ПОГЛАВЈЕ 26
Бог кој е ‚спремен да прости‘
1-3. а) Каков тежок товар носел псалмистот Давид, и што го утешило? б) Каква тежина може да чувствуваме кога ќе згрешиме, но во што нѐ уверува Јехова?
„МОИТЕ престапи ми се прелија преку глава“, напишал псалмистот Давид. „Како тежок товар, претешки се за мене. Премален сум и потполно скршен“ (Псалм 38:4, 8). Давид знаел колку тежок товар може да биде нечистата совест. Но, нашол утеха. Сфатил дека Јехова го мрази гревот, но не го мрази грешникот што искрено се кае и престанува да греши. Потполно уверен дека Јехова е спремен да покаже милост кон оние што се каат, Давид рекол: „Ти, Јехова, си... спремен да простиш“ (Псалм 86:5).
2 Кога ќе згрешиме, и ние можеби ја чувствуваме тежината на нечистата совест. Добро е да чувствуваме грижа на совеста ако згрешиме. Тоа може да нѐ поттикне да преземеме нешто за да си ги поправиме грешките. Од друга страна, постои опасност чувството на вина претерано да нѐ притиска. Можеби нашето срце нѐ осудува и упорно ни вели дека Јехова нема да ни прости, колку и да се каеме. Ако чувството на вина нѐ „скрши“, Сатана може да нѐ наведе да кренеме раце од сѐ и да мислиме дека за Јехова сме безвредни и дека сме недостојни да му служиме (2. Коринќаните 2:5-11).
3 Дали Јехова навистина мисли така? Не! Со тоа што простува, Јехова ја покажува својата голема љубов кон нас. Во својата Реч, тој нѐ уверува дека ќе ни прости ако искрено се каеме (Изреки 28:13). За да не мислиме дека е невозможно Јехова да ни прости, да видиме зошто и како простува тој.
Зошто Јехова е ‚спремен да прости‘
4. Што не заборава Јехова, и како тоа влијае врз начинот на кој постапува со нас?
4 Јехова е свесен за нашите ограничувања. Во Псалм 103:14 пишува: „Тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“. Бог не заборава дека сме направени од прав и дека имаме слабости затоа што сме несовршени. Библијата го споредува Јехова со грнчар, а нас со глинени садови што тој ги обликуваa (Еремија 18:2-6). Додека нѐ обликува, Големиот Грнчар прави потези во склад со тоа колку сме слаби и кршливи поради гревот и во зависност од тоа како реагираме на неговото водство.
5. Како писмото до Римјаните го опишува стисокот на гревот?
5 Јехова добро знае колку е моќен гревот. Во неговата Реч гревот е опишан како моќна сила што го држи човекот во својот смртоносен стисок. Колку силно нѐ притиска? Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле објаснува дека ние сме „под грев“, односно дека сме му потчинети на гревот како што војниците му се потчинети на својот заповедник (Римјаните 3:9), дека гревот „царува“ над човештвото (Римјаните 5:21), дека тој „живее“ во нас (Римјаните 7:17, 20) и дека неговиот „закон“ постојано дејствува во нас, обидувајќи се да управува со нашите постапки (Римјаните 7:23, 25). Значи, гревот многу силно влијае врз нашето несовршено тело! (Римјаните 7:21, 24).
6, 7. а) Како гледа Јехова на оние што се каат и го молат да им прости? б) Зошто не треба да ја злоупотребуваме Божјата милост?
6 Според тоа, Јехова знае дека, колку и да се трудиме, не можеме да му бидеме совршено послушни. Затоа, со љубов нѐ уверува дека, ако го молиме за милост и ако од срце се каеме за гревот, тој ќе ни прости. Во Псалм 51:17 стои: „За Бог е жртва скршениот дух. Срце скршено и здробено, о Боже, нема да презреш“. Јехова нема никогаш да отфрли срце што е „скршено и здробено“ од чувство на вина.
7 Но, дали тоа значи дека можеме да ја злоупотребуваме Божјата милост и намерно да грешиме, а потоа да ја користиме нашата несовршеност како изговор? Во никој случај! Јехова не се поведува по чувства. Неговата милост има граници. Тој нема да им прости на оние што упорно и намерно прават грев и воопшто не се каат (Евреите 10:26). Од друга страна, кога ќе забележи некој што се кае од срце, Јехова е спремен да му прости. Да видиме на кои живописни начини Библијата го опишува овој прекрасен аспект на Јеховината љубов.
