Поглавје 8
Дали науката докажала дека Библијата е погрешна?
Во 1613 година, италијанскиот научник Галилео издал едно дело познато како „Писма за сончевите дамки“. Во него изнел докази дека Земјата се врти околу Сонцето, а не Сонцето околу Земјата. Со тоа тој започнал една серија настани кои на крајот го одвеле пред римокатоличката инквизиција, под „силно сомнение за ерес“. На крајот, тој бил присилен да се „одрече“. Зошто идејата дека Земјата се движи околу Сонцето се сметала за ерес? Затоа што обвинителите на Галилео тврделе дека тоа е спротивно на она што го вели Библијата.
1. (Вклучи го и уводот.) а) Што се случило кога Галилео сугерирал дека Земјата се движи околу Сонцето? б) Иако Библијата не е научен учебник, што наоѓаме кога ќе ја споредиме со современата наука?
ДЕНЕС насекаде се смета дека Библијата е ненаучна, а за да го докажат тоа некои укажуваат на искуството на Галилео. Но, дали е тоа случај? Кога одговараме на ова прашање, мора да се потсетиме дека Библијата е книга на пророштво, историја, молитва, закон, совет и спознание за Бог. Таа не тврди дека е научен учебник. Меѓутоа, кога Библијата ќе се допре до теми од науката, тоа што го вели таа е сосема точно.
Нашата планета Земја
2. Како Библијата ја опишува положбата на Земјата во просторот?
2 На пример, да разгледаме што вели Библијата за нашата планета, Земјата. Во книгата Јов читаме: „Го послал [Бог] северот над празнината, ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7). Спореди го ова со изјавата на Исаија, кога тој вели: „Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22). Претставата за една кружна Земја која ‚е закачена на ништо‘ во ‚празнина‘, силно нѐ потсетува на фотографиите на Земјината топка која лебди во празен простор, а кои ги снимиле астронаутите.
3, 4. Каков е Земјиниот кружен тек на водата, и што вели Библијата за него?
3 Да го разгледаме и Земјиниот зачудувачки кружен тек на водата. Еве како Compton’s Encyclopedia опишува што се случува: „Водата . . . испарува од површината на океаните во атмосферата . . . Постојаното движење на воздушните струи во Земјината атмосфера го носи влажниот воздух накај копното. Кога воздухот ќе се излади, пареата се кондензира и формира водени капки. Нив најчесто ги гледаме како облаци. Честопати капките се соединуваат и формираат дождовни капки. Ако атмосферата е доволно студена, наместо дождовни капки се формираат снегулки. Во обата случаја, водата што патувала од некој океан стотици, па дури и илјадници километри, паѓа на Земјината површина. Таму се собира во потоци или, пак, пробива во почвата и го започнува своето патување назад кон морето“.1
4 Овој извонреден процес кој го овозможува животот на сувото копно бил добро опишан во Библијата пред околу 3.000 години, со едноставни, директни зборови: „Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак“ (Проповедник 1:7).
5. Како коментарот на псалмистот за историјата на планините на Земјата е извонредно современ?
5 Можеби дури и уште поизвонреден е увидот на Библијата во историјата на планините. Еве што вели еден учебник по геологија: „Од преткамбриумските времиња па сѐ до сега, продолжува непрекинатиот процес на образување и разорување на планините . . . Не само што планините настанувале од дното на исчезнатите мориња туку тие честопати биле потопувани долго време после нивното формирање, а потоа повторно се издигнувале“.2 Споредете го ова со поетскиот јазик на псалмистот: „Си ја покрил [Земјата] со бездна како со облека, води ќе стојат на горите. Се издигаат горите, се спуштаат долините, на места што си им ги определил“ (Псалм 103:6, 8).
„Во почетокот“
6. Која библиска изјава е во склад со сегашните научни теории за потеклото на универзумот?
6 Првиот стих во Библијата наведува: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1). Набљудувањата ги навеле научниците да изнесат теорија дека материјалниот универзум навистина имал почеток. Не постоел отсекогаш. Астрономот Роберт Џастро, агностичар по прашањето за религијата, напишал: „Деталите се разликуваат, но битните елементи во астрономскиот и во библискиот извештај од 1. Мојсеева се исти: синџирот настани кои водат до човекот започнал одеднаш и точно во еден определен момент во времето, во еден блесок на светлината и енергијата“.3
7, 8. Што се присилени да признаат многумина научници во врска со потеклото на универзумот, иако во тоа не ја признаваат улогата на Бог?
