„Барајте го Јехова и неговата сила“
„Зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на [да ја покажат неговата сила кон, NW] оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему“ (2. ЛЕТОПИСИ 16:9).
1. Што е моќ, и како ја спроведувале луѓето?
МОЌТА може да значи повеќе работи како, на пример, поседување контрола, авторитет или влијание врз другите; способност да се дејствува или да се предизвика некаков ефект; физичка моќ (сила) или, пак, умствена или морална делотворност. Луѓето немаат добро досие кога станува збор за спроведување моќ. Говорејќи за моќта која ја имаат политичарите, лорд Актон, историчар, вели: „Моќта има тенденција да расипе, а апсолутната моќ расипува апсолутно“. Современата историја изобилува со примери кои ја покажуваат општата вистина на зборовите на лорд Актон. Во текот на 20 век, ‚човекот господарел над човек на своја штета‘, како никогаш порано (Проповедник 8:9). Корумпираните диктатори во голема мера ја злоупотребувале својата моќ и уништиле милиони животи. Моќта која не е контролирана од љубов, мудрост и правда е опасна.
2. Објасни како другите божествени особини влијаат врз начинот на кој Јехова ја користи својата моќ.
2 За разлика од многу луѓе, Бог секогаш ја користи својата моќ за добро. „Зашто очите Господови ја гледаат целата земја, за да им помагаат на [да ја покажат неговата сила кон, NW] оние, чие што срце наполно Му е предадено Нему“ (2. Летописи 16:9). Јехова ја спроведува својата моќ на еден контролиран начин. Стрпливоста го задржува Бог да не ги погуби злобните со цел да им даде прилика да се покаат. Љубовта го поттикнува да дозволи сонцето да свети над сите видови луѓе — праведни и неправедни. На крај, правдата ќе го поттикне да ја употреби својата неограничена моќ за да го уништи оној кој го има средството да предизвикува смрт, Сатана Ѓаволот (Матеј 5:44, 45; Евреите 2:14; 2. Петрово 3:9).
3. Зошто Божјата огромна моќ е причина да имаме доверба во него?
3 Моќта на нашиот небесен Татко која влева стравопочит е причина за вера и доверба — во неговите ветувања и во неговата заштита. Едно мало дете се чувствува безбедно меѓу непознати кога ја стиска раката на својот татко, бидејќи знае дека таткото нема да дозволи да му се случи нешто лошо. На сличен начин, нашиот небесен Татко, оној ‚кој е силен да спасува‘, ќе нѐ заштити од каква и да било трајна штета ако одиме со него (Исаија 63:1; Михеј 6:8). А како добар Татко, Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања. Неговата неограничена моќ гарантира дека ‚неговото слово ќе го направи она за што го испратил‘ (Исаија 55:11; Тит 1:2).
4, 5. а) Што произлегло од безрезервната доверба на цар Аса во Јехова? б) Што може да се случи ако се потпираме на човечки решенија за своите проблеми?
4 Зошто е толку важно да бидеме одлучни да не ја изгубиме од вид заштитата од нашиот небесен Татко? Затоа што е можно некои околности да нѐ совладаат и да заборавиме каде се наоѓа нашата вистинска безбедност. Ова се гледа од примерот на цар Аса, човек кој обично имал доверба во Јехова. Во текот на неговото владеење, Јуда била нападната од милионска војска на Етиопјаните. Увидувајќи дека воената предност била на страната на неговите непријатели, Аса се молел: „Господи, нели е во Твоја сила да им помагаш на силни и слаби? Тогаш помогни ни нам, Господи, Боже, наш, зашто ние на Тебе се надеваме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, Ти си наш Бог; да не биде човекот посилен од Тебе“ (2. Летописи 14:11). Јехова го исполнил барањето на Аса и му дал одлучувачка победа.
5 Меѓутоа, после многу години верна служба, довербата на Аса во Јеховината спасувачка моќ ослабнала. За да спречи воена закана од северното царство Израел, тој се обратил за помош кај Сирија (2. Летописи 16:1—3). Иако митото што му го дал на сирискиот цар Вен-Адад придонело Израел да ја повлече заканата од Јуда, сојузот на Аса со Сирија покажал недостиг на доверба во Јехова. Пророкот Ананиј остро го запрашал: „Етиопците и Ливијците не беа ли со поголема сила и со многу повеќе коли и коњаници? Но штом ти се надеваше на Господа, и Он ги предаде во раката твоја“ (2. Летописи 16:7, 8). Сепак, Аса го отфрлил овој укор (2. Летописи 16:9—12). Кога се соочуваме со проблеми, да не се потпираме на човечки решенија. Наместо тоа, да покажуваме доверба во Бог, зашто довербата во моќта на луѓето неминовно ќе доведе до разочарување (Псалм 145:3—5).
