Гледиште на Библијата
Дали понизноста е слаба или јака страна?
ВО СВЕТОТ е вообичаено гордите и самоуверени луѓе да се истакнуваат како пример на кој останатите треба да се угледаат. На понизните и кротките, пак, се гледа како на слаби, плашливи или попустливи. Но, дали вистинската понизност е слаба страна? И обратно, дали гордоста е јака страна? Што вели Библијата за тоа?
Веднаш мора да кажеме дека Библијата не вели дека е секогаш погрешно да си горд. На пример, христијаните треба да се гордеат со тоа што Јехова е нивниот Бог и што ги познава (Псалм 47:4; Еремија 9:24; 2. Солуњаните 1:3, 4). И родителите можат да се гордеат со своите деца кога тие се однесуваат како примерни христијани и храбро продолжуваат да го обожаваат вистинскиот Бог (Изреки 27:11). Но, гордоста има и мрачна страна.
Подлабок увид во гордоста и понизноста
Според една дефиниција, гордоста е претерана самопочит. Ваквата гордост кај некого може да роди неисправни чувства — може да си мисли дека е многу важна личност и дека е подобар од другите, можеби поради својата убавина, раса, положба, таленти или богатство (Јаков 4:13-16). Библијата вели дека некои луѓе се „надуени“ (2. Тимотеј 3:4, превод на МПЦ). Со други зборови, тие имаат превисоко мислење за себеси, иако нема реална основа за тоа.
Од друга страна, понизните се трудат да имаат чесно и објективно гледиште за себеси. Тие си ги признаваат мааните и свесни се колку се мали во споредба со Бог (1. Петрово 5:6). Но, уште поважно е што забележуваат — па дури и се радуваат — кога ќе видат дека другите имаат подобри особини од нив (Филипјаните 2:3). Затоа, не стануваат завидливи и љубоморни (Галатите 5:26). Сосема е очигледно дека вистинската понизност придонесува за добри односи со другите и за емоционална сигурност и рамнотежа.
Размисли за примерот што го дал Исус. Пред да дојде на Земјата, тој бил моќно духовно суштество на небото. Додека бил на Земјата, бил совршен, безгрешен човек (Јован 17:5; 1. Петрово 2:21, 22). Тој имал неспоредливи способности, интелигенција и знаење. И покрај сето тоа, никогаш не се фалел, туку останал понизен (Филипјаните 2:6). Еднаш дури им ги измил и нозете на апостолите, а искрено се интересирал и за децата (Лука 18:15, 16; Јован 13:4, 5). Всушност, држејќи едно дете крај себе, Исус рекол: „Кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно“ (Матеј 18:2-4). Да, според Исус — и според неговиот Татко — величината произлегува од понизноста, а не од гордоста (Јаков 4:10).
Понизноста е јака страна
Иако дал извонреден пример за понизност, Исус не бил плашлив и попустлив слабак. Храбро ја кажувал вистината и немал никаков страв од луѓето (Матеј 23:1-33; Јован 8:13, 44-47; 19:10, 11). Со тоа ја стекнал почитта дури и на некои свои противници (Марко 12:13, 17; 15:5). Но, Исус никогаш не се однесувал заповеднички. Напротив, ги привлекувал луѓето со својата понизност, љубезност и љубов, и ги придобивал нивните срца. Гордите никогаш не би можеле да го постигнат тоа (Матеј 11:28-30; Јован 13:1; 2. Коринќаните 5:14, 15). До ден-денес, милиони лица верно му се подложуваат на Христос од вистинска љубов и од длабока почит кон него (Откровение 7:9, 10).
Божјата реч нѐ поттикнува да бидеме понизни бидејќи понизните лица спремно прифаќаат совет и вистинско задоволство е да ги поучуваш (Лука 10:21; Колошаните 3:10, 12). Освен тоа, исто како Аполо, еден красноречив христијански учител од првиот век, тие спремно прават промени во своето гледиште кога ќе им се изнесат точни нови информации (Дела 18:24-26). Исто така, не се срамат да прашуваат. За разлика од нив, гордите обично не поставуваат прашања бидејќи се плашат да не се види дека не знаат.
Размисли и за примерот на еден етиопски дворјанин од првиот век, кој не го разбирал значењето на еден пасус во Писмото. „Го разбираш ли тоа што го читаш?“, го прашал христијанскиот ученик Филип. А Етиопјанецот одговорил: „Како ќе го разберам ако никој не ме упати?“ Каква понизност — особено кога ќе се земе предвид дека тој човек бил некој и нешто во својата земја! Бидејќи бил понизен, тој бил награден со длабоко разбирање на Светото писмо (Дела 8:26-38).
Етиопјанецот постапил сосема спротивно од еврејските книжници и фарисеи, кои се сметале себеси за верска елита на своето време (Матеј 23:5-7). Наместо понизно да ги слушаат Исус и неговите следбеници, тие ги презирале и се обиделе да им најдат маана. Затоа што биле горди, останале во духовна темнина (Јован 7:32, 47-49; Дела 5:29-33).
Дали си како мека или како тврда глина?
Во Библијата, Јехова е спореден со грнчар, а луѓето со глина (Исаија 64:8). Понизноста му помага на едно лице да биде како мека глина во Божјите раце, од која тој може да направи прекрасен сад. Горделивите, пак, се како сува, тврда глина што се дроби. Еден неславен пример за вообразеност е горделивиот фараон од древниот Египет, кој му пркосел на Јехова до смрт (2. Мојсеева 5:2; 9:17; Псалм 136:15). Смртта на фараонот потврдува дека е точна изреката: „Гордоста оди пред пропаста, и вообразеноста — пред падот“ (Изреки 16:18).
Сево ова не значи дека Божјиот народ потполно расчистил со чувството на гордост. На пример, апостолите на Исус честопати се расправале за тоа кој од нив е најголем (Лука 22:24-27). Сепак, не дозволиле гордоста да завладее со нив, туку го послушале Исус и на крајот се промениле.
„Понизноста и стравот од Јехова донесуваат богатство, чест и живот“, напишал Соломон (Изреки 22:4). Навистина имаме добри причини да бидеме понизни! Не само што понизноста е силна и убава особина, туку ни помага и да ја стекнеме Божјата милост и да бидеме наградени со вечен живот (2. Самоилова 22:28; Јаков 4:10).
ДАЛИ СИ СЕ ПРАШАЛ?
◼ Дали секогаш е погрешно да се биде горд? (2. Солуњаните 1:3, 4).
◼ Како понизноста помага човек да учи? (Дела 8:26-38).
◼ Дали Божјите слуги треба да се учат да бидат понизни? (Лука 22:24-27).
◼ Каква иднина ги очекува понизните? (Изреки 22:4).
[Слика на страници 20 и 21]
Децата биле привлечени кон Исус бидејќи тој бил понизен