Радосни свадби со кои му се искажува чест на Јехова
Велш И Елтеја Се Венчале Во Совето (ЈУЖНА АФРИКА) Во 1985 Година. Одвреме Навреме Го Разгледуваат Својот Албум Од Свадбата Заедно Со Ќеркичката Зинзи И Го Оживуваат Тој Радосен Ден. Зинзи Сака Да Ги Идентификува Гостите На Свадбата И Посебно Ужива Во Сликите На Кои Нејзината Мајка Е Толку Убаво Облечена.
СВАДБАТА започнала со говор за венчавање кој бил одржан во една општинска сала во Совето. Потоа, хор од христијански младинци во четириделна хармонија отпеал песни за фалба на Бог. После тоа гостите биле послужени со оброк додека тивко се слушала касета со мелодии на Царството. Не се служеле алкохолни пијалаци, и немало гласна музика или танцување. Наместо тоа, гостите уживале во меѓусебно дружење и во честитање на парот. Сѐ на сѐ, настанот траел отприлика три часа. „Тоа беше свадба која секогаш ми буди нежни спомени“, се сеќава Рејмонд, христијански старешина.
Во времето на својата свадба, Велш и Елтеја биле доброволни работници во подружницата на Watch Tower Bible and Tract Society во Јужна Африка. Тие можеле да си дозволат само скромна свадба. Некои христијани избрале да ја напуштат полновремената служба и да најдат световно вработување за да ги покријат трошоците за една раскошна свадба. Меѓутоа, Велш и Елтеја не жалеле што одлучиле да имаат скромна свадба бидејќи тоа им дозволило да продолжат да му служат на Бог како полновремени слуги сѐ до раѓањето на Зинзи.
Но, што ако еден пар одлучи на свадбата да има световна музика и танцување? Што ако решат да служат вино или други алкохолни пијалаци? Што ако можат да си дозволат голема и раскошна свадба? Како можат да бидат сигурни дека настанот ќе биде среќна прилика која ќе доликува на Божји обожаватели? Овие прашања заслужуваат внимателно разгледување, зашто Библијата заповеда: „Јадете ли, пиете ли, или нешто друго правите, сето тоа правете го за слава Божја“ (1. Коринтјаните 10:31).
Да се избегнува лумпување
Тешко е да се замисли невесела свадба. Сепак, постои многу поголема опасност да се отиде во друга крајност и да има премногу неконтролирано лумпување. На многу свадби кај луѓе кои не се Сведоци, се случуваат работи кои го обесчестуваат Бог. На пример, вообичаено е консумирање алкохол до степен на пијанство. За жал, ова се случило дури и на некои христијански свадби.
Библијата предупредува дека ‚ракијата е бунтовник [бучна, NW]‘ (Изреки 20:1). Хебрејскиот збор преведен со „бучна“ значи да „се создаде гласна бука“. Ако алкохолот може да направи еден човек да биде бучен, замисли си само што може да направи со едно големо мноштво луѓе кои се собрани заедно и премногу пијат! Очигледно, таквите прилики можат лесно да прераснат во „пијанки, лумпувања и слично“ (NW) кои во Библијата се наброени како ‚дела на телото‘. Поради таквите практики, сите оние кои не се каат се дисквалификувани од наследувањето вечен живот под владата на Божјето Царство (Галатјаните 5:19—21).
Грчкиот збор за „лумпување“ се користел за да се опише бучна улична поворка од полупијани млади кои пееле, танцувале и свиреле. Ако на некоја свадба премногу слободно се точи алкохол, и ако има гласна музика и диво танцување, постои вистинска опасност таа прилика да се претвори во нешто што личи на лумпување. Во таква атмосфера, слабите можат лесно да паднат во искушение и да извршат други дела на телото како што се „блудство, нечистотија, бесрамност, [или да подлегнат на изливи на] гнев“. Што може да се стори за да се спречи тие дела на телото да ја расипат радоста на една христијанска свадба? За да одговориме на ова прашање, да разгледаме што вели Библијата за една свадба.
Свадба на која присуствувал Исус
Исус и неговите ученици биле поканети да присуствуваат на една свадба во Кана Галилејска. Тие ја прифатиле поканата, а Исус дури и придонел за радоста на приликата. Кога снемало вино, тој на чудесен начин направил додатна резерва вино со најдобар квалитет. После свадбата, виното што преостанало несомнено некое време служело за потребите на благодарниот младоженец и на неговото семејство (Јован 2:3—11).
Од свадбата на која присуствувал Исус можеме да извлечеме неколку поуки. Прво, Исус и неговите апостоли не упаднале на свадбената гозба непоканети. Библијата конкретно наведува дека тие биле поканети (Јован 2:1, 2). На сличен начин, во две илустрации за свадбени гозби, Исус секогаш одново зборувал дека гостите биле присутни затоа што биле поканети (Матеј 22:2—4, 8, 9; Лука 14:8—10).