Барај ја моќта што ја дава Јехова
6. Зошто треба да го ‚бараме Јехова и неговата сила‘?
6 Јехова може да им даде моќ на своите слуги, а може и да ги заштити. Библијата нѐ поттикнува да ‚го бараме Јехова и неговата сила‘ (Псалм 105:4, NW). Зошто? Бидејќи кога ги правиме работите со Божја сила, тогаш нашата моќ ќе биде употребена во корист, а не на штета на другите. Никаде не можеме да најдеме подобар пример за тоа од Исус Христос кој извршил многу чуда со ‚силата Господова‘ (Лука 5:17). Исус можел да се посвети на тоа да стане богат, прочуен, па дури и семоќен цар (Лука 4:5—7). Наместо тоа, моќта што ја добил од Бог ја употребил за да обучува и поучува, да помага и да лекува (Марко 7:37; Јован 7:46). Колку убав пример за нас!
7. Која животоважна особина ја негуваме кога ги правиме работите со Божја сила, а не со сопствената?
7 Освен тоа, кога ги правиме работите со „силата, која Бог ја дава“, тоа ќе ни помогне да останеме понизни (1. Петрово 4:11). Луѓето кои тежнеат по моќ за себеси стануваат вообразени. Типичен пример за тоа е асирскиот цар Асардан кој фалбаџиски изјавил: „Јас сум моќен, јас сум семоќен, јас сум херој, јас сум титан, јас сум величествен“. За разлика од тоа, Јехова ‚го избрал она што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните‘. Затоа, ако некој вистински христијанин се фали, тој се фали со Јехова, зашто знае дека она што го постигнал не било со сопствената сила. ‚Понизувањето под моќната Божја рака‘ ќе донесе вистинско возвишување (1. Коринтјаните 1:26—31; 1. Петрово 5:6, NW).
8. Што треба најпрвин да правиме за да добиеме Јеховина моќ?
8 На кој начин црпиме Божја сила? Како прво, мораме да ја бараме во молитва. Исус ги уверил своите ученици дека неговиот Татко ќе им даде свет дух на оние кои го бараат (Лука 11:10—13). Размисли само како ова им влеало сила на Христовите ученици кога избрале да го послушаат Бог, а не верските водачи кои им наредиле да престанат да сведочат за Исус. Кога се помолиле за Јеховина помош, нивната искрена молитва била одговорена, и светиот дух им дал сила смело да продолжат да ја проповедаат добрата вест (Дела 4:19, 20, 29—31, 33).
9. Наведи го вториот извор на духовна сила, и дај библиски пример кој ја покажува неговата делотворност.
9 Второ, духовна сила можеме да црпиме од Библијата (Евреите 4:12). Моќта на Божјата реч била очигледна во деновите на цар Јосија. Иако овој јудејски цар веќе ги имал отстрането паганските идоли од земјата, неочекуваното пронаоѓање на Јеховиниот закон во храмот го мотивирало да ја засили таа програма на очистување.a Откако Јосија лично го прочитал Законот пред народот, целата нација склучила завет со Јехова, и второ, била започната една поенергична кампања против идолопоклонството. Реформата на Јосија имала убав исход — во текот на ‚сите денови на животот негов тие не отстапувале од Господ‘ (2. Летописи 34:33).
10. Кој е третиот начин да црпиме сила од Јехова, и зошто тој е животоважен?
10 Трето, сила од Јехова црпиме преку дружењето со христијаните. Павле ги охрабрил христијаните редовно да присуствуваат на состаноците за да се ‚поттикнуваат кон љубов и добри дела‘ и да се храбрат еден со друг (Евреите 10:24, 25). Кога Петар на чудесен начин бил ослободен од затвор, сакал да биде со своите браќа, па затоа отишол право во куќата на мајката на Јован Марко, каде што ‚многумина биле собрани и се молеле‘ (Дела 12:12). Секако, сите тие можеле да си останат дома и да се молат. Но, решиле да се соберат заедно за да се молат и да се храбрат еден со друг во текот на тоа тешко време. Кон крајот на своето долго и ризично патување до Рим, Павле се сретнал со некои браќа во Потиоли и подоцна со други кои допатувале за да го пречекаат. Каква била неговата реакција? „Кога ги виде Павле [вториве], Му заблагодари на Бог и се ободри“ (Дела 28:13—15). Се зајакнал од тоа што повторно бил со сохристијани. И ние црпиме сила од дружењето со сохристијаните. Сѐ додека сме слободни и можеме да се дружиме меѓу себе, не смееме да се обидуваме сами да чекориме по тесниот пат кој води до живот (Изреки 18:1, NW; Матеј 7:14).
