Можеш да останеш чист во неморален свет
ТОЈ бил црномурен и згоден. Таа била талентирана и убава. Работеле во иста фирма. Таа го опсипувала со лично внимание. Тој ѝ давал комплименти. Си купувале подароци еден на друг. Набрзо станале љубовници. Тој ја напуштил сопругата заради неа. Таа, на крајот, решила да остане со својот сопруг и да прекине со аферата. Тој рамнодушно се обидел да ѝ се врати на сопругата. Меѓутоа, бидејќи фалело вистинско каење, не успеал во тоа. Сите што биле вклучени, продолжиле и понатаму со животот, но — повредени.
Сексуалниот морал повеќе не се смета за доблест во овој свет. Изгледа дека на дневен ред е тежнеењето по задоволства и уживање без ограничувања. The New Encyclopædia Britannica вели: „Се чини дека прељубата е нешто толку универзално и, во некои случаи, толку вообичаено како и бракот“.
Сепак, Јехова Бог сака бракот ‚на сите да им биде чесен‘, а брачното легло „чисто“ (Евреите 13:4). Писмото изјавува: „Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците . . . нема да го наследат царството Божјо“ (1. Коринтјаните 6:9, 10). Според тоа, за да уживаме божествена наклоност треба да задржиме морална чистота во овој неморален свет.
Како можеме да се заштитиме од расипувачките влијанија кои нѐ опкружуваат? Одговор ни дава цар Соломон од древниот Израел во 5. поглавје од библиската книга Изреки. Да испитаме што има да ни каже тој.
Способноста на размислување те заштитува
„Синко, внимавај на мудроста моја“, почнува царот на Израел. Тој додава: „Приближи го увото кон зборовите мои [проникливоста моја, NW], за да ја запазиш добрата мисла [способноста на размислување, NW], и устата твоја да го зацврсти знаењето“ (Изреки 5:1, 2).
За да се спротивставиме на искушенијата за неморал, потребна ни е мудрост — способноста да се употреби библиското спознание — и проникливост, или моќ да разликуваме исправно од погрешно и да го избереме исправниот пат. За да ја сочуваме својата способност на размислување поттикнати сме да внимаваме на мудроста и на проникливоста. Како можеме да го правиме тоа? Кога ја проучуваме Божјата реч, Библијата, треба да го забележиме начинот на кој Јехова ги врши работите и да го приклониме увото кон неговата волја и неговите намери. Со тоа ќе го насочиме својот мисловен процес во исправни канали. Способноста на размислување стекната на тој начин е во склад со побожната мудрост и со спознанието. Кога исправно ја применуваме, оваа способност нѐ заштитува од тоа да бидеме фатени во стапицата на неморалните заведувања.
Чувај се од мазно непце
Причината зошто способноста на размислување е неопходна за да се задржи морална чистота во нечист свет е тоа што патиштата на неморалното лице се заводливи. Соломон предупредува: „Зашто од усните на туѓа жена капе мед, и непцето ѝ е помазно од масло, но таа најпосле е горчлива како пелин, остра како меч со две острици“ (Изреки 5:3, 4, ДХК).
Во оваа изрека, своеглавата личност е прикажана како „туѓа жена“ — проститутка.a Зборовите со кои таа ја заведува својата жртва се слатки како саќе со мед и помазни од маслиново масло. Зарем не започнуваат вака повеќето сексуални додворувања? На пример, размисли за искуството на една згодна 27-годишна секретарка по име Еми. Таа раскажува: „Овој човек на работа ми обрнува големо внимание и ме пофалува во секоја прилика. Убаво чувство е да се биде забележан. Но, можам јасно да увидам дека тој се интересира за мене само заради секс. Нема да дозволам да бидам измамена од неговите додворувања“. Ласкавите зборови на еден заводник или заводничка обично се привлечни — освен ако не ја препознаеме нивната вистинска природа. За тоа треба да ја примениме нашата способност на размислување.
Последиците од неморалот се горчливи како пелин и остри како меч со две острици — болни и смртоносни. Вознемирената совест, несаканата бременост или сексуално пренослива болест се честопати горчливите последици од таквото однесување. А размисли и за огромната емоционална болка што ја доживува брачниот партнер на едно неверно лице. Еден чин на неверство може да нанесе рани кои се толку длабоки што остануваат засекогаш. Да, неморалот повредува.
