‚Блазе му на човекот што нашол мудрост‘
ТОЈ бил поет, архитект, цар. Со годишен приход од над 200 милиони долари, бил најбогатиот од сите цареви на Земјата. Овој човек бил прочуен и по својата мудрост. Една царица која дошла да го посети била толку импресионирана што извикала: „И навистина, ни половината не ми беше кажана; ти ја надвишуваш во мудроста и во благосостојбата славата за која што чув“ (1. Цареви 10:4-9). Таков бил статусот на цар Соломон од древниот Израел.
Соломон имал и богатство и мудрост. А тоа особено го оспособило да одреди која од тие две работи била вистински неопходна. Тој напишал: „Блазе му на човекот, што ја нашол мудроста и на човекот, кој го придобил разумот. Подобро е да се придобие таа отколку да се придобие сребро, и таа е поголема печалба и од златото. Поскапоцена е од бисерите, и колку и да се твоите скапоцености, не можат да се споредат со неа“ (Пословици 3:13-15).
Но, каде може да се најде мудроста? Зошто е таа поскапоцена од богатството? Кои се нејзините привлечни обележја? Осмото поглавје од библиската книга Пословици, кое го напишал Соломон, одговара на овие прашања на еден фасцинантен начин. Таму мудроста е персонифицирана, како да може да зборува и да дејствува. И мудроста лично ја открива својата привлечност како и својата вредност.
„Таа вика гласно“
Осмото поглавје од Пословици започнува со едно реторичко прашање: „Не проповеда [Не вика, NW] ли мудроста, и не го подига ли својот глас разумот [проникливоста, NW]?“a Да, мудроста и проникливоста викаат, но сосема поинаку од неморалната жена која демнее на мрачни места и шепоти заводливи зборови во ушите на еден осамен и неискусен младич (Пословици 7:12). „На врвот на ридот, покрај патот, на раскрсниците стои; при излезот од градот крај влезните врати, таа вика гласно“ (Пословици 8:1-3). Силниот и смел глас на мудроста се слуша гласно и јасно на јавни места — кај портите, на раскрсниците и на излезот од градот. Луѓето лесно можат да го чујат тој глас и да се одѕвијат.
Кој може да одрече дека побожната мудрост за која пишува во инспирираната реч Божја, Библијата, му е достапна скоро на секого на Земјата кој сака да ја добие? „Библијата е најчитаната книга во историјата“, вели The World Book Encyclopedia. Таа додава: „Дистрибуирани се повеќе примероци од Библијата отколку од која и да е друга книга. Библијата е преведена и многу повеќе пати и на многу повеќе јазици од која и да е друга книга“. Бидејќи комплетна Библија или делови од неа се достапни на повеќе од 2.100 јазици и дијалекти, повеќе од 90 проценти од човечката фамилија има пристап барем до дел од Божјата реч на свој мајчин јазик.
Јеховините сведоци насекаде јавно ја објавуваат пораката на Библијата. Во 235 земји, тие активно ја проповедаат добрата вест за Божјето Царство и ги поучуваат луѓето за вистините кои се наоѓаат во Божјата реч. Секое од нивните библиски темелени списанија Стражарска кула, која се издава на 140 јазици, и Разбудете се!, кое се печати на 83 јазици, има тираж од над 20 милиони примероци. Мудроста навистина вика гласно на јавните места!
„Го насочувам својот глас кон човечките синови“
Персонифицираната мудрост почнува да зборува, велејќи: „Вам ви проповедам, о луѓе, и го насочувам својот глас кон човечките синови! Сфатете ја мудроста [Разберете ја остроумноста, NW], вие неискусни, а вие неразумни, вразумете го срцето“ (Пословици 8:4, 5).
Повикот на мудроста е универзален. Таа му ја упатува својата покана на целото човештво. Дури и неискусните се поканети да стекнат остроумност, или разумност, а неразумните — разбирање. Навистина, Јеховините сведоци веруваат дека Библијата е книга за сите луѓе и настојуваат непристрасно да ги охрабрат сите што ги среќаваат да ѕирнат во неа и да ги најдат зборовите на мудроста што ги содржи таа.