11. Спомни некои околности во кои посебно е потребна ‚сила која е над нормалната‘.
11 Со редовна молитва, проучување на Божјата реч и дружење со соверниците, ‚се потсилуваме во Господа и во силата на Неговата моќ‘ (Ефесјаните 6:10). Несомнено, на сите ни е потребна ‚силата во Господ‘. Некои страдаат од исцрпувачки болести, други од разорните ефекти на староста или од загуба на партнерот со кој биле цел живот (Псалм 40:3). Трети поднесуваат противење од партнер кој не е соверник. Можеби за родителите, особено за самохраните, е заморна одговорноста да имаат работа со цело работно време додека подигаат семејство. На младите христијани им е потребна сила да одолеат на притисокот од врсниците и да им кажат ‚не‘ на дрогата и на неморалот. Никој не треба да се колеба да бара од Јехова ‚сила која е над нормалната‘ за да излезе на крај со таквите предизвици (2. Коринтјаните 4:7, NW).
„Му дава сила на уморениот“
12. Како Јехова нѐ поддржува во христијанската служба?
12 Освен тоа, Јехова им дава сила на своите слуги кога ја извршуваат службата. Во пророштвото на Исаија читаме: „Он му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот . . . оние кои се надеваат на Господа, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат“ (Исаија 40:29—31). Апостол Павле лично добил моќ да ја извршува својата служба. Како резултат на тоа, неговата служба била делотворна. На христијаните во Солун им напишал: „Нашето Благовестие кон вас беше не само со слово, туку и со сила и со Светиот Дух“ (1. Солунјаните 1:5). Неговото проповедање и поучување имало моќ да предизвика големи промени во животот на оние кои го слушале.
13. Што го зајакнало Јеремија да истрае и покрај противењето?
13 Кога се соочуваме со дух на рамнодушност на нашето подрачје — на кое можеби со години постојано проповедаме без некој голем одзив — може да се обесхрабриме. И Јеремија на сличен начин се чувствувал обесхрабрен поради противењето, исмејувањето и апатијата на кои наидувал. „Нема веќе да спомнувам за [Бог], ниту ќе зборувам во Негово име“, си рекол. Но, не можел да молчи. Неговата порака се покажала како ‚распален оган, затворен во [неговите] коски‘ (Јеремија 20:9). Што му ја обновило силата наспроти големото непријателство? „Со мене е Господ како страшен јунак“, рекол Јеремија (Јеремија 20:11). Неговото ценење за животоважното значење на пораката и на задачата што му ја дал Бог го направиле приемчив за Јеховиното охрабрување.
Моќ да ранува и моќ да лечи
14. а) Колку моќен инструмент е јазикот? б) Наведи примери кои покажуваат каква штета може да направи јазикот.
14 Секоја моќ што ја поседуваме не доаѓа директно од Бог. На пример, јазикот има моќ да ранува и да лечи. „Смртта и животот му се потчинети [се во моќта, NW] на јазикот“, предупредува Соломон (Изреки 18:22). Резултатите од краткиот разговор на Сатана со Ева покажуваат колкав хаос можат да направат зборовите (1. Мојсеева 3:1—5; Јаков 3:5). И ние можеме да направиме голема штета со јазикот. Презривите забелешки за тежината на некоја млада девојка можат да ја турнат на патот до анорексија. Непромисленото повторување на некоја клевета би можело да уништи некое долгогодишно пријателство. Да, јазикот треба да се држи под контрола.
15. Како можеме да го користиме јазикот за да изградуваме и лечиме?
15 Меѓутоа, јазикот може и да изградува и да урива. Една библиска изрека вели: „Празнословецот ранува како меч, а јазикот на мудрите исцелува“ (Изреки 12:18). Мудрите христијани ја користат моќта на својот јазик за да ги тешат депримираните и ужалените. Сочувствителните зборови можат да ги охрабрат тинејџерите кои се борат со штетниот притисок од врсниците. Промислениот јазик може да ги увери постарите браќа и сестри дека сѐ уште се потребни и сакани. Љубезните зборови можат да им го разубават денот на оние кои се болни. Пред сѐ, јазикот можеме да го користиме за да ја споделуваме моќната порака за Царството со сите кои ќе слушаат. Ако го правиме од срце, објавувањето на Речта Божја ќе биде во рамките на нашата моќ. Библијата вели: „Не откажувај да му направиш добро на оној, кој има потреба, кога раката твоја има сила да му помогне“ (Изреки 3:27).