Јехова простува потполно
8. Што, всушност, прави Јехова кога ќе ни ги прости гревовите, и каква доверба ни влева тоа?
8 Откако се покајал, Давид му рекол на Јехова: „Конечно ти го признав гревот и не ја прикрив вината... И ти ја прости вината за моите гревови“ (Псалм 32:5). Изразот „прости“ е превод на еден хебрејски збор чие основно значење е „крева“ или „носи“. Овде е употребен со значење: да се тргне „вината, гревот, престапот“. Значи Јехова, така да се каже, ги подигнал гревовите на Давид и ги однел. Тоа несомнено му го олеснило товарот на вина што го чувствувал (Псалм 32:3). И ние можеме да имаме потполна доверба во нашиот Бог, кој ги носи гревовите на оние што го молат да им прости на темел на нивната вера во откупната жртва на Исус (Матеј 20:28).
9. Колку далеку ги трга Јехова нашите гревови?
9 Давид употребил уште еден сликовит израз за да ни долови до која мера простува Јехова: „Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Псалм 103:12). Колку е оддалечен исток од запад? Во некоја смисла, исток секогаш е на најголемата можна оддалеченост од запад. Тие две точки никогаш не можат да се спојат. Еден изучувач вели дека тој израз значи „колку што е можно подалеку; најголемото растојание што може да се замисли“. Од зборовите што Давид ги напишал под водство на светиот дух гледаме дека, кога Јехова простува, тој ги носи, односно ги трга нашите гревови најдалеку што можеме да си замислиме.
10. Зошто не треба да мислиме дека до крајот на животот ќе треба да ја носиме дамката од гревовите што Јехова ни ги простил?
10 Дали некогаш си се обидел да отстраниш дамка од некоја светла облека? Колку и да си се трудел, можеби не си успеал да ја отстраниш потполно. Забележи што вели Јехова за тоа колку потполно простува тој: „Ако бидат вашите гревови како црвено платно, ќе станат бели како снег; ако бидат румени како пурпур, ќе станат како волна“ (Исаија 1:18). За да се истакне за каква црвена боја станува збор во овој стих, во некои библиски преводи се користи зборот скерлет.b И ‚пурпурот‘ е многу јака боја (Наум 2:3). Со свои напори никогаш нема да можеме да ја отстраниме дамката на гревот што ја носиме на себе. Но, Јехова може да ги земе нашите гревови што се како црвено платно и како пурпур, и да ги направи бели како снег или волна. Откако Јехова ќе ни ги прости гревовите, не треба да мислиме дека до крајот на животот ќе мора да ги носиме како дамка.
11. Во која смисла Јехова ги фрла нашите гревови зад својот грб?
11 Во својата трогателна песна на благодарност што ја напишал откако бил спасен од смртоносна болест, Езекија му рекол на Јехова: „Сите мои гревови ти ги фрли зад грб“ (Исаија 38:17). Во овој стих, Јехова е претставен како некој што ги зема гревовите на оној што се кае и ги фрла зад себе, така што повеќе не ги гледа и не им обрнува внимание. Еден речник наведува дека смислата на овие зборови може да се изрази на следниов начин: „Ти направи [моите гревови] како да не се ни случиле“. Зар тоа не е утешно?
12. Како пророкот Михеј покажал дека, кога Јехова простува, засекогаш ги отстранува нашите гревови?
12 Во едно ветување за обнова, пророкот Михеј покажал увереност дека Јехова ќе му прости на својот народ што се каел: „Кој Бог е како тебе, кој... преминува преку престапот на остатокот од своето наследство?.. Сите нивни гревови ќе ги фрлиш во морските длабочини“ (Михеј 7:18, 19). Замисли што значеле тие зборови за луѓето од библиски времиња. Имало ли некаква шанса да се врати она што било фрлено „во морските длабочини“? Не. Според тоа, зборовите на Михеј покажуваат дека, кога Јехова простува, тој засекогаш ги отстранува нашите гревови.
13. Што значат Исусовите зборови: „Прости ни ги нашите долгови“?
