Јехова — Бог ‚спремен да прости‘
„Ти, Господи, си добар, кроток и многумилостив [спремен да простиш, НС]“ (ПСАЛМ 85:5).
1. Какво тешко бреме носел цар Давид, и како тој нашол утеха за своето вознемирено срце?
ЦАР ДАВИД од древниот Израел знаел колку тешко може да биде бремето од нечиста совест. Тој напишал: „Беззаконијата мои ја надвишија главата моја, како тешко бреме ме притиснаа. Озлобен сум и прекумерно понизен [здробен, НС]; рикав поради воздишките на срцето Мое“ (Псалм 37:4, 8). Меѓутоа, Давид нашол утеха за своето вознемирено срце. Знаел дека, иако Јехова го мрази гревот, Тој не го мрази грешникот — доколку истиот навистина се кае и го отфрла својот грешен правец (Псалм 31:5; 102:3). Со полна вера во Јеховината волност да им укажува милост на покајниците, Давид рекол: „Ти, о Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Псалм 86:5, НС).
2, 3. а) Кога ќе згрешиме, какво бреме можеме да носиме како последица од тоа, и зошто ова е здраво? б) Каква опасност постои во тоа да се биде ‚проголтан‘ од вина? в) Какво уверување ни дава Библијата во врска со Јеховината волност да прости?
2 Кога ќе згрешиме, и ние би можеле како последица да го носиме здробувачкото бреме на немирна совест. Ова чувство на каење е нормално, дури и здраво. Тоа може да нѐ поттикне да преземеме позитивни чекори за да ги исправиме нашите грешки. Сепак, некои христијани биле надвладеани од вината. Нивното самоосудувачко срце можеби инсистира на тоа дека Бог нема потполно да им прости, сеедно колку се каат. „Ужасно чувство е кога мислиш дека Јехова можеби повеќе не те сака“ — рекла една сестра, размислувајќи за една грешка што ја направила. Дури и откако се покајала и прифатила корисен совет од собраниските старешини, таа продолжила да се чувствува недостојна за Божје простување. Таа објаснува: „Не поминува ни ден а да не го молам Јехова за негово простување“. Ако ‚пропаднеме [бидеме проголтани, НС]‘ од вина, Сатана може да се обиде да нѐ наведе да се предадеме, да се чувствуваме недостојни да му служиме на Јехова (2. Коринтјаните 2:5—7, 11).
3 Но, Јехова воопшто не гледа така на работите! Неговата Реч нѐ уверува дека, кога покажуваме вистинско срдечно каење, Јехова е волен, да, спремен да прости (Изреки 28:13). Затоа, ако Божјето простување некогаш ти се чинело недостижно, она што е потребно можеби е подобро разбирање за тоа зошто и како тој простува.
Зошто Јехова е ‚спремен да прости‘?
4. На што се сеќава Јехова во врска со нашата природа, и како влијае тоа врз начинот на кој тој постапува со нас?
4 Читаме: „Колку е далеку исток од запад, толку ги оддалечил Он од нас нашите беззаконија; како таткото што ги милува синовите, така и Господ ги милува оние, кои се бојат од Него“. Зошто Јехова е расположен да покажува милост? Следниот стих одговара: „Зашто Он го знае нашиот состав [градба, НС], помни дека ние сме земја“ (Псалм 102:12—14). Да, Јехова не заборава дека ние сме суштества од прав, кои се кревки, односно со слабости, како последица од несовршеноста. Изразот дека тој го знае „нашиот состав“, нѐ потсетува на тоа дека Библијата го споредува Јехова со еден грнчар, а нас со садовите што ги обликуваa (Јеремија 18:2—6). Грнчарот ракува со своите глинени садови цврсто а сепак нежно, секогаш свесен за нивната природа. Така и Јехова, Големиот Грнчар, ги ублажува своите постапки со нас во склад со кршливоста на нашата грешна природа. (Спореди 2. Коринтјаните 4:7.)
5. Како книгата Римјаните го опишува силниот стисок на гревот врз нашето паднато тело?
5 Јехова разбира колку моќен е гревот. Писмото го опишува гревот како моќна сила која го има човекот во својот смртен стисок. Колку всушност е силен стисокот на гревот? Во книгата Римјаните, вдахновениот апостол Павле го објаснува ова со сликовити зборови: Ние сме „под грев“, како што се војниците под нивниот заповедник (Римјаните 3:9); тој ‚царувал‘ над човештвото како цар (Римјаните 5:21); тој „живее“, односно „престојува“ (НС) внатре во нас (Римјаните 7:17, 20); неговиот „закон“ постојано работи во нас, всушност, се обидува да го контролира нашиот правец (Римјаните 7:23, 25). Каква само тешка битка имаме за да се спротивставуваме на стисокот на гревот врз нашето паднато тело! (Римјаните 7:21, 24).