Во некои земји е обичај секој од околината слободно да отиде на една свадбена гозба сеедно дали е поканет или не. Меѓутоа, ова може да води до финансиски тешкотии. Еден пар кој не е богат може да западне во долг за да обезбеди доволно храна и пиење за некое мноштво од неограничен број луѓе. Затоа, ако еден христијански пар реши да има скромен прием со одреден број гости, сохристијаните кои не се поканети треба да го разберат тоа и да го почитуваат. Еден човек кој се женел во Кептаун (Јужна Африка), раскажува дека на својата свадба поканил 200 луѓе. Меѓутоа, испаднале 600, и брзо ја изеле храната. Меѓу оние кои не биле поканети имало еден полн автобус со посетители кои баш тој викенд кога се одржувала свадбата биле во обиколка на Кептаун. Водичот на оваа обиколка со автобус бил некој далечен роднина на невестата и сметал дека има право да ја поведе целата група без дури и да се консултира со невестата или со младоженецот!
Освен ако е наведено дека приемот е отворен за сите, еден вистински следбеник на Исус ќе избегнува да оди на свадбен прием непоканет и да се послужува од храната и пијалакот обезбедени за поканетите гости. Оние кои се во искушение да отидат непоканети, би требало да се запрашаат: ‚Зарем моето одење на оваа свадбена гозба нема да покаже недостиг на љубов кон младоженците? Зарем нема да предизвикам тешкотии и да ја одземам радоста на приликата?‘ Наместо да се навреди ако не биде поканет, еден христијанин кој има разбирање може љубезно да испрати картичка за да му честита на парот и да му посака Јеховин благослов. Може дури и да размисли да му помогне на парот така што ќе му испрати подарок за да придонесе за среќата на неговата свадба (Проповедник 7:9; Ефесјаните 4:28).
Кој е одговорен?
Во некои делови на Африка е обичај постарите роднини да ги преземат подготовките за свадбата. Можеби паровите се благодарни за ова, бидејќи ги ослободува од финансиските обврски. Но, тие можеби мислат дека тоа ги ослободува и од одговорноста за сѐ што би можело да се случи. Меѓутоа, пред да прифати каков и да било облик на помош од добронамерните роднини, еден пар треба да биде сигурен дека ќе се почитуваат нивните лични желби.
Иако Исус бил Божји Син кој ‚слегол од небото‘, не постои показател дека тој ги презел и управувал со повеќето работи на свадбата во Кана (Јован 6:41). Напротив, библискиот извештај ни кажува дека некој друг бил назначен да дејствува како ‚управител на гозбата‘ (Јован 2:8, NW). Тој човек пак, од своја страна, бил одговорен пред новиот семеен поглавар, имено пред младоженецот (Јован 2:9, 10).
Христијанските роднини треба да го почитуваат поглаварот на новото семејство кој е наименуван од Бог (Колосјаните 3:18—20). Тој е оној кој треба да ја преземе одговорноста за она што се случува на неговата свадба. Секако, младоженецот треба да биде одговорен и, ако е можно, да се приспособи кон желбите на својата невеста, своите родители и нејзините родители. Сепак, ако роднините инсистираат да ги организираат работите спротивно на желбите на парот, тогаш парот љубезно би можел да ја одбие нивната помош и да си плати за својата сопствена скромна свадба. На тој начин нема да се случи ништо што ќе го остави парот со непријатни спомени. На пример, на една христијанска свадба во Африка еден роднина, кој не бил соверник а бил водител кој ги забавува гостите, наздравил во чест на мртвите предци!
Понекогаш брачниот пар заминува на меден месец уште пред да заврши свадбената прослава. Во таков случај, младоженецот треба да среди некои одговорни лица да се грижат за да се задржат библиските мерила и прославата да заврши во разумно време.
Грижливо планирање и рамнотежа
Очигледно, на свадбата на која бил Исус имало изобилство добра храна, зашто Библијата ја опишува како свадбена гозба. Како што беше забележано, имало и изобилство вино. Несомнено, имало пригодна музика и достоинствено танцување бидејќи тоа било вообичаено обележје на еврејскиот општествен живот. Исус го покажал ова во својата прочуена илустрација за расипничкиот син. Богатиот татко од таа приказна бил толку среќен заради враќањето на својот покајнички син што рекол: „Да јадеме и да се веселиме“. Според Исус, прославата вклучувала „музичка изведба и играње“ (Лука 15:23, 25, NW).
Меѓутоа, интересно е тоа што Библијата не укажува конкретно на музика и танцување на свадбата во Кана. Всушност, во ниеден од библиските извештаи за свадби не се укажува на танцување. Изгледа дека меѓу Божјите верни слуги од библиски времиња танцувањето било споредно а не главно обележје на нивните свадби. Можеме ли да научиме нешто од ова?