Коментирајќи за животниот стил на една своеглава жена, мудриот цар продолжува: „Нозете нејзини слегуваат кон смртта, стапките нејзини водат до пеколот [шеолот, NW]. Таа не оди по патот на животот, патиштата нејзини се непостојани“ (Изреки 5:5, 6). Патиштата на неморалната жена ја водат до смрт — стапките нејзини во шеолот, општиот гроб на човештвото. Денес, кога земаат замав сексуално преносливите болести, особено СИДА-та, колку само се вистинити овие зборови! Нејзиниот исход е ист како исходот на оние кои ѝ се придружуваат на нејзините расипани патишта.
Со искрена грижа царот поттикнува: „Затоа сега, синко, послушај ме и не отстапувај од зборовите Мои. Држи го подалеку од неа патот свој и не приближувај се до вратата на куќата нејзина“ (Изреки 5:7, 8).
Треба да останеме колку што е можно подалеку од влијанието на неморалните луѓе. Зошто да се изложуваме на нивните патишта слушајќи понижувачка музика, гледајќи расипувачка забава или изложувајќи се на порнографски материјал? (Изреки 6:27; 1. Коринтјаните 15:33; Ефесјаните 5:3—5). И колку само е глупаво да го бараме нивното внимание со кокетирање или со нескромно облекување и дотерување! (1. Тимотеј 4:8; 1. Петрово 3:3, 4).
Превисока цена
Заради која друга причина треба да го држиме својот пат подалеку од патот на една своеглава личност? Соломон одговара: „За да не си го дадеш животот свој [достоинството свое, NW] на друг и годините свои на мачител; за да не се наситуваат туѓинците од твојата сила, и трудовите твои да не бидат за туѓа куќа, за да офкаш отпосле, кога плотта твоја и телото твое ќе бидат истоштени“ (Изреки 5:9—11).
Со ова Соломон нагласува колку е висока цената кога некој ќе подлегне на неморал. Прељубата оди рака под рака со губењето на достоинството, или самопочитта. Зарем не е навистина понижувачки да се служи само како средство за задоволување на сопствената неморална страст или на страста на некој друг? Зарем впуштањето во сексуална интимност со некој кој не ни е брачен партнер не покажува недостиг на самопочит?
Но, што вклучува ‚давањето на годините, силата и трудот свој на туѓа куќа, или на туѓинци‘? Еден прирачник наведува: „Поентата на овие стихови е јасна: цената на неверството може да биде висока; затоа што сѐ за што човек работи — позиција, моќ, просперитет — би можело да се изгуби или преку лакомите барања на жената или преку повикот за отштета од страна на заедницата“. Неморалните односи можат скапо да чинат!
Губејќи го своето достоинство и исцрпувајќи ги своите средства, една глупава личност ќе офка, велејќи: „Зошто ја мразев поуката, и срцето мое го презираше разобличувањето, зошто не го послушав гласот на моите учители, и не го приклонував увото кон оние што ме поучуваа? За малку ќе паднев во секакво зло среде собранието и општеството“ (Изреки 5:12—14).
Со текот на времето, грешникот го изразува она што еден изучувач го нарекува „долга литанија на ‚само ако‘: само ако го слушав татко ми; само ако не си терав по свое; само ако го прифатев советот на другите“. Меѓутоа, ова се сфаќа предоцна. Сегашниот живот на нечистото лице веќе е уништен и неговото име е извалкано. Колку само е животоважно да размислуваме за високата цена од впуштањето во неморал пред тој да нѐ проголта!
„Пиј од водата на твојот извор“
Дали Библијата е воздржана во врска со сексуалните односи? Воопшто не. Емоцијата на романтична љубов и екстазата што ја уживаат меѓу себе мажот и жената се дарови од Бог. Меѓутоа, оваа интимност треба да ја уживаат само брачните партнери. Затоа, на оженет маж Соломон му го дава следниов поттик: „Пиј од водата на твојот извор и од онаа, што извира од твојот кладенец. Нека не се разлеваат твоите извори по улицата, водните потоци — по плоштадите; нека ти припаѓаат тие само тебе, а не и на туѓинци“ (Изреки 5:15—17).
„Твојот извор“ и „твојот кладенец“ се поетски изрази за саканата жена. Сексуалното уживање со неа е споредено со пиење освежувачка вода. За разлика од водата достапна на јавните места, изворот или кладенецот се сметаат за приватна сопственост. А мажот е советуван да зачнува деца дома со сопругата, а не да го растура своето семе по плоштадите, т.е. кај други жени. Јасно, советот до мажот е да ѝ биде верен на својата сопруга.