7 Точно е дека многу научници, иако веруваат дека универзумот имал почеток, не ја прифаќаат изјавата дека ‚создавал Бог‘. Меѓутоа, денес некои признаваат дека е тешко да се игнорира доказот дека зад сѐ стои некаква интелигенција. Професорот по физика, Фриман Дајсон, коментира: „Колку повеќе го испитувам универзумот и ги проучувам деталите на неговата конструкција толку повеќе докази наоѓам дека универзумот, во некоја смисла, мора да знаел дека доаѓаме“.
8 Дајсон понатаму признава: „Како научник школуван во правците на размислувањето и на јазикот на дваесеттиот а не на осумнаесеттиот век, не тврдам дека конструкцијата на универзумот го докажува постоењето на Бог. Само тврдам дека конструкцијата на универзумот е во склад со хипотезата дека умот игра битна улога во неговото функционирање“.4 Неговиот коментар сигурно го открива скептичниот став на нашево време. Но, ако се тргне настрана тој скептицизам, ќе се забележи дека постои извонредна складност помеѓу современата наука и библиската изјава дека ‚во почетокот Бог ги создал небото и земјата‘ (1. Мојсеева 1:1).
Здравје и санитарна заштита
9. Како библискиот закон за заразни кожни болести одразува практична мудрост? (Јов 12:9, 16а).
9 Да разгледаме како Библијата разработува уште едно подрачје: здравјето и санитарната заштита. Ако некој Израелец имал дамка на кожата за која постоело сомневање дека е лепра, тој бил изолиран. „Сѐ додека ја има раната треба да се смета за нечист; тој е нечист и треба да живее одвоено; неговото живеалиште да биде надвор од населбата“ (3. Мојсеева 13:46). Дури и инфицираната облека била запалувана (3. Мојсеева 13:52). Во тогашно време, тоа било делотворен начин да се спречи ширењето на заразата.
10. На кој начин многумина во некои земји би имале корист од следењето на библискиот совет за хигиена?
10 Еден друг важен закон се однесувал на исфрлањето на човечкиот измет, кој морал да се закопа надвор од логорот (5. Мојсеева 23:12, 13). Овој закон несомнено го поштедил Израел од многу болести. Дури и денес, во некои земји се предизвикани тешки здравствени проблеми поради неисправното отстранување на човечките отпадни материи. Само кога луѓето од тие земји би го следеле законот напишан во Библијата пред илјадници години, тие би биле многу поздрави.
11. Кој библиски совет за менталното здравје се покажал практичен?
11 Библиското високо мерило за хигиена го вклучувало дури и менталното здравје. Една библиска изрека гласи: „Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските“ (Изреки 14:30). Минатите години, медицинските истражувања покажаа дека врз нашето физичко здравје навистина влијае нашиот ментален став. На пример, доктор Ц. Б. Томас од универзитетот Џонс Хопкинс, испитал повеќе од илјада дипломци во период од 16 години, поврзувајќи ги нивните психолошки карактеристики со нивната подложност на болести. Забележал една работа: најподложни на болести биле оние дипломци кои под притисок биле полути и понервозни.5
Што вели Библијата?
12. Зошто Католичката црква инсистирала дека теоријата на Галилео во врска со Земјата е ерес?
12 Ако Библијата е толку точна на полето на науката, зошто тогаш Католичката црква велела дека е небиблиско учењето на Галилео дека Земјата се движи околу Сонцето? Па, поради начинот на кој авторитетите толкувале извесни библиски стихови.6 Дали биле во право? Да прочитаме два библиски стиха што ги цитирале, па да видиме.
13, 14. Кои библиски стихови погрешно ги применила Католичката црква? Објасни.
13 Еден стих вели: „Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева“ (Проповедник 1:5). Според аргументите на Црквата, изразите како што се „Сонцето изгрева“ и „Сонцето заоѓа“ значат дека се движи Сонцето, а не Земјата. Но, дури и денес велиме дека Сонцето изгрева и заоѓа, иако повеќето од нас знаат дека се движи Земјата, а не Сонцето. Кога користиме такви изрази, ние само го опишуваме привидното движење на Сонцето, како што му се чини на човекот кој набљудува. Библискиот писател го направил токму тоа.
