„Добриот добива одобрување од Бог“
СЀ ЖИВО потекнува од Јехова Бог (Псалм 36:9). Да, „преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). И, зарем нашето срце не се прелева со благодарност кога размислуваме за наградата која им ја дава на оние што имаат близок однос со него? Па, „дарот што го дава Бог е вечен живот“ (Римјаните 6:23). Колку е само важно да бараме одобрување од Јехова!
Псалмистот нѐ уверува дека ‚Бог дава благодат [наклоност, NW]‘ (Псалм 84:11). Но, кому му ја дава? Денес луѓето честопати покажуваат наклоност кон другите на темел на нивното образование, богатство, боја на кожата, етничко потекло и слично. Кон кого има Бог наклоност? Цар Соломон од древниот Израел одговара: „Добриот добива одобрување од Јехова, а човекот со злобни мисли го прогласува за злобен“ (Пословици 12:2, NW).
Очигледно, Јехова е задоволен со оној што е добар — со доблесната личност. Доблестите на еден добар човек вклучуваат особини како што се самодисциплина, непристрасност, понизност, сочувство и здраво просудување. Неговите мисли се праведни, неговите зборови охрабрувачки, неговите дела фер и корисни. Првиот дел од 12. поглавје од библиската книга Пословици ни покажува како треба добротата да влијае на нашиот секојдневен живот и ги истакнува користите што доаѓаат како резултат на покажувањето на оваа особина. Разгледувањето на она што е кажано таму ќе ни даде „увид за да правиме добро“ (Псалм 36:3, NW). Тоа што ќе го применуваме нејзиниот мудар совет ќе ни помогне да добиеме одобрување од Бог.
Важна е дисциплина
„Кој ја љуби поуката [дисциплината, NW], го љуби знаењето“, изјавува Соломон, „а кој го мрази укорувањето неук е“ (Пословици 12:1). Затоа што е желен да се подобрува, добриот човек копнее по дисциплина. Тој брзо го применува советот што го добива на христијанските состаноци или од личните разговори. Зборовите од Писмото или од библиски темелените публикации се како остени што го тераат да следи исправен правец. Тој бара спознание и го користи за да ги исправи своите патеки. Да, оној што ја љуби дисциплината го љуби и спознанието.
Колку е само важна дисциплината за вистинските обожаватели — особено самодисциплината! Можеби посакуваме да имаме подлабоко спознание за Божјата реч. Можеби сакаме да бидеме поделотворни во христијанската служба и да бидеме подобри учители на Божјата реч (Матеј 24:14; 28:19, 20). Но, за да се остварат таквите желби потребна е самодисциплина. Самодисциплина е потребна и во други подрачја од животот. На пример, денес има изобилство материјал што е наменет да разбуди недозволени желби. Зарем не е потребна самодисциплина за да го спречиме окото да се задржува на непристојни глетки? Освен тоа, бидејќи „склоноста на човечкото срце е зла од неговата младост“, некоја неморална мисла може навистина да потекнува од длабочината на умот (Битие 8:21, NW). Потребна е самодисциплина за да не се задржуваме на таквата мисла.
Оној што го мрази укорувањето, од друга страна, не ја сака ниту дисциплината ниту спознанието. Препуштајќи се на човечката грешна склоност, да чувствува огорченост кон укорување, тој се спушта на ниво на неразумно животно — ѕвер — на кое му недостигаат морални вредности. Мораме цврсто да ѝ се спротивставиме на оваа склоност.
‚Корен што не може да се искорне‘
Се разбира, еден добар човек не може да биде неправеден или нефер. Затоа, за да се добие одобрување од Јехова потребна е и праведноста. Цар Давид пеел: „Господи, Ти го благословуваш праведникот; го заштитуваш, со Својата милост, како со штит“ (Псалм 5:12). Споредувајќи ја состојбата на праведните и на злобните, Соломон вели: „Човекот не се зацврстува со беззаконие, а коренот на праведникот не се помрднува“ (Пословици 12:3).
Може да изгледа дека злобните напредуваат. Разгледај го искуството на псалмистот Асаф. „А мене“, вели тој, „за малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите.“ Зошто? Асаф одговара: „Им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците“ (Псалм 73:2, 3). Но, додека влегувал во храмското светилиште на Бог, сфатил дека Јехова ги поставил на лизгава патека (Псалм 73:17, 18). Секој успех што изгледа дека злобните го постигнуваат е привремен. Тогаш, зошто да им завидуваме?
