбата за него постојано ќе ми биде на усните“ (Псалм 34:1). Бидејќи живеел како изгнаник, на Давид сигурно не му било лесно да ги задоволи своите материјални потреби, но како што покажуваат овие зборови, неговите секојдневни грижи не ја потиснале неговата решеност да го фали Јехова. Колку убав пример е ова кога имаме неволји! Сеедно дали сме на училиште, на работа, со сохристијаните или во службата на проповедање, најсилната желба треба да ни биде да го фалиме Јехова. Само помисли на безбројните причини што ги имаме за тоа! На пример, нема крај на она што можеме да го откриваме и да му се радуваме во Јеховините чудесни созданија. А размисли и за она што го направил Бог преку земниот дел на својата организација! Иако се несовршени, во денешно време Јехова многу ги користи верните луѓе. Каква споредба може да се направи помеѓу Божјите дела и делата на луѓето, кои светот ги идолизира? Зар не се согласуваш со Давид, кој исто така напишал: „Никој меѓу боговите не ти е рамен, Јехова, и нема такви дела како твоите“? (Псалм 86:8).
12 Исто како Давид, и ние имаме силна желба постојано да го фалиме Јехова заради неговите неспоредливи дела. Освен тоа, восхитени сме што знаеме дека Божјето Царство сега е во рацете на вечниот наследник на Давид, Исус Христос (Откровение 11:15). Ова значи дека крајот на овој свет е близу. Во прашање е вечната иднина на преку шест милијарди луѓе. Никогаш порано немало толку голема потреба да им се кажува на другите за Божјето Царство и за тоа што ќе направи наскоро тоа Царство за човештвото, како и да им се помогне на другите да го фалат Јехова заедно со нас. Сигурно дека најважно во животот треба да ни биде да ја искористиме секоја можност да ги охрабриме другите да ја прифатат „оваа добра вест“ пред да биде предоцна (Матеј 24:14).
13. а) Со кого се гордеел Давид, и кои луѓе се оѕвале? б) На кој начин кротките се привлечени кон христијанското собрание денес?
13 „Со Јехова ќе се гордее мојата душа, кротките ќе чујат и ќе се радуваат“ (Псалм 34:2). Овде Давид не се гордее со нешто што го постигнал тој лично. На пример, не се фалел со тоа што успешно го измамил царот на Гат. Тој сфатил дека Јехова го заштитил кога бил во Гат и дека успеал да избега затоа што во тоа му помогнал Јехова (Изреки 21:1). Значи, Давид не се гордеел со себе туку со Јехова. Затоа, кротките биле привлечени кон Јехова. И Исус го величал Јеховиното име, а тоа ги привлекувало кон Бог понизните луѓе што биле желни да учат. Денес, кротките луѓе од сите народи се привлечени кон меѓународното собрание од помазани христијани, на кои Поглавар им е Исус (Колошаните 1:18). Срцата на таквите кротки луѓе се трогнати кога ќе чујат како Божјите понизни слуги го величаат Неговото име и кога ќе ја чујат пораката од Библијата, која Божјиот свет дух им помага да ја разберат (Јован 6:44; Дела 16:14).
Состаноците ни ја зајакнуваат верата
14. а) Дали Давид се задоволил со тоа да го фали Јехова само кога бил сам? б) Каков пример ни дал Исус во врска со состаноците на кои се обожава Бог?
14 „Величајте го Јехова со мене, да го возвишуваме заедно неговото име“ (Псалм 34:3). Давид не бил задоволен со тоа да го фали Јехова само кога бил сам. Тој срдечно ги повикал своите другари и тие заедно со него да го возвишуваат Божјето име. Слично, и Исус Христос, кој е Поголемиот Давид, радосно го фалел Јехова јавно — во тамошната синагога, на празниците што се прославувале во Божјиот храм во Ерусалим, и кога бил заедно со своите следбеници (Лука 2:49; 4:16-19; 10:21; Јован 18:20). Колку сме радосни што можеме и ние, исто како Исус, да го фалиме Јехова во секоја прилика заедно со нашите соверници, особено сега, додека ‚гледаме дека се приближува денот‘! (Евреите 10:24, 25).
15. а) Како влијаело врз Давидовите луѓе она што му се случило нему? б) Како ни користи присуството на нашите состаноци?