6. Како гледа Јехова на оние кои бараат негова милост со покајничко срце?
6 Затоа, нашиот милостив Бог знае дека не ни е можна совршена послушност, без разлика колку нашите срца можеби сакаат да му ја дадат (3. Царства 8:46). Тој со љубов нѐ уверува дека, кога ја бараме неговата татковска милост со покајничко срце, тој ќе ни даде простување. Псалмистот Давид рекол: „Жртвата пред Бога е смирен [скршен, НС] дух; срце понизно и смирено [скршено и здробено, НС] Ти, Боже, не отфрлуваш“ (Псалм 50:17). Јехова нема никогаш да отфрли, односно одбие едно срце кое е скршено и здробено од бремето на вината. Колку само прекрасно тоа ја опишува Јеховината спремност да простува!
7. Зошто не можеме премногу да си дозволуваме поради Божјата милост?
7 Сепак, дали ова значи дека можеме премногу да си дозволуваме поради Божјата милост, користејќи ја нашата грешна природа како оправдување да грешиме? Никако! Јехова не се води само од чувство. Неговата милост има граници. Тој никако нема да им прости на оние кои бесчувствително практикуваат злобен, намерен грев без покајание (Евреите 10:26—31). Од друга страна, кога ќе види срце кое е „скршено и здробено“, тој е ‚спремен да прости‘ (Изреки 17:3). Да разгледаме нешто од експресивниот јазик што е употребен во Библијата за да се опише потполноста на божественото простување.
Колку потполно простува Јехова?
8. Што всушност прави Јехова кога ни ги извинува нашите гревови, и какво влијание треба да има ова врз нас?
8 Покајничкиот цар Давид рекол: „Јас го познав [признав, НС] гревот мој и не го сокрив беззаконието свое, па реков: ‚Ќе ги исповедам на Господа моите престапи,‘ и Ти ми го прости [извини, НС] гревот мој“ (Псалм 31:5). Изразот „извини“ е превод на еден хебрејски збор што во основа значи „да подигне“, „да носи“. Неговата употреба овде означува ‚да одземе вина, грев, престап‘. Според тоа, Јехова ги подигнал Давидовите гревови и, така да се каже, ги однел. (Спореди 3. Мојсеева 16:20—22.) Ова несомнено ги олеснило чувствата на вина што Давид ги носел. (Спореди Псалм 31:3.) И ние можеме да имаме полна доверба во Богот кој им ги извинува гревовите на оние кои бараат негово простување на темел на нивната вера во откупната жртва на Исуса Христа (Матеј 20:28; спореди Исаија 53:12). Оние чии гревови Јехова на тој начин ги подига и однесува, не треба и понатаму да го носат бремето од нечиста совест поради изминатите гревови.
9. Кое е значењето на Исусовите зборови: „Прости ни ги долговите наши“?
9 Исус се осврнал на односот на кредитори и должници за да илустрира како простува Јехова. На пример, Исус нѐ поттикнал да се молиме: „Прости ни ги долговите наши“ (Матеј 6:12). На тој начин, „гревовите“ Исус ги споредил со ‚долгови‘ (Лука 11:4). Кога ќе згрешиме, стануваме „должници“ на Јехова. Грчкиот глагол преведен со „прости“ може да значи „да остави; да се откаже од некој долг со тоа што нема да го бара“. Во извесна смисла, кога Јехова простува, тој го поништува долгот кој инаку би бил ставен на наша сметка. На тој начин, покајничките грешници можат да се утешат. Јехова нема никогаш да бара плаќање за некој долг што тој го поништил! (Псалм 31:1, 2; спореди Матеј 18:23—35).
10, 11. а) Која е идејата изразена со фразата ‚да се очистите‘, што се наоѓа во Дела 3:19? б) Како е илустрирана потполноста на Јеховиното простување?
10 Во Дела 3:19, Библијата користи една друга жива стилска фигура за да го опише Божјето простување: „Покајте се, пак, и обратете се, за да се очистите од гревовите ваши“. Фразата ‚да се очистите‘ е превод на еден грчки глагол кој, кога е употребен метафорично, може да значи „да избрише, да отстрани, да поништи или уништи“. Според некои научници, изразено е сфаќањето за бришење на ракопис. Како било можно тоа? Мастилото што обично се користело во древни времиња се правело од мешавина која вклучувала јагленород, гума и вода. Набргу после работењето со такво мастило, лицето можело да земе влажен сунѓер и да го избрише писмото.
