Јеховиното љубезно семејно уредување
„Затоа ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос, од Кого се именува секој род [семејство, NW] на небесата и на земјата“ (ЕФЕСЈАНИТЕ 3:14, 15).
1, 2. а) За која цел Јехова ја создал семејната единка? б) Каква улога треба да игра семејството во Јеховиното уредување денес?
ЈЕХОВА ја создал семејната единка. Преку неа сторил повеќе отколку само да ја задоволи човечката потреба од друштво, поддршка или блискост (1. Мојсеева 2:18). Семејството било средството преку кое требало да се исполни Божјата прославена намера да се наполни Земјата. На првата брачна двојка ѝ рекол: „Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа“ (1. Мојсеева 1:28). Срдечната и воспитна средина на семејството би се покажала како корисна за повеќето деца кои би им се родиле на Адам и Ева, и на нивните потомци.
2 Меѓутоа, таа прва двојка го одбрала патот на непослушноста — со опустошувачки резултати за самите нив и за нивното потомство (Римјаните 5:12). Затоа, семејниот живот денес е искривен облик од она што Бог сакал тоа да биде. Сепак, семејството и понатаму има важно место во Јеховиното уредување, служејќи како основна единка на христијанското општество. Ова не го велиме без ценење за прекрасното дело кое го вршат многуте неоженети христијани меѓу нас. Но, го признаваме огромниот придонес што го даваат семејствата за духовното здравје на христијанската организација во целина. Јаките семејства сочинуваат јаки собранија. Но, како може твоето семејство да има успех среде денешните притисоци? Како одговор, да испитаме што ни кажува Библијата во врска со семејното уредување.
Семејството во библиски времиња
3. Каква улога играле мажот и жената во патријархалното семејство?
3 И Адам и Ева го одбиле Божјето уредување на поглаварството. Но мажите од вера како Ное, Авраам, Исак, Јаков и Јов со право ги зазеле своите места како семејни поглавари (Евреите 7:4). Патријархалното семејство било како мала влада во која таткото имал својство на религиозен водач, учител и судија (1. Мојсеева 8:20; 18:19). Жените исто имале значајна улога и служеле не како робови, туку како помошни управители на домаќинството.
4. Како се променил семејниот живот под Мозаитскиот Закон, но каква улога продолжиле да играат родителите?
4 Кога Израел станал нација, во 1513 пр.н. е., семејниот закон станал подложен на националниот Закон даден преку Мојсеј (2. Мојсеева 24:3-8). Овластувањето за одлучување сега му било доделено на поставени судии, вклучувајќи ги и работите во кои се решавало за живот и смрт (2. Мојсеева 18:13-26). Левитското свештенство ги презело работите од обожавањето што биле поврзани со жртвувања (3. Мојсеева 1:2-5). Сепак, таткото и понатаму играл значајна улога. Мојсеј ги советувал татковците: „Овие зборови, што ти ги заповедам денес, да бидат во срцето твое и во душата твоја; и пренесувај им ги на децата свои и говори за нив, кога седиш дома и кога си на пат, кога си легнуваш и кога стануваш“ (5. Мојсеева 6:6, 7). И мајките имале големо влијание. Соломонови изреки 1:8 им заповедувале на младите: „Слушај ја, синко, поуката на татка си и не го отфрлај заветот на мајка си“. Да, во рамките на авторитетот на нејзиниот сопруг, еврејската сопруга можела да го крои — и спроведува — семејниот закон. Таа требало да биде почитувана од своите деца дури и откако ќе остарела (Соломонови изреки 23:22).
5. Како Мозаитскиот Закон го одредил местото на децата во семејното уредување?
5 Местото на децата, исто било, јасно одредено со Божјиот Закон. Во 5. Мојсеева 5:16 се вели: „Почитувај го таткото твој и мајката твоја, како што ти заповеда Господ, твојот Бог, за да живееш долго и да ти биде добро во онаа земја, што ти ја дава Господ, твојот Бог“. Непочитувањето спрема родителите било најсериозен прекршок на Мозаитскиот Закон (2. Мојсеева 21:15, 16). „Човек, кој го навредува таткото свој или мајката своја“, наведувал Законот, „да биде убиен“ (3. Мојсеева 20:9). Бунтот против родителите бил исто што и бунт против самиот Бог.
