Избавени од замките на птичарот
„[Јехова] ќе те избави од замката на птичарот“ (ПСАЛМ 91:3).
1. Кој е „птичарот“, и зошто е опасен?
НА СИТЕ вистински христијани им се заканува опасност од еден грабливец кој поседува натчовечка интелигенција и лукавост. Во Псалм 91:3, овој грабливец е наречен „птичарот“. Кој е тој непријател? Уште во Стражарска кула од 1 јуни 1883 год. (англ.) беше кажано дека тој не е никој друг освен Сатана Ѓаволот. Овој страшен непријател лукаво се обидува да ги заведе и да ги улови во замка Јеховините слуги, исто како што еден птичар ѝ поставува стапица на некоја птица.
2. Зошто Сатана е спореден со птичар?
2 Во старо време, луѓето ги ловеле птиците затоа што убаво пеат и имаат шарени перја, но исто така им служеле за храна или ги принесувале за жртва. Меѓутоа, птиците по природа се претпазливи и плашливи суштества кои многу тешко се ловат. Затоа, во библиски времиња птичарот најпрво морал да ги проучи особеностите и навиките на видот на птици што сакал да го улови. Дури потоа смислувал лукави методи за да ги фати во замка. Библијата го споредува Сатана со птичар за да ни помогне да разбереме какви методи користи тој. Ѓаволот го набљудува секого од нас. Ги набљудува нашите навики и особености и ни поставува скриени замки за да нѐ фати живи (2. Тимотеј 2:26). Ако успее во тоа, ќе го расипе нашиот однос со Бог и ова на крај може да нѐ уништи. Затоа, ако сакаме да се заштитиме од „птичарот“, неопходно е да се запознаеме со разните тактики што ги користи тој.
3, 4. Во која смисла Сатана напаѓа како лав, но и како кобра?
3 Користејќи сликовити описи, псалмистот ги споредува тактиките на Сатана со тактиките на еден млад лав или една кобра (Псалм 91:13). Исто како лав, Сатана понекогаш го напаѓа Јеховиниот народ директно и отворено, служејќи се со законот или со прогонство (Псалм 94:20). Со ваквите напади можеби и успева да одврати некого од Јехова. Меѓутоа, во повеќето случаи, овие директни напади имаат спротивен ефект бидејќи во тие ситуации Божјите слуги уште повеќе се зближуваат. Но, на кој начин Сатана напаѓа лукаво како кобра?
4 Ѓаволот ја користи својата натчовечка интелигенција за да нападне лукаво и смртоносно како што напаѓа отровна змија од скришно место. На овој начин, тој успеал да го затруе умот на некои Божји слуги и да ги намами да ја вршат неговата волја наместо Јеховината, и ова имало страшни последици. За среќа, намерите на Сатана не ни се непознати (2. Коринќаните 2:11). Да разгледаме четири смртоносни замки што ги користи овој „птичар“.
Стравот од човек
5. Зошто ‚стравот од човек‘ е толку ефикасна замка?
5 „Птичарот“ многу добро знае дека секој човек има нормална желба да биде прифатен и сакан од другите. Се разбира, и на христијаните не им е сосема сеедно што мислат и што чувствуваат луѓето околу нив. Бидејќи го знае ова, Ѓаволот сака да го искористи тоа што ни е важно како другите гледаат на нас. На пример, тој успеал да исфрли некои Божји слуги од рамнотежа користејќи го како замка ‚стравот од човек‘ (Изреки 29:25). Ако ваквиот страв наведе некој Божји слуга да го прави заедно со другите она што Јехова го забранува или да не го прави она што Божјата реч му го заповеда, тој се фатил во замката на „птичарот“ (Езекиел 33:8; Јаков 4:17).
6. Кој пример ни покажува како може еден млад човек да падне во некоја замка што ја поставил „птичарот“?
6 На пример, еден млад човек може да попушти на притисокот од соучениците и да запали цигара. Кога тргнал на училиште тој ден, веројатно ни на крај памет не му паѓало да пуши! Сепак, наскоро се фаќа како прави нешто со кое си штети на здравјето, а воедно и го лути Бог (2. Коринќаните 7:1). Како бил наведен да се излаже и да направи такво нешто? Можеби се нашол во лошо друштво на некои свои врсници и се исплашил да не му се смеат. Млади, не дозволувајте му на „птичарот“ да ве намами и да ве фати во стапица! За да не ве фати живи, гледајте да не направите дури ни најмал компромис! Послушајте го библиското предупредување и тргнете се од лошото друштво (1. Коринќаните 15:33).