11 Со ова е прикажана една прекрасна слика за потполноста на Јеховиното простување. Кога тој ни ги простува нашите гревови, тоа е како да зема сунѓер и да ги брише. Не треба да се плашиме дека тој ќе ги чува таквите гревови против нас во иднината, бидејќи Библијата открива и нешто друго за Јеховината милост што е навистина извонредно: Кога простува, тој заборава!
„За гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“
12. Кога Библијата вели дека Јехова ги заборава нашите гревови, дали тоа значи дека тој не е во состојба да се сети на нив, и зошто одговараш така?
12 Преку пророкот Јеремија, во врска со оние кои се во новиот завет, Јехова ветил: „Ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“ (Јеремија 31:34). Дали ова значи дека, кога простува, Јехова повеќе не е во состојба да се сети на гревовите? Тешко дека тоа би било случај. Библијата ни кажува за гревовите на многу поединци на кои Јехова им простил, вклучувајќи го и Давид (2. Царства 11:1—17; 12:1—13). Очигледно, Јехова сѐ уште е свесен за грешките што тие ги извршиле, а свесни за тоа треба да бидеме и ние. Записот за нивните гревови, како и записот за нивното покајание и простување од страна на Бог, бил сочуван за наша корист (Римјаните 15:4). Тогаш, на што мисли Библијата кога вели дека Јехова не се ‚сеќава‘ на гревовите на оние на кои им простува?
13. а) Што е вклучено во значењето на хебрејскиот глагол преведен со ‚ќе се сетам‘? б) Кога Јехова вели: „За гревовите нивни нема веќе да се сеќавам“, во што нѐ уверува тој?
13 Хебрејскиот глагол преведен со ‚ќе се сетам‘ подразбира повеќе отколку само да се сетиш на минатото. Според Theological Wordbook of the Old Testament (Теолошки речник на Стариот Завет), тоа ја вклучува „додатната импликација да преземеш соодветна акција“. Според тоа, во оваа смисла, да се ‚сетиш‘ на грев вклучува преземање акција против грешниците. Кога пророкот Осија во врска со своеглавите Израелци рекол: „Он [Јехова] ќе се присети за нивните беззаконија“, пророкот мислел дека Јехова ќе преземе акција против нив поради нивниот недостиг на покајание. Така, остатокот од стихот додава: „Он ќе ги казни за нивните гревови“ (Осија 9:9). Од друга страна, кога Јехова вели: ‚Сите негови престапи нема да му се спомнуваат‘, тој нѐ уверува дека штом еднаш ќе му прости на некој покајнички грешник, Тој нема да дејствува против него поради тие гревови во некое идно време (Језекиил 18:21, 22). На тој начин, тој заборава во смислата дека не ги изнесува секогаш одново нашите гревови за да нѐ обвинува или казнува секогаш одново. Со тоа Јехова ни дава еден прекрасен пример за да го имитираме во нашите постапки со другите. Кога ќе се појават несогласувања, најдобро е да не отвораме стари рани сеќавајќи се на минатите навреди за кои претходно сме се согласиле да ги простиме.
Што е со последиците?
14. Зошто простувањето не значи дека еден покајнички грешник е изземен од сите последици на неговиот погрешен правец?
14 Дали Јеховината спремност да прости значи дека еден покајнички грешник е изземен од сите последици на својот грешен правец? Воопшто не. Не можеме да грешиме неказнето. Павле напишал: „Што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“ (Галатјаните 6:7). Би можеле да се соочиме со извесни последици од нашето постапување или со проблеми, но откако ни простил, Јехова не предизвикува да нѐ снајде неволја. Кога ќе се појават проблеми, христијанинот не треба да мисли: ‚Можеби Јехова ме казнува за минатите гревови‘. (Спореди Јаков 1:13.) Од друга страна, Јехова не нѐ поштедува од сите последици од нашите погрешни постапки. Развод, несакана бременост, сексуално преносливи болести, загуба на довербата или почитта — сево ова може да бидат жалосни последици од гревот, и Јехова нема да нѐ штити од нив. Сети се дека иако му простил на Давид за неговите гревови во врска со Вирсавија и Урија, Јехова не го заштитил Давид од катастрофалните последици што уследиле (2. Царства 12:9—14).
15, 16. На кој начин законот запишан во 3. Мојсеева 6:1—7 ѝ користел и на жртвата и на престапникот?