Улогата на христијанските сопрузи
6, 7. Зошто Павловите зборови во Ефесјаните 5:23-29 изгледале револуционерни за оние што ги читале во I век?
6 Христијанството дало повеќе информации за семејното уредување, особено за улогата на сопругот. Во првиот век, надвор од христијанското собрание било вообичеано мажите спрема своите жени да се однесуваат на еден груб и угнетувачки начин. На жените им биле оспорувани основните права и достоинство. Книгата The Expositor’s Bible наведува: „Образованиот Грк си земал жена заради раѓање деца. Нејзините права не поставувале никакво ограничување на неговиот сексуален апетит. Љубовта не била дел од брачниот договор. . . . Жената–роб немала никакви права. Нејзиното тело било на располагање на нејзиниот сопственик“.
7 Во една таква средина, во Ефесјаните 5:23-29 Павле запишал: „Мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата, и Он е Спасител на телото [тоа тело, NW] . . . Мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа . . . Мажите се должни да ги сакаат жените свои како што ги сакаат своите тела; оти, кој ја сака жената своја, тој се сака и самиот себеси. Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува“. За читателите од првиот век, тие зборови биле револуционерни. Книгата The Expositor’s Bible наведува: „Ништо во христијанството не изгледало поново и построго, во споредба со расипаниот морал од тоа време, отколку христијанското гледиште за бракот. . . . [Тоа] отворило една нова ера за човештвото“.
8, 9. Кои нездрави ставови спрема жените се вообичаени меѓу мажите, и зошто е важно христијанските мажи да ги отфрлат таквите гледишта?
8 Денес, библискиот совет за сопрузите не е ништо помалку револуционерен. И покрај сето зборување за ослободување на жените, многу мажи сѐ уште ги гледаат жените само како предмети за сексуално задоволување. Верувајќи во митот дека жените всушност сакаат над нив да се доминира, контролира или заповедува, многу мажи физички и емоционално ги малтретираат своите сопруги. Колку би било срамно еден христијански маж да биде поведен од световното размислување, па со својата жена да постапува навредливо! „Мојот сопруг беше слуга помошник и држеше јавни предавања“, вели една христијанка. Сепак, таа открива: „Бев една од жртвите кои се нарекуваат тепани жени“. Јасно дека таквите постапки не биле во согласност со Божјето уредување. Тој човек е редок пример; потребно му е да бара помош да го реши проблемот со својот гнев ако се надева да има Божја милост (Галатјаните 5:19-21).
9 Бог им заповеда на сопрузите да ги љубат своите сопруги како своите тела. Да се одбие таквото постапување е бунт против самото Божје уредување и може да поткопа нечиј однос со Бог. Зборовите на апостол Петар се јасни: „Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно [според спознанието, NW], и почитувајте ги како послабо суштество, . . . за да не се појави препрека во молитвите ваши“ (1. Петрово 3:7). Ако со сопругата се постапува грубо, тоа може да има разорни последици за нејзината духовност и духовноста на децата.
10. Кои се некои начини на кои сопрузите можат да спроведуваат поглаварство на начин сличен на Христовиот?
10 Сопрузи, вашите семејства ќе цветаат под вашето поглаварство ако го спроведувате на начин сличен на Христовиот. Христос никогаш не бил груб и не навредувал. Напротив, можел да каже: „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Матеј 11:29). Дали твоето семејство може да го каже тоа за тебе? Христос со своите ученици постапувал како со пријатели и имал доверба во нив (Јован 15:15). Дали на својата сопруга ѝ го даваш истото достоинство? За ‚способната жена‘ (NW), Библијата вели: „Срцето на мажот нејзин е убедено во неа“ (Соломонови изреки 31:10, 11). Тоа значи да ѝ дозволиш одредена мера на слобода без да ѝ поставуваш неразумни ограничувања. Освен тоа, Исус ги поттикнувал своите ученици да ги изразуваат своите чувства и мислења (Матеј 9:28; 16:13-15). Дали ти постапуваш така со својата сопруга? Или на искреното несогласување гледаш како на предизвик за твојот авторитет? Ако ги земаш во обѕир чувствата на својата сопруга, наместо да ги игнорираш, всушност го изградуваш нејзиното почитување кон твоето поглаварство.