7. Како Сатана може да наведе некои родители да ја изгубат својата духовна рамнотежа?
7 Совесните христијански родители сериозно ја сфаќаат својата библиска одговорност материјално да ги издржуваат своите семејства (1. Тимотеј 5:8). Сепак, Сатана сака да ги натера христијаните да станат неурамнотежени во овој поглед. Можеби на некој му станува навика да испушта состаноци затоа што не сака да го одбие шефот или газдата кога тие ќе побараат од него да работи прекувремено. Други, пак, можеби се плашат да побараат слободни денови за да присуствуваат на целата програма на некој обласен конгрес каде што го обожаваат Јехова заедно со своите браќа. За да не паднеме во оваа замка, треба да ‚имаме доверба во Јехова‘ (Изреки 3:5, 6). Освен тоа, ќе останеме урамнотежени ако не изгубиме од вид дека сите сме членови на Јеховиното домаќинство и дека тој ветил дека ќе се грижи за нас. Родители, дали имате вера дека Јехова ќе најде начин да се грижи за вас и вашето семејство сѐ додека ја вршите неговата волја? Или ќе му дозволите на Ѓаволот да ве фати живи и да ве натера да ја вршите неговата волја затоа што се плашите од човек? Ве молиме, добро размислите во молитва за овие прашања.
Материјализмот како замка
8. На кој начин Сатана го користи материјализмот како замка?
8 Сатана го користи и материјализмот за да нѐ фати во стапица. Трговскиот систем на овој свет честопати нуди зделки кои ветуваат брза заработка и некои Божји слуги лесно се залетале по нив. Понекогаш, некој можеби ќе ни рече: „Мора многу да работиш. А потоа, кога добро ќе се обезбедиш, ќе можеш да здивнеш и да уживаш во животот. Тогаш ќе можеш бидеш дури и пионер“. Ваков неурамнотежен совет би можел да даде и некој христијанин кој сака да ги искористи браќата и сестрите од христијанското собрание за своја финансиска добивка. Добро размисли за ваквиот совет. Зарем во него не го препознаваш размислувањето на ‚безумниот‘ богат човек од една споредба што ја дал Исус? (Лука 12:16-21).
9. Зошто некои христијани може да паднат во замка затоа што посакуваат да поседуваат материјални работи?
9 Сатана го раководи својот зол свет на таков начин што ги наведува луѓето да посакуваат да имаат материјални работи. Таа желба на крајот може толку да се вовлече во животот на еден христијанин, што ќе ја задуши речта и ‚таа ќе остане без плод‘ (Марко 4:19). Библијата нѐ советува да бидеме задоволни ако имаме храна, облека и покрив над главата (1. Тимотеј 6:8). Сепак, мнозина паѓаат во замката на „птичарот“ затоа што си мислат дека овој совет не важи за нив. Можно ли е гордоста да ги тера да мислат дека мора да живеат на висока нога? А како стојат работите со тебе? Дали можеби желбата да поседуваш некои материјални работи го истиснува обожавањето на вистинскиот Бог на второ место? (Агеј 1:2-8). За жал, кога настапила економска криза, некои ја жртвувале духовноста за да можат и понатаму да го задржат високиот животен стандард на кој биле навикнати. „Птичарот“ многу се радува кога ќе забележи дека некој има таков материјалистички став!
Расипаната забава — уште една замка
10. Во која работа треба да се преиспита секој христијанин?
10 „Птичарот“ користи уште една тактика — тој сака да го расипе кај луѓето вроденото чувство за тоа што е добро а што лошо. Поголемиот дел од светот на забавата е под огромно влијание на еден став што бил раширен во Содом и Гомор. Дури и на вестите на телевизија или во дневниот печат ударните новости се поврзани со насилство или со секс-скандали. Повеќето од работите кои се достапни преку медиумите под етикетата „забава“ ја замаглуваат способноста на луѓето ‚да разликуваат добро и зло‘ (Евреите 5:14). Но, сети се на зборовите што ги кажал Јехова преку пророкот Исаија: „Тешко на оние што доброто го нарекуваат зло, а злото добро“ (Исаија 5:20). Дали можеби „птичарот“ подмолно влијае со таква расипана забава и врз твоето размислување? Неопходно е добро да се преиспитаме (2. Коринќаните 13:5).