14 Другиот стих гласи: „Ти си ја поставил земјата на цврсти основи: таа нема да се разниша никогаш“ (Псалм 103:5). Било протолкувано дека ова значи оти Земјата не може никогаш да се мрдне откако била создадена. Но, стихот, всушност, ја нагласува постојаноста на Земјата, а не нејзината неподвижност. Како што потврдуваат и други библиски стихови, Земјата никогаш нема да биде ‚разнишана‘ од постоење, односно нема да биде уништена (Псалм 36:29; Проповедник 1:4). Ниту овој библиски стих нема никаква врска со релативното движење на Земјата и на Сонцето. Во времето на Галилео, слободната научна дискусија била попречена од Црквата, а не од Библијата.
Еволуција и создавање
15. Што е теорија на еволуцијата, и како е во противречност со Библијата?
15 Меѓутоа, има едно подрачје на кое многумина би рекле дека меѓу современата наука и Библијата постои безнадежно несогласување. Повеќето научници веруваат во теоријата на еволуција, која учи дека сите живи суштества се развиле од некој едноставен облик на живот кој настанал пред милиони години. Од друга страна, пак, Библијата учи дека секоја главна група од живите суштества била посебно создадена и дека се размножува само ‚според својот вид‘. Таа вели дека човекот бил создаден „од прав земен“ (1. Мојсеева 1:21, NW; 2:7). Дали ова е толку видлива научна грешка во Библијата? Пред да одлучиме, ајде поблиску да разгледаме што знае науката, за разлика од она што го теоретизира.
16-18. а) Кое набљудување што го направил Чарлс Дарвин го навело да верува во еволуцијата? б) Како можеме да аргументираме дека она што го набљудувал Дарвин на островите Галапагос не е во противречност со она што го вели Библијата?
16 Теоријата на еволуција ја популаризирал Чарлс Дарвин во текот на минатиот век. Кога бил на островите Галапагос во Пацификот, врз Дарвин оставиле силен впечаток различните видови зеби кои живееле на различните острови и кои, заклучил тој, мора сите да потекнале само од еден вид предок. Делумно поради ова набљудување, тој ја унапредил теоријата дека сите живи суштества потекнуваат од еден првобитен, едноставен облик. Подвижната сила која стои зад еволуцијата на вишите од нижите суштества, тврдел тој, била природната селекција, преживувањето на најспособните. Благодарение на еволуцијата, тврдел тој, копнените животни се развиле од рибите, птиците од рептилите итн.
17 Всушност, она што го набљудувал Дарвин на тие изолирани острови не било во несклад со Библијата, која допушта варијации во рамките на еден главен вид живот. На пример, сите раси на човештвото потекнале само од една првобитна човечка двојка (1. Мојсеева 2:7, 22—24). Затоа, не е ништо чудно што тие различни видови зеби произлегуваат од еден заеднички вид предок. Но, тие останале зеби. Не еволуирале во јастреби или во орли.
18 Ниту различните видови зеби ниту, пак, нешто друго што видел Дарвин, не докажало дека сите живи суштества — сеедно дали се ајкули или морски галеби, слонови или глисти — имаат заеднички предок. Меѓутоа, многу научници тврдат дека еволуцијата повеќе не е само теорија туку дека е факт. Други, пак, иако ги признаваат проблемите на таа теорија, велат дека сепак веруваат во неа. Популарно е да се верува. Меѓутоа, ние треба да знаеме дали еволуцијата е докажана до толкава мерка што Библијата мора да е погрешна.
Дали е докажана?
19. Дали фосилниот запис ја поткрепува еволуцијата или, пак, создавањето?
19 Како може да се провери теоријата на еволуција? Најочигледниот начин е да се испита фосилниот запис за да се види дали навистина се случиле постепени промени од еден во друг вид. Дали тие се случиле? Не, како што искрено признаваат извесен број научници. Еден од нив, Френсис Хичинг, пишува: „Кога ќе побарате врски помеѓу главните групи животни, едноставно ги нема“.7 Овој недостиг на докази во фосилниот запис е толку очигледен што еволуционистите измислиле алтернативи на Дарвиновата теорија на постепени промени. Но, вистината е дека ненадејната појава на животински видови во фосилниот запис многу повеќе го поддржува специјалното создавање отколку еволуцијата.
