Јехова нѐ учи да ги броиме нашите денови
„Научи нѐ да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце“ (ПСАЛМ 90:12).
1. Зошто е соодветно да бараме Јехова да нѐ научи „да ги броиме нашите дни“?
ЈЕХОВА БОГ е нашиот Творец и Животодавец (Псалм 36:9; Откровение 4:11). Според тоа, никој друг не би можел да биде во подобра положба да нѐ научи да ги користиме годините од нашиот живот на мудар начин. Така, соодветно е тоа што псалмистот му се молел на Бог: „Научи нѐ да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце“ (Псалм 90:12). Псалм 90, каде што се наоѓа таа молба, сигурно го заслужува нашето грижливо внимание. Но, најпрвин, да направиме краток преглед на оваа божествено инспирирана песна.
2. а) Кој е именуван како композитор на Псалм 90, и кога можеби е напишан? б) Како треба Псалм 90 да влијае врз нашето гледиште за животот?
2 Натписот на Псалм 90 ја нарекува „молитва на Мојсеј, Божји човек“. Со оглед на тоа што овој псалм ја нагласува минливоста на човечкиот живот, веројатно бил компониран откако Израелците биле избавени од египетското ропство и во текот на нивното 40-годишно патување низ пустелијата, кога со смртта на илјадници луѓе бил ставен крај на една неверна генерација (Броеви 32:9-13). Во секој случај, Псалм 90 покажува дека животот на несовршените луѓе е краток. Тогаш, јасно е дека треба мудро да ги користиме нашите скапоцени денови.
3. Која е основната содржина на Псалм 90?
3 Во Псалм 90, стихови 1 до 6 го идентификуваат Јехова како наше вечно засолниште. Стихови 7 до 12 покажуваат што ни е потребно за да ги искористиме краткотрајните години на животот на начин што му е прифатлив нему. И, како што е изразено во стихови 13 до 17, ние имаме горлива желба да ја добиеме Јеховината срдечна љубезност и благослов. Се разбира, овој псалм не ги претскажува нашите поединечни искуства како Јеховини слуги. Сепак, лично треба да ги земеме при срце чувствата што се изразени во него во вид на молитва. Затоа, да го разгледаме одблизу Псалм 90 низ очите на оние што му се предадени на Бог.
Јехова — наше „засолниште“
4-6. На кој начин ни е Јехова „засолниште“?
4 Псалмистот започнува со зборовите: „Господи, Ти ни беше засолниште од род до род. Пред да се родат планините, пред да суштествуваат [да се родат со породилни болки, NW] копното и земскиот круг, од век до век, Боже, Ти си!“ (Псалм 90:1, 2).
5 За нас, „вечниот Бог“, Јехова, е „засолниште“ — и тоа духовно засолниште (Римјаните 16:26). Се чувствуваме сигурни зашто тој секогаш е спремен да ни помогне како ‚Слушач на молитвите‘ (Псалм 65:2). Затоа што ги фрламе нашите тегобни грижи врз нашиот небесен Татко преку неговиот љубен Син, ‚мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ги чува нашите срца и нашите умствени сили‘ (Филипјаните 4:6, 7; Матеј 6:9; Јован 14:6, 14).
6 Ние уживаме духовна сигурност бидејќи, во фигуративна смисла, Јехова ни е „засолниште“. Исто така, тој обезбедува и „соби“ — веројатно во тесна поврзаност со собранијата на неговиот народ — како духовни пристаништа, каде што љубезните пастири во голема мера придонесуваат за нашето чувство на сигурност (Исаија 26:20; 32:1, 2; Дела 20:28, 29). Освен тоа, некои од нас се од семејства што имаат долга историја во службата на Бог и лично увиделе дека тој е „засолниште од род до род“.
7. Во која смисла биле ‚родени‘ планините и како била родена Земјата како со „породилни болки“?
7 Јехова постоел уште пред да се „родат“ планините или пред Земјата да се роди како со „породилни болки“. Од човечка гледна точка, бил потребен голем напор за да биде создадена Земјата со сите нејзини карактеристики, хемиски процеси и сложени механизми. А со зборовите дека планините биле ‚родени‘ и дека Земјата била родена како со „породилни болки“, псалмистот покажува голема почит кон целата работа што била вклучена кога Јехова ги создавал. Зарем не треба ние да имаме слична почит и ценење кон ракотворбите на Творецот?
Јехова е тука секогаш кога ни треба
8. Што се мисли со изјавата дека Јехова е Бог „од век до век“?