Спротивно на тоа, оној што има одобрување од Јехова е стабилен. Користејќи метафора со цврстите корења на едно дрво, Соломон вели: „Добрите луѓе имаат корења што не можат да се искорнат“ (Пословици 12:3, The New English Bible). Невидливите корења на едно огромно дрво, како што е калифорниската секвоја, можат да зафаќаат површина од речиси два хектара и со нив дрвото може цврсто да се држи наспроти поплави и силни ветрови. Една џиновска секвоја дури може да издржи и силен земјотрес.
Како тие корења во хранливата почва на земјата, нашиот ум и нашето срце треба внимателно и детално да копаат по Божјата реч и да влечат од нејзините животодајни води. На тој начин нашата вера станува цврсто вкоренета и силна, а нашата надеж сигурна и цврста (Евреите 6:19). Нема да бидеме ‚носени ваму-таму од секој ветар на [лажното] учење‘ (Ефешаните 4:14). Се разбира, ќе ги чувствуваме влијанијата на бурните испити и можеби дури и ќе трепериме кога ќе се соочиме со неволја. Но, нашиот ‚корен нема да се помрдне‘.
„Способната жена е венец на својот маж“
Многу луѓе ја знаат изреката: „Зад секој успешен маж стои добра жена“. Истакнувајќи ја важноста на една добра жена, Соломон вели: „Добродетелната [Способната, NW] жена е венец на својот маж, а срамотната е како гнилеж во неговите коски“ (Пословици 12:4). Зборот ‚способна‘ опфаќа многу елементи на доброта. Доблестите на една добра сопруга, како што детално е опишана во Пословици 31. поглавје, вклучуваат марливост, верност и мудрост. Жена што има вакви особини е венец за својот сопруг зашто нејзиното добро однесување му донесува чест и го подига мислењето на другите за него. Таа никогаш не се истакнува амбициозно ниту се натпреварува со него за признание. Наместо тоа, таа е помошник што го надополнува својот сопруг.
Како може една жена да постапува срамно, и со каков резултат? Ова срамно однесување може да се движи од кавгаџиство до прељуба (Пословици 7:10—23; 19:13). Таквите постапки на жената успеваат само да го уништат нејзиниот сопруг. Таа е како „гнилеж во неговите коски“ во таа смисла што „го уништува, како болест што го заслабнува телото“, вели едно референтно дело. „Соодветен современ израз би можел да биде ‚рак‘ — подмолна болест што постепено ја исцрпува животната сила на човекот“, изјавува едно друго референтно дело. Нека христијанските сопруги се стремат да добијат одобрување од Бог со тоа што ќе ги одразуваат доблестите на една способна жена.
Од мисли до постапки, па до последици
Мислите водат до постапки, а постапките до последици. Соломон понатаму покажува како постепено се преминува од мисли на постапки, споредувајќи ги праведните луѓе со злобните. Тој вели: „Мислите на праведните се справедливи, а сплетките на нечесните се измамливи. Зборовите на нечесните се заседа за крвопролевање, а праведните ги избавува нивната уста“ (Пословици 12:5, 6).
Дури и мислите на добрите луѓе се морално здрави и насочени кон она што е фер и праведно. Затоа што праведните се мотивирани од љубов кон Бог и кон ближните, нивните намери се добри. Злобните, од друга страна, се мотивирани од себичност. Како резултат на тоа, нивните планови — нивните методи за постигнување на целта — се измамливи. Нивните постапки се предавнички. Не се двоумат да постават стапица за невините, можеби во судница, користејќи лажни обвиненија. Нивните зборови се „заседа за крвопролевање“ зашто сакаат да им наштетат на своите невини жртви. Праведните, затоа што имаат спознание за злобните заговори и затоа што ја имаат мудроста што е потребна за да се биде претпазлив, можат да ја избегнат оваа опасност. Дури можеби можат и да ги предупредат невнимателните и да ги избават од измамливите сплетки на злобните.