20. Зошто начинот на кој се размножуваат живите клетки не допушта да настане еволуција?
20 Освен тоа, Хичинг покажува дека живите суштества се програмирани да се размножуваат со точност, а не да еволуираат во нешто друго. Тој вели: „Живите клетки се удвојуваат со речиси потполна верност. Степенот на грешка е толку мал што ниту една машина изработена од човек не може да им се приближи. Постојат и вродени граници. Растенијата доаѓаат до извесна големина и понатаму одбиваат да растат. Винските мушички одбиваат да станат нешто друго освен вински мушички, и тоа под кои и да било услови кои се измислени досега“.8 Мутациите што научниците ги предизвикале кај винските мушички во текот на многу децении, не успеале да ги присилат да еволуираат во нешто друго.
Потеклото на животот
21. Кој заклучок што го докажал Луј Пастер им создава сериозен проблем на еволуционистите?
21 Уште едно проблематично прашање кое еволуционистите не успеале да го одговорат е: Кое е потеклото на животот? Како настанал првиот едноставен облик на живот — од кој наводно потекнуваме сите ние? Пред многу векови, ова не би се сметало за некаков проблем. Тогаш повеќето луѓе мислеле дека мувите можат да се развијат од месо што се распаѓа и дека од еден куп стари крпи може спонтано да се создадат глувци. Но, пред повеќе од сто години, францускиот хемичар Луј Пастер јасно покажал дека животот може да произлезе само од живот кој претходно постоел.
22, 23. Според еволуционистите, како започнал животот, но што покажуваат фактите?
22 Тогаш, како еволуционистите го објаснуваат потеклото на животот? Според најпопуларната теорија, пред милиони години една случајна комбинација на хемиски супстанции и на енергија предизвикала едно спонтано настанување на живот. Што е со начелото што го докажал Пастер? The World Book Encyclopedia објаснува: „Пастер покажал дека животот не може да се појави спонтано под хемиските и физичките услови што постојат денес на Земјата. Меѓутоа, пред милијарди години, хемиските и физичките услови на Земјата биле далеку поинакви!“9
23 Но, дури и под далеку поинакви услови, постои длабок јаз помеѓу неживата материја и наједноставното живо суштество. Во својата книга Evolution: A Theory in Crisis, Мајкл Дентон вели: „Помеѓу една жива клетка и најорганизираниот небиолошки систем, како што е кристалот или снегулката, постои еден неверојатно голем и непремостив јаз“.10 Идејата дека неживата материја би можела да оживее по некоја чиста случајност е толку далечна што е невозможна. Библиското објаснување дека ‚животот дошол од живот‘, т. е. дека животот бил создаден од Бог, убедливо е во склад со фактите.
Зошто не создавање
24. И покрај проблемите на теоријата на еволуцијата, зошто повеќето научници сѐ уште цврсто се држат за оваа теорија?
24 И покрај проблемите кои се својствени за теоријата на еволуција, верувањето во создавање денес се смета за ненаучно, па дури и за ексцентрично. Зошто е тоа така? Зошто дури и еден авторитет како што е Френсис Хичинг, кој искрено ги истакнува слабите страни на еволуцијата, ја отфрла идејата за создавање?11 Мајкл Дентон објаснува дека еволуцијата, и покрај сите нејзини недостатоци, и понатаму ќе се поучува бидејќи теориите кои се однесуваат на создавањето „отворено признаваат натприродни причинители“.12 Со други зборови, самиот факт што создавањето вклучува Создател го прави неприфатливо. Се разбира, ова е истото заобиколено резонирање со кое се сретнавме во случајот со чудата: Чудата се невозможни бидејќи тие се чудни!
25. Која слабост на еволуцијата, од аспект на науката, покажува дека во објаснувањето на потеклото на животот таа не е важечка алтернатива за создавањето?
