Доброто име е повредно од богатство
ДА ИМАШ добро име е толку вредно нешто што во некои земји тоа е заштитено со закон. Ова може да вклучува заштита од клевета и навреда, сеедно дали е кажана усно или е објавена во медиумите. Една мудра изрека гласи: „Подобро е да избереш добро име отколку големо богатство, и наклоноста од другите е подобра од среброто и златото“ (Изреки 22:1). Како може да си стекнеме добро име и луѓето да нѐ почитуваат? Библијата ни дава корисни совети во врска со тоа.
На пример, размисли за она што стои во Псалм 15. Откако псалмистот го поставил прашањето „Кој ќе биде гостин во [Божјиот] шатор?“, тој напишал: „Оној што... постапува праведно и ја зборува вистината во своето срце. Тој не клевети... Не му прави никакво зло на ближниот свој и не го срамоти пријателот свој. Неговите очи го отфрлаат оној што заслужува презир... Својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета... и не зема поткуп“ (Псалм 15:1-5). Кој не би почитувал човек што живее според овие мерила?
Уште една особина што може да придонесе другите да нѐ почитуваат е понизноста. Во Изреки 15:33 пишува: „Пред честа оди понизноста“. Размисли: Оној што е понизен сфаќа во што треба да се подобри и дава сѐ од себе за да успее во тоа. Исто така, понизниот е спремен да се извини ако навредил некого (Јаков 3:2). Спротивно на тоа, оној што е горд многу брзо се навредува и веднаш се лути. „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“, стои во Изреки 16:18.
Но, што ако некој ти го оцрнил името? Дали ќе преземеш нешто избрзано и во лутина? Прашај се: „Ако се обидам да се бранам, дали можеби само ќе придонесам лагата уште повеќе да се рашири?“ Иако во одредени случаи е во ред да се покрене правна постапка, Библијата ни го дава следниов мудар совет: „Немој пребрзо да поведуваш парница“ (Изреки 25:8). Наместо тоа, лично „реши го спорот со својот ближен“ (Изреки 25:9, Превод на д-р Д. Х. Константинов).a Доколку постапиме на ваков разумен начин, ќе се поштедиме и од високи судски давачки.
Библијата не е само религиозна книга. Таа содржи мудри и практични совети за животот. Оние што учат од нејзината мудрост развиваат особини кои придонесуваат да си стекнат добро име и почит од другите.
a Други библиски начела кои можат да ни помогнат да ги решаваме несогласувањата има во Матеј 5:23, 24; 18:15-17.