Интегритетот ги води чесните
„ЧОВЕК кого го родила жена е кусовечен и полн со неволји“, вели Библијата (Јов 14:1). Се чини дека болките и страдањата се нешто вообичаено за човечкото постоење. Па, дури и секојдневниот живот може да биде исполнет со тегобни грижи и немир! Што ќе нѐ води успешно низ испитувачките околности и ќе ни помогне да задржиме праведна положба пред Бог?
Разгледај го примерот на еден богат човек по име Јов, кој живеел пред околу 3.500 години во денешна Арабија. Каква само несреќа му нанел Сатана на овој богобојазлив човек! Тој ја изгубил сета своја стока и претрпел загуба со смртта на своите сакани деца. Кратко потоа, Сатана го погодил Јов со малигни чиреви од главата до петиците (Јов, поглавја 1, 2). Јов немал никакво сознание зошто му се случуваат лоши работи. Сепак, ‚Јов не згрешил со своите усни‘ (Јов 2:10). „Својата невиност [интегритет, NW] ќе ја бранам до последниот здив“, рекол тој (Јов 27:5). Да, интегритетот го водел Јов низ неговите испити.
Интегритетот се дефинира како морална цврстина или потполност и вклучува да се биде беспрекорен и без маана во очите на Бог. Меѓутоа, тоа не подразбира совршенство на говорот и постапките на несовршените луѓе, кои не можат во потполност да ги задоволат Божјите мерила. Наместо тоа, човечкиот интегритет значи да му се биде целосно или потполно оддаден од срце на Јехова и на неговата волја и намера. Таквата побожна оддаденост ги управува, односно ги води чесните под сите околности и во секое време. Првиот дел од 11. поглавје од библиската книга Пословици покажува како нашиот интегритет може да нѐ води на различни подрачја од животот и нѐ уверува во благословите што ќе произлезат од тоа. Затоа, со длабок интерес да обрнеме внимание на она што е запишано таму.
Интегритетот води до чесност во деловните постапки
Истакнувајќи го начелото за чесност, при што користи поетски наместо правни термини, цар Соломон од древниот Израел вели: „Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна“ (Пословици 11:1). Ова е првото од четирите места во книгата Пословици каде што се користат изразите мерки, тегови или ваги за да се покаже дека Јехова сака неговите обожаватели да бидат чесни во своите деловни постапки (Пословици 16:11; 20:10, 23).
Просперитетот на оние што прибегнуваат кон лажни мерки — или кон нечесност — може да биде примамлив. Но, дали навистина ќе сакаме да се откажеме од Божјите мерила за добро и зло со тоа што ќе учествуваме во неетички деловни практики? Не, ако сме водени од интегритет. Ние ја избегнуваме нечесноста бидејќи една полна мерка, точна тежина што означува чесност, го радува Јехова.
„Мудроста е кај скромните“
Цар Соломон продолжува: „Дали дошла дрскоста? Тогаш ќе дојде срамот; но мудроста е кај скромните“ (Пословици 11:2, NW). Дрскоста — сеедно дали се пројавува како гордост, непослушност или завист — донесува срам. Од друга страна, пак, понизното признавање на нашите ограничувања е пат на мудрост. Колку само добро библиските примери ја илустрираат вистината на оваа пословица!
Еден завидлив Левит, Кореј, повел бунтовна толпа против авторитетот на Јеховините наименувани слуги Мојсеј и Арон. Каков бил исходот од тој дрзок чин? ‚Земјата ја отворила својата утроба и проголтала‘ некои од бунтовниците, додека други, вклучувајќи го и Кореј, биле проголтани од оган (Броеви 16:1—3, 16—35; 26:10; Второзаконие 11:6). Каков срам! Размисли и за Уза, кој дрско посегнал и го придржал ковчегот на сојузот за да не падне. Бил усмртен на самото место (2. Самоил 6:3—8). Колку е само животоважно да ја избегнуваме дрскоста!
Понизниот и скромен човек не доживува срам дури и тогаш кога греши. Јов, иако во многу погледи примерен, бил несовршен. Неговите испити откриле сериозен недостаток во дел од неговото размислување. Бранејќи се од оние што го обвинувале, Јов станал малку неурамнотежен. Дури имплицирал дека бил поправеден од Бог (Јов 35:2, 3, ПСП). Како Јехова го исправил размислувањето на Јов?