25 Освен тоа, самата теорија на еволуција е под длабоко сомнение од научна гледна точка. Мајкл Дентон понатаму вели: „Бидејќи [Дарвиновата теорија на еволуција] во основа е теорија на историска реконструкција, не е можно да се провери со експерименти или со директно набљудување, како што е вообичаено во науката . . . Освен тоа, теоријата на еволуција се занимава со серија единствени настани — со потеклото на животот, потеклото на интелигенцијата итн. Единствените настани се неповторливи и не можат да се подложат на никакво експериментално истражување“.13 Вистината е дека теоријата на еволуција, и покрај нејзината популарност, полна е со празнини и проблеми. Таа не дава добра причина за да се отфрли библискиот извештај за потеклото на животот. Првото поглавје од 1. Мојсеева дава еден потполно разумен извештај за тоа како настанале овие „неповторливи“ и „единствени настани“ во текот на творечките ‚денови‘ кои се протегале низ време од милениуми.a
Што е со потопот?
26, 27. а) Што вели Библијата за потопот? б) Делумно откаде мора да дошле водите на потопот?
26 Многумина укажуваат на една друга наводна противречност помеѓу Библијата и современата наука. Во книгата 1. Мојсеева читаме дека пред илјадници години злобата на луѓето била толку голема што Бог одлучил да ги уништи. Меѓутоа, го упатил праведниот човек Ное да изгради еден огромен дрвен пловен објект — арка. Потоа Бог нанел потоп врз човештвото. Преживеале само Ное и неговото семејство, заедно со претставниците на сите животински видови. Потопот бил толку голем што ‚ги покрил сите високи планини, какви што имало под целото небо‘ (1. Мојсеева 7:19).
27 Откаде дошла сета таа вода за да се покрие целата Земја? Самата Библија го дава одговорот. На почетокот на процесот на создавање, кога атмосферското пространство почнало да добива облик, настанала ‚вода под сводот‘ и ‚вода над сводот‘ (1. Мојсеева 1:7; 2. Петрово 3:5). Кога настанал потопот, Библијата вели: „Се отворија окната небески“ (1. Мојсеева 7:11). Очигледно, „водата над сводот“ паднала и обезбедила голем дел од водата за поплавата.
28. Како гледале на потопот древните Божји слуги, вклучувајќи го и Исус?
28 Современите учебници се склони да го игнорираат општиот потоп. Затоа, мораме да се запрашаме: Дали потопот е само мит или, пак, навистина се случил? Пред да одговориме на тоа, треба да забележиме дека подоцнежните обожаватели на Јехова го прифатиле потопот како вистинска историја; не го сметале за мит. Исаија, Исус, Павле и Петар биле меѓу оние кои се осврнале на него како на нешто што навистина се случило (Исаија 54:9; Матеј 24:37—39; Евреите 11:7; 1. Петрово 3:20, 21; 2. Петрово 2:5; 3:5—7). Но, треба да се одговорат некои прашања во врска со овој општ потоп.
Водите на потопот
29, 30. Кои факти во врска со водните залихи на Земјата покажуваат дека потопот бил возможен?
29 Како прво, зарем идејата дека целата Земја била преплавена не е премногу неверојатна? Не баш. Всушност, до одредена мера Земјата сѐ уште е преплавена. Седумдесет проценти од неа се покриени со вода, а само 30 проценти е суво копно. Освен тоа, 75 проценти од слатката вода на Земјата е заробена во глечерите и во поларните ледени капи. Кога би се стопил целиот овој лед, морското ниво би се издигнало многу повисоко. Тогаш би исчезнале градовите како што се Њујорк и Токио.
30 Понатаму, The New Encyclopædia Britannica вели: „Се проценува дека просечната длабочина на сите мориња е 3.790 метри (12.430 стапки), цифра која е значително поголема од просечната височина на копното над морското ниво, која изнесува 840 метри (2.760 стапки). Ако просечната длабочина на Светското Море се помножи со соодветната плоштина на неговата површина, волуменот ќе биде 11 пати поголем од волуменот на копното што е над морското ниво“.14 Значи, кога сѐ би се довело во хоризонтална положба — кога планините би се израмниле а длабоките морски базени би се исполниле — водата би ја покрила целата Земја до длабочина од илјадници метри.
31. а) За да можел да се случи потопот, каква морала да биде ситуацијата со претпотопната Земја? б) Што покажува дека е возможно пред потопот планините да биле пониски, а морските базени поплитки?
