„Законот на мудриот“ — извор на животот
„О ДЛАБОЧИНО на Божјето богатство и мудрост и спознание! Колку се неистражливи неговите судови и недоловливи неговите патишта!“, извикал апостол Павле (Римјаните 11:33). А верниот патријарх Јов рекол: „[Јехова Бог] е мудар со срцето“ (Јов 9:4). Да, на Творецот на небото и на земјата му нема рамен во мудроста. Што може да се каже за законот, или пишаната Реч, на еден ваков Творец?
Псалмистот пеел: „Господовиот Закон е совршен — ја крепи душата; Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот; Господовите повелби се праведни — го веселат срцето; Господовата заповед е светла — ги просветлува очите“ (Псалм 19:7, 8). Цар Соломон од древниот Израел мора добро да ја сфатил вистинитоста на овие зборови! Тој рекол: „Законот на мудриот е извор на животот, избавува од замките на смртта“ (Пословици 13:14, NW). Во претходните 13 стиха од Пословици, 13. поглавје, Соломон покажал како може советот што се наоѓа во Божјата реч да ни помогне да го подобриме квалитетот на нашиот живот и како да не го доведеме во опасност.
Биди поучлив
„Мудриот син ја слуша татковата поука, а потсмевачот не го слуша изобличувањето [укорувањето, NW]“, се вели во Пословици 13:1. Поуката, или дисциплината, од таткото може да биде блага или строга. Таа прво може да дојде во облик на обука, а ако е одбиена во овој облик, на крај и како казна. Еден син е мудар кога ја прифаќа дисциплината од својот татко.
„Кого Јехова го љуби, него и го дисциплинира“, вели Библијата, и „го камшикува секого кого го прима за син“ (Евреите 12:6). Еден начин на кој нашиот небесен Татко нѐ дисциплинира е преку неговата пишана Реч, Библијата. Кога ја читаме Библијата со ценење и го применуваме она што го учиме од неа, неговата Реч всушност нѐ дисциплинира. Ова е за наша корист зашто сѐ што Јехова вели е за наше добро (Исаија 48:17).
Дисциплината може да дојде и во облик на исправање од некој соверник кој е заинтересиран за нашето духовно добро. На секој корисен совет што е во склад со Божјата реч може да се гледа не како да доаѓа од тоа лице туку како да доаѓа од големиот Извор на вистината. Мудро е да го прифатиме како да доаѓа од Јехова. Кога го правиме тоа и кога дозволуваме тој да го обликува нашето размислување, да го подобри нашето разбирање на Писмото и да ги исправи нашите патишта, извлекуваме корист од дисциплината. Истото важи и за советите што ги добиваме на христијанските состаноци и од библиски темелените публикации. Тоа што се оѕвиваме на она што го учиме преку ваквите пишани или кажани зборови е извонреден облик на самодисциплина.
Потсмевачот, од друга страна, не се оѕвива на дисциплина. „Затоа што мисли дека тој знае најдобро“, вели еден прирачник, тој „не е поучлив“. Тој не се оѕвива дури ни на укорувањето — појак облик на дисциплина. Но, може ли тој воопшто да докаже дека дисциплината на Таткото е погрешна? Јехова никогаш не погрешил, и никогаш нема ни да погреши. Со тоа што ја отфрла дисциплината, потсмевачот самиот се изложува на потсмев. Со неколку добро избрани зборови, колку убаво ја покажал Соломон вредноста на тоа да се биде поучлив!
Чувај си го јазикот!
За да покаже колку е важно да се водиме по Божјата реч во нашиот говор, царот на Израел ја споредил устата со едно плодоносно дрво. Тој вели: „Од плодот на својата уста човекот ја ужива добрината, а срцето на беззакониците е полно со насилство“ (Пословици 13:2). Плодот на устата се кажаните зборови. А човек ќе го пожнее она што го посеал со своите зборови. „Ако неговите зборови се добронамерни и кажани за да воспостави пријателски однос со неговите ближни“, вели еден изучувач, „тој ќе ужива добрина, ќе ужива среќен и мирен живот.“ Работите стојат поинаку за беззаконикот. Тој сака да биде насилен и да ги повреди другите. Насилство смислува, насилство и добива. Замките на смртта му се на прагот.
„Кој ја пази својата уста го пази својот живот“, продолжува Соломон. „А кој зборува невнимателно, за главата му е“ (Пословици 13:3). Уништен углед, повредени чувства, затегнати односи, па дури и физичка штета се можни последици од непромислениот, глупав говор. Невнимателниот говор може да доведе до неодобрување од Бог зашто тој секого го смета одговорен за зборовите што ги кажал (Матеј 12:36, 37). Навистина, тоа што ќе имаме цврста контрола над нашата уста ќе нѐ заштити од пропаст. Меѓутоа, како можеме да научиме да си ја чуваме устата?