8 „Од век до век, Боже, Ти си“, пеел псалмистот. „Од век до век“ може да укажува на работите што имаат крај, но чие времетраење не е специфично наведено (Излез 31:16, 17; Евреите 9:15). Но, во Псалм 90:2 и на други места во Хебрејските списи, „од век до век“ значи „вечно“ (Проповедник 1:4). Нашите умови не можат да сфатат како е можно Бог да постоел отсекогаш. Сепак, Јехова немал почеток и нема да има ни крај (Хабакук 1:12, NW). Тој секогаш ќе биде жив и спремен да ни помогне.
9. Со што изедначил псалмистот илјада години човечко постоење?
9 Псалмистот бил инспириран да изедначи илјада години човечко постоење со многу краток временски период во искуството на вечниот Творец. Обраќајќи му се на Бог, тој напишал: „Смртниците ги враќаш во прав и велиш: ‚Вратете се, човечки чеда!‘ Зашто илјада години во Твоите очи се: како вчерашниот ден што помина и како ноќната стража“ (Псалм 90:3, 4).
10. Како Бог ‚го враќа во прав‘ човекот?
10 Човекот е смртен, и Бог го ‚враќа во прав‘. Тоа значи дека човекот се враќа „во прав“, како кога ќе се смачка земја или ќе се претвори во прав. Всушност, Јехова вели: ‚Вратете се во правот од кој сте направени‘ (Битие 2:7; 3:19). Ова важи за сите — јаки или слаби, богати или сиромашни — зашто ниеден несовршен човек ‚не може никако да го откупи брата си, ниту да му даде на Бога откупнина, за да може да живее довека‘ (Псалм 49:6-9). Но, колку сме само благодарни што ‚Бог го дал својот единороден Син за секој што практикува вера во него да има вечен живот‘! (Јован 3:16; Римјаните 6:23).
11. Зошто можеме да кажеме дека она што за нас е долго време, за Бог е многу кратко?
11 Од Јеховина гледна точка, дури и 969-годишниот Матусал живеел помалку од еден ден (Битие 5:27). За Бог илјада години се како вчерашен ден — период од само 24 часа — кога ќе помине. Исто така, псалмистот забележува дека илјада години се за Бог како четиричасовна стража во еден логор во текот на ноќта (Судии 7:19). Значи јасно е дека она што за нас е долго време, за вечниот Бог Јехова е многу кратко.
12. На кој начин ‚ги збришува‘ Бог луѓето?
12 За разлика од вечното постоење на Бог, сегашниот човечки живот е навистина краток. Псалмистот вели: „Ги растеруваш [збришуваш, NW] како утрински сон, тие се како трева, што се зеленее: наутро цвета и сета се зеленее, а навечер се суши и вене“ (Псалм 90:5, 6). Мојсеј видел како во пустелијата умреле илјадници Израелци, ‚збришани‘ од Бог како во потоп. Овој дел од псалмот е преведен: „Ги збришуваш луѓето во смртен сон“ (New International Version). Од друга страна, пак, животниот век на несовршените луѓе е ‚како сон‘ со кратко времетраење — што може да се спореди со спиење во само една ноќ.
13. На кој начин сме ‚како трева што се зеленее‘, и како треба ова да влијае врз нашето размислување?
13 Ние сме ‚како трева што наутро цвета и сета се зеленее‘, но до вечерта овенува под силната жештина на сонцето. Да, нашиот живот е минлив како тревата што венее за само еден ден. Затоа, да не ја трошиме залудно оваа скапоценост. Напротив, треба да бараме Божје водство за тоа како да ги користиме годините што ни преостануваат во овој систем на работи.
Јехова ни помага „да ги броиме нашите дни“
14, 15. Какво исполнување имал Псалм 90:7-9 врз Израелците?
14 Што се однесува до Бог, псалмистот додава: „Навистина, Твојот гнев нѐ подјадува [нѐ докрајчи, NW] и нѐ збунува [нѐ вознемирува, NW] Твојата лутина. Нашите гревови ги стави пред Твоите очи, нашите потајни беззаконија во светлината на Твоето лице. Зашто сите наши денови минаа со Твој гнев, како воздишка ги завршивме своите години“ (Псалм 90:7-9).