31 За да можел да се случи потопот, претпотопните морски базени требало да бидат поплитки, а планините пониски отколку што се сега. Дали ова е возможно? Па, еден учебник вели: „Онаму каде што планините на светот сега се издигнуваат до зашеметувачки височини, некогаш, пред милиони години, се протегале океани и рамнини во еднолична монотонија . . . Движењата на континенталните плочи предизвикуваат копното да се издига до височини на кои можат да преживеат само најјаките животни и растенија и, во друга крајност, да потонат и да лежат во скриената убавина длабоко под површината на морето“.15 Бидејќи планините и морските базени се подигаат и се спуштаат, јасно е дека некогаш планините не биле толку високи, а големите морски базени не биле толку длабоки колку што се сега.
32. Што мора да се случило со водите од потопот? Објасни.
32 Што се случило после потопот со неговите води? Мора да истекле во морските базени. Како? Научниците веруваат дека континентите лежат на огромни плочи. Движењето на овие плочи може да предизвика промени во нивото на Земјината површина. Денес, на некои места постојат огромни подводни провалии кои на границите на плочите се длабоки и по повеќе од десет километри.16 Сосема е веројатно дека — можеби предизвикано од самиот потоп — плочите се придвижиле, морското дно потонало, а големите ендеци се отвориле, овозможувајќи ѝ на водата да истече од копното.b
Траги од потопот?
33, 34. а) Кој доказ веќе го поседуваат научниците којшто може да биде доказ за потопот? б) Дали е разумно да се рече дека научниците можеби погрешно ги толкуваат доказите?
33 Ако признаеме дека би можело да се случи еден голем потоп, тогаш зошто научниците не пронашле некаква трага од него? Можеби нашле, но доказите ги толкуваат на поинаков начин. На пример, конвенционалната наука учи дека површината на Земјата на многу места ја обликувале силни глечери во текот на една низа ледени доба. Но, она што изгледа како доказ за глечерска активност, понекогаш може да биде резултат од дејството на водата. Значи, сосема е веројатно дека некои од доказите за потопот се погрешно сфатени како доказ за едно ледено доба.
34 Веќе се направени слични грешки. Во врска со времето кога научниците ја развивале нивната теорија за ледени доба, читаме: „Тие пронаоѓале ледени доба на секој степен од геолошката историја, во склад со филозофијата на еднообразност. Меѓутоа, внимателното преиспитување на доказите во минатите години отфрли многу од овие ледени доба; формациите што некогаш биле идентификувани како глечерски морени, беа претолкувани како наслаги што ги наталожиле наноси од кал, подводни одрони од земја и матни струи — порои од матна вода што носи тиња, песок и чакал врз длабокото океанско дно“.18
35, 36. Кој доказ во фосилниот запис и во геологијата може да биде поврзан со потопот? Објасни.
35 Друг доказ за потопот изгледа дека постои во фосилниот запис. Според овој запис, големи тигри со сабјести заби некогаш го следеле својот плен во Европа, коњи поголеми од сите коњи што живеат денес талкале низ Северна Америка, а мамутите барале храна во Сибир. Потоа, насекаде низ светот изумреле цели видови цицачи. Во исто време, настанала ненадејна промена на климата. Во Сибир биле убиени и брзо замрзнати десетици илјади мамути.c Алфред Валас, добропознатиот современик на Чарлс Дарвин, сметал дека таквото распространето уништување мора да било предизвикано од некој исклучителен светски настан.19 Многумина тврдат дека овој настан бил потопот.
36 Една редакторска статија во списанието Biblical Archaeologist забележала: „Важно е да се забележи дека приказната за големиот потоп е една од најраспространетите традиции во човечката култура . . . Сепак, зад најстарите традиции што се пронајдени во изворите од Блискиот Исток, веројатно стои еден вистински потоп од гигантски размери кој датира од еден од плувијалните периоди . . . пред многу илјади години“.20 Плувијалните периоди биле времиња кога површината на Земјата била многу повлажна од сега. Слатководните езера по светот биле многу поголеми. Изнесена е теорија дека влажноста била предизвикана од силни дождови кои имаат врска со крајот на ледените доба. Но, некои сугерирале дека во една прилика екстремната влажност на Земјината површина била резултат на потопот.