На некои христијански свадби во Африка се користи многу гласна електронска звучна опрема. Музиката може да биде толку гласна што гостите не можат опуштено да разговараат. Понекогаш очигледно недостасува храна, но не недостасува танцување кое лесно може да излезе од контрола. Наместо да бидат свадбени гозби, таквите прилики можат едноставно да бидат изговор за игранка. Освен тоа, гласната музика честопати привлекува луѓе кои прават неред, непознати кои едноставно доаѓаат непоканети.
Со оглед на тоа што библискиот запис за свадбите не ги нагласува музиката и танцувањето, зарем ова не треба да биде водич за парот кој планира свадба со која ќе му се искаже чест на Јехова? Сепак, при подготовката на неколку неодамнешни свадби во јужниот дел на Африка, христијанските младинци кои биле избрани да бидат дел од придружбата на невестата, поминале долги часови вежбајќи ги сложените чекори за танци. На ваков начин, со месеци претерано трошеле од своето време. Но, христијаните треба да ‚го ползуваат времето‘ за „поважните работи“ (NW) како што се делото на евангелизирање, личната студија и присуството на христијанските состаноци (Ефесјаните 5:16; Филипјаните 1:10).
Од количината на виното кое го обезбедил Исус се чини дека свадбата во Кана била голема, раскошна. Меѓутоа, можеме да бидеме сигурни дека приликата не била бучна и дека гостите не злоупотребувале алкохол како што било случај на некои еврејски свадби (Јован 2:10). Зошто можеме да бидеме сигурни во ова? Затоа што бил присутен Господ Исус Христос. Исус, најмногу од сите луѓе, би пазел да биде послушен на Божјата заповед во врска со лошото друштво: „Не биди меѓу оние, што се опиваат со вино“ (Изреки 23:20).
Според тоа, ако еден пар одлучи на својата свадба да послужува вино или други алкохолни пијалаци, треба да организира тоа да се прави под строга контрола на одговорни лица. И ако одлучи да има музика, треба да избере пригодни мелодии и да постави одговорен човек кој ќе ја контролира јачината на звукот. На гостите не треба да им се дозволи да преземат контрола и да пуштаат сомнителна музика или да го попуштаат звукот до неразумно ниво. Ако има танцување, тоа треба да биде достоинствено и контролирано. Ако некои роднини кои не се соверници или некои незрели христијани прават вулгарни или сетилни движења при танцувањето, младоженецот би можел да ја смени музиката или тактично да побара да се престане со танцување. Инаку, свадбата би можела да се претвори во прилика на распуштено однесување и да биде повод за спрепнување (Римјаните 14:21).
Поради опасностите кои се својствени за некои видови современи танци, гласната музика и слободното точење алкохол, некои христијански младоженци одлучиле да не ги вклучуваат тие обележја на својата свадба. Некои биле критикувани заради тоа, но напротив, тие треба да бидат пофалени заради нивната желба да избегнат сѐ што би можело да му донесе прекор на Божјето свето име. Од друга страна, пак, некои младоженци се погрижиле да има пригодна музика, време за танцување и алкохол да се служи умерено. Во секој случај, младоженецот е одговорен за она што тој дозволува да се случи на неговата свадба.
Некои незрели поединци во Африка ги презираат достоинствените христијански свадби и велат дека е исто како да се на погреб. Меѓутоа, тоа не е урамнотежено гледиште. Грешните дела на телото можат да донесат привремено возбудување, но ја вознемируваат совеста на христијаните и му донесуваат прекор на Божјето име (Римјаните 2:24). Од друга страна, пак, Божјиот свет дух донесува вистинска радост (Галатјаните 5:22). Многу христијански парови со гордост се осврнуваат на денот на својата свадба, знаејќи дека тоа била среќна прилика, а не „повод за спрепнување“ (2. Коринтјаните 6:3, NW).
Велш и Елтеја сѐ уште се сеќаваат на многуте поволни коментари од роднините кои не се соверници што биле на нивната свадба. Еден од нив рекол: „Уморни сме од бучни свадби какви што се прават сега. За промена, беше толку убаво да се присуствува на една пристојна свадба“.
Што е најважно, христијанските свадби кои се радосни и достоинствени му донесуваат чест на Основачот на бракот, Јехова Бог.
[Рамка/слика на страница 22]
СПИСОК СО ПОТСЕТНИЦИ ЗА СВАДБЕНИОТ ПРИЕМ
• Ако поканиш да одржи говор некој роднина кој не е соверник, дали си сигурен дека нема да внесе некоја небиблиска традиција?
• Ако има музика, дали си избрал само пригодни песни?
• Дали музиката ќе биде со разумна јачина?
• Ако се дозволи танцување, дали тоа ќе биде на еден достоинствен начин?
• Дали алкохол ќе се служи само умерено?
• Дали служењето алкохол ќе го контролираат одговорни лица?
• Дали си поставил разумно време кога да заврши свадбениот прием?
• Дали ќе бидат присутни одговорни лица кои ќе се грижат за редот сѐ до крајот?