„Шармантна дива коза“
ШАРМАНТНА не е придавка што повеќето од нас би ја употребиле за да опишеме коза. Можеби на козите помислуваме како на корисни животни кои ќе изедат скоро сѐ и кои нѐ снабдуваат со вкусно месо и хранливо млеко — но тешко дека би ги нарекле шармантни.
Сепак, Библијата опишува една сопруга како „мила срна и шармантна дива коза“ (Пословици 5:18, 19, NW). Соломон, писател на книгата Пословици, бил страствен набљудувач на дивите животни во Израел, така што несомнено имал добра причина да ја употреби оваа метафора (1. Царства 4:30—33). Можеби, како и татко му Давид, ги набљудувал дивите кози кои често го посетувале подрачјето околу Ен Гад, во близина на крајбрежјето на Мртвото Море.
Мали стада диви кози кои живеат во блиската Јудејска пустелија редовно го посетуваат изворот на Ен Гад. Бидејќи тоа е единствениот сигурен извор на вода во ова неплодно подрачје, Ен Гад со векови бил омилено место за поење на дивите кози. Всушност, името Ен Гад веројатно значи „извор на јарето“, сведоштво за редовното присуство на млади кози на ова подрачје. Таму цар Давид нашол засолниште кога бил прогонуван од цар Саул, иако морал да живее како бегалец „на Стрмната Стена на Дивите Кози“ (1. Самоил 24:2, 3).
Во Ен Гад сѐ уште може да се види женски козорог, или дива коза, како грациозно се пробива низ некоја карпеста клисура додека оди по јарецот накај водата. Тогаш можеби почнуваш да ја сфаќаш споредбата на женката козорог со лојална сопруга. Нејзината мирна природа и елегантно држење исто така зборуваат за женствените доблести. Се чини дека зборот „шармантна“ алудира на грациозноста и на елегантниот изглед на дивата коза.a
Женскиот козорог мора да биде јак и грациозен. Како што Јехова му свртел внимание на Јов, дивата коза се кози на гребени, во карпести, непристапни места каде што храната може да биде скудна, а температурите екстремни (Јов 39:1, СП). И покрај овие тешкотии, таа се грижи за своето потомство и го поучува да се искачува и да скока меѓу карпите толку лесно и брзо како што прави таа. Исто така, козорогот храбро ги заштитува своите младенчиња од грабливци. Еден набљудувач гледал како една дива коза половина час се бори со орел, додека јарето клечело под неа за да се заштити.
Христијанските сопруги и мајки честопати мора да ги подигаат своите деца под неповолни околности. Како и дивата коза, тие покажуваат преданост и несебичност грижејќи се за својата одговорност добиена од Бог. Исто така, смело настојуваат да ги заштитат своите деца од духовните опасности. Значи, далеку од тоа со оваа метафора да ги омаловажува жените, Соломон всушност го свртел вниманието кон грациозноста и убавината на жената — духовни карактеристики кои светлат дури и во најтешката околина.
[Фуснота]
a Според The New Brown-Driver-Briggs-Gesenius Hebrew and English Lexicon, во овој контекст хебрејскиот збор чен, преведен со „шармантна“, значи ‚грациозност или елеганција на држењето и изгледот‘.
[Слики на страници 30 и 31]
Христијанската сопруга и мајка покажува прекрасни духовни карактеристики кога ги исполнува своите одговорности добиени од Бог