13 За да објасни како простува Јехова, Исус се осврнал на односот што постои меѓу еден заемодавач и еден должник. Исус нѐ поттикнал да се молиме со зборовите: „Прости ни ги нашите долгови“ (Матеј 6:12). На тој начин, гревовите ги споредил со долгови (Лука 11:4). Кога ќе згрешиме, му стануваме ‚должници‘ на Јехова. Во еден прирачник стои дека грчкиот глагол преведен со зборот „прости“ значи „да се откажеш од долг, да не бараш да ти го вратат“. Кога простува, Јехова во извесна смисла го поништува долгот што инаку би бил ставен на наша сметка. Тоа е големо олеснување за оние што се каат за своите гревови. Јехова нема никогаш да побара да платиме долг што веќе го поништил! (Псалм 32:1, 2).
14. Каква слика создава изразот „да ви бидат избришани гревовите“?
14 И во Дела 3:19 е опишано до која мера простува Јехова: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите“. Изразот „избришани“ е превод на еден грчки глагол кој може да значи „да се отстрани... поништи или уништи“. Според некои изучувачи, овој израз опишува бришење на нешто што било напишано со рака. Како можело да се направи тоа? Мастилото што обично се користело во старо време било направено од смеса во која имало јаглерод, смола и вода. Кратко откако некој ќе пишувал со такво мастило, можел да земе мокар сунѓер и да го избрише она што го напишал. Ова ни дава прекрасна слика за тоа колку е милостив Јехова. Кога ни ги простува гревовите, тоа е исто како да зема сунѓер и да ги брише.
Јехова сака да знаеме дека тој е ‚спремен да прости‘
15. Што сака Јехова да знаеме за него?
15 Кога размислуваме за овие различни споредби, до каков заклучок доаѓаме? Зарем не е јасно дека Јехова сака да знаеме колку е спремен да ги прости нашите гревови ако искрено се каеме? Не треба да се плашиме дека во иднина повторно ќе ги изнесе тие гревови против нас. Тоа се гледа од уште една работа што Библијата ни ја открива за Јеховината голема милост — кога простува, тој заборава.
„Повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“
16, 17. Во која смисла Јехова ги заборава нашите гревови, и од каде го знаеме тоа?
16 Во врска со оние што се вклучени во новиот сојуз, Јехова ветил: „Ќе им го простам нивниот престап и повеќе нема да се сеќавам на нивниот грев“ (Еремија 31:34). Дали ова значи дека, откако Јехова ќе прости, повеќе не може да се сети на гревовите што ги простил? Секако дека не. Во Библијата можеме да прочитаме за многу луѓе на кои Јехова им простил, меѓу кои бил и Давид (2. Самоилова 11:1-17; 12:13). Нема сомнение дека Јехова и понатаму е свесен за грешките што ги направиле тие луѓе. Извештаите за тоа како згрешиле, како се покајале и како Бог им простил се запишани за наша корист (Римјаните 15:4). Тогаш, зошто Библијата вели дека Јехова повеќе нема да ‚се сеќава‘ на гревовите на луѓето на кои им простил?
17 Хебрејскиот глагол кој е преведен со изразот „се сеќавам“ значи многу повеќе отколку само да се памти нешто од минатото. Во еден речник пишува дека тој глагол вклучува и „да се преземе соодветна постапка“ (Theological Wordbook of the Old Testament). Според тоа, во оваа смисла, да ‚се сеќаваш‘ на некој грев значи да преземеш нешто против оној што згрешил (Осија 9:9). Но, кога Бог вели „нема да се сеќавам на нивниот грев“, нѐ уверува дека, штом им простил на грешниците што се каат, никогаш повеќе нема да преземе нешто против нив поради тие гревови (Езекиел 18:21, 22). Значи, Јехова заборава во таа смисла што не се навраќа на нашите гревови за постојано да нѐ обвинува и да нѐ казнува. Зарем не е утешно да се знае дека нашиот Бог простува и заборава?
Што е со последиците од нашите гревови?
18. Дали тоа што на еден грешник му е простено значи дека ќе биде поштеден од сите последици од својот грев? Објасни.
18 Дали тоа што Јехова е спремен да прости значи дека оној што се кае ќе биде поштеден од сите последици од својот грев? Воопшто не. Не можеме да грешиме неказнето. Павле напишал: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Можеби ќе се соочиме со извесни последици од нашите постапки. Тоа не значи дека Јехова ни враќа за гревот и покрај тоа што ни простил. Кога ќе се појават проблеми, еден христијанин не треба да мисли: ‚Можеби Јехова ме казнува за гревовите‘ (Јаков 1:13). Од друга страна, Јехова нема да нѐ поштеди од сите последици од нашите неисправни постапки. Некои од жалните неизбежни последици од гревот може да бидат разводот, несаканата бременост, сексуално преносливите болести и изгубената доверба или почит. Сети се дека, иако Јехова му простил на Давид за она што го направил со Витсавеа и Урија, не го заштитил од тешките последици од гревот (2. Самоилова 12:9-12).