11. Какво предупредување во врска со телевизиските сапуници беше дадено во ова списание?
11 Пред речиси 25 години, Стражарска кула љубезно ги предупреди слугите на вистинскиот Бог да бидат претпазливи во врска со телевизиските серии.a Во однос на подмолното влијание на популарните таканаречени сапунски опери, или сапуници, беше дадена следнава изјава: „Потрагата по љубов се користи како изговор за да се оправда секоја постапка. На пример, една немажена бремена девојка ѝ вели на својата пријателка: ‚Но, јас го сакам Виктор. Ништо друго не ме интересира... Најважно ми е да имам дете со него!‘ Пријатната музика што се слуша во заднина им отежнува на гледачите да сфатат дека девојката, всушност, направила неморал. И тебе ти се допаѓа Виктор. Сочувствуваш со девојката. Ти ‚ја разбираш‘. ‚Просто неверојатно е како можеш да најдеш оправдание за своето размислување‘, изјавила една ТВ-гледачка која подоцна станала свесна за лошото влијание на овие серии. ‚Знаеме дека неморалот е лош... Но, сфатив дека во мислите јас, всушност, го одобрував‘“.
12. Кои факти покажуваат дека предупредувањето што беше дадено во врска со некои ТВ-серии важи и денес?
12 Од времето кога излегоа овие статии, почнаа сѐ почесто да се прикажуваат вакви серии кои имаат расипувачко влијание врз гледачите. Во многу земји има канали на кои се емитуваат сапуници 24 часа на ден. Мажи, жени и многу тинејџери постојано си ги хранат умот и срцето со ваква забава. Но, ние не смееме да се залажуваме. Погрешно е да мислиме дека расипаната забава не е ништо полоша од она што може да се види во секојдневниот живот. Може ли еден христијанин навистина да најде изговор за тоа што самиот избрал да го забавуваат луѓе кои ни на сон не би ги поканил во својот дом?
13, 14. Што напишале некои за тоа како им помогнале советите во врска со ТВ-сериите?
13 Мнозина го послушале ова предупредување од „верниот и разборит роб“ и тоа навистина им помогнало (Матеј 24:45-47). Откако ги прочитале отворените библиски совети, некои испратиле писма до издавачите на Стражарска кула во кои напишале како тие статии влијаеле врз нив.b Една читателка признала: „Цели 13 години бев зависна од сапуници. Мислев дека нема да ми пречат на духовноста бидејќи присуствував на христијанските состаноци и одвреме-навреме одев во служба. Но, постепено го прифатив световниот став од сапуниците дека, ако маж ти не е добар со тебе или чувствуваш дека не те сака, тогаш прељубата е оправдана — сопругот сам си е виновен за тоа. И, кога си најдов ‚оправдание‘, направив прељуба и им згрешив и на Јехова и на мојот маж“. Оваа жена била исклучена од собранието. Со текот на времето ја увидела својата грешка, се покајала и повторно била примена. Статиите во кои беше дадено предупредување во врска со ТВ-сапуниците ѝ дале сила да престане да се разонодува со работи што Јехова ги мрази (Амос 5:14, 15).
14 Една друга читателка, која имала сличен проблем со овие серии, рекла: „Плачев кога ги прочитав тие статии бидејќи сфатив дека не му служам на Јехова со цело срце. Му ветив на Бог дека повеќе нема да им бидам роб на овие серии“. Откако се заблагодарила за статиите, една христијанка признала дека и таа била зависна од ТВ-сапуници, и напишала: „Се прашував... дали тие можат да влијаат врз моето пријателство со Јехова. Како можев да ги имам тие личности за пријатели и во исто време да му бидам пријател и на Јехова?“ Ако ваквите ТВ-серии имале расипувачко влијание врз срцата на гледачите пред 25 години, можеш ли да замислиш во која мера може да влијаат штетно денес? (2. Тимотеј 3:13). Мора да бидеме свесни дека една од замките што ни ги поставува Сатана е штетната забава во сите нејзини облици, сеедно дали се работи за сапунски опери, насилни видеоигри или неморални музички спотови.
И меѓусебните несогласувања се замка
15. Како некои се фатени живи од Ѓаволот?
15 Сатана ги користи и меѓусебните несогласувања како замка за да предизвика поделби меѓу Јеховиниот народ. Може да ни се случи да паднеме во оваа стапица независно од тоа каква посебна служба вршиме. Некои се фатени живи од Ѓаволот бидејќи дозволуваат нивните меѓусебни несогласувања да ги нарушат мирот, единството и прекрасната духовна благосостојба што ни ја дава Јехова (Псалм 133:1-3).