15 Нашите гревови може да имаат и други последици. На пример, разгледај го извештајот во 3. Мојсеева, 6. поглавје. Мозаитскиот Закон овде се зафаќа со ситуацијата во која едно лице прави сериозна кривда со тоа што на некој со-Израелец му одзел работи преку разбојништво, изнудување или измама. Грешникот потоа негира дека е виновен, па дури е толку дрзок што се колне лажно. Се работи за зборот на едниот против зборот на другиот. Меѓутоа, подоцна престапникот станува измачуван од совеста и го признава својот грев. За да добие Божје простување, мора да направи уште три работи: да го надомести она што го зел, на жртвата да ѝ плати казна од 20 отсто и да принесе јарец како принос за вина. Потоа, законот вели: „Свештеникот нека му се помоли за него на Господа, и ќе му се прости секоја работа“ (3. Мојсеева 6:1—7; спореди Матеј 5:23, 24).
16 Овој закон претставувал милостива подготовка од Бог. Тој ѝ користел на жртвата, чиј имот бил вратен и која несомнено чувствувала големо олеснување кога престапникот на крајот ќе го признаел својот грев. Истовремено, законот му користел на оној чија совест на крајот го поттикнала да ја признае својата вина и да ја исправи својата кривда. Всушност, ако одбиел да го стори тоа, немало да има простување за него од Бог.
17. Кога другите биле повредени од нашите гревови, што очекува Јехова да сториме?
17 Иако ние не сме под Мозаитскиот Закон, тој ни дава скапоцен увид во Јеховиниот ум, вклучувајќи го и неговото размислување за простувањето (Колосјаните 2:13, 14). Кога другите биле повредени или измамени од нашите гревови, на Јехова му е угодно кога правиме сѐ што можеме за да ја ‚исправиме кривдата‘ (2. Коринтјаните 7:11, НС). Ова подразбира да го признаеме својот грев, да ја признаеме својата вина, па дури и да ѝ се извиниме на жртвата. Тогаш можеме да му се обратиме на Јехова на темел на Исусовата жртва и да го доживееме олеснувањето на мирната совест, како и уверувањето дека Бог ни простил (Евреите 10:21, 22).
18. Каква стега може да го придружува Јеховиното простување?
18 Како секој родител полн со љубов, Јехова може да даде простување заедно со извесна мерка на стега (Изреки 3:11, 12). Еден покајнички христијанин можеби ќе мора да се откаже од својата предност да служи како старешина, слуга помошник или пионер. За него може да биде болно тоа што за извесен временски период ќе ги изгуби предностите што му биле драгоцени. Меѓутоа, таквата стега не значи дека ја изгубил Јеховината милост или, пак, дека Јехова го ускратил простувањето. Освен тоа, мораме да запомниме дека стегата од Јехова е доказ за неговата љубов кон нас. Нејзиното прифаќање и применување е во нашите најдобри интереси и може да води до вечен живот (Евреите 12:5—11).
19, 20. а) Ако си сторил кривди, зошто не треба да мислиш дека си вон дофатот на Јеховината милост? б) Што ќе биде дискутирано во следната статија?
19 Колку само е освежувачки да знаеме дека му служиме на еден Бог кој е ‚спремен да прости‘! Јехова гледа повеќе отколку само нашите гревови и грешки (Псалм 129:3, 4). Тој знае што има во нашето срце. Ако чувствуваш дека твоето срце е скршено и здробено поради минати кривди, немој да заклучуваш дека си вон дофатот на Јеховината милост. И покрај каква и да било грешка што можеби си ја направил, ако вистински си се покајал, си презел чекори да ја исправиш кривдата и горливо си се молел за Јеховино простување на темел на Исусовата пролеана крв можеш да имаш полна доверба дека за тебе важат зборовите од 1. Јованово 1:9: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“.
20 Библијата нѐ охрабрува да го имитираме Јеховиното простување во нашите меѓусебни постапки. Меѓутоа, до која мерка може да се очекува од нас да простуваме и да забораваме кога другите грешат против нас? Ова ќе биде дискутирано во следната статија.
[Фуснота]
a Интересно е што хебрејскиот збор преведен со ‚нашата градба‘ (НС) е употребен во врска со глинените садови, обликувани од еден грнчар (Исаија 29:16).
Како би одговорил?
◻ Зошто Јехова е ‚спремен да прости‘?
◻ На кој начин Библијата ја опишува потполноста на Јеховиното простување?
◻ Кога Јехова простува, во која смисла тој заборава?
◻ Што очекува Јехова од нас да сториме кога другите се повредени од нашите гревови?
[Слика на страница 12]
Кога другите биле повредени од нашите гревови, Јехова очекува од нас да го надоместиме тоа