ПОГЛАВЈЕ 35
Како да станам пријател со Бог?
По една случка што многу го потресла, Џереми сфатил колку вреди да се биде пријател со Бог. „Кога имав 12 години, татко ми нѐ напушти“, раскажува тој. „Една вечер, откако си легнав, го преколнував Јехова да го натера татко ми да се врати.“
Очаен, Џереми почнал да ја чита Библијата. Кога дошол до Псалм 10:14, бил длабоко трогнат. Во тој стих за Јехова се вели: „Тебе ти се предава несреќникот, детето без татко. Ти си му помошник“. Џереми вели: „Почувствував како Јехова да ми зборува мене и ми кажува дека тој ми е помошник; тој е мојот Татко. Зарем би можел да имам подобар татко од него?“
СЕЕДНО дали си во слична ситуација како Џереми или не, Библијата покажува дека Јехова сака да му бидеш пријател. Всушност, Библијата вели: „Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Размисли што значат овие зборови: Иако не можеш да го видиш — и во никој случај не си му рамен — Јехова Бог те повикува да му бидеш пријател!
Но, за да бидеш пријател со Бог, ќе треба да вложиш труд. На пример, ако дома имаш некое собно цвеќе, знаеш дека тоа не расте само од себе. За да расте, мораш редовно да го полеваш и да го чуваш на соодветно место. Исто е и кога станува збор за пријателството со Бог. Што можеш да направиш за едно такво пријателство да станува сѐ поцврсто?
Важноста на проучувањето
За пријателство треба двонасочна комуникација — и да слушаш и да зборуваш. Исто е и со пријателството со Бог. Кога ја читаме и ја проучуваме Библијата, слушаме што ни кажува Бог (Псалм 1:2, 3).
Добро, можеби проучувањето и не ти е баш омилен начин да го минуваш времето. Повеќето млади попрво би гледале ТВ, би играле некоја игра или едноставно би се дружеле со пријателите. Но, ако сакаш да си го зајакнеш пријателството со Бог, нема бегање. Треба да слушаш што ти кажува така што ќе ја проучуваш неговата Реч.
Но, не грижи се. Проучувањето на Библијата не мора да ти биде товар. Можеш да научиш да уживаш во тоа — дури и ако не се сметаш себеси за тип што е многу по учењето. Првото нешто што треба да го направиш е да си одвоиш време за проучување на Библијата. „Си имам распоред“, вели една девојка по име Лиза. „Веднаш штом ќе станам, читам едно поглавје од Библијата.“ Марија (15) има малку поинаков распоред. „Читам по малку од Библијата секоја вечер пред да си легнам“, вели таа.
За сам да си направиш програма за проучување, разгледај ја рамката на 292. страница. Потоа, на линијата напиши кога би можел да одвоиш 30-тина минути за да ја проучуваш Божјата реч.
․․․․․
Но, распоредот е само почеток. Кога ќе почнеш вистински да проучуваш, можеби ќе сфатиш дека не е баш секогаш лесно да ја читаш Библијата. Можеби и ти се согласуваш со Језраел (11), кој отворено вели: „За некои делови од Библијата треба многу концентрација, а и не се баш интересни“. Ако и ти мислиш така, не се предавај. Секогаш кога проучуваш имај на ум дека тоа е време кога слушаш што ти кажува Јехова Бог, твојот пријател. Впрочем, колку ќе ти биде интересно проучувањето на Библијата и колку ќе извлечеш од него зависи од тоа колку вложуваш!
Молитвата е многу важна
Молитвата е начинот на кој ние му зборуваме на Бог. Размисли само колку прекрасен подарок е молитвата! Можеш да му се обратиш на Јехова Бог во секое време, било дење било ноќе. Тој е секогаш спремен да те сослуша. Освен тоа, тој сака да чуе што имаш да му кажеш. Затоа Библијата нѐ поттикнува: „Во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог“ (Филипјаните 4:6).
Како што покажува овој стих, има многу работи за кои можеш да зборуваш со Јехова. Можеш да зборуваш за проблемите и грижите што те мачат. Би можел да му кажеш и за кои работи си му благодарен. Па, зарем не им заблагодаруваш на своите пријатели кога ќе направат нешто добро за тебе? Истото можеш да го правиш и со Јехова, кој направил за тебе многу повеќе од кој и да било пријател (Псалм 106:1).
На линиите напиши некои работи за кои ти си му благодарен на Јехова.
․․․․․
Сигурно одвреме-навреме те притискаат стравови и грижи кои ги чувствуваш како голем товар врз плеќите. Но, Псалм 55:22 нѐ охрабрува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“.
На линиите напиши кои твои грижи би сакал да ги вклучиш во своите молитви.
․․․․․
Лично искуство
Има уште еден аспект од твоето пријателство со Бог што не треба да го занемариш. Псалмистот Давид напишал: „Вкусете и видете колку е добар Јехова“ (Псалм 34:8). Давид го составил 34. Псалм откако поминал низ еден тежок период. Бегал од цар Саул кој го гонел за да го убие — што било прилично страшно доживување. Згора на тоа, морал да се крие меѓу своите непријатели, Филистејците. Кога се соочил со навидум неизбежна смрт, итро се преправил дека е луд и така успеал да избега (1. Самоилова 21:10-15).