15 Неверните Израелци ‚биле докрајчени од Божјиот гнев‘. Тие биле ‚вознемирени од неговата лутина‘ или биле ‚во ужас од неговиот гнев‘ (д-р Иван Грозданов). Некои биле „соборени во пустелијата“ како резултат на божествените судови (1. Коринќаните 10:5). Јехова ‚ги ставил пред себе нивните гревови‘. Ги повикал на одговорност заради нивните јавни престапи, но дури и нивните „потајни беззаконија“, односно скриени гревови, биле ‚пред светлината на неговото лице‘ (Пословици 15:3). Како предмет на Божјиот бес, непокајничките Израелци ‚ги завршиле своите години како воздишка‘. Всушност, самиот наш краток животен век е како здив што излегува низ нашите усни, како една обична воздишка.
16. Ако некои тајно практикуваат грев, што треба да сторат?
16 Ако некој од нас тајно практикува грев, таквото однесување би можел некое време да го скрие од другите луѓе. Но, нашето притаено престапување ќе биде ‚пред светлината на Јеховиното лице‘, и нашите постапки ќе ни го нарушат односот со него. За повторно да стекнеме присност со Јехова, треба да се молиме за негово простување, да ги оставиме престапите и благодарно да ја прифатиме духовната помош од христијанските старешини (Пословици 28:13; Јаков 5:14, 15). Колку само ќе биде подобро тоа отколку можеби ‚да ги завршиме годините како воздишка‘, при што ќе биде загрозена нашата надеж за вечен живот!
17. Општо земено, колкав животен век е типичен за луѓето и со што се исполнети нашите години?
17 Во врска со животниот век на несовршените луѓе, псалмистот вели: „Збирот на нашиот живот е седумдесет години, ако сме силни, и осумдесет; а повеќето од нив се мака и ништожност: зашто минуваат брзо, и ние летаме оттука“ (Псалм 90:10). Животен век од 70 години, општо земено, е типичен за луѓето и на 85-годишна возраст Халев зборувал за својата необична сила. Имало и исклучоци, како што биле Арон (123), Мојсеј (120) и Исус Навин (110) (Броеви 33:39; Второзаконие 34:7; Исус Навин 14:6, 10, 11; 24:29). Но, од неверната генерација што излегла од Египет, запишаните на возраст од 20 години па нагоре умреле во периодот од 40 години (Броеви 14:29-34). Денес, во многу земји вообичаениот човечки животен век останува во рамките на она што го кажал псалмистот. Нашите години се исполнети со „мака и ништожност“. Тие минуваат брзо, „а ние летаме оттука“ (Јов 14:1, 2).
18, 19. а) Што значи да „ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце“? б) На што ќе нѐ поттикне ако практикуваме мудрост?
18 Во продолжение, псалмистот пеел: „Кој ќе ја мери жестокоста на Твојот гнев? Кој ќе проникне во Твојата лутина? Научи нѐ да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце“ (Псалм 90:11, 12). Никој од нас не ја познава во целост жестокоста на Божјиот гнев или колкава е неговата лутина, и ова треба да го зголеми нашиот побожен страв од Јехова. Всушност, треба да нѐ мотивира да бараме од Бог ‚да нѐ научи да ги броиме нашите дни, да придобиеме мудро срце‘.
19 Зборовите на псалмистот се молитва Јехова да го поучи својот народ како да практикува мудрост додека ги оценува и користи деновите што му преостануваат на начин што Бог го одобрува. Еден животен век од 70 години нуди надеж од околу 25.500 денови. Но, без оглед на нашата возраст, ‚ние не знаеме каков ќе ни биде животот утре. Зашто ние сме магла која за кратко се појавува, а потоа исчезнува‘ (Јаков 4:13-15). Со оглед на тоа што ‚времето и непредвидениот настан нѐ снаоѓаат сите нас‘ (NW), не можеме да кажеме уште колку време ќе живееме. Затоа, да се молиме за мудрост да се справиме со искушенијата, исправно да постапуваме со другите и да го сториме најдоброто што можеме во Јеховината служба токму сега — денес! (Проповедник 9:11; Јаков 1:5-8). Јехова нѐ води преку својата Реч, својот дух и својата организација (Матеј 24:45-47; 1. Коринќаните 2:10; 2. Тимотеј 3:16, 17). Практикувањето мудрост нѐ поттикнува да ‚го бараме најнапред Божјето царство‘ и да ги користиме нашите денови на начин што му донесува слава на Јехова и го радува неговото срце (Матеј 6:25-33; Пословици 27:11). Се разбира, тоа што го обожаваме со цело срце нема да ни ги отстрани сите проблеми, но сигурно ќе ни донесе голема радост.