Укажувајќи на Земјата, морето, ѕвездените небеса, некои животни и на други чуда на создавањето, Јехова му одржал на Јов лекција за човековата безначајност во споредба со Божјата величина (Јов, поглавја 38—41). Јехова никаде во својот говор не навел зошто Јов страдал. Не ни имало потреба од тоа. Јов бил скромен. Тој понизно ја признал огромната разлика меѓу него и Бог, меѓу неговата сопствена несовршеност и слабост и Јеховината праведност и моќ. „Се гнасам од сите свои зборови [се повлекувам, NW]“, рекол тој, „и се каам во прав и пепел“ (Јов 42:6). Интегритетот го водел Јов спремно да го прифати укорот. Како е со нас? Водени од интегритет, дали ние спремно ќе прифатиме укор или исправка кога е тоа потребно?
Мојсеј бил, исто така, скромен и понизен. Кога се исцрпил грижејќи се за проблемите на другите, неговиот тест Јотор му понудил практично решение: Да ја подели одговорноста со други квалификувани мажи. Признавајќи ги сопствените ограничувања, Мојсеј мудро го прифатил предлогот (Излез 18:17—26; Броеви 12:3). Скромен човек не се колеба да им додели авторитет на другите ниту, пак, се плаши дека тој некако ја губи контролата додека споделува некои соодветни одговорности со други квалификувани мажи (Броеви 11:16, 17, 26—29). Наместо тоа, тој е желен да им помогне да напредуваат духовно (1. Тимотеј 4:15). Зарем тоа не треба да биде случај и со нас?
‚Патот на непорочниот е прав‘
Признавајќи дека интегритетот не го штити секогаш чесниот од опасност или од несреќа, Соломон наведува: „Праведните ги води нивната невиност [Интегритетот ги води чесните, NW], а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство“ (Пословици 11:3). Интегритетот навистина ги води чесните да го прават она што е исправно во Божји очи, дури и под тешки околности и, на долги патеки, им донесува користи. Јов одбил да се откаже од својот интегритет, и Јехова ‚ја благословил новата Јовова состојба уште повеќе отколку поранешната‘ (Јов 42:12). Оние што постапуваат издајнички можеби мислат дека си ја подобруваат положбата на сметка на некој друг и дури може да изгледа дека некое време напредуваат. Но, порано или подоцна, сопствената измама ќе ги уништи.
„Богатството не помага во денот на Божјиот гнев“, вели мудриот цар, „а правдата избавува од смрт“ (Пословици 11:4). Колку е глупаво да се робува за материјална добивка, а да се пропушти да се направи место за лична студија, молитва, присуство на состаноците и за службата на теренот — токму оние активности што ја продлабочуваат нашата љубов кон Бог и ја зајакнуваат нашата оддаденост кон него! Никакво богатство нема да донесе избавување во претстојната голема неволја (Матеј 24:21). Тоа ќе го стори само праведноста на чесните (Откровение 7:9, 14). Затоа, ќе бидеме мудри ако го земеме при срце преколнувањето на Софонија: „Пред да стигне на вас денот на Господовиот гнев, барајте Го Господа, сите кротки на Земјата, сите кои ги извршувате Неговите закони! Барајте ја правдата, барајте ја смиреноста [кроткоста, NW]“ (Софонија 2:2, 3). Во меѓувреме, да си поставиме за цел да ‚му оддаваме чест на Јехова со своите скапоцени работи‘ (Пословици 3:9, NW).
Нагласувајќи ја понатаму вредноста на стремењето кон праведност, Соломон прави контраст меѓу исходот за непорочниот и исходот за злобниот, кога вели: „На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност. Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба. Кога лошиот ќе умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат. Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место“ (Пословици 11:5—8). Непорочниот ниту паѓа на своите патишта ниту, пак, се заплеткува во сопствените постапки. Неговиот пат е прав. На крајот, чесните се спасени од неволја. Злобните можеби изгледаат моќни, но не ги очекува такво избавување.
„Градот се радува“
Интегритетот на чесните и злобата на злосторниците исто така имаат ефект врз другите луѓе. „Лицемерот го убива со устата својот ближен“, вели царот на Израел, „а праведниците се избавуваат со знаење“ (Пословици 11:9). Кој ќе одрече дека клеветата, штетното озборување, срамотниот говор и празните муабети им штетат на другите? Говорот на праведникот пак, од друга страна, е чист, добро промислен и обѕирен. Тој се избавува со знаење бидејќи неговиот интегритет го опремува со доказите потребни за да покаже дека оние што го обвинуваат, лажат.
