Прашања од читателите
Од каде знаеме дека описот на мудроста во Пословици 8:22-31 (ПСП) се однесува на Исус Христос во неговото претчовечко постоење?
Вдахновениот опис на мудроста што се наоѓа во книгата Пословици вели: „Господ ме создаде за почеток на Својот пат, на Своите творби, ме создаде уште од вечноста, во почетокот... Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите, пред ридовите... Кога Он го приготвуваше небото, јас бев со Него... јас бев при Него кога создаваше [како вешт градител, NW], и се радував секој ден, веселејќи се пред лицето Негово за сето време... и радоста моја беше со синовите човечки“.
Не е можно овој стих да зборува само за Божјата мудрост или за мудроста во апстрактна смисла. Зошто? Бидејќи мудроста што е тука опишана била ‚создадена‘ како почеток на Јеховиниот творечки пат. Јехова Бог постои отсекогаш и отсекогаш бил мудар (Псалм 90:1, 2). Неговата мудрост немала почеток; не била создадена. Не била ‚родена‘. Освен тоа, за оваа мудрост се вели дека зборува и дека работи, што укажува на личност (Пословици 8:1).
Книгата Пословици вели дека мудроста, како „вешт градител“, уште од вечноста била со Јехова, Творецот. Тоа без сомнение се однесува на Исус. Долго време пред да дојде на Земјата, Исус соработувал толку блиску со Јехова што Божјата реч вели: „Тој е пред сите други работи и преку него биле доведени во постоење сите други работи“ (Колошаните 1:17; Откровение 3:14).
Сосема погодно е што Божјиот Син е прикажан како мудрост, бидејќи тој бил Оној што ги објавувал Јеховините мудри намери и судови. Во своето претчовечко постоење, Исус бил Божја реч, или Говорник (Јован 1:1). Тој е опишан како „Божјата сила и Божјата мудрост“ (1. Коринќаните 1:24, 30). Колку убав опис на Божјиот Син, кого љубовта кон луѓето го поттикнала да си го даде животот како откупнина за нив! (Јован 3:16).
[Слика на страница 31]
„Јас сум се родила пред да бидат втемелени горите“