15 „Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи“ (Псалм 34:4). На Давид му било многу важно она што го искусил. Затоа, тој продолжил: „Овој страдалник повика, и Јехова го слушна. Од сите негови неволји го спаси“ (Псалм 34:6). Кога сме заедно со нашите соверници, имаме многу прилики да раскажуваме изградувачки искуства за тоа како Јехова ни помогнал да издржиме во тешки околности. Ова ја зајакнува верата на нашите соверници, исто како што зборовите на Давид им ја зајакнале верата на оние што биле на негова страна. Во случајот со Давид, неговите другари „гледаа во [Јехова], светнаа, нивните лица не можат да се посрамат“ (Псалм 34:5). Иако бегале од цар Саул, тие не се срамеле. Биле уверени дека Бог му помага на Давид, и лицата им светеле од радост. Слично на тоа, како новозаинтересираните така и оние што долго време се вистински христијани бараат помош од Јехова. Бидејќи лично ја искусиле неговата помош, нивните светнати лица покажуваат дека се решени да останат верни.
Биди благодарен за помошта од ангелите
16. Како Јехова ги употребил своите ангели за да ни помогне?
16 „Ангел Јеховин стои улогорен околу оние што се бојат од Бог, и ги избавува“ (Псалм 34:7). Давид не мислел дека тоа што Јехова го спасил е привилегија што можело да ја има само тој. Точно е дека Давид бил помазан од Јехова за да биде иден цар на Израел, но знаел дека Јехова ги користи своите ангели да ги чуваат сите негови верни слуги, без оглед на тоа кои се и што се. И во денешно време вистинските слуги на Бог ја искусуваат заштитата што ја дава Јехова. Во нацистичка Германија — како и во Ангола, Малави, Мозамбик и во многу други земји — властите повеле кампањи за да ги збришат Јеховините сведоци. Нивните обиди биле безуспешни. Наместо тоа, Јеховините слуги во тие земји и понатаму се успешни додека заедно го возвишуваат Божјето име. Зошто? Затоа што Јехова ги користи своите свети ангели за да го заштити и да го води својот народ (Евреите 1:14).
17. Како ни помагаат Божјите ангели?
17 Освен тоа, Јеховините ангели можат да ги водат работите со цел секој што ги спрепнува другите да биде отстранет од Јеховиниот народ (Матеј 13:41; 18:6, 10). И иако можеби во моментов не сме свесни за тоа, ангелите ги отстрануваат препреките што би можеле да ни пречат во службата за Бог, и нѐ штитат од сѐ што би можело да го загрози нашиот однос со Јехова. Што е најважно од сѐ, тие нѐ водат додека им ја објавуваме ‚вечната добра вест‘ на сите луѓе, вклучувајќи ги и оние што живеат во места каде што проповедничкото дело се извршува во опасни услови (Откровение 14:6). Во библиската литература што ја издаваат Јеховините сведоци честопати може да се прочитаат искуства што покажуваат дека ангелите ни помагаат.a Таквите искуства ги има премногу за да се сметаат за чиста случајност.
18. а) Што се бара од нас за да добиеме помош од ангелите? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
18 За да добиваме и понатаму водство и заштита од ангелите, мораме да продолжиме да го возвишуваме Јеховиното име дури и кога наидуваме на противење. Не заборавај, Божјиот ангел стои улогорен само „околу оние што се бојат од [Јехова]“. Што значи тоа? Што значи да имаме страв од Бог, и како можеме да го стекнеме? Зошто еден Бог на љубовта сака да се боиме од него? За овие прашања ќе поразговараме во следната статија.
[Фуснота]
a Види Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство, страница 550 (англ.); Годишник на Јеховините сведоци за 2005, страници 53, 54 (срп.); Стражарска кула од 1 март 2000, страници 5, 6; од 1 јануари 1991, страница 27; и од 15 февруари 1991, страница 26.
Како би одговорил?
• Какви неволји доживеал Давид кога бил млад?
• Што ни е најважно во животот, како што му било и на Давид?
• Како гледаме на нашите христијански состаноци?
• Како ги користи Јехова своите ангели за да ни помогне?
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
Рама
Гат
Сиклаг
Гаваја
Нов
Ерусалим
Витлеем
Адолам
Кеила
Хеврон
Зиф
Орес
Кармил
Маон
Ен-Геди
Солено Море
[Извор на слика]
Мапа: На темел на мапите добиени со одобрение на Pictorial Archive (Near Eastern History) Est. and Survey of Israel
[Слика на страница 21]
Дури и кога бил во бегство, Давид го возвишувал Јеховиното име
[Слика на страница 23]
Додека ги слушаме охрабрувачките искуства што се раскажуваат на нашите христијански собири, ни се зајакнува верата