Човештвото не заборавило
37, 38. Како еден научник покажува дека, според доказите, потопот би можело да се случи, и како знаеме дека се случил?
37 Професорот по геологија Џон Мек-Камбел еднаш напишал: „Суштинските разлики помеѓу библиското учење за катастрофа [потопот] и еволуционата еднообразност не се во поглед на фактичките податоци од геологијата, туку во врска со толкувањата на тие податоци. Толкувањето на кое ќе му се даде предност во голема мера ќе зависи од позадината и од претпоставките на поединечниот студент“.21
38 Дека потопот навистина се случил се гледа од фактот што човештвото никогаш не го заборавило. Низ целиот свет, на толку оддалечени места како што се Алјаска и Јужните морски острови, постојат древни приказни за него. Домородните, претколумбовски цивилизации на Америка, како и Абориџините во Австралија, имаат приказни за потопот. Иако некои од извештаите се разликуваат во деталите, основниот факт дека Земјата била потопена а само неколку луѓе биле спасени во рачно направен пловен објект, се појавува во речиси сите верзии. Единственото објаснување за таквата широка прифатеност е тоа дека потопот бил историски настан.d
39. Кој дополнителен доказ го видовме во врска со фактот дека Библијата е Реч Божја, а не човечка?
39 Значи, во битните аспекти Библијата е во склад со современата наука. Онаму каде што доаѓа до судир помеѓу нив, доведени се во прашање доказите на научниците. Онаму каде што се сложуваат, Библијата честопати е толку точна што мораме да веруваме дека таа ги добила информациите од некоја натчовечка интелигенција. Навистина, согласноста на Библијата со докажаната наука дава понатамошен доказ за тоа дека е Реч Божја, а не човечка.
[Фусноти]
a Многу подетална дискусија на тема еволуција и создавање се наоѓа во книгата Животот — како дошол тука? Преку еволуција или преку создавање? издадена 1998 од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Книгата Planet Earth—Glacier свртува внимание на кој начин водата во облик на ледени плочи ја притиска Земјината површина. На пример, таа вели: „Кога би го снемало ледот на Гренланд, островот би се подигнал за околу 600 метри“. Според тоа, влијанието на еден ненадеен глобален потоп врз некои делови на Земјината кора сигурно било крајно катастрофално.17
c Една проценка вели пет милиони.
d За повеќе информации за потопот, види Insight on the Scriptures, издаден од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., том 1, страници 327, 328, 609—612.
[Рамка на страница 105]
„Од прав“
„The World Book Encyclopedia“ известува: „Сите хемиски елементи од кои се составени живите суштества се присутни и во неживата материја“. Со други зборови, основните хемиски материи од кои се составени живите организми, вклучувајќи го и човекот, ги има и во самата Земја. Ова е во склад со библиската изјава: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен“ (1. Мојсеева 2:7).
[Рамка на страница 107]
„Според образот Божји“
Некои укажуваат на физичките сличности помеѓу човекот и некои животни за да го докажат нивното сродство. Меѓутоа, мора да се согласат дека човековите ментални способности се далеку посупериорни од оние на кое и да е животно. Зошто човекот има способност да прави планови и да го организира светот околу себе, способност да љуби, висока интелигенција, совест и концепт за минатото, за сегашноста и за иднината? Еволуцијата не може да даде одговор на ова. Но, Библијата дава одговор кога вели: „И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде“ (1. Мојсеева 1:27). Што се однесува до менталните и моралните способности и потенцијали на човекот, тој е одраз на својот небесен Татко.
[Слика на страница 99]
Библискиот опис за Земјата која виси во просторот е потполно во согласност со она што астронаутите известиле дека го виделе
[Слика на страница 102]
Библијата не се впушта во тоа дали Земјата се врти околу Сонцето или, пак, Сонцето се врти околу Земјата
[Слика на страници 112 и 113]
Кога би ја израмниле Земјата, без планини и провалии, таа би била целосно покриена со длабок слој вода
[Слика на страница 114]
Биле пронајдени мамути замрзнати веднаш после нивната смрт
[Слика на страница 115]
Луј Пастер докажал дека животот може да дојде само од живот кој веќе постоел
[Слика на страница 109]
(Види во публикацијата)
Библијата изнесува еден точен опис на Земјиниот кружен тек на водата