19-21. а) На кој начин законот запишан во 3. Мојсеева 6:1-7 бил во прилог и на оштетениот и на престапникот? б) Што очекува Јехова да направиме ако некој претрпел штета од некоја наша постапка?
19 Нашите гревови можат да имаат и други последици, особено ако некој претрпел штета од она што сме го направиле. На пример, да го спомнеме извештајот од 3. Мојсеева, 6. поглавје. Во овој дел од Мојсеевиот закон се зборува за случај кога некој човек прави тежок грев со тоа што присвојува нешто туѓо со крадење, изнудување или измама. Грешникот не признава дека е виновен. Толку е дрзок што дури и лажно се колне. Настанува ситуација кога двајца луѓе даваат спротивни изјави. Меѓутоа, подоцна престапникот почнува да го пече совеста и го признава својот грев. За да добие простување од Бог, мора да направи три работи — да го врати она што го зел, да му плати на оштетениот парична казна во висина од една петтина од вредноста на она што го украл и да принесе овен како жртва за вина. Законот потоа пропишувал: „Свештеникот нека изврши за него обред на очистување пред Јехова, и ќе му биде простено“ (3. Мојсеева 6:1-7).
20 Од овој закон се гледа колку е милостив Јехова. Законот бил во прилог на оштетениот затоа што тој повторно го добивал она што му било украдено, а без сомнение чувствувал и големо олеснување кога престапникот ќе го признаел гревот. Во исто време, законот бил во прилог и на грешникот, кого совеста сепак го наведувала да си ја признае вината и да ја исправи својата грешка. Ако не го направел тоа, Бог немало да му прости.
21 Иако ние не сме под Мојсеевиот закон, тој ни помага да видиме како размислува Јехова, меѓу другото и каков став има кон простувањето (Колошаните 2:13, 14). Ако со нашите гревови сме повредиле некого, Бог се радува кога правиме сѐ што можеме за да ја поправиме штетата (Матеј 5:23, 24). Тоа можеби ќе значи да кажеме за нашиот грев, да ја признаеме вината и да му се извиниме на оној кому сме му згрешиле. Потоа ќе можеме да му се молиме на Јехова на темел на Исусовата жртва и да бидеме сигурни дека Бог ни простил (Евреите 10:21, 22).
22. Што друго прави Јехова освен што простува?
22 Како и секој родител што си ги сака децата, Јехова може да нѐ укори до одредена мера, иако ни простил (Изреки 3:11, 12). Христијанинот што се кае можеби ќе треба да престане да служи како старешина, слуга-помошник или полновремен проповедник. Можеби ќе му биде тешко што извесно време ќе мора да престане да ги врши задачите што многу ги ценел. Сепак, тоа не значи дека Јехова не му простил. Не смееме да заборавиме дека Јехова нѐ кара затоа што нѐ сака. За наше добро е да ги прифатиме и да ги примениме опомените што доаѓаат од него (Евреите 12:5-11).
23. а) Зошто никогаш не треба да мислиме дека Јехова ќе престане да покажува милост кон нас? б) Зошто треба да простуваме како Јехова?
23 Колку е убаво да се знае дека нашиот Бог е ‚спремен да прости‘! И покрај тоа што правиме грешки, никогаш не треба да заклучиме дека Јехова ќе престане да покажува милост кон нас. Ако вистински се покаеме, ако се потрудиме да ја поправиме грешката и ако искрено се молиме да ни бидат простени гревовите на темел на Исусовата пролеана крв, можеме да имаме целосна доверба дека Јехова ќе ни прости (1. Јованово 1:9). И ние треба да им простуваме на другите како што простува тој. Ако Јехова, кој никогаш не греши, може со толку љубов да ни прости нам, зар не треба и ние, како грешни луѓе, да си простуваме едни на други?
a Хебрејскиот збор што во Псалм 103:14 е преведен со „нашата градба“ се користи и во врска со глинените садови што ги обликува еден грнчар (Исаија 29:16).
b Еден изучувач вели дека скерлетната „била трајна, односно постојана боја. Не ја отстранувале ниту росата, ниту дождот, ниту перењето, ниту долгото користење“.