Еден едноставен начин е да не зборуваме премногу. „Изобилството зборови не бидува без грев“ вели Библијата (Пословици 10:19). Друг начин е да размислиме пред да кажеме нешто. Инспирираниот писател вели: „Невнимателниот зборува како да прободува со меч“ (Пословици 12:18). Кога ќе се каже нешто без претходно да се размисли, може да биде повреден и оној што зборува и оние што го слушаат. Затоа Библијата ни го дава овој практичен совет: „Праведниковото срце смислува [промислува, NW] одговор“ (Пословици 15:28).
Биди трудољубив
„Душата на мрзливиот сака“, вели Соломон, „но без успех, а ќе се исполни желбата на трудољубивите“ (Пословици 13:4). „Поентата [на оваа пословица] е дека да се има само желба е сосем бескорисно“, вели еден прирачник, а „трудољубивоста е она што е вредно. Мрзливите луѓе се жртви на желбите . . . што ги обземаат, но од тие желби не произлегува ништо.“ Меѓутоа душата, или желбата на трудољубивите, е задоволена — исполнета.
Што може да се каже за оние што се колебаат да му се предадат на Јехова затоа што сакаат да избегнат одговорност? Тие можеби сакаат да живеат во Божјиот нов свет, но дали се спремни да направат нешто во врска со тоа? Од оние што „доаѓаат од големата неволја“ се бара да практикуваат вера во откупната жртва на Исус, да му се предадат на Јехова и да го симболизираат своето предание со крштавање во вода (Откровение 7:14, 15).
Размисли, исто така, и за она што е вклучено во тоа да се посегне по служба на надгледник во собранието. Желбата да се посегне по ова извонредно дело секако е за пофалба и Писмото охрабрува на тоа (1. Тимотеј 3:1). Меѓутоа, само да се има желба не е доволно. За некој да се квалификува за некоја положба треба да негува неопходни особини и способности. За тоа е потребен марлив личен напор.
Праведноста — заштита
Еден праведен човек негува побожни особини и ја зборува вистината. Тој сфаќа дека лажењето е спротивно на Јеховиниот закон (Пословици 6:16—19; Колошаните 3:9). Во врска со ова, Соломон вели: „Праведникот мрази лажлив збор, а нечесниот постапува нечесно и срамно“ (Пословици 13:5). Праведниот не само што избегнува лаги; тој всушност ги мрази. Знае дека колку и да изгледаат невини, лагите ги разоруваат добрите човечки односи. Освен тоа, оној што прибегнува кон лаги ја губи довербата од другите. Нечесниот постапува нечесно или затоа што лаже или, пак, на некој друг начин, донесувајќи си срам.
За да покаже дека е од корист ако се прави она што е исправно во Божји очи, мудриот цар вели: „Правдата [Праведноста, NW] го чува непорочниот во патот, а гревот го сосипува грешникот“ (Пословици 13:6). Како една тврдина, праведноста го штити човекот, додека гревот го уништува.
Не се преправај
Покажувајќи разбирање за човечката природа, царот на Израел забележува: „Некој се преправа на богат, а нема ништо; некој се преправа на беден, а има големо богатство“ (Пословици 13:7). Еден човек може да не биде она што се чини дека е. Некои сиромашни луѓе се преправаат дека се богати — можеби за да се истакнат, да остават впечаток дека се успешни или само за да зачуваат образ. Еден богат човек може да се преправа дека е сиромашен само за да скрие колку е богат.
Ниту лажното истакнување ниту криењето не е добро. Ако нашите материјални средства се мали, тоа што ќе трошиме пари на луксузни работи само за да изгледаме богати може да нѐ лиши нас и нашите семејства од неопходните работи за живот. А кога се преправа дека е сиромашен иако е богат, човек може да стане скржавец, лишувајќи се од достоинството и среќата што доаѓаат од дарежливоста (Дела 20:35). Да се живее чесно значи да се води подобар живот.
Задржи ги желбите едноставни
„Со своето богатство човекот го откупува животот“, вели Соломон, „а бедниот не ги слуша заплашувањата“ (Пословици 13:8). Каква поука пренесува оваа мудра изрека?
Да се биде богат си има свои предности, но да се има богатство не е апсолутен благослов. Во овие тешки времиња во кои што живееме честопати богатите и нивните семејства се во опасност да бидат киднапирани и чувани за откуп. Понекогаш, некој богат човек може да плати откупнина за да го откупи својот живот или животот на некој член од семејството. Но, честопати киднапираниот е убиен. Оваа опасност секогаш ги демне богатите.
Оној со малку средства нема такви грижи. Иако можеби ги нема многуте удобности и материјални работи во кои уживаат богатите, помала е веројатноста да биде цел на киднапери. Ова е само една корист од тоа што ќе ги задржиме нашите желби едноставни и нема да си ги трошиме времето и енергијата во трка по богатство (2. Тимотеј 2:4).
Радувај се во „светлината“
Соломон продолжува да покажува дека тоа што ги правиме работите на Јеховин начин е за наше добро. „Светлината на праведните секогаш е радост“ вели тој, „а светилката на нечесниот гаси“ (Пословици 13:9).