Мудриот човек продолжува: „Благословен да биде изворот твој; и утешувај [радувај, NW] се со жената на својата младост, нека ти е мила како кошута и како срна драга; нејзините гради нека те допираат во секое време, со љубовта нејзина насладувај се постојано“ (Изреки 5:18, 19).
„Изворот твој“, или фонтаната, укажува на изворот на сексуално задоволство. Сексуалното уживање со сопствениот брачен партнер е ‚благословено‘ — дадено од Бог. Според тоа, мажот е поттикнат да се радува со жената на својата младост. За него таа е исто толку мила и прекрасна како кошута, и исто толку драга и грациозна како срна.
Потоа Соломон поставува две реторични прашања: „И зошто ти е, синко, да се забавуваш со надворешна и да ги прегрнуваш градите на туѓа?“ (Изреки 5:20). Да, зошто едно лице кое е во брак да биде намамено во сексуална интимност надвор од бракот преку контакти на работа, на училиште или на друго место?
На христијаните кои се во брак, апостол Павле им го дава овој совет: „Ова ви го велам, браќа, оти времето натаму е кратко, та оние, што имаат жена, да бидат како да ја немаат“ (1. Коринтјаните 7:29). Што вклучува ова? Па, следбениците на Исус Христос треба ‚да го бараат најнапред царството‘ (Матеј 6:33). Според тоа, брачните двојки не треба да бидат толку преокупирани еден со друг што на интересите на Царството би им го дале второто место во својот живот.
Потреба од самоконтрола
Сексуалните желби можат да се контролираат. А оние кои сакаат да имаат Јеховино одобрување мора да ги контролираат. „Ова е волјата Божја: да бидете осветени, да се воздржувате од блудство, и секој од вас да знае да го пази својот сад [сопственото тело] во светост и чист“, опоменал апостол Павле (1. Солунјаните 4:3, 4).
Значи, младите луѓе не треба да брзаат да стапат во брак кога првпат доживуваат будење на сексуалните нагони. Бракот бара обврска, а за да се живее во склад со таквата одговорност потребна е зрелост (1. Мојсеева 2:24). Подобро е да се почека додека не помине „цветот на младоста“ (NW) — периодот кога сексуалните чувства се силни и можат да го искриват просудувањето (1. Коринтјаните 7:36). И колку само е немудро и погрешно некој возрасен кој сака да стапи во брак да се впушти во неморални односи едноставно затоа што нема потенцијален брачен партнер!
„Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија“
Основна причина поради која сексуалниот неморал е погрешен е тоа што не е одобрен од Јехова — Дарителот на животот и Оној кој ги надарил луѓето со сексуална способност. Затоа, давајќи најсилен поттик за морална чистота, цар Соломон наведува: „Оти патиштата на човекот се пред очите на Господа, и Он ги гледа сите патеки негови“ (Изреки 5:21). Да, ништо не е скриено од очите на Бог, „пред Кого ние ќе одговараме“ (Евреите 4:13). Секаков чин на сексуална нечистота, без оглед на тоа колку е таен и сеедно какви можат да бидат физичките и социјалните последици, сигурно ќе го наруши нашиот однос со Јехова. Колку е само глупаво да се изгуби мирот со Бог заради неколку моменти недозволено задоволство!
Можеби изгледа дека некои кои бесрамно се впуштаат во неморални патишта го прават тоа неказнето — но, не за долго. Соломон изјавува: „Беззаконикот го фаќаат неговите сопствени беззаконија, и врските на гревот негов го држат: тој умира без да биде поучен, и поради големото свое безумие загинува“ (Изреки 5:22, 23).
Зошто кој и да е од нас воопшто да застрани? Впрочем, книгата Изреки нѐ предупредува на заводливите патишта на светот. Ни ја дава и цената која обично се плаќа за сексуалниот неморал — нашето здравје, материјалните средства, нашата сила и достоинство. Со толку јасна слика пред себе, никогаш не треба да дојдеме во ситуација да изговараме долга литанија од „само ако“. Да, применувајќи ги советите што ни ги дал Јехова во својата инспирирана Реч, можеме да останеме морално чисти во неморален свет.
[Фуснота]
a Зборот „туѓа“ се применувал на оние кои скршнале од она што било во склад со Законот и на тој начин се отуѓиле од Јехова. Затоа, на проститутката се укажува како на „туѓа жена“.
[Слики на страница 30]
Последиците од неморалот се горчливи како пелин
[Слики на страница 31]
„Радувај се со жената на својата младост“