„Мојот јазик ја зборува вистината“
Зголемувајќи ја својата привлечност, мудроста продолжува: „Слушајте, зашто ќе зборувам за важни нешта, и моите усни ќе откријат што е право, зашто мојот јазик ја зборува вистината, а нечесноста е гнасна за моите усни. Сите зборови на мојата уста се праведни, во нив нема ништо ни криво ни лукаво“. Да, учењата на мудроста се одлични и исправни, верни и праведни. Во нив нема ништо изопачено или лукаво. „Сите тие се јасни за разумниот и праведни за оној кој придобил знаење“ (Пословици 8:6-9).
Мудроста соодветно поттикнува: „Примајте ја мојата поука а не сребро, и знаењето е подобро од златото“. Оваа молба е разумна „зашто мудроста е поскапоцена од бисери, и никакви скапоцености не можат да се споредат со неа“ (Пословици 8:10, 11). Но, зошто? Што ја прави мудроста поскапоцена од богатството?
„Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато“
Даровите со кои мудроста го наградува својот слушател се поскапоцени од злато, сребро или бисери. Наведувајќи кои се овие дарови, мудроста вели: „Јас, мудроста, живеам со разумот и имам расудувачко знаење. Стравот од Господа е омраза кон злото. Јас ги мразам: гордоста, самодостатноста, патот на лошото и уста полна со лаги“ (Пословици 8:12, 13).
На оној кој ја поседува, мудроста му дава остроумност и способност на размислување. Човекот кој има побожна мудрост, има и длабока почит и страхопочит кон Бог, бидејќи „стравот од Господа е почеток на мудроста“ (Пословици 9:10). Затоа, тој го мрази она што Јехова го мрази. Вообразеноста, ароганцијата, неморалното однесување и изопачениот говор се далеку од него. Омразата кон она што е зло го штити од расипувачкиот ефект на моќта. Колку само е важно да бараат мудрост оние кои се на одговорни положби во христијанското собрание, како и семејните поглавари!
„Мои се советот и здравото мислење [практичната мудрост, NW]“, продолжува мудроста. „Јас сум разум, и моја е силата. Преку мене царевите царуваат и началниците делат правда. Преку мене кнезовите кнезуваат и големците и сите земни судии“ (Пословици 8:14-16). Во плодовите на мудроста спаѓаат увидот, разбирањето и силата — фактори кои им се многу потребни на владетелите, началниците и големците. Мудроста им е неопходна на оние кои имаат положба на моќ и на оние кои им даваат совети на другите.
Вистинската мудрост им е лесно достапна на сите, но не ја наоѓа секој. Некои ја отфрлаат или ја избегнуваат, па дури и кога таа им е пред врата. „Јас ги љубам оние кои ме љубат мене“, вели мудроста, „и ме наоѓаат кои ме бараат“ (Пословици 8:17). Мудроста им е достапна само на оние кои сериозно ја бараат.
Патиштата на мудроста се исправни и праведни. Таа ги наградува оние кои ја бараат. Мудроста вели: „Богатството и славата се во мене, постојаното добро и справедливоста. Мојот плод е подобар од чистото и најчистото злато, и мојот приход е подобар од чистото сребро. Јас чекорам по патот на правдата, среде справедливите патеки, да им дадам имот на оние кои ме љубат и да ги наполнам нивните сокровишта“ (Пословици 8:18-21).
Заедно со прекрасните особини и карактеристики како што се разумноста, способноста на размислување, понизноста, увидот, практичната мудрост и разбирањето, во даровите на мудроста спаѓаат богатството и честа. Мудрата личност може да стекне богатство со праведни средства, и духовно да напредува (3. Јованово 2). Мудроста ѝ донесува и чест. Освен тоа, таа наоѓа задоволство во она што го стекнува, и има душевен мир и чиста совест пред Бог. Да, среќен е човекот кој нашол мудрост. Плодовите на мудроста се навистина подобри од чисто злато и од првокласно сребро.
Колку само е навремен овој совет за нас бидејќи живееме во материјалистички свет, каде што нагласокот се става на стекнување богатство со секакви средства и по секоја цена! Никогаш да не изгубиме од вид колку е скапоцена мудроста ниту, пак, да прибегнеме кон некое неправедно средство за стекнување богатство. Никогаш да не ги занемариме самите подготовки преку кои се дава мудроста — нашите христијански состаноци, личното проучување на Библијата и публикациите кои ги обезбедува „верниот и разборит роб“ — само заради стекнување богатство (Матеј 24:45-47).