Давид за влакно извлекол жива глава, но тоа не го припишал на својата интелигенција. Заслугата му ја припишал на Јехова. Претходно, во 34. Псалм, напишал: „Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи“ (Псалм 34:4). Значи, Давид од лично искуство можел да им каже на другите ‚да вкусат и да видат колку е добар Јехова‘.a
Ти текнува ли на некоја случка која ти потврдила дека Јехова се грижи за тебе? Ако да, напиши ја на линиите. Она што си го доживеал не мора да биде нешто драматично. Размисли за едноставни секојдневни благослови, кои можеби понекогаш лесно ги земаме здраво за готово.
․․․․․
Можеби родителите те поучуваат за Библијата. Тоа е вистински благослов. Сепак, ти треба да стекнеш свој однос со Бог. Ако не си го направил тоа, за почеток од помош можат да ти бидат информациите од ова поглавје. Јехова ќе ги награди твоите напори. Библијата вели: „Молете, и ќе ви се даде. Барајте, и ќе најдете“ (Матеј 7:7).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈА 38 И 39
Тешко ти е да зборуваш со другите за Бог? Дознај како можеш да ги браниш своите верувања.
[Фуснота]
a Во некои Библии изразот „вкусете и видете“ е преведен како „откриј самиот“, „дознај самиот“ и „искуси самиот“ (Contemporary English Version, Today’s English Version и The Bible in Basic English).
КЛУЧЕН СТИХ
„Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Матеј 5:3)
ПРЕДЛОГ
Читај само по четири страници од Библијата секој ден и ќе ја прочиташ за отприлика една година.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Тоа што ја имаш оваа книга и ги прифаќаш библиските совети дадени во неа покажува дека Јехова е заинтересиран за тебе (Јован 6:44).
ПЛАН!
За да извлечам повеќе од проучувањето на Библијата, ќе ․․․․․
За да се молам поредовно, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Што можеш да направиш за повеќе да уживаш во проучувањето на Библијата?
● Зошто Јехова сака да ги слуша молитвите на несовршените луѓе?
● Како да го подобриш квалитетот на своите молитви?
[Истакната мисла на страница 291]
››Кога бев помала, во молитвите повторував сѐ едно исто. Сега се трудам во молитвата да ги спомнам и убавите и лошите работи што ми се случиле преку денот. А бидејќи нема два исти дена, никогаш не ги повторувам истите работи‹‹ (Ева)
[Рамка/слика на страница 292]
Истражувај ја Библијата
1. Одбери библиски извештај што би сакал да го прочиташ. Моли се да го разбереш она што ќе го читаш.
2. Читај внимателно. Не брзај. Додека читаш, вклучи ја својата фантазија. Користи колку што можеш повеќе сетила: Труди се да ги гледаш настаните, да ги слушаш гласовите на ликовите, да го помирисаш воздухот, да ја вкусиш храната итн. Живо претстави си ги настаните!
3. Размислувај за она што си го прочитал. Размислувај за вакви прашања:
● Зошто Јехова го вклучил овој извештај во својата Реч?
● На кои личности треба да се угледам, а кои ми покажуваат како не треба да се постапува?
● Кои корисни поуки можам да ги извлечам од овој извештај?
● Што учам од овој извештај за Јехова и за тоа како постапува тој?
4. Кратко помоли му се на Јехова. Кажи му што си научил од проучувањето на Библијата и како планираш да го примениш тоа во својот живот. Секогаш благодари му на Јехова за дарот што ти го дал — неговата Реч, Светото писмо!
[Слика]
„Твојата реч е светилка на мојата нога и светлина за мојата патека“ (Псалм 119:105)
[Рамка/слика на страница 294]
Сѐ со ред
Премногу си зафатен за да се молиш? Немаш време да ја проучуваш Библијата? Честопати, причина за тоа е како ќе си ги подредиш работите.
Пробај да го направиш овој експеримент: Земи една кофа и во неа стави неколку големи камења. Потоа наполни ја кофата со песок — до врв. На крај кофата е полна со камења и со песок.
Сега испразни ја кофата. Овој пат песокот и камењата стави ги по обратен редослед: Стави го песокот, а потоа обиди се да ги ставиш внатре и камењата. Нема место? Е нема, затоа што овојпат прво го стави песокот во кофата.
Што учиме од ова? Библијата вели: ‚Проценете што е најважно‘ (Филипјаните 1:10). Ако на прво место ги ставиш малите работи, како што е рекреацијата, ќе ти се чини дека во животот никогаш немаш доволно место за големите работи — духовните активности. Но, ако го следиш советот од Библијата, ќе видиш дека имаш место и за духовни активности и за рекреација. Сѐ зависи од тоа што ќе ставиш прво во твојата кофа!
[Слика на страница 290]
Како едно собно цвеќе, за да расте, пријателството со Бог треба да се негува