11. а) Како можат татковците да се грижат за духовните потреби на своите деца? б) Зошто мораат старешините и слугите помошници да пружат добар пример во поглед на згрижувањето на своите семејства?
11 Ако си татко, од тебе се бара да го преземеш водството и во грижата околу духовните, емоционалните и физичките потреби на твоите деца. Тоа вклучува, на духовно поле да имаш добро установен ред за твоето семејство: да работиш со нив во службата на проповедање, да водиш домашна библиска студија, да дискутираш за дневниот стих. Занимливо, Библијата покажува дека еден старешина или слуга помошник треба „својата куќа добро да ја управува“. Затоа мажите кои служат во тие својства треба да бидат примерни семејни поглавари. Иако можеби носат тежок товар на собраниски одговорности, тие мораат на своите семејства да им дадат предност. Павле покажал зошто: „Зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?“ (1. Тимотеј 3:4, 5, 12).
Христијански сопруги кои пружаат поддршка
12. Каква улога игра сопругата во христијанското уредување?
12 Дали си христијанска сопруга? Тогаш и ти мора да играш важна улога во семејното уредување. Христијанските сопруги се опоменати „да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи“ (Тит 2:4, 5). Затоа треба да се стремиш да бидеш примерна домаќинка, да одржуваш чист и пријатен дом за твоето семејство. Домашната работа може понекогаш да биде досадна, но таа не е ниту понижувачка ниту безначајна. Како сопруга, ти ‚вртиш куќа‘ и можеби уживаш одредена слобода во тој поглед (1. Тимотеј 5:14). На пример, ‚способната жена‘, купувала домаќински работи, склопувала спогодби за недвижнини и дури заработувала приход така што водела мала трговија. Не е чудо што ја заслужила фалбата од нејзиниот сопруг! (Соломонови изреки, 31. поглавје). Се разбира, таквите иницијативи биле спроведени во рамките на упатствата од нејзиниот сопруг како нејзин поглавар.
13. а) Зошто на некои жени може да им биде тешко да се подложат? б) Зошто е корисно за христијанските сопруги кога им се подложуваат на своите сопрузи?
13 Меѓутоа, не е секогаш лесно да му се подложиш на својот сопруг. Сите мажи не заслужуваат почитување. И можеби си доста способна кога се работи за ракување со пари, планирање или организација. Можеби имаш световна работа и солидно придонесуваш за семејниот приход. Или можеби, во минатото, на некој начин си страдала од машка доминација и тешко ти е да се подложиш на маж. Сепак, ако покажуваш „длабоко почитување“ (NW) или „страв“ кон својот сопруг, го покажуваш своето почитување спрема Божјето поглаварство (Ефесјаните 5:33, Kingdom Interlinear; 1. Коринтјаните 11:3). Подложноста е исто така пресудна за успехот на твоето семејство; таа ти помага да избегнеш твојот брак да го изложуваш на непотребни притисоци и напнатости.
14. Што би можела да стори сопругата ако не се сложува со одлуката на нејзиниот сопруг?
14 Но, дали тоа значи дека мораш да молчиш кога мислиш дека сопругот донесува одлука која се противи на најдобрите интереси на семејството? Не мора да значи. Авраамовата жена Сара не молчела кога забележала што се заканува на доброто на нејзиниот син, Исак (1. Мојсеева 21:8-10). Слично на тоа, понекогаш можеби чувствуваш обврска да ги изразиш своите чувства. Ако тоа се прави на начин полн со почитување во „правото време“ (NW), еден богобојазлив христијански маж ќе слуша (Соломонови изреки 25:11). Но, ако твојот предлог не се прифаќа, а сериозно не се повредува библиско начело, зарем не би ти наштетило ако одиш против желбите на твојот сопруг? Запомни, „мудра жена си ја уредува [гради, NW] куќата, а глупавата ја урива со рацете свои“ (Соломонови изреки 14:1). Еден начин на кој можеш да си ја градиш својата куќа е да го поддржуваш поглаварството на својот сопруг, да ги фалиш неговите достигнувања, додека смирено ги прифаќаш неговите грешки.
15. На кои начини може сопругата да учествува во поучувањето и подигањето на нејзините деца?