Јеховиниот благослов ни донесува радост
20. а) На кој начин Бог ‚жали‘? б) На кој начин постапува Јехова со нас ако сериозно згрешиме, но покажуваме вистинско каење?
20 Колку само ќе биде прекрасно да можеме да се радуваме низ преостанатиот дел од нашиот живот! Во тој поглед Мојсеј моли: „Врати се при нас, Господи! Па до кога? Биди им милостив [Сожали се, NW] на Своите слуги! Насити нѐ наутро, со Својата милост [лојална љубов, NW; фуснота], за да се радуваме и да се веселиме во сите наши дни!“ (Псалм 90:13, 14). Бог не прави грешки. Сепак, тој ‚жали‘ и ‚се одвраќа‘ од својот гнев и од одмерувањето казна кога неговото предупредување дека ќе преземе таква акција предизвикува промена во ставот и однесувањето кај покајничките грешници (Второзаконие 13:17). Затоа, макар и сериозно да сме згрешиле, ако покажуваме вистинско каење, Јехова ќе ‚нѐ насити со својата милост‘ и ќе имаме причина ‚да се радуваме‘ (Псалм 32:1-5). И, одејќи по праведен пат, ќе ја осетиме Божјата лојална љубов кон нас и ќе можеме да „се веселиме во сите наши дни“ — да, во преостанатиот живот.
21. Што можеби барал Мојсеј со зборовите запишани во Псалм 90:15, 16?
21 Псалмистот горливо се моли: „Зарадувај нѐ за дните кога нѐ бичуваше, за годините кога страдавме многу! Нека се покаже Твоето дело врз Твоите слуги и Твојата слава врз нивните деца“ (Псалм 90:15, 16). Можеби Мојсеј барал Бог да го благослови Израел со радување кое одговарало на, или траело колку деновите на нивните маки и годините во кои доживувале несреќа. Барал Божјето „дело“ на благослов врз Израелците да стане видливо за Неговите слуги и Неговата слава да се види на нивните синови, односно на потомството. Ние можеме соодветно да се молиме да се излеат благослови врз послушното човештво во Божјиот ветен нов свет (2. Петрово 3:13).
22. Според Псалм 90:17, за што можеме со право да се молиме?
22 Псалм 90 завршува со оваа молба: „Нека биде над нас добрината на Господа, нашиот Бог; дај ни да успее делото на нашите раце; нека успее делото на нашите раце“ (Псалм 90:17). Овие зборови покажуваат дека можеме со право да го молиме Бог да ги благословува нашите напори во неговата служба. Како помазани христијани или како нивни придружници, „други овци“, се радуваме што „добрината на Господа“ почива врз нас (Јован 10:16). Колку сме само среќни што Бог направил да „успее делото на нашите раце“ како објавители на Царството и на други начини!
Да ги броиме и понатаму нашите денови
23, 24. Како можеме да извлечеме корист од медитирањето за 90. Псалм?
23 Медитирањето за 90. Псалм треба да ја зголеми нашата зависност од Јехова, нашето „засолниште“. Размислувајќи за неговите зборови во врска со тоа колку е краток животот, треба да бидеме уште посвесни дека за да ги броиме нашите денови, потребно ни е божествено водство. А ако истраеме во барањето и практикувањето побожна мудрост, сигурно ќе ја добиеме Јеховината срдечна љубезност и благослов.
24 Јехова и понатаму ќе нѐ учи да ги броиме нашите денови. А ако се препуштиме на неговата поука, ќе можеме и понатаму да ги броиме нашите денови во сета вечност (Јован 17:3). Меѓутоа, ако сакаме да го задржиме изгледот за вечен живот, Јехова мора да ни биде засолниште (Јуда 20, 21). Како што ќе видиме во следната статија, оваа точка ќе е кристално разјаснета во охрабрувачките зборови од 91. Псалм.
Како би одговорил?
• На кој начин ни е Јехова „засолниште“?
• Зошто можеме да кажеме дека Јехова е секогаш спремен да ни помогне?
• Како ни помага Јехова да „ги броиме нашите дни“?
• Што ни овозможува да „се веселиме во сите наши дни“?
[Слика на страница 10]
Јехова бил Бог уште „пред да се родат планините“
[Слика на страница 12]
Од Јеховина гледна точка, 969-годишниот Матусал живеел помалку од еден ден
[Слики на страница 14]
Јехова направил да „успее делото на нашите раце“