„Вообличена сум уште од вечноста“
Персонификацијата на мудроста што се наоѓа во 8. поглавје од Пословици не е само средство да се објаснат карактеристиките на една апстрактна особина. Таа симболично се однесува и на Јеховиното најзначајно творештво. Мудроста понатаму вели: „Господ ме имаше во почетокот на Својот пат, пред Своите созданија, многу одамна. Вообличена сум уште од вечноста, од почеток, пред создавањето на земјата. Се родив кога уште немаше бездни, додека немаше извори на изобилни води. Се родив пред да бидат основани горите, пред бреговите; кога уште не ги имаше создадено земјата ни полињата, ни почетокот на земниот прав“ (Пословици 8:22-26).
Колку само добро се сложува штотуку спомнатиот опис на персонифицираната мудрост со она што е речено во врска со „Речта“ во Писмото! „Во почетокот беше Речта, и Речта беше кај Бог, и Речта беше бог“ (Јован 1:1). Персонифицираната мудрост фигуративно го претставува Божјиот син, Исус Христос, во неговото претчовечко постоење.b
Исус Христос е „првороден од сето создание; зашто преку него било создадено сѐ друго на небесата и на земјата, видливите и невидливите“ (Колошаните 1:15, 16). „Кога [Јехова] ги создаваше небесата, бев присутна“, продолжува персонифицираната мудрост, „кога распростираше свод над лицето на бездната; кога ги зацврстуваше облаците во височината и кога ја одреди силината на изворот на прадлабочината. Кога му ги поставуваше на морето неговите граници, за да не му се прелеат водите преку бреговите, кога ги поставуваше основите на земјата, бев покрај Него, како градежничка, бев радосна, од ден на ден, радувајќи се пред Него сето време: Се радував по почвата на Неговата земја, и мојата радост се човечките синови“ (Пословици 8:27-31). Јеховиниот првороден Син бил таму покрај својот Татко, активно работејќи со него — неспоредливиот Творец на небесата и на Земјата. Кога Јехова Бог го создал првиот човек, Неговиот Син соработувал со него во тој проект како Вешт Работник (Битие 1:26). Не е ни чудо што Божјиот син е многу заинтересиран за човештвото, па дури има и наклоност кон него!
„Блазе му на човекот што ме слуша“
Како персонифицирана мудрост, Божјиот Син вели: „Така, деца, послушајте ме, блазе им на оние кои ги чуваат моите патишта. Послушајте ја поуката, за да добиете мудрост и не ја отфрлајте. Блазе му на човекот што ме слуша, и бдее пред моите врати секој ден, и кој ги чува моите довратници. Зашто кој ме наоѓа мене, го наоѓа животот и добива милост од Господа. А ако згреши кон мене, ѝ пакости на својата душа: сите што ме мразат мене, ја љубат смртта“ (Пословици 8:32-36).
Исус Христос е самото олицетворение на Божјата мудрост. „Во него внимателно се скриени сите блага на мудроста и спознанието“ (Колошаните 2:3). Затоа, многу внимателно да го слушаме и тесно да ги следиме неговите стапки (1. Петрово 2:21). Да го отфрлиме него значи да ѝ напакостиме на својата душа и да ја љубиме смртта, зашто „во никој друг нема спасение“ (Дела 4:12). Навистина, да го прифатиме Исус како оној кого Бог го дал за наше спасение (Матеј 20:28; Јован 3:16). На тој начин ќе ја доживееме среќата која доаѓа од ‚наоѓањето живот и добивањето милост од Господа‘.
[Фусноти]
a Хебрејскиот збор за „мудрост“ е во женски род. Затоа некои преводи користат женски заменки кога укажуваат на мудроста.
b Фактот што хебрејскиот збор за „мудрост“ секогаш е во женски род не е во конфликт со употребата на мудроста за да се претстави Божјиот син. Грчкиот збор за „љубов“ во изразот „Бог е љубов“ е исто така во женски род (1. Јованово 4:8). Сепак, употребен е за да укаже на Бог.
[Слики на страница 26]
Мудроста им е неопходна на оние кои се наоѓаат на одговорни положби
[Слики на страница 27]
Не занемарувај ги подготовките преку кои се дава мудрост