„Градот се радува на успехот на праведниците“, продолжува царот, „и воскликнува заради пропаста на нечесниот“ (Пословици 11:10). Праведните, општо земено, се сакани од другите, и прават нивните ближни да се чувствуваат радосни — среќни и задоволни. Никој, всушност, не е наклонет кон ‚нечесните‘. Кога тие ќе умрат, луѓето обично не тагуваат по нив. Сигурно никој нема да тажи кога Јехова ‚ќе ги збрише беззакониците од земјата и ќе ги искорени богохулниците‘ (Пословици 2:21, 22). Наместо тоа, ќе имат радост бидејќи тие се отстранети од сцената. Но, како е со нас? Ќе биде добро да размислиме дали начинот на кој се однесуваме придонесува за радоста на другите.
„Градот се воздига“
Правејќи понатаму контраст меѓу ефектот што го имаат чесните и злобните во средината, Соломон вели: „Со благословот на праведните [чесните, NW] градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува“ (Пословици 11:11).
Граѓаните што следат чесен начин на живот унапредуваат мир и благосостојба и ги изградуваат другите во средината. Затоа градот се воздига — просперира. Оние што зборуваат клеветнички, штетни и погрешни работи предизвикуваат немир, несреќа, неединство и неволји. Ова е особено така ако тие поединци се на влијателни позиции. Таквиот град трпи неред, корупција и морален, а можеби и економски распад.
Начелото наведено во Пословици 11:11 важи подеднакво и за припадниците на Јеховиниот народ, додека меѓусебно се дружат во своите собранија слични на градови. Едно собрание во кое имаат влијание духовни луѓе — чесни поединци водени од својот интегритет — е група на среќни, активни и корисни луѓе, кои му донесуваат чест на Бог. Јехова го благословува собранието, и тоа духовно напредува. Овде--онде, некои што можеби се кисели и незадоволни, кои наоѓаат маани и зборуваат лошо за начинот на кој се вршат работите, се како „отровен корен“ што може да се рашири и да ги затруе другите кои во почетокот не биле погодени (Евреите 12:15). Таквите честопати сакаат поголем авторитет и истакнатост. Подбуцнуваат гласини дека во собранието или кај старешините постои неправда, етнички предрасуди или слично. Навистина, нивната уста може да предизвика поделба во собранието. Зарем не треба да ги затвориме ушите за нивниот говор и да настојуваме да бидеме духовни луѓе што ќе придонесуваат за мирот и единството во собранието?
Во продолжение, Соломон вели: „Неразумникот [Оној кому му недостига срце, NW] го презира својот ближен, додека умниот човек [човекот со голема проникливост, NW] молчи. Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната“ (Пословици 11:12, 13).
Колкава само голема штета предизвикува човек кому му недостига добро просудување, или „кому му недостига срце“! Тој продолжува со својот неконтролиран говор до степен на клевета или навредување. Наименуваните старешини мораат брзо да му стават крај на таквото нездраво влијание. За разлика од оној „кому му недостига срце“, проникливиот човек знае кога да молчи. Наместо да ја изневери довербата, тој ја покрива работата. Знаејќи дека неконтролираниот јазик може да предизвика голема штета, проникливиот човек има „верен дух“. Тој им е лојален на соверниците и не ги разоткрива доверливите работи, што би можело да им нанесе штета. Колкав само благослов за собранието се таквите чувари на интегритетот!
За да ни помогне да одиме по патот на непорочните, Јехова ни дава изобилство духовна храна, подготвена под водството на „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45). Исто така, добиваме голема лична помош преку христијанските старешини во нашите собранија слични на градови (Ефешаните 4:11—13). Навистина сме благодарни за нив, зашто „каде нема раководство, народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува“ (Пословици 11:14). Што и да се случи, да бидеме цврсто решени да ‚одиме во нашиот интегритет‘ (Псалм 26:1, NW).
[Истакната мисла на страница 26]
Колку е само глупаво да се робува за материјална добивка, а да се занемарат теократските активности!
[Слики на страница 24]
Јов бил воден од својот интегритет, и Јехова го благословил
[Слика на страница 25]
Уза умрел заради својата дрскост