15 Друг начин за изградување на домот е да учествуваш во подигањето и поучувањето на твоите деца. На пример, можеш да придонесеш при одржувањето на семејната библиска студија таа да биде редовна и изградувачка. „Немој да ти почиваат рацете“ (Даничиќ–Караџиќ) кога станува збор за споделување на Божјите вистини со твоите деца во секоја прилика — кога патуваш или дури кога купуваш со нив (Проповедник 11:6). Помогни им да ги подготвуваат нивните коментари за состаноците и точките во Теократската школа на проповедање. Внимавај на тоа со кого се дружат (1. Коринтјаните 15:33). Кога станува збор за божествените мерила и воспитување, на твоите деца дај им до знаење дека ти и твојот сопруг сте обединети. Не дозволувај да те заговараат против твојот сопруг.
16. а) Кој библиски пример служи како охрабрување за самохраните родители и за оние кои се венчани за невернници? б) Како можат другите во собранието да им бидат од помош на таквите?
16 Ако си самохран родител или имаш брачен другар неверник, сигурно ти ќе мораш да го преземеш водството во духовен поглед. Тоа би можело да биде тешко и понекогаш дури обесхрабрувачко. Но немој да се предаваш. Мајката на Тимотеј, Евника, успеала да го поучи по Светото Писмо „како мал“, и покрај тоа што била омажена за неверник (2. Тимотеј 1:5; 3:15). И многумина во нашата средина се радуваат на сличен успех. Ако ти треба помош во овој поглед, би можела да им дадеш до знаење на старешините. Тие можат да уредат некој да ти помогне да одиш на состаноците и во службата на проповедање. Би можеле да ги охрабрат другите да го вклучат твоето семејство во рекреативни излети или собири. Или би можеле да се договорат некој искусен објавител да ти помогне да започнете семејна студија.
Благодарни деца
17. а) Како можат младите да придонесат за доброто на семејството? б) Каков пример во овој поглед поставил Исус?
17 Младите христијани можат да придонесат за доброто на семејството ако го следат советот од Ефесјаните 6:1-3: „Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо. ‚Почитувај ги татка си и мајка си!‘ — тоа е првата заповед со ветување, ‚за да ти биде добро, и да живееш долго на земјата‘“. Ако соработуваш со твоите родители, тогаш го покажуваш твоето почитување спрема Јехова. Исус Христос бил совршен и лесно можел да си мисли дека е под негово достоинство да се подложува на несовршени родители. Сепак, „им беше послушен. . . . Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето“ (Лука 2:51, 52).
18, 19. а) Што значи да им се оддава чест на родителите? б) Како може домот да стане место на освежување?
18 Зарем не би требало и ти на сличен начин да им оддаваш чест на твоите родители? „Оддавање чест“ овде значи да го признаеш исправно установениот авторитет. (Спореди 1. Петрово 2:17.) Во повеќето ситуации таквата чест е задолжителна дури и ако родителите се неверници или ако не пружаат добар пример. Треба уште повеќе да ги почитуваш твоите родители ако се примерни христијани. И запомни дека воспитувањето и поуката што ти ги даваат родителите, не се наменети за прекумерно да те ограничат. Напротив, тие треба да те заштитат за да можеш да ‚живееш понатаму‘ (Изреки 7:1, 2, NW).
19 Значи, колку љубезно уредување претставува семејството! Кога сите заедно, сопрузите, сопругите и децата, ги следат Божјите правила за семејниот живот, домот станува засолниште, место на освежување. Сепак, можат да се појават проблеми поврзани со комуникацијата и одгледувањето на деца. Нашата следна статија разгледува како можат да се решат некои од тие проблеми.
Дали се сеќаваш?
◻ Каков пример поставиле богобојазливите сопрузи, сопруги и деца во библиските времиња?
◻ Какви информации дало христијанството за улогата на сопругот?
◻ Каква улога треба да игра сопругата во христијанското семејство?
◻ Како можат младите христијани да придонесат за доброто на семејството?
[Слика на страница 9]
„Ништо во христијанството не изгледало поново и построго, во споредба со расипаниот морал од тоа време, отколку христијанското гледиште за бракот. . . . [Тоа] отворило една нова ера за човештвото“
[Слика на страница 10]
Христијанските сопрузи ги охрабруваат своите сопруги да ги изразат своите чувства и ги земаат во обѕир тие чувства