Како ќе поминат праведните и злобните? „Нечесните се сосипуваат и веќе ги нема“, одговара Соломон, „а домот на праведникот останува“ (Пословици 12:7). Домот, вели едно референтно дело, „се однесува на домаќинството и на сѐ што му е скапоцено на поединецот, овозможувајќи му вистински да живее“. Може да се однесува дури и на семејството и на потомците на преведникот. Во секој случај, поентата на пословицата е јасна: Праведникот ќе стои цврсто и во неволја.
Понизниот поминува подобро
Нагласувајќи ја вредноста на проникливоста, израелскиот цар вели: „Човекот бидува пофалуван според остроумноста на својот разум [својата разумна уста, NW], а опакиот во срцето ќе биде презрен“ (Пословици 12:8). Еден прониклив човек не дозволува зборовите избрзано да му излетаат од устата. Тој размислува пред да каже нешто и ужива мирољубиви односи со другите затоа што ‚разумната уста‘ го води внимателно да ги избира зборовите. Кога е соочен со глупави или шпекулативни прашања, проникливиот човек може да „се воздржува во своите зборови“ (Пословици 17:27). Таквиот човек добива пофалба и му е угоден на Јехова. Колку само се разликува од оној со извртени мислења што доаѓаат од ‚опако срце‘!
Да, проникливиот човек добива пофалба, но наредната пословица нѐ учи за вредноста на понизноста. Таа вели: „Подобро е да бидеш мал и да имаш еден слуга, отколку да се издигаш, а да немаш ни леб“ (Пословици 12:9). Изгледа Соломон вели дека е подобро да се биде понизен, со малку средства, да се има само еден слуга, отколку да се троши колку што бараат животните потреби со кои би ја задржал високата положба во општеството. Колку добар совет е ова за нас — да живееме во границите на нашите можности!
Земјоделскиот живот дава лекции за доброта
Искористувајќи го земјоделскиот начин на живот, Соломон нѐ учи две лекции за доброта. „Праведникот внимава и на животот на својот добиток, додека на нечесниот срцето му е свирепо“ (Пословици 12:10). Праведниот човек постапува љубезно со своите животни. Тој ги знае нивните потреби и се грижи за нивното добро. Злобниот можеби ќе рече дека се грижи за животните, но не го засегаат нивните потреби. Неговите мотиви се себични, а начинот на кој постапува со животните се темели на профитот што може да го добие од нив. Она што таквата личност го смета за соодветна грижа за животните, може всушност да биде свирепо постапување.
Начелото за љубезно постапување со животните се однесува и на грижата за домашните миленичиња. Колку би било сурово да земеме некои животни како миленичиња и потоа да им нанесеме непотребно страдање со тоа што ќе ги запоставиме или ќе ги малтретираме! Во случај кога некое животно многу страда од некоја сериозна болест или повреда, љубезноста можеби ќе бара да се стави крај на неговиот живот.
Искористувајќи уште еден аспект од земјоделскиот живот — обработувањето на почвата — Соломон вели: „Кој ја обработува својата земја, наситен е со леб“. Навистина, од смисловната напорна работа се жнеат користи. „А кој трча по суетата, неразумен е [му недостига срце, NW]“ (Пословици 12:11). Затоа што му недостига добро просудување или разбирање, оној на кого „му недостига срце“ трча по јалови, шпекулативни и бескорисни авантури. Лекциите од овие два стиха се јасни: биди милосрден и вреден.
Праведникот напредува
„Злобниот го посакува пленот на нечесните“, вели мудриот цар (Пословици 12:12а, NW). Како злобниот го прави тоа? Изгледа со тоа што посакува да стекне добивка на злобни начини.
Што може да се каже за оној што е добар? Таквиот ја љуби дисциплината и цврсто е вкоренет во верата. Тој е праведен и фер, разборит и понизен, сочувствителен и марлив. А „коренот на праведникот“, вели Соломон, „дава плод“, или „напредува“ (Пословици 12:12б, New International Version). „Коренот на праведникот ќе остане засекогаш“, вели еден друг превод (An American Translation). Таквиот човек е стабилен и безбеден. Навистина, „добриот добива одобрување од Бог“. Тогаш, ‚да се надеваме на Господа и да правиме добро‘ (Псалм 37:3).
[Слики на страница 31]
Како едно здраво дрво, верата на праведникот е цврсто вкоренета