Исправно користење на моќта
16, 17. Како старешините, родителите, сопрузите и сопругите можат да го имитираат Јехова при спроведувањето на авторитетот кој им го дал Бог?
16 Иако е семоќен, Јехова го води собранието со љубов (1. Јованово 4:8). Имитирајќи го него, христијанските надгледници се грижат за Божјето стадо со љубов — употребувајќи, а не злоупотребувајќи го својот авторитет. Точно, понекогаш надгледниците треба да ‚укоруваат, прекоруваат, поттикнуваат‘, но тоа го прават „со сета долготрпеливост и уметност на поучување“ (2. Тимотеј 4:2, NW). Затоа старешините постојано медитираат за зборовите кои апостол Петар им ги напишал на оние кои имаат авторитет во собранието: „Пасете го Божјето стадо, што го имате, надгледувајќи го не присилно, туку драговолно и според Бога; не заради неправедна корист, туку од добро срце. И не како да управувате со народот, туку давајќи му пример на стадото“ (1. Петрово 5:2, 3; 1. Солунјаните 2:7, 8).
17 Исто така, родителите и сопрузите имаат авторитет што им го дал Јехова, и оваа моќ треба да ја користат за да помагаат, потхрануваат и негуваат (Ефесјаните 5:22, 28—30; 6:4). Исусовиот пример покажува дека авторитетот може делотворно да се примени со љубов. Ако стегата е урамнотежена и доследна, децата не стануваат потиштени (Колосјаните 3:21). Кога христијанските сопрузи го спроведуваат своето поглаварство со љубов, а сопругите длабоко го почитуваат сопругот како поглавар наместо да одат надвор од нивната од Бог доделена сфера на влијание за да доминираат или да си тераат по свое, тогаш браковите се зајакнуваат (1. Петрово 3:7).
18. а) Како треба да го имитираме Јеховиниот пример при контролирањето на гневот? б) Што треба да се обидат оние кои имаат авторитет да всадат во лицата кои се под нивна грижа?
18 Оние кои имаат авторитет во семејството и во собранието треба особено да пазат да го контролираат својот гнев, бидејќи гневот всадува страв, а не љубов. Пророкот Наум рекол: „Господ е долготрпелив и голема е силата Негова“ (Наум 1:3; Колосјаните 3:19). Способноста да се контролира гневот е знак на сила, но да му се даде оддишка е доказ за слабост (Изреки 16:32). И во семејството и во собранието целта е да се всади љубов — љубов кон Јехова, љубов еден кон друг и љубов кон исправните начела. Љубовта е најсилната врска на единство и најсилната мотивација да се прави она што е исправно (1. Коринтјаните 13:8, 13; Колосјаните 3:14).
19. Каква утешителна гаранција ни дава Јехова, и како треба да реагираме?
19 Да се познава Јехова значи да се признае неговата моќ. Јехова преку Исаија рекол: „Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Господ Бог, Кој ги создал краиштата на земјата, не се изморува и не изнемоштува“ (Исаија 40:28). Јеховината моќ е неисцрпна. Ако навистина се ослонуваме на него а не на себеси, нема да нѐ напушти. Тој нѐ уверува: „Не плаши се, зашто Јас сум со тебе; не се вознемирувај, зашто Јас сум Бог твој; Јас ќе те закрепам и ќе ти помогнам, ќе те поддржам со десницата на Мојата правда“ (Исаија 41:10). Како треба да реагираме на неговата грижа полна со љубов? Исто како Исус, нека секогаш ја користиме сета моќ што Јехова ни ја дава за да помагаме и да изградуваме. Да го контролираме својот јазик за да лечи, а не да ранува. И секогаш да бидеме духовно будни, да стоиме цврсто во верата и да растеме силни во моќта од нашиот Величествен Творец, Јехова Бог (1. Коринтјаните 16:13).
[Фуснота]
a Изгледа Евреите го пронашле оригиналниот примерок од Законот на Мојсеј, кој бил ставен во храмот со векови пред тоа.
Можеш ли да објасниш?
• Како Јехова ја користи својата моќ?
• На кои начини можеме да црпиме од Јеховината моќ?
• Како треба да се користи моќта на јазикот?
• Како авторитетот добиен од Бог може да биде благослов?
[Слика на страница 15]
Исус ја користел Јеховината сила за да им помага на другите
[Слики на страница 17]
Ако го правиме од срце објавувањето на Божјата реч ќе биде во рамките на нашата моќ