Светилката го симболизира она од што зависиме да ни го осветлува патот во животот. ‚Божјата реч е светилка на ногата на праведникот и светлина на неговата патека‘ (Псалм 119:105). Таа содржи неисцрпно спознание и мудрост од Творецот. Колку повеќе го подобруваме нашето разбирање за Божјата волја и намера толку појасна станува духовната светлина што нѐ води. Каков само извор на радост е тоа! Зошто да нѐ одвлече световната мудрост или она што ‚лажно е наречено „спознание“‘? (1. Тимотеј 6:20; 1. Коринќаните 1:20; Колошаните 2:8).
Што се однесува до злобниот, сеедно колку јасно се чини дека свети неговата светилка и сеедно колку изгледа дека е успешен, неговата светилка ќе изгасне. Тој ќе заврши во темнина, каде што неговата нога ќе се сопне. Освен тоа, за него „нема иднина“ (Пословици 24:20).
Меѓутоа, што треба да правиме кога не сме сигурни што да преземеме во дадена ситуација? Што ако не сме сигурни дали е во наша власт воопшто и да преземеме нешто? Пословици 13:10 предупредува: „Гордоста [Вообразеноста, NW] раѓа само препирки“. Постапувањето без спознание или без овластување е вообразеност и предизвикува проблеми. Зарем не би било подобро да се консултираш со другите што имаат спознание и проникливост? „Мудроста е во оние, кои примаат совет“, вели мудриот цар.
Чувај се од лажни очекувања
Парите можат да послужат за корисни цели. Да си добро обезбеден финансиски е подобро отколку да мораш да живееш аскетски или во сиромаштија (Проповедник 7:11, 12). Меѓутоа, она што изгледа како корист од незаконски стекнато богатство може да биде измамливо. Соломон предупредува: „Со измама придобиено богатство исчезнува, а кој собира со труд, го умножува“ (Пословици 13:11).
Разгледај ја, на пример, замката на коцкањето. Еден коцкар може да ги потроши своите тешко заработени пари надевајќи се да добие голема сума. Но колку често ова се прави на штета на неговото семејство! А што се случува ако коцкарот добие? Бидејќи парите дошле лесно, можеби малку ја цени нивната вредност. Освен тоа, тој можеби едноставно не умее да управува со новостекнатата добивка. Зарем не е веројатно дека неговото богатство ќе исчезне исто толку брзо колку и што го стекнал? Од друга страна, постепено стекнатото богатство — малку по малку, со чесна работа — сигурно се зголемува и може да биде искористено за добро.
„Одложената надеж го изнемоштува срцето“, вели Соломон, „а исполнетата желба е дрво на животот“ (Пословици 13:12). Неисполнетите очекувања ќе доведат до разочарувања што ни носат болка во срцето. Ова се случува во секојдневниот живот. Меѓутоа, тоа не е така и со очекувањата што се цврсто темелени на Божјата реч. Можеме да имаме целосна доверба дека ќе се исполнат. Веројатно, дури и она што изгледа како одложување помалку ќе нѐ разочара.
На пример, знаеме дека Божјиот нов свет е многу близу (2. Петрово 3:13). Со желно очекување радосно го чекаме исполнувањето на Божјите ветувања. Што се случува кога го користиме времето што преостанува дотогаш за да бидеме зафатени „во делото Господово“, за да ги охрабриме соверниците и за да изградиме уште поблизок однос со Јехова? Наместо да станеме ‚изнемоштени во срцето‘, ние сме исполнети со радост (1. Коринќаните 15:58; Евреите 10:24, 25; Јаков 4:8). Кога ќе се исполни некоја долгоочекувана желба, тоа е дрво на животот — нешто што навистина закрепнува и освежува.
Божјиот закон — извор на живот
Илустрирајќи ја потребата да се биде послушен на Бог, Пословици 13:13 вели: „Кој го презира словото, тој пропаѓа [го одзема она што го дал во залог, NW], а кој ги почитува заповедите, добива плата“. Ако некој должник си го презира зборот со тоа што нема да исплати некој заем, тој ќе го проигра и она што го дал во залог. На сличен начин, и ние ќе претрпиме загуба ако не сме послушни на Божјите заповеди. Каква загуба?
„Законот на мудриот е извор на животот, избавува од замките на смртта“ (Пословици 13:14, NW). Да се живее без законот на семудриот Бог, Јехова, значи да се биде лишен од водството што може да ни помогне да водиме подобар и подолг живот. Колку огромна загуба би било тоа! Според тоа, мудар правец за нас е да обрнеме грижливо внимание на Божјата реч и да ѝ дозволиме да влијае врз нашите мисли, говор и постапки (2. Коринќаните 10:5; Колошаните 1:10).
[Слики на страница 23]
Тоа што се оѕвиваме на советот од Писмото е извонреден облик на самодисциплина
[Слики на страници 24 и 25]
„Праведниковото срце смислува [промислува, NW ] одговор“
[Слики на страници 24 и 25]
Тоа што сме зафатени „во делото Господово“ нѐ исполнува со радост