16. Како Сатана лукаво се обидува да ни го наруши единството?
16 Во Првата светска војна, Сатана се обиде да ја уништи Јеховината организација на Земјата служејќи се со директен напад, но не успеа во тоа (Откровение 11:7-13). Оттогаш наваму, тој лукаво се труди да го наруши нашето единство. Кога дозволуваме личните несогласувања да ни го нарушат единството, ние му помагаме на „птичарот“ да нѐ фати во стапица. На тој начин можеме да го спречиме светиот дух слободно да дејствува во нашиот живот и во нашето собрание. Ако се случи вакво нешто, Сатана ќе биде пресреќен бидејќи секое нарушување на мирот и единството во собранието лошо се одразува врз проповедничкото дело (Ефешаните 4:27, 30-32).
17. Што ќе помогне да се средат меѓусебните несогласувања?
17 Што можеш да сториш ако имаш несогласувања со некој сохристијанин? Мора да признаеме дека секоја ситуација е посебна. Сепак, иако има многу причини што можат да водат до проблеми, нема ниту една причина зошто меѓусебните несогласувања не би можеле да се средат (Матеј 5:23, 24; 18:15-17). Советите во Библијата се дадени директно од Бог и тие се совршени. Ако библиските начела се применуваат во пракса, секогаш ќе има добри резултати — и тоа без промашување!
18. Како тоа што ќе се угледаме на Јехова ќе ни помогне да ги средиме меѓусебните несогласувања?
18 Јехова е ‚спремен да прости‘ и тој ‚вистински простува‘ (Псалм 86:5; 130:4). Ние покажуваме дека сме Божји љубени деца кога се угледуваме на него (Ефешаните 5:1). Сите сме грешници и имаме очајна потреба Јехова да ни прости. Затоа, мора да обрнеме внимание ако забележиме дека не сме спремни да му простиме некому. Би можеле да станеме како робот од споредбата на Исус што одбил да му прости на еден друг роб далеку помал долг од оној што неговиот господар веќе му го простил нему. Кога чул за тоа, господарот наредил да биде фрлен в затвор безмилосниот роб што не сакал да прости. Исус ја завршил споредбата со следниве зборови: „Така и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од вас не му прости од срце на својот брат“ (Матеј 18:21-35). Ако длабоко размислуваме за оваа споредба и ако се потсетуваме колку пати Јехова спремно ни простува нам, сигурно ќе ни биде полесно да го средиме кое и да било несогласување што го имаме со нашиот брат! (Псалм 19:14).
На сигурно во „тајното засолниште на Севишниот“
19, 20. Како треба да гледаме на Јеховиното „засолниште“ и на неговата „сенка“ во овие опасни времиња?
19 Живееме во опасни времиња. Да ја немавме заштитата што Јехова со љубов ни ја дава, Сатана сигурно ќе нѐ уништеше сите до еден. Затоа, за да не му дозволиме на „птичарот“ да нѐ фати во своите замки, мора да останеме во симболичното скровиште, ‚да живееме во тајното засолниште на Севишниот, да престојуваме во сенката на Семоќниот‘ (Псалм 91:1).
20 Јехова ни дава потсетувања и упатства за да нѐ заштити, а не за да не ограничи, и ние треба секогаш така да гледаме на нив. Сите се соочуваме со еден грабливец кој поседува натчовечка интелигенција. Без помошта што Јехова со љубов ни ја дава, никој не може да ги избегне Сатановите замки (Псалм 124:7, 8). Затоа, да се молиме Јехова и понатаму да нѐ избавува од замките на „птичарот“! (Матеј 6:13).
[Фусноти]
Се сеќаваш ли?
• Зошто ‚стравот од човек‘ е смртоносна стапица?
• Како Сатана го користи материјализмот за да нѐ фати во замка?
• Како Сатана успеал да фати некои во замка со помош на штетната забава?
• Која стапица ја користи Ѓаволот за да ни го наруши единството?
[Слика на страница 27]
Некои се фатиле во замка затоа што имале „страв од човек“
[Слика на страница 28]
Дали се забавуваш со она што Јехова го мрази?
[Слика на страница 29]
Што можеш да сториш ако имаш несогласување со некој сохристијанин?